• четврток, 01 август 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

31 јули 2024

Скопје - Општина Кисела Вода соопшти дека со голема загриженост ја следи ситуацијата со огромните пожари што го зафатија источниот дел на земјава.

По тој повод, во знак на солидарност и поддршка кон погодените подрачја, од Општината информираат дека испратиле комбе со помош која содржи вода за пиење, сокови, напивки, конзервирана храна и други намирници кои му се потребни на населението во тие области.

-Во моменти на криза, солидарноста и заедништвото се од клучно значење. Општина Кисела Вода ја изразува својата поддршка и солидарност со сите погодени од пожарите. Се надеваме дека оваа криза ќе заврши брзо и со што помала материјална штета. Ваквите тешки моменти нè потсетуваат на важноста од помагање едни на други и затоа ги повикувам и другите општини да испратат помош во погодените подрачја. Заедно, со единство и солидарност, можеме да ги надминеме сите предизвици, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, стои во соопштението. 

Скопје - Помош во ресурси и поддршка за справување со пожарите што беснеат на територијата на целата држава беа темите на денешниот итен координативен состанок на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и општинскиот Штаб за заштита и спасување одржан заедно со претставник на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Општина Центар и градоначалникот Герасимовски активно ќе се вклучат со своите расположливи капацитети за одговор на катастрофата.

На координативниот состанок беше нагласено дека состојбата на терен е алармантна, за што Општина Центар во насока на ублажување на последиците и помош за спасувачките екипи и доброволците на терен ќе обезбеди помош преку донации на вода и освежителни пијалаци.

Пехчево– Продолжува поддршката за учесниците кои го гаснат пожарот над Пехчево. Од утрово голем број граѓани и општествено одговорни компании се вклучија во обезбедувањето храна и намирници за сите кои волонтираат и даваат поддршка пожарот да биде ставен под контрола.

-Сакаме и ние да помогнеме, дониравме кроасани, кока-кола за да се закрепнат од гаснењето на пожарот оние кои го гаснат. Страшно за Пехчево, шумата ни изгоре. Се надеваме дека денес ќе се стави под контрола, вели жителка на Пехчево.

Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански упати благодарност до сите кои помагаат да се спречи потенцијалната катастрофа.

-Знаете дека од вчера гори борова шума, што можевме спасивме, продолжуваме на терен. Благодарност до сите кои помогнаа од соседните градови, рече Китански.

Донација за сите кои гаснат е обезбедена и од приватни стопанственици.

-Компанијата „Зегин“ ги стави на располагање сите регионални ресурси, нашите вработени во аптеките ги ставивме на располагање за помош во Пехчево. Пораката е дека не е убаво за тие што седат по кафеаните и не помагаат. Инаку ние обезбедивме и гориво за сите кои гаснат, како и храна и пијалаци, истакна Благој Механџиски сопственик на компанијата „Зегин“.

Кочани - Кризниот штаб на Општина Кочани денеска одржа седница на која се договараше координација на одговорните служби за заштита и спасување и преземање засилени превентивни мерки од појава на пожари.

Надлежните информираа дека најсериозна е состојбата на Осоговските Планини, каде што денеска се интервенира на пожар во атарот на Пресека. Исто така, пожарот од пробиштипското село Зеленград стигнал до врвот Панаѓур, а натамошното ширење е спречено со ископи од механизација.

-Синоќа единиците успешно интервенираа на пожари во селата Нивичани, Бели, Соколарци и Теранци, а дојава за пожар имаше и од селото Уларци, како последица на пожарот во Пробиштипско. Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица и на Доброволното противпожарно друштво имаа интервенција и на пожар кај Градската депонија. Под контрола е ставен пожарот во атарот на планинското село Главовица, со кој противпожарните служби се справуваат четврти ден. Тој е локализиран и го контролираат мобилни екипи од ТППЕ – Кочани, информираа од општинскиот Кризен штаб на Кочани.

Крива Паланка - Во градскиот парк во Крива Паланка е поставена нова урбана опрема, нови дваесет клупи за седење и десет стилизирани корпи за отпадоци.

-Градскиот парк и плоштадот се место каде што граѓаните од сите возрасти можат да уживаат и да се рекреираат, особено во периодот на летните денови кога и програмата на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата“ и „Кривопаланечко културно лето“ нудат голем број настани што се реализираат на градскиот плоштад и летната сцена. Во паркот минатата недела за дечињата и најмладите жители на општината беше уредено ново детско катче со мултифункционален детски реквизит, а во рамки на проектот што се реализираше на површина од околу 180 метри квадратни, поставена е и урбана опрема. Поставени се нови 20 клупи, надополнувајќи го капацитетот за одмор, релаксација и уживање во прекрасниот амбиент на паркот, а за одржување на високото ниво на хигиена поставени се и нови десет корпи за отпадоци, велат од Општината.

Опремата е поставена во склоп на проектот за уредување детското катче со вкупна вредност од 2.100.000 денари, финансии обезбедени од Буџетот на општината преку Развојната програма на Општина Крива Паланка за 2024 година, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Крива Паланка - „Егри Дере“ е името на клубот на млади лидери-соработници на Градскиот музеј Крива Паланка, основан во рамки на проектот „Не кулирај-Волонтирај и креирај!“.

Младите членови на клубот што за првпат се формира во установата добија волонтерски книшки и се приклучија на музејскиот клуб во кој досега има само почесни членови, заслужни за развој и афирмација на кривопаланечката култура, историја и наследство.

-Сите дваесет млади, вклучени во проектните активности, ќе продолжат со волонтерски активности во оваа локална музејска институција. Се очекува на клубот да му се приклучуваат нови волонтери кои имат интерес да дадат придонес во областа на етнологијата и традицијата во локалната заедница. Целта е да се спроведуваат нови акции кои ќе го идентификуваат и помовираат културното наследство, да ги јакнат лидерските и стручни вештини кај младите и да привлекуваат нови волонтери, информира Методи Цветковски од Регионалниот центар за соработка „Спектар“.

Куманово - Паркирано „Ауди“ било опожарено ноќва на улица во кумановска населба, соопшти денеска СВР Куманово.

- Денеска во 02:30 часот во СВР Куманово било пријавено дека на улица „715“ во Куманово настанал пожар во паркирано патничко моторно возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на А.Е.(57) од Куманово. Пожарот бил изгаснат од екипа од територијалната противпожарна единица Куманово, а повредени лица нема. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Куманово, информираше полицијата.

Инаку на подрачјето на СВР Куманово од почетокот на 2024 година досега биле пријавени 13 случаи на опожарени патнички моторни возила, од кои единаесет се расчистени. Во 2023 година биле пријавени 30 случаи на опожарени патнички моторни возила од кои биле расчистени 16 случаи.

Остани поврзан