• четврток, 01 август 2024
МИА Радио флеш

   1 август 2024

 

Скопје - Во потпелистерското село Трново утре, по повод празникот Илинден и Денот на Републиката, ќе се одржи 53. Семакедонска средба „Трново 2024“ на која, како што соопшти Матицата на иселениците на Македонија, се очекуваат Македонци од сите делови на државата и од дијаспората.

Семакедонската средба  ќе се одржи од 10.30  до 12.30 часот во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, каде што претходно, од  7.30 до 10.30, ќе се одржи света богослужба. 

Скопје - Нотарската комора на РСМ е подготвена подетално да ги презентира анализите и аргументите за потребите од измените на тарифата. Доколку, министерот за правда има аргументирани причини за укинување на измените на Нотарската тарифа, секако тоа може да го стори во рамките на своите законски надлежности, но со тоа нема да го реши проблемот на граѓаните, ниту пак на нотарите.

Ова е дел од денешната реакција од Нотарската комкора, по најавите за повлекување на последните измени на Нотарската тарифа, која треба да започне со примена од 1
септември 2024 година.

Скопје - Царинската управа во јули наплатила вкупни приходи од 11,9 милијарди денари, односно 195 милиони евра, што е за 16,6 отсто повисок износ во споредба со истиот период во 2023 година. Управата соопшти дека ова е највисок износ на наплатени приходи реализирани на месечно ниво од нејзиното постоење.  

Директорот Бобан Николовски во допис до медиумите истакнува дека уште на првиот ден од неговото назначување на раководната функција ветил, како што вели, „испорака на видливи и брзи резултати“.

Скопје - Инфлацијата и натаму се приспособува и забавува, сведувајќи се до 3,2 отсто во јуни 2024 година, што е одраз на соодветната монетарна политика што ја спроведува Народната банка и ублажувањето на увозните ценовни притисоци. Девизните резерви и натаму растат, достигнувајќи ниво од 4,3 милијарди евра. Банкарскиот сектор е стабилен и профитабилен, со ниско ниво на нефункционални кредити, а регулаторните мерки придонесоа за задржување на финансиската стабилност.

Како што информира Народна банка, ова се заклучоците за монетарниот дел и за состојбите во банкарскиот систем на реномираната агенција за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“, во најновиот извештај во кој го потврдува кредитниот рејтинг на земјава на „ББ-“, со стабилен изглед.

Скопје - Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информира дека EU CINEA ги објави и роковите за различните повици за 2024 година за предлози на проекти за што се достапни за финансирање во рамки на европската Програмата „Живот“ (LIFE) . Информации за сите рокови, областите и условите за финансирање на проекти  и се достапни на следниот линк: https://cinea.ec.europa.eu/…/life-calls-proposals-2024…

Повиците, како што соопшти МЖСПП, генерално се достапни за сите правни субјекти (јавни институци, научни институции, приватен сектор, граѓански зрдуженија и други согласно објавените повици).

Скопје - Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчера во Музејот на македонската борба ја отворил изложбата „Анатомија на муралот Илинден 1903“ од академскиот сликар Борко Лазески, посветена на одбележувањето на двата големи празника од нашата историја – 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).

Министерот Љутков во своето обраќање истакнал дека изложбата е пример за тоа како уметноста може да го раскаже минатото, да ја заживее историјата, да го пренесе борбениот дух на Македонците.

Скопје - На локален пат во село Побожје кон место викано Рамно, синоќа околу 22.20 часот од слобода се лишени Љ.И.(38) од скопско Танушевци и Р.И.(63) од село Визбегово, осомничено за сторено кривично дело по член 278 и член 396 од Кривичниот законик и истите се спроведени во ПО Мирковци за понатамошна постапка.Од МВР денеска осопштија дека од страна на мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции, запрено е товарно моторно возило „мерцедес спринтер" со скопски регистарски ознаки.

Скопје - Вкупно 476 возачи се казнети во текот на вчерашниот ден во акциска контрола спроведена од Министерството за внатрешни работи на територија на цела држава за санкционирање возила кои се движат со брзина поголема од дозволената.

Како што информира МВР, 37 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а осум возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 295 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 181 надвор од населено место.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова прими делегација предводена од Васил Стерјовски, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција од Република Албанија.

Како што информира денеска претседателскиот Кабинет, на средбата Сиљановска Давкова беше информирана за севкупните активности на партијата, насочени кон афирмација и унапредување на положбата на македонското национално малцинство во Република Албанија.

Скопје - Институтот за јавно здравје дава поддршка и ја одбележува Светската недела на доење, што трае од 1 до 7 август. Темата под која ќе се одбележи овогодинешната недела е „Премостуваме разлики: поддршка за доење, за сите!“

- Со кампањата во светски рамки се опфаќаат сите мајки и нивните различности во текот на нивното патување во мајчинството и доењето, прикажувајќи ги начините на кои семејствата, општествата, заедниците и здравствените работници можат да ги заштитат мајките доилки. Оваа година се става акцент на видливост на мајките кои дојат, да се даде грижа и поддршка да бидат видени и слушнати и да ги споделат своите добри пракси за доењето и важноста на поддршката на повеќе нивоа. Светската алијанса за акција за доење (WABA), во текот на Светската недела на доење#WBW2024 ќе се фокусира на преживување, здравје и благосостојба, ќе ја покаже потребата од подобрување на поддршката за доење, за да се намалат нееднаквостите што постојат во општествата, со посебен фокус на доењето во време на итни случаи и кризи. Од суштинско значење е никој да не биде запоставен, особено мајките од ранливите заедници, се наведува во соопштението на ИЈЗ.

Брисел - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел од денеска до сабота ќе престојува во посета на Казахстан и Киргистан, што ќе биде можност да се потврди посветеноста на Унијата за понатамошен развој на односите со двете земји, како и со целиот регион на Централна Азија во актуелниот предизвикувачки геополитички контекст, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

Според најавата Борел денеска во Астана ќе има средби со казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев и со вицепремиерот и министер за надворешни работи Мурат Нуртлеу. 

Лондон - Британскиот премиер Кир Стармер денеска ќе се сретне со полициските началници по втората последователна ноќ на судири меѓу демонстрантите и полицијата ширум земјата. Немирите беа предизвикани од убиството на три мали девојчиња и сериозното ранување на пет други деца кои беа нападнати со нож на детски летен час за танцување и јога во крајбрежниот град Саутпорт, северозападна Англија.

Канбера - Австралија ги повика своите граѓани веднаш да го напуштат Либан, наведувајќи дека постои реален ризик од сериозна ескалација на тензиите меѓу Израел и либанското шиитско движење „Хезболах“. Слично предупредување упати и Германија, откако претходно исто предупредување издадоа и властите на САД и Велика Британија.

- Сега е време да заминете, безбедносната ситуација може брзо да се влоши и можеби ќе имате многу малку време за реакција или воопшто нема да имате, изјави австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг во видеоклип објавен на социјалната мрежа „Икс“.

Варшава - Полска денеска ја одбележува 80-годишнината од избувнувањето на Варшавското востание, најголемиот воен бунт на силите на отпорот во Европа по нацистичка окупација и еден од најтрагичните настани во историјата на земјата.

На 1 август 1944 година, во 17 часот, припадниците на полскиот отпор предводени од татковинската армија (Армија Крајова) почнаа вооружено востание во Варшава против нацистичкиот окупатор.

Воената цел беше да се ослободи Варшава од германската окупација пред пристигнувањето на советската Црвена армија за да се спречи создавањето на влада под советска контрола во Полска.

Загреб - Претседателот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и премиер на Хрватска Андреј Пленковиќ изјави дека кандидат на оваа владејачка партија на претстојните претседателски избори ќе биде поранешниот министер за образование Драган Приморац.

Приморац беше министер за наука, образование и спорт во владите на премиерот Иво Санадер од 2003 до 2009 година. Во 2007 година, тој се приклучи на ХДЗ и беше избран во хрватскиот Сабор на листата на дијаспората, но поднесе оставка. Во есента 2009 година се кандидираше за претседател на Републиката, по што автоматски беше исклучен од ХДЗ.

Пленковиќ по седницата на Претседателството на ХДЗ изјави дека Приморац ги има сите квалификации потребни за да ја добие поддршката од мнозинството гласачи, пренесе Хина.

Рејкјавик - Новоизбраната претседателка на Исланд, Хала Томасдотир денеска ќе положи заклетва во Рејкјавик, откако на претседателските избори во јуни освои 34 отсто од гласовите и официјално стана втората жена на оваа функција од независноста на земјата во 1944 година.

Инаугурацијата ќе започне со верска служба во катедралата во Рејкјавик, по што ќе следи церемонија во исландскиот парламент, каде Томасдотир ќе положи заклетва пред да и се обрати на нацијата, пишува Гардијан.

Лајпциг - Германскиот аеродром Лајпциг-Хале привремено ги прекина летовите откако климатските активисти по полноќ упаднаа на аеродромот како дел од протестната кампања додека пратениците бараат построги казни и подобрување на безбедносните мерки на аеродромот.

Авиосообраќајот на тој аеродром во источна Германија бил во прекин три часа, што влијаело на товарниот сообраќај, се наведува во соопштението на аеродромот. Летовите продолжиле во 01:23 часот по локално време.

Париз – Еквадорскиот атлетичар Брајан Даниел Пинтадо денеска го освои златниот медал во брзо одење на 20 километри на Олимписките игри во Париз.

Пинтадо победи со време од еден час, 18 минути и 55 секунди.

Бразилскиот натпреварувач Каио Бонфим го освои среброто со 0,14 секунди заостанување, додека Шпанецот Алваро Мартин се закити со бронзата со 0,16 секунди заостанување зад Пинтадо. 

Кингстон – Јамајка го ангажираше англискиот стратег Стив Мекларен за нов селектор на својата машка фудбалска репрезентација со двегодишен договор.
„Без двоумење ја прифатив позиција која е совршена за мене во оваа фаза од кариерата“, изјави 63-годишниот поранешен селектор на Англија.
Мекларен на селекторската клупа на Јамајка доаѓа на местото на Хајмир Халгримсон, кој замина од должноста во јули по разочарувачкиот настап на Копа Америка. Исландскиот селектор во меѓувреме ја презеде селекцијата на Република Ирска.

Остани поврзан