• среда, 31 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

31 јули 2024

Скопје - Во текот на вчерашниот ден на територија на државата имало вкупно 66 пожари на отворено и шумски пожари. Од вкупниот број на пожари, 51 целосно се изгаснати, три пожари се ставени под контрола, а во моментот активни се 12 пожари.

Директорот на Дирекцијата за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов преку видео изјава соопшти дека на ниво на државава, состојбата е тешка, но не е алармантна. Укажа дека депониите воопшто не треба да се потценуваат, затоа што, како што рече, токму вчера во Дојран најпрвин се запалила депонија, а потоа од депонијата можело да се случи трагедија бидејќи биле зафатени неколку блиски куќи. Информира дека пожарот во Дојран е се уште активен, но не го загрозува градот. 

Апелира до граѓаните да не излегуваат со непотребни апели за собирање на луѓе за да одат да помагаат во гаснењето на пожарите.

Скопје - САД се очекува да бидат многу активни во разговорите за точниот начин на спроведување на договорот меѓу Скопје и Софија штом Бугарија има постабилна влада, најави помошник - државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О`Брајан.

 О`Брајан, како што јави Гласот на Америка на македонски јазик, на сослушување за иднината на Европа во Комитетот за надворешни работи на Сенатот, рече дека Северна Македонија страда поради несогласувањата со соседите, што е еден од проблемите за пристапување во ЕУ и влијае на менување на условите постојано.

Тој беше прашан од демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин, што САД можат да направат повеќе да ги охрабрат Европејците да ги исполнат ветувањата за државите од Западен Балкан што ги направиле бараните реформи, без да ги менуваат правилата или условите за нивно придвижување кон ЕУ, како што е случајот со Северна Македонија.

-Главното прашање е договорот што Северна Македонија го има со Бугарија, и штом Бугарија има постабилна влада, ќе треба да има разговори за точниот начин на кој да се имплементира. Значи, тоа ќе биде област каде што очекувам и ние да бидеме многу активни, одговори О`Брајан.

Скопје - Игор Јанушев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и генерален секретар на Владата, во синоќешното гостување во поткастот „На кавга“ на „Канал 5“ телевизија, ги повика надлежните институции да се позанимаваат со имотот на обвинителката Лиле Стефанова.

Јанушев посочи дека има индиции за неправилности во врска со нејзината работа.

- Обвинителството барам, еве по допрен глас, нека го провери нејзиниот имот. Има различни муабети, но еве јас тоа го барам и јавно, рече Јанушев и потенцира дека се сомнева во неправилности.

- Еве нека го испитаат предметот во врска со тоа колкава наплата е направена од запленетиот имот на господинот Мијалков и дали тука има штета на Буџетот. Запленет е имот од 30 милиони евра, од тие наплатени се само околу 350 илјади евра и тоа се единствените запленети и истите кои тој повторно си ги купи, истата обвинителка, кажа Јанушев, рече дека Стефанова била обвинителка и во неговиот случај.

Пехчево - Пожарот што избувна вчера над градот Пехчево, е ставен под контрола, а за негово целосно гаснење утрово вклучени се и три хеликоптери, изјави за МИА градоначалникот на Пехчево Александар Китановски.

-Во текот на вчерашниот ден беше зафатен појас над село Негрево кој се прошири и во атарот над Пехчево каде гореше високостеблеста борова шума и се јавија големи пламени јазици  на кои немаше можност да делува човечка сила. Имавме помош во вчерашниот ден од ер-трактори. Во комуникација со ЦУК и директорот Стојанче Ангелов кој беше вчера на терен, добивме целосна поддршка за локализација на теренот. Огнениот појас се движеше некаде околу 10 километри, гореше во атарот на село Негрево со колку што можевме со човечки сили го спречувавме пожарот да не се спушти накај Пехчево, рече Китановски.

Тој нагласи дека напорите за справување со огнената стихија траеле и во текот на ноќта, целата ноќ имало дежурни екипи на терен, а состанок одржал и Кризниот штаб при што постигната е координација за денешните активности на терен.

Скопје - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани денеска остварил средба со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, при што ја нагласил силната поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и украинскиот народ, во контекст на руската воена агресија, истакнувајќи ја нашата целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. 

Воедно, како што соопштија од Министерството за европски прашања, Муртезани на средбата ја поздравил позитивната одлука на Унијата за кандидатскиот статус на Украина за членство во ЕУ.

Соговорниците изразиле надеж за успешен напредок на двете земји на евроинтегративниот пат. Министерот Муртезани ја потенцирал подготвеноста на Северна Македонија да ги сподели своите искуства во однос на пристапните преговори и процесот на скрининг, усогласувањето на законодавството со правото на ЕУ, подготовката на национална верзија на европското Acquis, координацијата на ИПА фондовите и друго.

Тирана - Претседателот на Собранието на Северна Македонија и го честиташе изборот на Елиса Спиропали за претседателка на Собранието на Република Албанија, објави АТА.

- Честитки Елиса Спиропали за изборот за претседателка на Собранието на Република Албанија. Во очекување на одлична соработка меѓу нашите две собранија, стои во честитката.

Спиропали вчера доцна попладне беше избрана на оваа функција, по предлог на лидерот на владејачките социјалисти, Еди Рама и потпис на 30 пратеници. Таа на оваа функција доаѓа по оставката на Линдита Никола, која на чело на законодавниот дом беше во изминатите три години.

Спиропали (41) од 2019 година  беше на функцијата државен министер за односи со парламентот.

Скопје - Платите во јавниот сектор ќе растат по 15 проценти годишно во текот на наредните четири години и новата Влада треба да предвиди пари во буџетот, без изговори. Очекуваме зајакнување на капацитетите, да престане злоупотреба на вработените во јавниот сектор и да не се вработуваат партиски кадри. Во овој случај ќе ја имаат нашата поддршка, изјави денеска претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов, пред почеток на панел дискусијата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“.

Тој напомена дека на настанот очекува од министрите да потврдат дека ќе има услогласување на платите од септември, но и дополнително зголемување на платите во наредната година, согласно колективниот договор за јавен сектор.

-Тука сме денеска на настанот да слушнеме од министрите дека ќе ги зголемуваат платите, бидејќи без плата нема ни работа во државата. Очекуваме дека тоа што ќе го кажат и министрите ќе значи усогласување на платите од месец септември оваа година, како и дополнителното зголемување на платите во наредната година кое ќе се случи согласно општиот колективен договор за јавен сектор, рече Трендафилов.

Скопје - Притвор од 30 дена за 54-годишна скопјанка Р.Џ. откако при претрес на нејзиниот дом полициски службеници пронашле над 140 опаковки со дрога. Р.Џ. е лишена од слобода заедно со М.А. (37) од Скопје.

- По претходно добиени оперативни сознанија и обезбедена судска наредба за претрес, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје извршија претрес во дом на Р.Џ. (54) во Скопје. При претресот пронајдени се: 73 опаковки со марихуана, 56 опаковки со кафеава прашкаста материја, 13 опаковки со бела прашкаста материја, 14 таблети, една голема кеса со кафеава прашкаста материја и пари во различни апоени со вкупна вредност од 9060 евра и 14100 денари, информираат од МВР.

Против Р.Џ. е поднесена кривична пријава по брза постапка, а од судија на претходна постапка и е определена мерка притвор во траење од 30 дена во КПУ Затвор Скопје.

Скопје - Полициски службеници од СВР Струмица - ОВР Радовиш вчера го лишија од слобода С.Р. од радовишкото село Али Коч затоа што подметнал пожари во близина на селото.

Како што информираат од МВР, вчера во 12:00 во ОВР Радовиш од страна на ТППЕ Радовиш е пријавено дека на две места во близина на село Али Коч настанале пожари, при што горела дабова шума.

-По преземени мерки и активности, од страна на полициски службеници од ОВР Радовиш утврдено е дека С.Р. ги подметнал пожарите односно сторил кривично дело по член 288 „предизвикување општа опасност“ и кривично дело „предизвикување шумски пожар“ по чл.227 од КЗ. С.Р. е лишен од слобода и во службен разговор признал дека ги сторил кривичните дела, по што е задржан во ОВР Радовиш, соопшти МВР.

Скопје - Искра од апарат за заварување е причина за пожарот што вчера во попладневните часови се случи во трговскиот центар „Блис“ во Битола. На својата фејсбук-страница од трговскиот центар објавија дека пожарот настанал во тек на монтажа на декоративната фасада на источната страна од градбата, како последица на искра од апарат за заварување употребен при поставувањето на држачите, се запалил фасаден панел.

Како што потенцираат, пожарот за кратко време бил локализиран.

-Благодарение на брзата детекција и дојава, и секако, на брзата реакција на гасење со хидрантска мрежа, пожарот за релативно кратко време беше локализиран од страна на ТППЕ Битола. Овде, дозволете да ја изразиме нашата бескрајна благодарност до командирот и сите вработени на ТППЕ Битола, кои беа на ниво на задачата и извршија навремена локализација. Дополнителна и голема благодарност изразуваме до градоначалникот на Општина Битола, г-дин Коњановски, секретарот Димитровски, на раководството на јавните претпријатија кои извршија брз увид со своите екипи, на пожарната единица од РЕК Битола, како и на обучениот затекнат кадар на објектот вклучувајки ги сите останати лица кои несебично се вклучија во помошта при гасењето на пожарот, се вели во објавата на трговскиот центар.

Скопје – Бејзбол тимот „Детроит тајгерс“, во партнерство со Обединетата македонска дијаспора, вчера на стадионот од тимот организираше прослава за Денот на македонското наследство.

Како што пренесуваат од ОМД, бејзбол тимот „Детроит тајгерс“, чии сопственици се фамилија Илич обезбедил капи со нивното лого и боите на македонското знаме.

Стотици македонци во Детроит за првпат го прославија Денот на Македонското Наследство на 30ти јули, 2024 организиран од бејзбол тимот „Детроит тајгерс“, чии сопственици се фамилијата Илич со потекло од Драгош и Буф. 

Настанот беше во партнерство со Обединетата македонска дијаспора, благодарение на неколку видни македонско-американски компании сопственици како спонзори. 

Брисел - Во демократски систем резултатите од изборите мора да бидат целосни и независно проверливи за да бидат признати, оцени високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во изјава по повод случувањата по претседателските избори во Венецуела одржани во неделата.  

-  Националниот изборен совет на Венецуела (ЦНЕ) досега презентираше изборни резултати што одговараат само на 80 отсто од гласовите, без да обезбеди никаков извор или систем што би овозможил нивна верификација. Со овие делумни и непроверливи резултати, ЦНЕ го прогласи Николас Мадуро за победник на изборите. Дополнително, податоците што опозицијата и ги стави на располагање на јавноста даваат радикално поинаков резултат од оној што го објави ЦНЕ, наведува Борел. 

Нагласувајќи дека со „голема загриженост“ ја следи ситуацијата во Венецуела по претседателските избори, Борел потенцира дека венецуелските власти мора да гарантираат транспарентност и интегритет на изборниот процес со независно проверување на официјалните записници од гласањето на избирачките места. 

Киев - Украина е подготвена за мировни преговори со Русија, но само врз основа на меѓународното право, изјави синоќа шефот на кабинет на украинскиот претседател, Михаил Подољак. 

Неопходно е Русија да се принуди да почне „вистински преговори“, рече Подољак, пренесе Униан. 

-Руската пропаганда троши многу пари за да создаде впечаток – војна е , ние сме подготвени за преговори, но Украина не. Преговорите секако се неопходни, но важно е да се види под кои услови и врз која основа ќе се одвиваат преговорите. А главната работа на овој концепт (на меѓународното право) е територијалниот интегритет и субјективитет, суверенитетот на државата, наведе Подољак. 

Тој истакна дека преговорите ќе бидат плодни само доколку „профункционираат механизмите за принудување на Русија на мир“. 

Женева - Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации (ОХЦХР) денеска објави извештај во кој се тврди дека палестинските затвореници во израелските затвори се мачени и малтретирани.

Во извештајот се наведува дека во израелските затвори има повеќе од 9.400 затвореници, од кои некои се држат во тајност, без пристап до адвокати и без почитување на нивните законски права, и дека многумина се изложени на електрошокови, забрана за спиење и други форми на тортура и лошо постапување.

Извештајот, што се темели на интервјуа со поранешни затвореници и други извори, го осудува „неверојатниот број на затвореници“, вклучувајќи мажи, жени, деца, новинари и бранители на човекови права... заклучувајќи дека таквите практики предизвикуваат загриженост за политиката на произволно притворање.

Женева - Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека 85 болни и тешко повредени пациенти се евакуирани од Појасот Газа во Обединетите Арапски Емирати на лекување.

Меѓу нив има 35 деца и 50 возрасни.

Придружувани од 63 членови на нивните семејства или лица задолжени да се грижат за нив, евакуираните пациенти ја напуштиле Газа преку преминот Керем Шалом, влегле во Израел, а потоа од аеродромот Рамон, во близина на Еилат на југот на земјата, полетале за Абу Даби.

Од октомври минатата година, околу 5.000 лица се евакуирани од Газа на лекување во странство, повеќето во Египет, Катар или ОАЕ.

Moсква - Русија ја започна третата фаза од вежбите за обука за распоредување на тактичко нуклеарно оружје, соопшти денеска Министерството за одбрана.

„Во согласност со одлуката на претседателот на Руската Федерација, започна третата фаза од вежбите на нестратешките нуклеарни сили. Војниците од јужниот и централниот воен округ ќе вежбаат како да распоредуваат лажни боеви глави за оперативните и тактички ракетни системи „Искандер-М“ и тајно да ги преместуваат на локации за лансирање. Сегашната фаза на вежбата е насочена кон одржување на подготвеноста на персоналот и опремата на единиците за борбена употреба на руското нестратешко нуклеарно оружје за извршување на борбени мисии“, се вели во соопштението на Министерството објавено на Телеграм.

Остани поврзан