• петок, 02 август 2024
МИА Флеш

1 август 2024 

-  На барање на македонската заедница во Србија, утре на Илинден во Јабука крај Панчево, во православниот храм Св. Пророк Илија, ќе се одржи првата литургија на македонски јазик од македонски свештеник, јави дописникот на МИА од Белград.

Црковната литургија ќе ја одржи јеромонахот Дионисиј Богев од манастирот Беркасово во Срем, за што има добиено благослов од надлежните епископи на Српската православна црква (СПЦ), сремскиот епископ Василиј и банатскиот епископ Никанор, надлежен за црквата Св.Пророк Илија во Јабука, каде има најголема концетрација на македонци во Србија.

- Во манастирскиот комплекс Св.Прохор Пчињски утре ќе се сретнат претседателката на Република Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Во соопштението од службата за соработка со медиумите на српскиот претседател се додава дека двајцата претседатели на 2-ри август на пладне заеднички ќе имаат обиколка на црквата во манастирскиот комлекс, по што српкиот претседател и македонската претседателка ќе одржат состанок, а потоа ќе имаат обраќање пред медиумите и присутните гости.

- Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најверојатно следната недела ќе отпатува за Унгарија, но прво, како што вели, треба да пристигне билатераниот договор. 

Северна Македонија договори заем од пола милијарда евра од Унгарија, а веста за тоа ја обелодени премиерот Христијан Мицкоски од Самитот на НАТО во Вашингтон. 

- Во фрижидерите што некој ги исклучил вчера имало и реагенси за голема кашлица, информираше денеска директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, во изјава за медиуми.

- Кај нас постои сомнеж за извршена евентуална диверзија во Институтот на јавно здравје во текот на вчерашниот ден, оставаме на институциите на системот да го истражат, повтори Андоновска, нагласувајќи дека таа само пет дена ја извршува директорската функција.

Во текот на вчерашниот ден, таа била известена дека не функционираат дел од фрижидерите што се наоѓаат на еден од спратовите на Одделот на микробиологија, поточно на бактериологија.

- Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска претстојува во работна посета на Будимпешта, Унгарија, каде оствари работна средба со политичкиот директор на шефот на Владата на Унгарија Балаш Орбан.

На средбата, како што информира Министерството за транспорт,  беа потврдени одличните политички и економски односи меѓу двете земји, а посебен акцент беше ставен на финансиската поддршка од 500 милиони евра што Унгарија ја овозможи на Македонија за поддршка на домашната економија.

- На Обвинителството и судството не им се скратени средства. Кратење има само во делот на новите вработувања затоа што вработувањата не биле реализирани онака како што биле буџетирани, велат од Министерството за финансии. 

Од Министерството за финансии појаснуваат дека парите наменети за нови вработувања во судството и обвинителството останувале нереализирани по што тие си ги пренаменувале парите за плати. 

И кога високо сме буџетирале, сме имале ситуации да не се реализира, велат од Министерството за финансии, додавајќи дека порастот на буџетот на судството доминира во делот на категории плати.

- Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, вицепремиерот за политики и добро владеење Арбен Фетаи и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Флакрон Беџети денеска го посетија селото Глумово во Општина Сарај, каде извршија увид во фабриката за преработка и производство на месни производи „Тиамо“.

Дурмиши, како што информира Министерството за економија и труд, беше информиран од страна на менаџментот на компанијата за тековната работа, плановите за идните инвестиции, зголеменото производство и проширувањето на пазарите во регионот. Фабриката „Тиамо“, основана во 1997 година, е еден од најпопуларните локални и национални брендови, препознатлив по својот квалитет и долга традиција. Фабриката користи напредна технологија која го забрзува и олеснува работниот процес, зголемувајќи го квалитетот на производите.

- Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со раководството на СВР Скопје, денеска присуствувал на потпишувањето на договорите на новите полициски службеници кои беа дел од генерацијата на кандидати за полицајци 2023/2024 година и кои станаа дел од македонската полиција, при Секторот за внатрешни работи Скопје.

Упатувајќи честитки до новите полициски службеници, министерот Тошковски истакнал дека на овој начин создаваме професионална полиција која ќе ја гарантира безбедноста на граѓаните.

- Имаме разбирање за ставот на нашите партнери, бидејќи прашањето за формирање на албанска академија е чувствително, но наша цел како коалиција не е да им наштетиме политички на нашите коалициони партнери, туку да го спроведуваме тоа што сме го ветиле кај гласачите, изјави денеска на прес-конференција Башким Муртези од Коалицијата „Вреди“.

Посочи дека Коалицијата нема да ги прилагодува програмските заложби, поради, како што рече, личен комфор во Владата, бидејќи според договорот за формирање на влада, вели, треба да се покренуваат иницијативи за прашања кои високо ја сензибилизираат едната јавност и да се изнаоѓаат заеднички решенија.

- Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека унапредувањето на изградбата на модерна гранична, поморска и воздушна одбрана е вроден услов за националната одбрана и воената модернизација.

-Важно е сите надлежни органи да ги разберат новите околности, карактеристики и барања за работа на развојот на граничната, поморската и противвоздушната одбрана, да го зајакнат чувството за одговорност, да негуваат иновативни идеи и да се стремат кон изградба на силна, безбедна и модерна граница, поморска и воздушна одбрана, рече Си на седницата на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, што се одржа во пресрет на Денот на армијата, кој се слави на 1 август, пренесуваат кинеските медиуми.

– Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска одби да даде коментар за тврдењата на медиумите дека се подготвува голема размена на затвореници помеѓу Русија и Белорусија, од една страна, и САД, Германија, Словенија и Велика Британија, од друга страна.

Назнаките за таква можност се зголемија вчера, кога неколку руски дисиденти и активисти исчезнаа од затворите каде што ги издржуваат своите казни. Според нивните роднини и невладини организации, тие биле префрлени на непозната локација.

- Европската Унија внимателно ги следи настаните по убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, посебно случувањата во Техеран и апелира до сите страни на максимална воздржаност и избегнување на ескалација на состојбата, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Станo. 

Во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ за убиството на Ханија и заканите на Иран упатени кон Израел, Стано потсети дека движењето Хамас се наоѓа на листата на терористички организации на ЕУ и на нејзините партнери и дека обвинител на Меѓународниот кривичен суд имаше распишано налог за апсење на Ханија по повеќе обвиненија за воени злосторства. 

 – Европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеји денеска изјави дека координираните напади со лажни профили на социјалните мрежи од Косово врз асистентите на европратеничката Виола фон Крамон се неприфатливи, но додаде дека не може да преземе повеќе по тоа прашање.

На прашањето на поранешната пратеничка во Европскиот парламент, кое Крамон го постави во април за ботските напади врз нејзиниот асистент Ѓорѓе Бојовиќ, како и врз Агон Малиќи и Футура Кусари кои го поддржале, Вархеји призна дека е немоќен да направи нешто, пишува Н1.

- Само американските и западните санкции против Израел можат да го принудат да го прекине огнот во Појасот Газа. Ова го изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан за провладиниот турски весник „Сабах“.

По прашањето за прекинот на огнот во Газа, Израел нема да направи ниту еден чекор без да плати соодветна цена. САД и Западот се тие кои можат да го принудат да го направи тоа. Треба да има санкции, ограничувања, обвиненија, рече Фидан.

- Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе денеска предложи „ресетирање“ со цел да се подобрат односите со САД, откако Вашингтон ја прекина помошта од над 95 милиони долари поради загриженоста за состојбата на демократијата во кавкаската земја.

„Што се однесува до грузиско-американските односи - чекаме. Ние сме целосно подготвени да ги ресетираме односите. Главната работа е да ги одредиме следните чекори“, рече Кобахидзе.

- Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги посочи причините за напредокот на руските сили на линијата на фронтот, меѓу кои се недоволна количина опрема од сојузниците за опремување на 14 украински бригади, пренебрегнувањето на животите на војниците во руската армија и отсуството на дозвола Украина да уништува воени цели на територијата на Русија со западно оружје.

Зеленски ова го изјави во интервју за француските медиуми, цитирано од агенцијата Укринформ.

- Ловците Ф-16 кои и беа испорачани на Украина ќе бидат уништени и нема да влијаат на динамиката на ситуацијата на фронтот, изјави официјалниот претставник на Кремљ, Дмитриј Песков.

- Овие авиони ќе се појават, нивниот број постепено ќе се намалува, ќе бидат соборени и уништени. Но, овие залихи нема да можат значително да влијаат на динамиката на развојот на фронтот, рече прес-секретарот на рускиот претседател, нагласувајќи дека во Руската Федерација ќе бидат понудени награди за уништените „ловци“.

- Молдавија протера руски дипломат и го повика рускиот амбасадор да му врачи официјална протестна нота, еден ден откако безбедносните служби приведоа двајца владини претставници под обвинение за предавство и заговор, соопшти молдавското Министерство за надворешни работи.

Молдавски безбедносен извор изјави за светските агенции дека двајцата мажи биле приведени завчера под сомнение дека му дале информации на заменик-аташето за одбрана во Руската амбасада во Кишињев.

- Европската комисија нема да ги коментира поединечните предлози за кандидати за еврокомесари што ги доставуваат земјите членки, порача денеска портпаролката на ЕК, Верле Натс во одговор на новинарско прашање за ставот во врска со фактот дека голем број земји членки го игнорираат барањето на претседателката на Еврокомисија, Урсула фон дер Лајен да номинираат по еден маж и една жена како кандидати за европски комесари. 

Натс потсети дека Фон дер Лајен минатата недела упати официјално барање до земјите членки на ЕУ да и достават имиња на кандидати за еврокомесари, за што имаат рок да одговорат најдоцна до 30 август.  

 

Остани поврзан