• четврток, 01 август 2024
МИА Општински пул

1 август 2024

Дебар - Свештената бигорска обител со традиционално одбележување по повод 2 Aвгуст, Денот кога се слави споменот на светиот и славен пророк Илија, како и 120- годишнината од херојското Илинденско востание, информираа од манастирот.

- Централното трожествено празнување ќе се одбележи со Света архијерејска Литургија во прекрасниот преродбенски храм на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец во село Лазарополе, која ќе почне во 9 часот. Со Литургијата ќе чиноначалствува нашиот старец и игумен, неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, додаваат од Бигорски.

Исто така утре ќе се одржи и Доксологија - молитва за татковината што ја востанови токму владиката Партениј.

Куманово - Активен е пожарот во општина Старо Нагоричане во селата Малотино и Рамно, додека на подрачјето на Куманово нема активни пожари, информираа денеска од Центарот за управување со кризи и од територијалните противпожарни единици на Старо Нагоричане и Куманово.

Во Малотино и Рамно гори мешана шума. - Пожарот во општина Старо Нагоричане  се гаси со два  хеликоптери, македонски и српски. Девет пожарникари од нашата единица, 30 припадници на Армијата, пет припадници од „Национални шуми“, изјави командирот на ТППЕ Старо Нагоричане, Далибор Трајковски.

Кочани - Националната установа Театар Комедија од Скопје финансиски им помага на кочанските пожарникари волонтери, кои се вклучени во гаснењето на пожари и други интервенции во источниот регион. Според одлуката, од буџетот на установата издвоени се 150 илјади денари, како финансиска поддршка за Доброволното противпожарно друштво Кочани.

- Помошта во борбата со огнената стихија во овие тешки моменти е нужна, поради што ги бодриме сите тимови низ Македонија, со пораката дека пожарникарите не се сами, истакнуваат од Националната установа.

Крива Паланка - Со финансии од Буџетот на Општина Крива Паланка утрово група ученици од второ до деветто одделение од семејства во социјален ризик, заминаа на бесплатен летен одмор во детското одморалиште „Радости“, Охрид. Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ги испрати дечињата и им посака убава дружба и незаборавни летни денови.

- За детска среќа и безгрижни летни денови, со новата мерка од Програмата за социјална, детска и здравствена заштита 2024, за првпат овозможивме бесплатен летен одмор за дечињата во социјален ризик од нашиот град.

Скопје - Со прекинато водоснабдување утрово од 09.30 часот денеска ќе бидат објектите на Мепсо, ЦНЦ Фирмата Мактренд и една куќа, информираа од ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Прекинот на водоснабдувањето е поради поврзување на нова водоводна мрежа Ф 2“.на улица Борис Трајковски бб. 

Скопје - Во скопското село Љубанци денеска, од 09:45 часот, без ќе бидат корисниците од улица „4“. Водоснабдувањето е прекинато поради уличен дефект Ф75мм.на улица „4“, кај црквата „Св. Никола“ во Љубанци. 

Куманово - Националната установа центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово ќе им овозможи на пожарникарите од Куманово и Старо Нагоричане бесплатен влез за фестивалот „Денови на комедија 2024“, информираа денеска надлежните од центарот.

Одлуката е чин на добра волја и изразување на благодарност од установата за ангажманот на пожарникарите.

Дебар - Под покровителство на општина Дебар, синоќа почна традиционалниот турнир во мал фудбал „Дебар 2024". Турнирот за отворен го прогласи градоначалникот Хекуран Дука, кој на почеток упати топол и искрен поздрав до публиката и сите учесници. 

-Порачувам натпреварите да поминат во спортски дух и нека победи најдобриот во фер натпреварување. Како локална власт ветувам дека ќе продолжиме да ја поддржуваме оваа, но и сите спортски и културни активности. Посебна благодарност, за присуството на трибините, упатувам и до нашинците кои се тука, во родниот крај, каде ги минуваат одморите, рече меѓу другото Дука.

Скопје - Министерството за внатрешни работи по повод прославата на државниот празник 2 Август, кој традиционално се одбележува во Крушево информира дека поради изведување на градежни работи за санација на регионалниот пат Р-1306, делница: Прилеп - Крушево, истиот е затворен за сообраќај во делот од село Горно Коњари до село Кривогаштани.

За доаѓање на манифестација во Крушево на 1 и 2 август треба да се користат патните правци: Прилеп - Битола - по регионален пат Р1305 до Демир Хисар кон Крушево, и Кичево по регионален пат Р1305 до клучка Сладуево (Демир Хисар) по регионален пат Р1306 до Крушево. 

Скопје - Вкупно 28 пожари на отворено го одбележаа изминатиот ден. Најсериозно е во Старо Нагоричане, Кратово, Македонски Брод и Свети Николе. На помош се очекуваат уште шест хеликоптери и четири ер трактори кои се дел од Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија. Во меѓувреме, власта вели дека добро се справува со пожарите, додека, опозицијата обвинува за колапс. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, ја оценува ситуацијата како сериозна и апелира граѓаните да не учествуваат во гаснењето, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири.

Во текот на вчерашниот ден, според информациите од директорот на Цук, Ангелов, имало 28 пожари на отворено.

Скопје - Хеликоптери од Одделот за воздухопловни единици при МВР вчера дејствуваа врз пожарите во реонот на Старо Нагоричане и кај Пехчево.

Како што соопшти МВР, хеликоптерот Бел 412 во 28 циклуси исфрли 42 тони вода и со тоа е ставен под контрола еден од краците кај с.Малотино. Хеликоптерот Ми 171 во текот на целиот ден, а подоцна и заедно со хеликоптерот Бел 412, а во координација со службите на терен успешно ставија под контрола еден од пожарите над селото Негрево, стои во соопштението.

Скопје - Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчера во Музејот на македонската борба ја отворил изложбата „Анатомија на муралот Илинден 1903“ од академскиот сликар Борко Лазески, посветена на одбележувањето на двата големи празника од нашата историја – 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).

Министерот Љутков во своето обраќање истакнал дека изложбата е пример за тоа како уметноста може да го раскаже минатото, да ја заживее историјата, да го пренесе борбениот дух на Македонците.

Охрид - Фестивалот „Охридско лето“ во втората половина од годинешната програма влегува со Романската вечер и избрана музичка програма наречена „Од Букурешт до Мадрид“ во изведба на уметниците Ирина Муртезану на виолина и Даниел дел Пино на пијано.

Романската виолинистка Ирина Мурезану и шпанскиот пијанист Даниел Дел Пино го претставуваат возбудливото музичко патување „Од Букурешт до Мадрид“ инспирирано од нивното лично културно наследство. Како што кажува насловoт, репертоарот музички и географски го следи патот кој води од едниот до другиот град со попатни станици во Унгарија, Австрија, Германија и Франција кои се претставени со делата на значајни композитори од овие земји.

Пехчево - Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански синоќа пред полноќ објави нов повик на Кризниот штаб, преку кој ги повика сите доброволци повторно да земат учество, за целосна локализација и ликвидирање на пожарот.

-Доброволците утрово во 05:00 часот да бидат на зборното место на плоштадот Свети Петар и Павле, од каде соодветно ќе бидат упатени за понатамошна интервенција. Потребно е со себе да понесат лопати. Најстрого се забранува самоиницијативно одење да се гаси пожарот, се вели во повикот.

Крушево - Со низа свечености денеска во Крушево почнува чествувањето на 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република. Синоќа во крушево пристигнаа коњаниците од сите страни на Македонија.

Денеска од 10 часот делегации ќе ги посетат Спомен куќата на Смилевскиот конгрес и споменикот на Дамјан Груев, каде ќе се поклонат и ќе положат свежи цвеќиња.

Скопје - Прекинато водоснабдување денеска ќе имаат корисниците од вилите на Водно, Кабинетот на претседателот на РСМ, како и улиците „Ацо Караманов“, „Периша Савељиќ“, „Караорман“, населбата Козле висока зона, населбата Пржино висока зона, како и дел од улиците „Тодор Александров“, „Славејко Арсови“ и Детската болница Козле.

ЈП Водовод и канализација – Скопје информира дека прекинот во водоснабдувањето е поради уличен дефект на водоводна цевка Ф250 мм. на улица „Тодор Александров“ 33.

Скопје - Две години по светската премиера, филмот „Кајмак“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски и натаму освојува награди. Сега е прогласен за Најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал Фортеца во Црна Гора, кој заврши на 30 јули. 

Овој мал, но реномиран фестивал кој се одржува во живописниот историски град Пераст, е содружник со познатиот БаНеФФ од Стокхолм, Шведска. За „Кајмак“ оваа меѓународна награда е осма по ред досега.

Крива Паланка - На третата фестивалска вечер од мултимедијалниот фестивал „Гига Фест 2024“ пред кривопаланчани, присутни пред платото на Градскиот музеј Крива Паланка, беше проектиран долгометражниот музички документарен филм „The Hip-Brainstorm“ во режија на Јане Алтипармаков.

Станува збор за долгометражен музичко-документарен филм , автор на оригиналната идеја на „The Hip – Brainstorm“ е Љубиша Петрушевски, продуцент и монтажер Михаил Димитров, звучниот дизајн е на Валентин Видовиќ. 

Скопје - Вкупно 28 краткометражни филмови ќе бидат прикажани на петтиот Галичник Филм Фестивал, кој вечер ќе биде отворен на планината Бистра. По свеченото отворање, ќе настапат Скопје Брас Квинтет, кои како дел од проектот „Филмско-музичка Фузија“, ќе отсвират новокомпонирана музика на познати филмски сцени.

Посетителите до 4 август 2024 година, покрај филмските проекции, ќе имаат можност да учествуваат во различни активности – дискусии со режисери и актери, работилници... Љубителите на културата ќе можат да ги истражат и историските и културните знаменитости на Галичник, да уживаат во локалната гастрономија и да се поврзат со природата.

Скопје - Санкционирани 185 возачи во текот на вчерашната акција на Секторот за внатрешни работи Скопје на територијата на главниот град. 

- Од вкупно 185 мерки, за возење повеќе од дозволената брзина се изречени 89 санкција, 13 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл. Изречени се четири мерки за користење мобилен телефон при возење, седум санкции за некористење сигурносен појас и друго, информираат од МВР.

 

 

 

Остани поврзан