• четврток, 01 август 2024
МИА Флеш

31 јули 2024

Скопје - Министерот за правда Игор Филков денеска изјави дека потпишал барање за екстрадиции за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осудени за доживотен затвор за кривичното дело „тероризам“. Како што појасни, овие две барања се доставени до косовското Министерство и се чека на одговор.

Тој напомена дека за лицата Алил Демири и Африм Исмаиловиќ првпат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15 март 2013 година, но тоа беше одбиено. 

-За Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, првпат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана за двајцата на 05.09.2018 година, додаде Филков.

Како што посочи, на 8 октомври 2021 година добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор.

-Во постапките, се што беше побарано од косовските власти беше доставено. Официјални одговори од Косово со кои се одбива екстрадицијата на Исмаиловиќ се испратени два пати, во февруари 2016 година и октомври 2021 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016. После шест години, повторно бараме нивна екстрадиција, рече Филков.

Скопје - Каков било коментар од колегите од Вреди е беспредметен. Ние како министри мора да ги почитуваме законите, се надевам дека и нивната интенција е да се почитуваат законите, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев во врска со несогласувањата со коалицијата Вреди за примена на дигиталната алатка Балансер за вработување на етничките заедници во јавниот сектор.

По реакциите на коалицијата Вреди, со која партијата ЗНАМ е заедно во владина коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, според кои е нефункционално решение новиот начин на приемна на Балансерот, со земање на процентот на резидентното население, а не и на дијаспората, Минчев истакна дека не отстапува од она што го пишува во законот.

- Во Законот за вработени во јавниот сектор децидно стои дека Балансерот се однесува исклучиво на жителите, на граѓаните коишто се на територијата на Република Македонија, т.е. резидентното население, и јас како министер нема да отстапам од почитувањето на законите во таква форма во каква што сега се напишани, изјави Минчев по отворањето на првата од серијата дискусии за реформи во јавната администрација. 

Скопје - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска оствари средба со Клер Харасти, директорка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) за Централна и Источна Европа на која станало збор за досегашниот ангажман на оваа организација во Северна Македонија, за нејзината улога при носење на социјалните политики, за поддршката при формирањето на Економско-социјалниот совет во 2010 година, како и за имплементацијата на низа политики на пазарот на труд.

Како што соопштија од Министерството, Дурмиши истакна дека блиската соработка на Министерството за економија и труд со МОТ од сега па натаму ќе биде од големо значење за нас.

Како што потенцираше министерот, со реорганизацијата на министерствата, Министерството за економија и труд ги превзема надлежностите од секторот труд, што значи дека фокусот на ова министерство во иднина ќе биде подобрување на работничките права и креирање на политики за подобрување на пазарот на труд во земјата. Информираше дека согласно тоа сега како Министер за економија и труд ќе претседава и со Економско социјалниот совет (ЕСС).

Скопје - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска на 28 корисници на дивечот во ловиштата им врачил 67 нови договори за одгледување и заштита на дивечот во ловиштата. Овие договори се во важност до објавување на јавен повик за давање на користење на дивечот во ловиштата. Со нив се уредува одгледување и заштита на дивечот во ловиштата, соопшти Министерството.

Во јули месец, се додава во соопштението, на овие 28 корисници на дивечот во ловиштата востановени на територијата на Република Македонија, а кои со договор за користење/концесија стопанисуваа со 67 ловишта, им беа истечени договорите за користење/концесија на дивечот во ловиштата.

- Започнавме со решавање на сите оние отворени прашања и проблеми во ловството во Македонија, воспоставуваме ред и контрола над дивечот во ловиштата, го подигнуваме ловството како стопанска гранка на повисоко ниво. Ја подобруваме општата ситуација во ловиштата во Република Македонија. Конечно ќе имаме нормално и функционално користење на дивечот во ловиштата, истакна Трипуновски.

Скопје -  ​​​Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, во рамки на серијата посети на компании кои работат во индустриските зони, денес ја посети Костал во индустриската зона Косел.

Како што посочуваат од ТИРЗ, германската компанија „Костал” е глобален лидер во понудата на технолошки напредни електронски, електромеханички и механичко-електронски производи за големи индустриски производители. Компанијата е присутна на 42 локации во светот на пет континенти и брои персонал од над 18.000 луѓе.

- „Костал“ е пример за тоа како странските инвестиции можат да донесат значителни придобивки за економијата и развојот на целата држава. ТИРЗ продолжува да работи на создавање услови за привлекување нови инвеститори, како и поддршка на постојните компании, сѐ со цел зголемување на  инвестициите и создавање нови работни места, изјави Гоце Димовски.

За време на посетата, биле разгледани и можностите за потенцијалните нови проширувања и инвестиции на оваа компанија.

Охрид - Припадници на Армијата на Република Сесеврна Македонија денеска од 11 до 14 часот и утре од 12 до 14 часот ќе реализираат тактичко-технички активности на дел од комплексот „Свети Наум“ на источниот брег на Охридското Езеро.

Припадниците на Баталјонот за специјални сили ќе употребат атрифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема. Сите активности во рамките на тактичко-техничките активности, покрај воено ќе имаат и полициско обезбедување што ќе го извршуваат припадници на Полициската станица Охрид и Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“.

Се апелира до граѓаните да ги почитуваат насоките на службените лица задолжени за обезбедување на настанот. 

Охрид – Со ретроспективна изложба и пригодна програма во рамки на чествувањата по повод празникот Илинден, утревечер на полноќ во Охрид ќе биде одбележана стогодишнината од раѓањето на охридскиот и македонскиот уметник Вангел Наумоски, како и 70 години од неговата прва самостојна изложба.

Како што беше посочено на денешната прес-конференција, изложбата и целиот настан е осмислен во насока на презентација на културата, уметничките вредности со кои располага градот и државата.

- Изложбата ќе се одржува во Галеријата сместена во домот на Наумоски, инаку првично поставена во 1987 година. Галеријата што беше наменета за презентација на дела од поновиот творечки циклус на Наумоски, овојпат ќе биде збогатена со други дела, една рестроспектива преку која посетителите ќе можат да добијат претстава за животниот и творечкиот циклус на Наумоски, неговиот ликовен израз и идеолошка, инспиративна поставеност, рече Рубенс Наумоски, синот на охридскиот уметник.

Скопје - До крајот на денов сончево и топло со слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 37 степени. УВ индексот ќе биде 8.

Времето во Скопје сончево и топло со слаб ветер од променлив правец. Температурата ќе биде до 36 степени.

Синоптичарите за утре најавуваат сончево и топло време со слаб до умерен ветер од променлив правец.

- Во петок и во деновите од викендот во попладневните часови наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а локално ќе има услови за појава на невреме со силен ветер и град. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер и дневната температура ќе опадне за неколку степени, велат од УХМР.

Белград - Хеликоптери на МВР на Србија во моментов го гаснат пожарот што гори на планината Козјак над манастирот Прохор Пчињски. Манастирскиот комплекс е безбеден од пожарот, јави дописникот на МИА од Белград.

-Манастирскиот комплекс е безбеден од пожарот што веќе неколку дена беснее на планината Козјак, во чие подножје се наоѓа ова православно светилиште. Пожарот од манастирот е оддалечен околу 2 километри воздушна линија, а 15 километри територијално,  изјави за порталот Бујановачке, Бранимир Стојанчиќ од организацијата Предел со извонредни карактеристики на Пчињската долина (ПИО).

Стојанчиќ кажа дека пожарот од Северна Македонија, каде што гори од неделата, во вторникот се проширил на територијата на Србија, поточно општина Бујановац, но дека среќна околност е што пожарот гори на врвовите на Козјак, далеку од населбата и самиот манастир.

Тој додаде дека службата ПИО уште порано оспособила планински патишта што сега многу им ја олеснува работата на пожарникарите и спасувачите на терен.

Техеран - Погребната церемонија на убиениот политички лидер на Хамас, Исмаил Ханијa најверојатно ќе се одржи утре во Техеран, по што палестинскиот лидер ќе биде погребан во Катар, јави иранска новинска агенција.

Иранската револуционерна гарда утринава соопшти дека Ханије и неговиот телохранител биле убиени во Техеран, каде лидерот на Хамас присуствувал на инаугурацијата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

Никој не ја презеде одговорноста, но има сомневање дека зад убиството стои Израел, кој претходно вети дека ќе ги убие лидерите на Хамас поради нападот на групата на 7 октомври.

Бејрут – Иранскиот врховен верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи, денеска вети дека ќе му се одмазди на Израел за убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија.

Хамнеи рече дека Израел треба да се подготви за „строга казна“ бидејќи лидерот на Хамас беше убиен во израелски воздушен напад врз неговата резиденција во Техеран рано утринава.

„Сметаме дека е наша должност да го одмаздиме Ханија, кој беше драг гостин во нашата земја“, рече Хамнеи во изјавата на неговата веб-страница.

Иранскиот претседател Масуд Пазешкијан претходно денеска, исто така, го осуди убиството на Ханија и рече дека Иран ќе го брани својот територијален интегритет.

Каиро - Суданската армија денеска соопшти дека нејзиниот врховен командант, генерал Абдел-Фатах Бурхан, минатата недела преживеал напад со беспилотно летало за време на воена церемонија во која загинаа пет лица.

Во соопштението на суданската војска се наведува дека нападот со два дрона се случил во Гебејт, град во источен Судан, откако завршила церемонијата на која присуствувал Бурхан, но додаде дека тој е неповреден.

Војната во Судан трае веќе една година меѓу регуларната армија и паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ).

Киев - Руските сили во текот на ноќта го извршија најголемиот напад врз Киев годинава, а украинската противвоздушна одбрана собори повеќе од 40 беспилотни летала над главниот град, додека над цела Украина беа соборени околу 89 дронови и еден проектил.

Засега нема информации за жртви или штети, пишува Киев Индипендент.

Началникот на Воената управа на градот Киев, Серхиј Попко, најави дека ова е еден од најзначајните напади од почетокот на инвазијата и дека руските сили се обидуваат со нови тактики да го погодат главниот град на Украина.

„Агресорот пробува нова тактика – бара вистинско време, методи и средства да го погоди Киев“, напиша Попко на Телеграм.

Приштина – Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека одлуката на Србија во 2014 година да ги прогласи за државна тајна документите за активностите на 37-та моторизирана бригада на Југословенската армија во Косово, за време на војната од 1998-99 година го спречува расветлувањето на убиствата и исчезнувањето на албанските цивили, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Курти, стратегијата на Србија за време на војната била да ги сокрие злосторствата со криење на труповите. Оваа стратегија, според него, се уште трае.

Објавата на Курт на неговата Фејсбук страница е по повод 10-годишнината од 30-годишното класифицирање на архивата на 37-та моторизирана бригада на ЈНА.

Брисел - Европската унија денеска ја исплати првата транша од нејзината краткорочната итна финансиска поддршка за Палестинската управа во износ од 150 милиони евра, наменета за задоволување на нејзините најитни финансиски потреби и за поддршка на нејзината суштинска и кредибилна реформска агенда, соопшти Европската комисија. 

Според претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, ЕУ е целосно посветена да ја поддржи Палестинската управа во „овие тешки времиња“. 

- Нашата итна помош од 400 милиони евра е наменета за поддршка на значајна реформска агенда и го отвора патот за обнова и реконструкција на Газа, посочи Фон дер Лајен. 

Остани поврзан