• петок, 02 август 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

    1 август 2024

 

Куманово - Проширен е списокот на корисници на услугата бесплатен оброк, која општина Куманово ја обезбедува за ранливите категории граѓани, соопштија денеска надлежните од секторот за социјална заштита. Опфатени се дополнителни 32 корисници, така што во моментов ја користат 105 кумановци. Оброкот го добиваат во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“.

-Општина Куманово ја прошири мерката остварување право на народна кујна за ранливи категории на граѓани, согласно надлежностите во програмата за социјална заштита на секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита. Покрај оствареното право на користење  оброк на вкупно 73 граѓани, од денес бројot на корисници ќе биде зголемен и ќе изнесува 105 граѓани. За сите подносители на барања кои ќе бидат опфатени со оваа мерка, ќе биде истакнато известување во просториите на ЈУОУД „Професор Мијалковиќ“ – Куманово. Јавниот повик за остварување на право на народна кујна продолжува и ќе трае до крајот на 2024 година, објави градоначалникот Максим Димитриевски.

За мерката првично беа пријавени 250 лица, но поради недостаток на документи не можат да ја користат. Секторот за социјална заштита работи за да се надмине овој проблем.

-Гледаме на секој начин да помогнеме на сограѓаните, помагаме и при вадење на потребната документација. Овде станува збор за граѓани кои живеат на работ на егзистенција. Придонесуваме оваа мерка да се реализира согласно нашите обврски што ги имаме на програмата за социјална заштита, изјави Александар Крстевски, раководител на Секторот за социјална заштита. 

Во работните денови има топол оброк, готвена храна, за време на викендите се делат пакети со храна. Интенција на општината е до крајот на годината за мерката бесплатен оброк за сите да биде искористен вкупниот предвиден буџет од 5,4 милиони денари. 

Кавадарци - Општина Кавадарци објави Јавен повик за лица кои имаат потреба од личен асистент за поддршка при самостојно живеење, информираше денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев на „Фејсбук“. 

- Општина Кавадарци во рамки на програмата Општинско-корисна работа, во соработка со програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објавува јавен повик за пријава на лица кои имаат потреба од асистент за поддршка за самостојно живеење. Ги повикуваме лицата кои имаат потешкотии самостојно да ги извршуваат основните егзистенцијални потреби (стари изнемоштени лица, лица со телесна или ментална попреченост) да  се пријават во граѓански центар на Општина Кавадарци или да се јават на телефонскиот број 043 416-145, напиша Јанчев. 

Тој додаде дека оваа социјална услуга е насочена кон подобрување на квалитетот на животот на лицата, кои имаат потреба од дополнителна помош во секојдневните активности.

- Лицата кои ќе се пријават по јавниот повик ќе добијат обучени лични асистенти, кои ќе обезбедат поддршка и помош, според индивидуалните потреби на корисниците. Личните асистенти им пружат елементарна помош, инструментални активности и се грижат за лицата, кои не можат самостојно да извршуваат основни инструментални активности, во домашни услови. 
Секој граѓанин на општина Кавадарци заслужува достоинствен и независен живот, напиша градоначалникот на Кавадарци. 

Струга - Се е подготвено за третото издание на спортскиот фестивал „Илинден“, што утре на големиот празник Илинден ќе се одржи во Струга, во организација на спортско-рекреативниот клуб „Соларис“, информира претседателот Коста Хиохи.

На фестивалот, кој покрај забавен има и натпреварувачки карактер, според организаторот, учесниците ќе се натпреваруваат во пливање, кајак, суп и такла.

- Очекувам голема посетеност на годинашното издание, со оглед на интересот за учество и пополнување на предвидените места неколку дена пред истекот на рокот. Земајќи го предвид интересот, очекуваме голема спортска битка во водите на реката Црн Дрим и несекојдневна забава за публиката, изјави Хиохи за МИА.

Годинава првпат е воведена дисциплината такла, односно стил на скокање од височина во водите на реката Црн Дрим, што е карактеристично во Струга и често го прават стружани, но и посетителите.

На учесниците им препорача постепено влегување во вода, да се загреат пред натпреварите, да внимаваат при скоковите, но и да се заштитат од сонцето со заштитен фактор, светла облека и капа и да конзумираат големи количества вода и безалкохолни пијалоци.

Ревијалниот дел, додаде, е традиционално резервиран за Ватерполо турнирот, кој и годинава ќе биде организиран во соработка со Ватерполо репрезентацијата на Македонија. Ги повика сите добронамерници, туристи, спортисти и рекреативци да дојдат утре, на десниот
брег на реката Црн Дрим, по Чаршискиот мост и заедно да го прослават Илинден во спортски дух. 

 

Струга - Градоначалникот на Општина Струга Рамис Мерко ги повика граѓаните рационално да ја користат водата за пиење и редовно да ги подмируваат сметките за потрошена вода.

Злоупотребата на водата за пиење, нагласува, останува вознемирувачки проблем во летната сезона во Струга и околните села. Попроблематични, според него, како за злоупотреба и нерационално користење, така и за наплата, се периферните области.

- Оваа порака има за цел да привлече внимание на грижата за водата и да апелира до сите да помогнат во администрирањето и управувањето со изворите на вода за пиење, посочува Општина Струга.

Екипи на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и претставници од месните заедници од струшките села излегуваат на терен да контролираат злоупотреби на вода од градскиот водовод.

Директорот на претпријатието Дашмир Насуфи вели дека главен проблем е несовесноста на граѓаните, но и намалената издашност на изворите, поради високите температури и сушната зима. Тој посочи дека претпријатието располага со четири пумпи за снабдување со вода.

- Имаме и потопни пумпи со кои ги полниме резервоарите во текот на ноќта, па затоа има рестрикции од полноќ до четири часот наутро. Да немаше злоупотреби, со помош на потопните пумпи немаше да постои никаков проблем, вели Насуфи, нагласувајќи дека без соработка со
граѓаните претрпијатието е немоќно.

Од направените контроли на терен, за кои, кажа дека ги правеле со интервенција на полицијата, забележале дека водата од градскиот водовод се користи за наводнување на паркови и дворови. Уште еднаш ги повика граѓаните на рационално користење на водата за пиење и да не се
злоупотребува со што ќе се намалат проблемите со водоснабдувањето во текот на летната сезона.

Корисниците кои ја злоупотребуваат водата за пиење ќе бидат писмено предупредени, а во случај на повторување на прекршокот, согласно Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води ќе бидат казнети до 3.000 евра и исклучување од водоводна мрежа.

Дебар - Привршуваат работите околу изградбата на паркинг просторот во дебарското село Горно Косоврасти, што е прв ваков инфраструктурен објект.  Паркингот се гради на земјиште во државна сопственост, а ќе опфаќа површина од 270 квадратни метри.

- Иако конфигурацијата на теренот е многу тешка, по многу напори се најде архитектонско решение за да се реализира, тука секако изградбата на всок потпорен ѕид. Станува збор за капитална инвестиција, која ќе биде во служба на жителите на ова живописно село. Инвестицијата изнесува над 7,1 милион денари без ДДВ. Од нив 5,5 милиони се од Бирото за регионален развој додека останатиот дел од општината, објави градоначалникот Хекуран Дука, по увидот во работите.

Селото е на оддалеченост од Дебар на петнаесеттина километри, се протега над селото Долно Косоврасти, познато по бањските локалитети, а живеат над илјада жители.Дука најави дека Општина Дебар ќе продолжи да подготвува проекти и ќе вложува напори во соработка со централната власт и други институции, за обезбедување средства за нивна реализација, со цел обезбедување на потребните инфраструктурни и други услови, не само во ова туку и во другите населени места. 

Остани поврзан