• четврток, 01 август 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

31 јули 2024

Скопје - Имаме доволен број на пожарникари и доволен број припадници на Армијата и на МВР за да се справиме со пожарите, иако станува збор за огнена стихија која е на својот историски пик. Само вчера имавме 66 активни пожари на отворено, 40 успеавме успешно да ги изгасиме. Имајќи ја предвид температурата која што следи, ќе продолжиме со ваквите предизвици да се бориме и во август. Не очекувам големи промени, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по потпишување на договор за франшиза на Тиквеш инвест со хотелот Холидеј Ин во Кавадарци.

Тој на новинарско прашање за обвинувањата на СДСМ поврзани со пожарите, напомена дека нема да коментира политичари и политички партии коишто имаат некрофилски намери.

-Владата која што јас ја предводам прв работен ден имаше на 24 јуни. Првиот посериозен пожар на планината Серта беше на 10 јули, 17 дена од мојот прв работен ден. Хеликоптерите коишто се користат при вакви кризни состојби беа на сервис, воздухопловите - авионите беа приземени поради дефект, а пилотите коишто треба да ги управуваат беа во пензија. Борбата со огнената стихија ја почнавме благодарение на единиците на локалната самоуправа, на општините, и на луѓе коишто во тој момент беа подготвени да помогнат. Потоа и хеликоптерите беа ставани во употреба. Технички беше интервенирано на воздухопловите, при што три станаа оперативни. Луѓето коишто ги управуваат беа во пензија ги вративме со договор на дело, рече Мицкоски.

Во меѓувреме, напомена, прогласиле кризна состојба поради борбата со огнената стихија, но истовремено го активираа и Европскиот механизам за помош при кризни состојби.

Скопје - Покачувањето на минималната плата е регулирано со закон. Јас жалам за обидите на дел од раководството на синдикалните организации да бидат политичари или, пак, слуги на опозициски политичари или опозициски партии, а не да работат во интересот на работниците, одговори  денеска премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање во врска со зголемувањето на платите, а со тоа и на минималната плата.

- Мислам дека интересот на работниците е да има работа, а не да нема работа. Јас мислам дека тоа е интересот. Јас се борам да работниците имаат работа, да заработат затоа што колку повеќе ќе имаме богати и среќни работници толку подобро ќе биде и за нас. Нашата политика не е богати и среќни неколкумина политичари коишто се богатат на грбот на работниците. Нашата политика е да имаме среќни работници, а изморени, измачени политичари коишто работат за интересот на работниците, рече Мицкоски при посетата на Кавадарци.

Додаде дека со тие синдикални лидери е секогаш подготвен да седне и да разговара.

Скопје – Не се откажувам од распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители како реформа, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по потпишување на договор за франшиза на Тиквеш инвест со хотелот Холидеј Ин во Кавадарци. Мицкоски во одговор на новинарско прашање посочи вели чека предлози за реформи во судството, како и дека постојат икслучоци на корумпирани обвинители и судии кои им овозможуваат на неколкумина криминалци да мислат дека се над законот, но сепак, вели, тоа не е генералната слика. 

-Очајно молам за предлози за да не биде довербата кај граѓаните два проценти во правосудството, да не бидат криминалци чесни граѓани, а чесните граѓани да бидат криминалци. Зошто? Затоа што имаме исклучоци на корумпирани обвинители и судии, тоа не е генералната слика да се разбереме. На овој народ му е преку глава да се чувствува како граѓанин од втор ред во својата држава, затоа што неколкумина криминалци мислат дека се над законот, а тоа им го овозможуваат овие институции затоа што се таму благодарение на тие неколкумина политички криминалци и вистински криминалци. Јас толку знам, посочи Мицкоски.

Доколку бидат понудени подобри решенија, нагласи дека е подготвен да разговара, бидејќи, според него, нискиот процент влијае и на инвестициите во земјава.

Скопје - Единствена институција која што ја собира научната мисла и научниците од различни етнички заедници во Македонија е МАНУ и тука завршува и почнува се, изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали разговарал со коалицискиот партнер „Вреди“ и со МАНУ околу паралелна академија на науките.

-Ние немаме разлики во коалицијата. Имаме една убава атмосфера овие 40-ина дена колегијална, атмосфера на разбирање. Се’ останато е фолклор и можеби некаков политички маневар. Јас мислам дека треба да продолжиме да функционираме со институции каде што се генерира знаење, каде што науката е пред се. Не постојат етнички научни институции. Нема таков еден пример во светот. И во ред сега, ако се обидуваме да наметнеме тема во јавноста па сега ние континуирано да одговараме на една иста тема тоа е одговорот што го слушнавте од нас уште пред три дена. Немаме друг одговор, одговори Мицкоски кој денеска присуствувше на церемонија по повод потпишување на договор за франшиза на „Тиквеш инвест“ со хотелот „Холидеј ин“, односно групацијата „IGH Hoteles & Resort“.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани вчера рече дека постои перцепција, иако не може да тврди, дека во МАНУ нема пристап за други етнички заедници и оти иницијативата за формирање албанска академија било предизборно ветување пред граѓаните.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека МВР ќе преземе жестоки мерки кон секое лице кое намерно предизвикало пожари и ја загрозува безбедноста и животите на нашите граѓани.

-Во овие тешки моменти кога се соочуваме со катастрофални пожари, уште еднаш апелирам до сите граѓани да постапуваат совесно и одговорно, да избегнуваат активности кои можат да предизвикаат пожари и да пријавуваат сомнителни активности. Воедно, сакам да потенцирам дека МВР ќе преземе жестоки мерки кон секој кој намерно предизвикува пожари и ја загрозува безбедноста и животите на нашите граѓани, напиша Тошковски на неговиот Фејсбук профил.

Тој на социјалната мрежа споделува и објава од МВР за приведен маж од радовишко затоа што подметнал пожари.

Објавата на министерот Тошковски следи по обвинувањата од СДСМ дека состојбата со пожарите низ Македонија е алармантна и загрижувачка и оти Владата на Мицкоски и институциите под нејзина надлежност потфрлаат во справувањето со огнената стихија.

Скопје - Министерот за правда Игор Филков ја повлекува одлуката за давање на согласност за десеткратно зголемување на нотарската тарифа, која ја донел неговиот претходник Кренар Лога пред да замине од функцијата, информираше денеска на прес-конференција по брифингот со новинарите.

Филков иницирал постапка до Владата за анулирање на дадената согласност на тарифата што ќе претставува основа за неспроведување на донесената одлука. Според Филков, неговиот претходник преку скриен процес без да ја информира јавноста потпишал одлука со која од 1 септември нотарските услуги ќе се зголемеле за десет пати, но како што рече, ова нема да се случи.

– Иницирав постапка за повлекување на одлуката за давање на согласност за зголемување на нотарската тарифа која ја донесе претходната Влада. Како што знаете, пред да замине од функција поранешниот министер за правда Кренер Лога, потпишал одлука со која од 1 септември ќе се овозможеше зголемување на услугите на нотарите за 10 пати. Ова нема да се случи. Затоа ќе ги повлечам измените за новата тарифа. Вака не се работи. Не смее народот да плаќа нешто 10 пати повеќе, односно не смее да се носат одлуки без да има широка дебата, без да слушнеме што мислат за тоа сите засегнати страни, рече Филков.

Скопје - До октомври се очекува да бидат вратени во Собранието предлог-законите за јавната администрација. Трите предлог-закони на претходното МИОА, кои новото Министерство за јавна администрација (МЈА) ги повлече од собраниска процедура, ставени се на електронскиот регистар на прописи (ЕНЕР) за да се подобрат низ серија дебати и дискусии што ќе доведат до квалитетни законски решенија. Се работи за Предлог-закон за вработени во јавен сектор, Предлог-закон за административни службеници и Предлог-закон за стручно усовршување и обука на административните службеници.

За таа цел денеска МЈА и Центарот за управување со промени со поддршка на Амбасадата на Велика Британија, ја организираа првата дебата „Идни заложби за добро управување и реформа на јавната администрација“ во рамки на од кампањата  „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација.

Министерот Горан Минчев истакна дека целта е квалитетна јавна администрација базирана на добри законски решенија и оти кампањата ќе опфати циклус дебати и работилници што ќе се организираат до октомври со вклученост на сите засегнати страни.

Скопје– Можеби не во ребалансот на овој буџет, затоа што буџетот е во катастрофална состојба, но во рамки на средствата предвидени за идниот буџет, се надевам ќе дојдеме до некое компромисно решение заедно со синдикатите, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев во врска со зголемување на платите во јавниот сектор на што инсистираат синдикатите.

Министерот рече дека имал состаноци со повеќе синдикати за прашањето за повисоки плати што, рече, „нормално ги засега синдикатите“. 

-Во постоечкото законско решение предвидена е една процентуална надокнада така да кажам, односно зголемување на платите. Ние во следниот предлог ќе отвориме дебата во која тоа ќе биде едно од главните прашања. Се надевам, можеби не во ребалансот на овој буџет, затоа што буџетот е во катастрофална состојба, но заедно со синдикатите, во рамки на средствата предвидени за идниот буџет, ќе дојдеме до некое компромисно решение. Не би можел во овој момент да шпекулирам, кога сме на почетокот на дебатата, но секако ќе имаме можности да разговараме, да нудиме наши решенија, синдикатите да нудат нивни решенија и ако го отвориме овој дијалог, впрочем тоа е и целта –да најдеме некое заедничко решение, изјави Минчев по отворањето на првата од серијата дебати за реформи на јавната администрација.

Скопје – Едносменската настава за која се залага МОН, според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски е можност учениците во дополнителните часови да ги подобрат и своите ИКТ-вештини, со оглед на недоволната застапеност на предметот Информатика во наставата.

На дебата за реформа на јавната администрација, Андоновски рече дека е парадоксално да зборуваме за дигитализација на услугите во јавните институции кога „немаме доволно дигитално писмено население“, а предметот Информатика задолжително се изучува во само две одделенија во основното образование и во една година во средното, и тоа во гимназиите. 

-Ем во образование не им нудиме Информатика, критичко размислување, програмирање итн., ем од друга страна очекуваме луѓето да бидат дигитално писмени. Со ова мора да се справуваме и мислам дека заложбата на министерката за образование и наука за продолжена едносменска настава ќе помогне во дополнителните часови кога учениците се во училиштата да добијат ваков вид вештини, рече Андоновски. 

Скопје - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска соопшти дека почна итна постапка за повлекување од пазарот на потенцијално небезбедни коцки за супа од Хрватска, поради можно присуство на туѓо тело.

Како што потенцираат од АХВ во нивното соопштение, станува збор за говедска коцка за супа на производителот „Подравка“, серија 0507241, со рок на употреба до 05.07.2025 година и пилешка коцка за супа серија 0307241, со рок до 03.07.2025 година. 

Алерт нотификацијата за потенцијално небезбедните производи кои се увезени во земјава, АХВ посочува дека ги добиле вчера во доцните попладневни часови преку Системот за брзо предупредување за небезбедна храна и храна за животни на ЕУ (RASFF – Window) со референтен број 2024.5845.

Земја известувач е Република Хрватска, каде посочените производи се отповикани од промет. 

Скопје - Народната банка денеска ги објави позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците за јуни 2024 година.

Како што се наведува во соопштението од НБ, годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,48 п.п., при што во јуни таа изнесува 1,88 отсто.

Во јуни 2024 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,47 отсто и забележа месечен пад од 0,02 п.п., при годишно зголемување од 0,35 п.п. Просечната каматна стапка на вкупните депозити е зголемена на месечна и на годишна основа за 0,02 п.п. и 0,48 п.п., соодветно и изнесува 1,88 отсто.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, во јуни, изнесува 5,08 отсто и забележа месечно и годишно намалување од 0,11 п.п. и 0,18 п.п., соодветно.

Просечната каматна стапка на новопримените депозити е повисока за 0,16 п.п. на месечно ниво и изнесува 2,52 отсто, при годишен пад од 0,18 п.п.  Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен раст од 0,35 п.п. и изнесува 5,47 отсто.

Скопје - Портпаролот на Коалицијата „Влен“, Фари Хисени реагирајќи на изјавата на министерот за јавна администрација Горан Минчев дека темата со балансерот е завршена работа, им порача на министерот и на претседателот на Движење ЗНАМ - За Наша Македонија Максим Димитриевски да излезат од предизборната кампања и да се однесуваат како извршна власт.

-И министерот Андонов рече дека додека да се донесе Законот за правична застапеност, останува активен инструментот што се користел до денеска. Порачувам до Димитриевски и Минчев да се однесуваат како извршна власт, да се однесуваат како дел од оваа Влада и нека излезат веќе од предизборната кампања, нека излезат од тие националистички изјави и пристап кон јавноста и да не го користата случајот за да направат поделби и за политички поени. Бидејќи на крај на краиштата ЗНАМ не е некој голем фактор во оваа Влада, рече Хисени.

Скопје- Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска во Тетово го прими новиот амбасадор на Република Албанија во Северна Македонија Денион Мејдани.

- Ахмети му честиташе на амбасадорот Мејдани за новата должност и го увери дека братските односи меѓу него и претставниците на Албанија во земјава ќе продолжат како и секогаш. Тој го информираше амбасадорот Мејдани за актуелната политичка состојба во земјата и за последиците што може да ги донесе одлуката за суспендирање и непочитување на волјата на албанскиот народ изразена на демократски избори на 8 мај, известуваат од ДУИ.

Охридскиот договор, велат од ДУИ, го кршат и денешните вазали кои секојдневно ги понижуваат Албанците и се повеќе војводата ни врти грб и ги уништува достигнувањата во однос на еднаквоста во државата.

Москва - Москва остро го осудува убиството на Исмаил Ханија, шефот на политичкото биро на палестинското движење „Хамас“, рече на брифинг Андреј Настасин, заменик - портпаролот на руското Министерство за надворешни работи.

Русија денеска соопшти дека Блискиот Исток е на работ на голема војна и дека клучните играчи продолжуваат да ги зголемуваат влоговите.

„Во моментов, регионот е на работ на глобален конфликт. Земјите продолжуваат да ги зголемуваат влоговите, рече Настасин. Според него, нема изгледи за промена на динамиката на случувањата во регионот.

Според Русија, „манијакалната желба“ на САД да го монополизираат процесот на политичко решение на Блискиот исток доведе до ваква ситуација, јавуваат светските агенции.

Приштина – Косовскиот институт за правда (ИКД) во средата ги објави наодите од мониторингот на работата на Собранието за пролетната сесија во 2024 година, при што утврди дека законодавниот дом носел одлуки кои се спротивни на Уставот на Републиката, јави дописникот на МИА од Приштина.

Набројувајќи повеќе причини за слабите резултати во работата на Собранието, ИКД вели дека овој собраниски состав, како и во изминатите години, не ја исполнувал својата уставна улога.

- Како и претходните години, така и во пролетната сесија годинава, работата на Собранието се карактеризира со постојано немање кворум, со одлучување спротивно на Уставот на Косово, во некои случаи и со незаконско одлучување, со континуирани притисоци врз независните институции..., од интервенциите во правосудниот систем преку јавни изјави на пратениците во Собранието и од владиниот кабинет, од недостатокот на целосна транспарентност во клучните прашања од работата на Собрание, од немањето парламентарен надзор, со игнорирање на владата пред пратениците и со непарламентарен, сексистички, расистички, мизогинистички и хомофобичен јазик, се наведува во наодите на ИКД.

Доха - Катар остро го осуди убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије во Техеран, а премиерот на заливската земја Шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани истакна дека посредувањето не може да успее доколку едната страна го убие преговарачот на другата.

„Политичките убиства и континуираното таргетирање на цивилите во Газа додека траат преговорите нè наведуваат на прашањето како посредувањето може да успее кога едната страна убива преговарач на другата страна? За мир се потребни сериозни партнери и глобален став против занемарување на човечкиот живот“, рече Ал Тани во објавата на мрежата Икс.

Катар, Египет и САД повеќе пати се обидуваа да обезбедат прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа, каде израелските сили убија повеќе од 39.000 Палестинци откако борците предводени од Хамас го нападнаа Израел во октомври, при што загинаа 1.200.

Анкара - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го нарече денеска убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханија „гнасен чин“ чија цел е поткопување на палестинската кауза.

„Остро го осудувам и го проколнувам „предавничкото убиство на шефот на политичкото биро на Хамас Исмаил Ханија во Техеран. Убиството на Ханија има за цел да ја скрши волјата на палестинскиот народ, но „ционистичкото варварство“ нема да ги постигне своите цели, рече Ердоган.

Ханија беше убиен во воздушен напад врз неговата резиденција во главниот град на Иран.

Венеција- Венеција од утре ќе го ограничи бројот на посетители во туристичките групи на 25, а на туристичките водичи ќе им биде забрането да користат звучници за да се „заштити мирот на жителите“ и да се обезбеди послободно движење на пешаците.

Во оваа бројка не се вклучени деца до две години, како и ученици и студенти на училишни екскурзии. Оние кои нема да ги почитуваат новите мерки може да се соочат со казни од 25 до 500 евра.

Ограничувањата, кои се првично планирани за почетокот на јули, го вклучуваат центарот на градот, како и островите Мурано, Бурано и Торчело.

Во април, Венеција стана првиот град во светот кој воведе систем за плаќање за посетителите во рамки на експеримент кој има за цел да ги одврати туристите од посета во текот на сезоната.

Париз– Првиот носител Новак Ѓоковиќ и осмиот фаворит Стефанос Циципас ја формираа првата двојка за четвртфиналната фаза на Олимписките игри во Париз.

Ова е епилогот по првите два денешни натпревари на тенискиот олимписки турнир.

Србинот беше поуспешен од Доминик Кефер од Германија со 7:5 и 6:3.

Грчкиот тенисер славеше победа над Себастијан баез од Аргентина со 7:5 и 6:1.

Мечот Ѓоковиќ – Циципас е закажан за утре. 

Остани поврзан