• среда, 31 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

31 јули 2024

Белград - Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави синоќа дека со одобрение на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот Милош Вучевиќ, МВР денеска ќе испрати два хеликоптери на Хеликоптерската единица за да им пружи помош на припадниците на Секторот за вонредни состојби при гаснење на пожарот што се прошири од Северна Македонија во местото Козјак кај Бујановац, во близина на манастирот Прохор Пчињски, јави дописникот на МИА од Белград.

-По одобрение на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот Милош Вучевиќ, Министерството за внатрешни работи утре ќе испрати два хеликоптери на Хеликоптерската единица за да им пружи помош на припадниците на Секторот за вонредни ситуации во гаснењето на пожарот што од Северна Македонија се прошири до областа Козјак кај Бујановац, во близина на манастирот Прохор Пчињски, изјави Дачиќ, се наведува во соопштенеито до медиумите на МВР.

Во него се додава дека поради ширење на пожарот во источниот дел на Северна Македонија, а врз основа на официјалното барање на Центарот за управување со кризи на Владата на Северна Македонија, Министерството за внатрешни работи ќе испрати хеликоптер „Агуста Бел 212“ во земјава со пет припадници на хеликоптерската единица и припадник на Секторот за вонредни состојби.

Скопје – Трет ден амандманска расправа во Комисијата за финансирање и буџет за ребалансот на Буџетот за 2024 година. Согласно Деловникот, амандманската расправа треба да заврши за шест дена. За ребалансот на Буџетот беа поднесени 58 амандмани, но во текот на расправата дел од нив беа повлечени од предлагачите.

Комисијата досега не прифати ниту еден амандман.

Во текот на вчерашниот ден од расправата, Комисијата за финансирање и буџет не прифати шест амандмани поднесени од Европскиот фронт, кои се однесуваа на уредување на речни корита.

Од заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски беше образложено дека средства за таа намена се обезбедени од Европската инвестициска банка со одлука, потпишана од Артан Груби, донесена на 7 август 2023 година.

Скопје - Делегација предводена од министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла денеска ќе престојува во официјална работна посета на Министерството за внатрешни работи.

Како што информира МВР, за косовската делегација ќе биде организиран официјален пречек во кругот на МВР.

Скопје - Конкурсот за прием на студенти во студентските домови низ државава, кои се запишани на додипломски студии од втора до шеста година или се апсолвенти во учебната 2024/2025 година, завршува денеска на полноќ.   Од 15 јули, кога беше отворен конкурсот, до вчера попладне во Министерството за образование и наука пристигнале над 2100 електронски пријави. 

Студентите кои се пријавуваат на конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на интернет-порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk  Во конкурсот се наведени документите потребни за аплицирање и начинот на пријавување.

Конечниот список за прием на студентите од втора и повисоките години ќе биде објавен најдоцна до 6 септември 2024 на огласните табли во студентските домови каде конкурирал студентот и на веб-страницата на Министерството. Приговорите по резултатите се доставуваат во самиот дом каде што аплицирал кандидатот во рок од 10 дена од денот на објавувањето на резултатите.

Скопје - Министерството за јавна администрација денеска ја организира првата панел дискусија од кампањата под мотото „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“.

Како што е најавено, воведни обраќања ќе имаат министерот за јавна администрација Горан Минчев, извршна директорка на Центарот за управување со промени (ЦУП) Неда Малеска Сачмароска и амбасадорот на Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Метју Лосон.

На тема „Визијата и заложбите на Владата во областа на доброто управување и реформата на јавната администрација“ ќе зборуваат министерот Минчев, заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски и заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Дојран - Големиот пожар кој избувна вчера над Стар Дојран кај депонијата, во месноста Карач и зафати три куќи од синоќа од 19 часот е изгаснат, а во текот на ноќта дежурни екипи внимаваа да на дојде до повторно активирање.

Според градоначалникот на Дојран Анго Ангов, на неколку места сè уште тлеат остатоци од пожарот, а со механизација во текот на денот ќе почне да се затрупуваат делови од депонијата од каде избувна големиот пожар.

Во гаснењето на пожарот учествуваа месното население, пожарникари од Дојран, Валандово, Гевгелија и Струмица, како и еден хеликоптер.

Скопје - Патниот правец с.Пирава - с.Јосиво, Валандовско е во прекин, соопшти АМСМ. Сообраќајот на останатите државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е
зголемен.

Карактеристично за летниот период, на ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата, се бележи зголемена фреквенција на возила, но исто како и на останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања.

Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се
однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Скопје - Во чест на 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ – темелникот на македонската државност, вечер, во НУ Музеј на македонската борба за самостојност ќе биде поставена изложбата „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“.

Станува збор за селекција од 24 скици и цртежи, изработени од познатиот уметник Борко Лазески што послужиле како план за монументалната фреска Илинден 1903, а првпат ќе бидат претставени пред македонската публика.

Автор е Марија Коробар, а изложбата се организира во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН од Скопје.
Изложбата ќе биде отворена до 30 ноември 2024.

Скопје - Во Сули ан со концерт на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски - Ѓумар“ под диригентската палка на Иван Еминовиќ вечерва свечено ќе биде затворено јубилејно 45-то издание на манифестацијата „Скопско лето“.

Како што информираат од Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, љубителите на класичната музика ќе имаат можност да уживаат во изведбата на дела од А. Вивалди, Р. Аврамовски, Д. Попер, Т. Зографски и Д. Шуплевски. Дел од Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски - Ѓумар“ се солистите Симеон Гошев – виолина и Енис Аљи – виолончело.

Скопје - ЈП Водовод и канализација – Скопје соопшти дека акцијата за отплата на долговите за вода без пресметка на камата за задоцнето плаќање завршува денеска.

-Акцијата за отплата на долговите на рати без камата за физички и правни лица е со определен временски рок, почнувајќи од 20.06.2024 заклучно до 31.07.2024. Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг во овој период да аплицираат за склучување на договори за отплата на долговите на најмногу 48 рати за физички лица и 24 рати за правни лица, во зависност од висината на долгот, без пресметка на камата за задоцнето плаќање, наведуваат од Јавното претпријатие.

Одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата, се посочува, не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес.

Скопје - Времето денеска ќе биде сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната од 31 до 38 степени. UV=8

Во Скопје сончево и топло со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне 36 степени.

Според УХМР, следува период на топло време. Во деновите од викендот наместа ќе има пороен дожд и грмежи, а локално и услови за појава на невреме. Во сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер. 

Бејрут- Либанскиот премиер Наџиб Микати како „очигледна агресија“ го оцени и експресно го осуди израелскиот воздушен напад на југот на Бејрут, чија цел беше официјален претставник на Хезболах, кој, како што кажа, ја избегна смртта. По нападот и специјалната координаторка на Обединетите нации за Либан, Жанин Хенис-Плашар, ја изрази својата загриженост за израелски напад врз густо населеното јужно предградие на Бејрут, во кое имаше жртви, и повика на воздржаност од Израел и либанската милитанта група Хезболах.

Либанскиот премиер ја повика „меѓународната заедница да го преземе својот дел од одговорноста, да изврши притисок врз Израел да престане со агресијата и заканите и да ги спроведе меѓународните резолуции“.

Тел Авив - Израелската војска доцна синоќа соопшти дека израелските воздухопловни сили во предградие на Бејрут го убиле главниот воен командант на Хезболах и шеф на неговата стратешка единица, Фуад Шукр, познат и како „Сајид Мухсан“.

Фуад му бил десна рака на генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрала, и негов советник за воени операции, се наведува во соопштението на ИДФ.

„Фуад Шукр ги насочуваше нападите на Хезболах врз Израел од 8 октомври“, се додава во соопштението, во кое се вели дека тој е одговорен и за смртта на 12-те деца во неодамнешниот напад на Мајдал Шамс во Голанската висорамнина окупирана од Израел.

Вооружената група Хезболах негираше вмешаност во нападот.

Техеран - Палестинската милитантна организација Хамас утринава соопшти дека нејзиниот лидер, Исмаил Ханија е убиен во „ционистички напад “ врз неговата резиденција во Техеран, јави ДПА.

Во изјава на Телеграм, Хамас ја оплакува смртта на Ханија „како резултат на предавничката ционистичка акција врз неговата резиденција во Техеран“.

Првично нема потврда за смртта на Ханија од израелската страна, додава ДПА.

Веста за убиството на Ханија се случи неколку часа по израелскиот воздушен напад врз предградие на Бејрут, насочен кон командантот на про-иранската милиција на Хезболах, Фуад Шук „Сајид Мухсан“.

Хезболах засега не ја потврдува неговата смрт.

Саутпорт - Полицијата во англиската област Мерсисајд соопшти дека 22 полицајци се повредени во немирите во Саутпорт, што избувнаа откако три девојчиња беа избодени до смрт, а пет деца беа тешко повредени на детски час по танцување и јога во овој приморски град .

Според истражителите, нападот не е поврзан со тероризам. 

Полицијата соопшти дека уапсила 17-годишно момче од Кардиф, во Велс, и предупреди дека на интернет се шират лажни гласини дека осомничениот е барател на азил кој пристигнал во Велика Британија со брод.

Демонстрантите синоќа се судрија со органите на редот пред џамијата во Саутпорт. Повредени се вкупно 22 полицајци, од кои осум се здобиле со тешки телесни повреди.

Газа - Хамас ќе води отворена војна за ослободување на Ерусалим, за што е подготвен да ја плати цената, изјави денеска портпаролот на палестинската група Саму Аби Зухри по убиството на нејзиниот лидер Исмаил Ханија во Техеран.

Абу Зухри го опиша убиството на Ханија како „сериозна ескалација“ и посочи дека сторителите нема да ги постигнат своите цели, пренесоа британските медиуми.

Ал Зазира го пренесува соопштението на Хамас во кое се наведува дека Ханија бил убиен во „предавнички ционистички напад врз неговата резиденција во Техеран“.

Иранската револуционерна гарда утринава соопшти дека Ханија и неговиот телохранител биле убиени во Техеран, каде лидерот на Хамас присуствувал на инаугурацијата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

Париз – Во 10 спортови ќе бидат доделени 15 комплети медали денес на Олимписките игри во Париз.

Пред почетокот на натпреварувањата во петтиот дене на Игрите, лидер е Јапонија со седум златни медали. Кина и Австралија имаат по шест, Франција и Кореја собраа по пет злата. Следуваат САД и Велика Британија со по четири најсјајни одличја, три има италија, по две Канада, Хонгконг и Германија. По едно злато досега освоија: Казахстан, ЈАР, Белгија, Ирска, Азербејџан, Нов Зеланд, Романија, Србија, Словенија и Узбекистан.

Вкупно 43 држави имаат освоено барем по еден медал.

Вашингтон - Директорот на „Проект 2025“, конзервативна платформа за потенцијален втор мандат на Доналд Трамп, си даде синоќа оставка поради критики од конзервитивниот блок, вклучувајќи и од поранешниот претседател.

Пол Данс, поранешен советник во администрацијата на Трамп и вработен во Фондацијата „Херитиџ“, го водеше „Проект 2025“ - план за работа на можната идната администрација, и го обликуваше  дискурсот околу тоа што конзервативците сонуваа дека би можеле да постигнат ако Републиканците се вратат во Белата куќа.

„Проект 2025“ предвидува радикално преобликување на федералната влада и американскиот живот, детално опишани во исцрпна книга од 900 страници, што стана омилен предмет за критика од страна на демократите, кои предупредуваат на враќањето на Трамп на власт.

Остани поврзан