• четврток, 01 август 2024
МИА Флеш

1 август 2024

Скопје - Министерството за внатрешни работи информира дека утре (02.08.) Одделот за граѓански работи, односно сите подрачни единици во рамки на Одделот, како и пунктовите во објектот на МРТВ и „Беко“ во Скопје ќе работата на издавање на готови лични документи на граѓаните (патни исправи, лични карти и возачки дозволи).

Во Скопје (МРТВ и „Беко“) управните служби ќе работат во периодот од 08 до 16 часот, додека низ државата подрачните управни служби ќе работат во периодот од 08 до 12 часот.

Скопје - Се проверува дали има оштетени реагенси во Институтот за јавно здравје, откако вчера некој ги исклучил фрижидерите во кои се чуваат, ова денеска го потврди за МИА, директорката Марија Андоновска, која очекува Јавното обвинителство да покрене постапка околу тоа кој се имал пристап и до осигурувачите за струја за фрижидерите каде се чуваат реагенси за целата држава. Од Институтот, за случајот ги информирале сите надлежни државни органи.  

- Можно е ова да се има случено во периодот помеѓу 14.30 и 15.30 часот. Фрижидерите и коморите што ги имаме се во посебни простории под клуч. Во случајов се работи за широк ходник во кој лево и десно има лаборатории, а во кој исто така се сместени разводни табли со осигурувачи за струја во фрижидерите. Среќа што ние бевме сѐ уште на работа и хигиеничарката, која доаѓа по вработените кои заминуваат, забележа дека има некаков проблем кај разводните табли, таа алармираше, појасни директорката во изјава за МИА.

Симптоматично е, рече таа, тоа што биле исклучени само тие што се однесуваат на фрижидерите и коморите, каде се чуваат сите реагенси за целата држава. 

Скопје – Имаме разбирање за ставот на нашите партнери, бидејќи прашањето за формирање на албанска академија е чувствително, но наша цел како коалиција не е да им наштетиме политички на нашите коалициони партнери, туку да го спроведуваме тоа што сме го ветиле кај гласачите, изјави денеска на прес-конференција Башким Муртези од Коалицијата „Вреди“.

Посочи дека Коалицијата нема да ги прилагодува програмските заложби, поради, како што рече, личен комфор во Владата, бидејќи според договорот за формирање на влада, вели, треба да се покренуваат иницијативи за прашања кои високо ја сензибилизираат едната јавност и да се изнаоѓаат заеднички решенија.

– Нашите програмски заложби нема да ги прилагодуваме заради личен комфор во Владата. Договорот за формирање на влада е јасен, за одредени прашања кои високо ја сензибилизираат едната јавност како правичната застапеност во институциите за Албанците или прашањето за албанска академија за Македонците да се покренуваат иницијативи и да се обидеме да наоѓаме заеднички прифатливи решенија. Така функционира секоја демократска влада составена од партии со различни идеолошки и политички определби, рече Муртези.

Скопје - Земјоделието е еден од приоритетите во ребалансот на буџетот за 2024-та година. Со овој ребаланс обезбедуваме 1,7 милијарди денари за исплата на субвенции за земјоделците, изјави Зоранчо Јованчев, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. 

На денешната прес-конференција во Собранието на Република Северна Македонија, Јованчев истакна дека, веднаш штом ќе биде изгласан ребалансот, средствата ќе бидат исплатени.

- Повеќе земјоделците нема да бидат принудени да чекаат за своите напорно изработени пари. Веднаш штом ребалансот ќе биде изгласан овие средства ќе бидат исплатени на нивните сметки, рече тој.

Дополни дека за програмата за наводнување се предвидени дополнителни 14 милиони денари.

Скопје - Јакнењето на билатералните односи и напредокот на процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија беа темите за кои денеска разговараа министерот за европски прашања Орхан Муртезани и амбасадорот на Унгарија во Северна Македонија Андраш Клеин.

Како што информира Министерството за европски прашања, Муртезани упати честитки за преземањето на претседателството на Унгарија со Советот на ЕУ и изрази надеж дека унгарското претседавање ќе донесе напредок во пристапните преговори на Северна Македонија. Нагласи дека Министерството за европски прашања е целосно посветено на оваа стратешка цел за членство во Унијата.

Министерот Муртезани, како што се наведува, ја потенцира подготвеноста на земјата за тесна и успешна соработка, како со новата Европска комисија, така и со Унгарското претседателство. Во тој контекст, министерот Муртезани се заблагодари за упатената покана од унгарска страна за негова посета на Будимпешта, за време на нивното претседавање и заедно со амбасадорот Клеин ги разгледаа можностите за нејзина реализација.

Скопје-  Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска го примила Владо Спиридонов, доктор по метеоролошки науки, со кого разменила мислења за актуелните предизвици од зачестената појава на временски екстреми и нивното влијание врз животната средина.

-Беше нагласена важноста на новите технологии, современиот пристап и научните методи во справувањето со природните елементарни непогоди, но и со другите опасности, како пожари и загадување настанати од човечки фактор. Во таа насока професорот Спиридонов, како еден од водечките македонски експерти за метеорологија, презентираше научни можности за поефикасно справување со штетните појави кои се користат во светот, а кои можат да превенираат човечки загуби и материјални штети, информира претседателскиот Кабинет. 

Скопје – Јавното обвинителство прибира документација и се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за исклученото напојување со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести во Институтот за јавно здравје.

Како што информираат од Обвинителството, по информациите во јавноста дека на Институтот за јавно здравје вчера било намерно исклучено напојувањето со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести, Јавното обвинителство итно оформило предмет по допрен глас за да испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело.

- Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија, стои во соопштението од Обвинителството.

Скопје - Aгенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска соопшти дека потенцијално небезбедните говедски коцки за супа на производителот „Подравка“, не се пуштени во промет, целокупното количество складирано во магацинот на увозникот.

Во врска со објавите дека на пазарот се продаваат небезбедни производи (коцки за супа), Aгенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека производите - говедска коцка за супа на производителот „Подравка“, серија 0507241, со рок на употреба до 05.07.2025 година и пилешка коцка за супа серија 0307241, со рок до 03.07.2025 година, по спроведениот вонреден инспекциски надзор во магацин на компанијата увозник, утврдено е дека целокупното увезено количество од производите со посочените серии и рокови на употреба не е пуштено во промет, односно, потенцијално небезбедните производи се наоѓаат во магацинот на увозникот.

Кавадарци - Парите од хуманитарна изложба, Вински музеј Кавадарци ќе ги донира за лекување на младата Матеа Стаменова, информираше денеска в.д. директорката Анета Атанасова.  

- Донесовме одлука  со која средствата собрани од хуманитарната изложба што се реализираше во рамките на Ликовната детска колонија, во соработка со Роднокрајци - љубители на уметноста и културата, да ги  донираме  за лекувањето на младата Матеа Стаменова, која има потреба од итна хируршка интервенција и на која и е неопходна нашата помош. Со ова упатуваме и порака до пошироката заедница, да се следи нашиот пример и да се помогне, таму каде што е неопходна поддршка. Да бидеме хумани, порача Атанасова. 

Во името на вработените на музејот и на пошироката заедница, таа и посака на малата Матеа, брзо закрепнување, да расте и живее нормално.

Дебар - Македонското друштво „Илинден“-Тирана го актуелизира барањето за форимирање посебни општини Голо Брдо и Гора, бидејќи, како што се оценува, „по десет години од територијалната поделба нема никаков напредок во овие области, населени со Македонци“.

-И по десет години од реформата на територијалната организација на локалната самоуправа, областите Голо Брдо и Гора каде што живеат Македонци, останаа неразвиени. Во 2014 година Владата ги укина
општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо, за да првите две ги приклучи кон општина Булќиза, а третата кон општина Либражд. Истото се случи и со општините Шиштевец и Запот во областа Гора, кои сега територијално припаѓаат кон општина Кукс. Единствена македонска општина во Република Албанија остана општина Пустец во областа Мала Преспа, рече за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Потсетува дека Владата во Тирана во 2014 година не ги земала предвид нивните барања за формирање на споменатите општини.

Скопје - Времето утре ќе биде сончево и многу топло со висока дневна температура во интервал од 33 до 40 степени. Попладне, претежно во северните делови ќе има локална појава на пороен дожд, грмежи и услови за краткотрајно невреме. УВ-индекс 9.

Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи, во Скопје сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност. Во вечерните часови во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и краткотрајно невреме.

За време на викендот, особено в сабота во попладневните и вечерните часови наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер, над 60 километри на час и појава на град.

Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 23 степени, а максималната од 30 до 39 степени.

Брисел – Европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеји денеска изјави дека координираните напади со лажни профили на социјалните мрежи од Косово врз асистентите на европратеничката Виола фон Крамон се неприфатливи, но додаде дека не може да преземе повеќе по тоа прашање.

На прашањето на поранешната пратеничка во Европскиот парламент, кое Крамон го постави во април за ботските напади врз нејзиниот асистент Ѓорѓе Бојовиќ, како и врз Агон Малиќи и Футура Кусари кои го поддржале, Вархеји призна дека е немоќен да направи нешто, пишува Н1.

„Стручњаците од EEAS (Европската служба за надворешни работи) заклучија дека постои одреден степен на координирана размена на пораки и стратешко меѓусебно објавување на истите пораки од повеќе профили. Меѓутоа, бидејќи аналитичарите работат со информации достапни од отворени извори, невозможно е да се направат претпоставки за карактеристиките на неколкуте анализирани профили во овој случај“, се наведува во писмениот одговор.

Брисел – Владата на Австрија официјално го предложи министерот за финансии Магнус Брунер за нов австриски еврокомесар, додека претседателот на Франција, Емануел Макрон реши за француски член на новата Европска комисија да го номинира актуелниот еврокомесар за внатрешен пазар Тјери Бретон. 

Номинацијата на Брунер ја најави австрискиот канцелар Карл Нехамер во објава на Икс. 

- Магнус Брунер е искусен политичар со високо ниво на познавање за финансиската, економската и конкурентска политика, како на национално, така и на европско ниво, наведе Нехамер во објавата. 

Номинацијата на 52-годишниот Брунер, кој е член на конзервативната Австриска народна партија (ОВП), сега официјално треба да биде потврдена со Одлука на Владата и одобрена од Долниот дом на Парламентот на Австрија. Сепак овие процедури се сметаат за чисто формални, имајќи предвид дека кандидатурата на Брунер ја поддржаа двете членки на владината коалиција – ОВП и партијата Зелени – Зелена Алтернатива (Грунен). 

Вашингтон – Американската потпретседателка и најверојатна демократска кандидатка за претседателските избори во ноември, Камала Харис, по коментарите на републиканскиот противник Доналд Трамп за нејзиното вклучување во изборната трка, изјави дека на Америка и треба лидер кој ја зборува вистината и разбира дека разликите се изворот на силата, а не поделбите.

-Тоа е стара претстава, на поделби и непочитување. На Америка и треба лидер кој не реагира со непријателство и гнев кога ќе се соочи со фактите. Потребен ни е лидер кој разбира дека нашите разлики не не делат, туку се клучен извор на нашата сила, изјави синоќа Харис во Тексас.

Трамп вчеравечер изјави дека не му е јасно дали Камала Харис е Индијка или Афроамериканка, бидејќи, како што тврди, таа првично се претставувала како „црнкиња“ и „сега ја сменила плочата“.

Ерусалим - Израелската армија денеска потврди дека во воздушен напад го ликвидирала шефот на военото крило на Хамас, Мохамед Деиф.

Израел го нападна Деиф во нападот на 13 јули кога беше погоден комплекс во предградието на градот Кан Јунис во јужна Газа, но до денеска немаше потврда дека Деиф е убиен. Повеќе од 90 други лица, вклучително и раселени цивили во блиските шатори, беа убиени во нападот, соопштија тогаш здравствените власти во Газа.

Во денешното соопштение израелската армија наведува дека „по разузнавачка проценка може да се потврди дека Мохамед Деиф бил елиминиран во нападот“.

Анкара - Само американските и западните санкции против Израел можат да го принудат да го прекине огнот во Појасот Газа. Ова го изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан за провладиниот турски весник „Сабах“.

По прашањето за прекинот на огнот во Газа, Израел нема да направи ниту еден чекор без да плати соодветна цена. САД и Западот се тие кои можат да го принудат да го направи тоа. Треба да има санкции, ограничувања, обвиненија, рече Фидан.

Според неговите зборови, бидејќи силите кои го контролираат светскиот систем не воведуваат санкции, „Израел стигнува до таму до каде што може“.

Според Фидан, последните случувања на Блискиот Исток, особено атентатот во Иран на шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханија, ја оддалечуваат можноста за прекин на огнот во Газа.

Тбилиси - Во Грузија денеска стапи во сила Законот за транспарентност на странско влијание или Законот за странски агенти, кој предизвика големи контроверзи.

На почетокот на неделава парламентарната опозиција во земјата поднесе барање до Уставниот суд за суспендирање на законот.

Законот ги обврзува невладините организации и медиумите кои остваруваат повеќе од 20 отсто од приходите од странство да се регистрираат во Националната агенција за јавен регистар. Законот наведува дека избегнувањето регистрација како организација која ги следи интересите на странска држава предвидува парична казна од 25.000 лари (повеќе од 9.000 американски долари).

Законот беше донесен на 14 мај, а процесот беше проследен со низа протести во земјата. Претседателот на Грузија, Саломе Зурабишвили стави вето на овој чин, но подоцна пратениците го усвоија со мнозинство гласови.

Улан Батор – Првиот човек на американската дипломатија, Ентони Блинкен, денеска ги повика сите страни на Блискиот Исток на деескалација и итно постигнување прекин на огнот во Газа.

-Што се однесува до Блискиот Исток, регионот во моментов е на пат на зголемен конфликт, насилство, страдање и несигурност, а тоа започнува со прекин и откажување од оган, на што работиме, рече Блинкен за време на прес конференција во Монголија.

Државниот секретар додаде дека тоа подразбира двете страни прво да разговараат меѓу себе и да се воздржат од мерки кои придонесуваат за ескалацијата.

Кишињев - Молдавија протера руски дипломат и го повика рускиот амбасадор да му врачи официјална протестна нота, еден ден откако безбедносните служби приведоа двајца владини претставници под обвинение за предавство и заговор, соопшти молдавското Министерство за надворешни работи.

Молдавски безбедносен извор изјави за светските агенции дека двајцата мажи биле приведени завчера под сомнение дека му дале информации на заменик-аташето за одбрана во Руската амбасада во Кишињев.

Бразилија - Два авиони полни со патници се судрија на 29 јули на аеродромот во Бразил, а сега се појави видео на кое се гледа штетата нанесена на леталото.

Според медиумите, еден од авионите бил на пистата на аеродромот во Сао Паоло и чекал да полета, кога во него удрил авион кој штотуку слетал од Рио де Жанеиро. Несреќата се случила околу 17 часот по локално време.

Аеродромот извести дека инцидентот се случил поради механичка грешка на опремата за подигнување прикачена на авионот што се подготвувал за полетување.

Имено, на авионот била прикачена кука за влечење, која требало од паркинг позиција да го повлече авионот до позицијата „такси“.

Париз – Кинеската атлетичарка Џиа Јан денеска го освои златниот медал во брзо одење на 20 километри на Олимписките игри (ОИ) во Париз.

Јан победи со време од еден час, 25 минути и 54 секунди.

Шпанката Марија Перез освои среброто со заостанување од 0,25 секунди.

Место на победничкиот пиедестал имаше и за Австралијката Џема Монтаг која ја освои бронзата со заостанување од 0,31 секунди зад новата олимписка шампионка од Кина.

Остани поврзан