• понеделник, 25 ноември 2024

Филков ја повлекува одлуката на претходната влада за десеткратно зголемување на нотарската тарифа

Филков ја повлекува одлуката на претходната влада за десеткратно зголемување на нотарската тарифа

Скопје, 31 јули 2024 (МИА) - Министерот за правда Игор Филков ја повлекува одлуката за давање на согласност за десеткратно зголемување на нотарската тарифа, која ја донел неговиот претходник Кренар Лога пред да замине од функцијата, информираше денеска на прес-конференција по брифингот со новинарите.

Филков иницирал постапка до Владата за анулирање на дадената согласност на тарифата што ќе претставува основа за неспроведување на донесената одлука. Според Филков, неговиот претходник преку скриен процес без да ја информира јавноста потпишал одлука со која од 1 септември нотарските услуги ќе се зголемеле за десет пати, но како што рече, ова нема да се случи.

– Иницирав постапка за повлекување на одлуката за давање на согласност за зголемување на нотарската тарифа која ја донесе претходната Влада. Како што знаете, пред да замине од функција поранешниот министер за правда Кренер Лога, потпишал одлука со која од 1 септември ќе се овозможеше зголемување на услугите на нотарите за 10 пати. Ова нема да се случи. Затоа ќе ги повлечам измените за новата тарифа. Вака не се работи. Не смее народот да плаќа нешто 10 пати повеќе, односно не смее да се носат одлуки без да има широка дебата, без да слушнеме што мислат за тоа сите засегнати страни, рече Филков 

Ваквата одлука, додаде, била донесена уште во февруари месец, но според него, се чекало да поминат изборите, по што на 5 јуни техничката Влада дала одобрение и на 11 јуни новите тарифи биле објавени во „Службен весник“.

– За ова никој не ја информирал јавноста ниту преку официјални соопштенија, ниту преку прес-конференција, односно процесот бил скриен. Новите цени треба да важат од 1 септември и тоа нема да се случи. За промената на цената во кој било основ мора да има сериозна анализа. Мора да има утврдено потреба од сериозно зголемување како што предвидел поранешниот министер, кој од неразбирливи причини терал некоја агенда за поскапувањето. По повлекувањето на одлуката имам намера да отворам дебата и да разговараме што може да се направи, сѐ со цел да не бидат оштетени ниту граѓани, но ниту нотарите, рече Филков.

Вели по стапувањето на функција, со поддршка од пратениците иницирал да се направи анализа од страна на Парламентарниот институт, при што ќе се земат предвид нивните, но и аргументите на нотарите.

– Во меѓувреме со поддршка на пратениците во овие месец дена инициравме да се направи анализа од страна на Парламентарниот институт при што ќе се земат предвид нивните, но секако и аргументите на нотарите, додаде Филков.

Во врска со реформите во Судскиот совет, Филков рече дека е подготвен за отворање на широка дебата, како и дека е на иста страна со премиерот Христијан Мицкоски и амбасадорите на Европската унија и САД.

– Спремен сум да отворам широка дебата на оваа тема и ќе разговараме со стручната и со пошироката македонска јавност и ќе дојдеме до заедничко решение. Ние сите сме на иста страна и јас, и премиерот и нашите пријатели од Европа и САД, посочи Филков.

На брифинг со новинарите пред почетокот на прес-конференцијата, Филков рече дека Министерството веќе работи на измени и дополнување на Кривичниот законик, со што би се отстраниле последиците, од како што рече, наменски направените измени на Кривичниот законик во 2023 година. 

– Веќе работиме на измени и дополнување на Кривичниот законик со што ќе се отстранат штетните последици од избрзаните и политички наменски направени измени на Кривичниот законик во 2023 година. Очигледно и оправдана беше негативната јавна реакција на граѓаните, во делот на измените за случаите на корупција. Со други зборови никој да не биде гонет од порано и истите да не одговараат за стореното, рече Филков. 

Прашан за имињата од работната група која ги прави измените и дополнувањето на Кривичниот законик, министерот рече дека во моментов не е спремен да ги каже, бидејќи во моментов се работи на измени на тоа тело.

– Тоа не е функционално тело и не сметам дека ја имаат испорачано работата за која што биле ангажирани. Изменето е целото тело, и групата и формата. Значи не брои 35 луѓе, туку оние кои што ќе работат на измените се дел од истата група, но и нови членови, за кои што во моментов не сум спремен да зборам, но кога ќе закажам средба за КЗ-то ќе ги видите и имињата. Заедно со луѓето од кабинетот разговараме на тема да се формира функционална група која што може да биде оперативна и да се состанува почесто и да може да испорача резултати, рече Филков. ра/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан