• среда, 31 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

31 јули 2024

Скопје - ЈП Водовод и канализација – Скопје соопшти дека акцијата за отплата на долговите за вода без пресметка на камата за задоцнето плаќање завршува денеска.

-Акцијата за отплата на долговите на рати без камата за физички и правни лица е со определен временски рок, почнувајќи од 20.06.2024 заклучно до 31.07.2024. Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг во овој период да аплицираат за склучување на договори за отплата на долговите на најмногу 48 рати за физички лица и 24 рати за правни лица, во зависност од висината на долгот, без пресметка на камата за задоцнето плаќање, наведуваат од Јавното претпријатие.

Одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата, се посочува, не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес.

Пехчево - Пожарот што избувна вчера над градот Пехчево, е ставен под контрола, а за негово целосно гаснење утрово вклучени се и три хеликоптери, изјави за МИА градоначалникот на Пехчево Александар Китановски.

-Во текот на вчерашниот ден беше зафатен појас над село Негрево кој се прошири и во атарот над Пехчево каде гореше високостеблеста борова шума и се јавија големи пламени јазици  на кои немаше можност да делува човечка сила. Имавме помош во вчерашниот ден од ер-трактори. Во комуникација со ЦУК и директорот Стојанче Ангелов кој беше вчера на терен, добивме целосна поддршка за локализација на теренот. Огнениот појас се движеше некаде околу 10 километри, гореше во атарот на село Негрево со колку што можевме со човечки сили го спречувавме пожарот да не се спушти накај Пехчево, рече Китановски.

Тој нагласи дека напорите за справување со огнената стихија траеле и во текот на ноќта, целата ноќ имало дежурни екипи на терен, а состанок одржал и Кризниот штаб при што постигната е координација за денешните активности на терен.

Куманово - Пожарникарите од Старо Нагоричане гасат пожар помеѓу Малотино и Рамно, информираа денеска од територијалната противпожарна единица од Старо Нагоричане. На терен е и полициски хеликоптер. Од пожарот зафатена е и дабова шума, гранки, нискостеблеста шума, но во близина е и борова шума.

- Дејствуваме на пожар помеѓу Малотино и Рамно. Тука се и екипа на „Национални шуми“ се обидуваме да го ставиме пожарот под контрола. Ја очекува поддршката и од припадниците на Армијата. Тука е полицискиот хеликоптер. Пожарот од Враготурце е ставен под контрола, изјави командирот на ТППЕ, Старо Нагоричане, Далибор Трајковски.

На подрачјето на општина Куманово нема активни пожари соопшти утрово, командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.

Охрид – Чешката вечер на „Охридско лето“ за публиката ќе го понуди целовечерниот концерт на триото „Халир“, составено од уметниците Едуардо Гарсиа Салас на виолина , Јана Подолска на виолончело и Барбора К. Сејакова на пијано.

Триото „Халир“ е оформено во 2016 година со цел да се одржи споменот на ликот и делото на чешкиот виртуозен виолинист Карел Халир (1859-1909).

По неочекуваната смрт на водечкиот чешки пијанист Вацлав Маха, триото „Халир“ го сочинуваат Едуардо Гарсија Салас (шпански виолинист кој живее во Прага), словачката виолончелистка Јана Подолска и чешката пијанистка Барбора К. Сејакова. Сите членови на ова трио се добитници на награди и признанија на меѓународни натпревари. Настапуваат на фестивали во Шпанија (Махон, Кордоба, Тарагона, Кадиз) како и во повеќе градови во Чешка, Германија и др, секогаш добивајќи позитивни критики за нивните настапи.

Кавадарци – „Мост на желбите под самовилски води“ е именуван проектот што се реализира во кавадаречкото село Конопиште. Александра Димевска - Јокиќ, иницијатор за овој проект, појаснува за МИА дека неговата цел е промоција на природните убавини и чистиот воздух во селото, оддалечено четириесетина километри од Кавадарци. 

-Селото има идеални услови за развој на селскиот туризам. Дел од таа туристичка приказна ќе бидат кажувањата што се пренесуваат од колено на колено за самовилските води, но и мостот на желбите на самиот влез во селото, каде, секој што сака, може да си остави катанец, верувајќи дека на тој начин ќе ја заклучи својата љубов кон љубеното лице, за да трае, или да остави марамче во знак на таа љубов, откри таа. 

Притоа истакна дека во активностите се вклучени сите оние на кои селото нешто им значи, тука се постојано или повремено. 

Остани поврзан