• четврток, 01 август 2024
МИА Радио флеш

1 август 2024

Скопје – Вкупно 28 пожари на отворено го одбележаа изминатиот ден. Најсериозно е во Старо Нагоричане, Кратово, Македонски Брод и Свети Николе. На помош се очекуваат уште шест хеликоптери и четири ер трактори кои се дел од Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија. Во меѓувреме, власта вели дека добро се справува со пожарите, додека, опозицијата обвинува за колапс. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, ја оценува ситуацијата како сериозна и апелира граѓаните да не учествуваат во гаснењето, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири.

Во текот на вчерашниот ден, според информациите од директорот на Цук, Ангелов, имало 28 пожари на отворено.

- Бројот значително падна, тој е преполовен. Во овој момент десет од нив се активни. Тоа значи дека 18 изгаснавме, односно неколку од нив се ставени под целосна контрола. Состојбата е сериозна бидејќи од овие десет околу половина горат во високи квалитетна шума, а најмалку два зафаќа борова шума, изјави Ангелов во вчерашното гостување на Сител телевизија.

Во врска со активираниот механизам за цивилна заштита на ЕУ, Ангелов информираше дека денеска, евентуално утре, ќе имаме шест хеликоптери и четири ер трактори. Два хеликоптери од Србија, два од Унгарија, еден од Словенија и еден од Чешка, и четири ер трактори, два од Германија и два од Шведска.

Кавадарци - Пожарникари од Кавадарци кои биле вклучени во гаснењето на пожарот во светиниколското село Орел се повредиле откако нивното возило се превртило. 

- Откако евакуиравме постари луѓе од селото Орел светиниколско, додека го браневме селото од огнот, пожарот ни се доближи толку многу што моравме да го избегнеме. Согледувајќи дека не можеме против природната стихија, моравме да се повлечеме пред неа. Јасно ни беше дека ако останеме, ќе ги жртвуваме сопствените животи, бидејќи пламените јазици голтаа се пред себе. Тргнавме со камионот и најверојатно малку забрзавме за да го избегнеме огнениот обрач. Патот беше лош и одеднаш камионот се преврте, раскажува 41-годишниот Ѓорѓи Вчков, еден од повредените пожарникари. 

Во изјава за МИА тој посочува дека неговиот помлад колега успеал да ја скрши шофершајбната и го извлекол. 

- Ни притрчаа на помош колеги пожарникари од другите градови. Веднаш повикаа Итна медицинска помош што не транспортираше до кавадаречката Болница. Таму ни дадоа првична медицинска нега, ни направија испитувања. Бидејќи имав повеќе повреди, вечерта ја поминав во болницата, а сега сум на домашно лекување, раскажува Вчков.

Скопје - Хеликоптери од Одделот за воздухопловни единици при МВР вчера дејствуваа врз пожарите во реонот на Старо Нагоричане и кај Пехчево.

Како што соопшти МВР, хеликоптерот Бел 412 во 28 циклуси исфрли 42 тони вода и со тоа е ставен под контрола еден од краците кај с.Малотино.

Хеликоптерот Ми 171 во текот на целиот ден, а подоцна и заедно со хеликоптерот Бел 412, а во координација со службите на терен успешно ставија под контрола еден од пожарите над селото Негрево, стои во соопштението.

Хеликоптерот Ми 171 во 30 циклуси исфрли 75 тони вода, а хеликоптерот Бел 412 во 33 циклуси исфрли 49 тони вода.

Скопје - Министерството за внатрешни работи по повод прославата на државниот празник 2 Август, кој традиционално се одбележува во Крушево информира дека поради изведување на градежни работи за санација на регионалниот пат Р-1306, делница: Прилеп - Крушево, истиот е затворен за сообраќај во делот од село Горно Коњари до село Кривогаштани.

За доаѓање на манифестација во Крушево на 1 и 2 август треба да се користат патните правци: Прилеп - Битола - по регионален пат Р1305 до Демир Хисар кон Крушево, и Кичево по регионален пат Р1305 до клучка Сладуево (Демир Хисар) по регионален пат Р1306 до Крушево.

Скопје - Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска, од 11:30, ќе ја продолжи амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година. Денеска е четврти ден од расправата. Согласно Деловникот, таа треба да заврши за шест дена. За ребалансот на Буџетот беа поднесени 58 амандмани, но во текот на расправата дел од нив беа повлечени од предлагачите. Комисијата досега не прифати ниту еден амандман, а во изминативе три дена разгледа и одби вкупно 37 амандмани. 

Според очекувањата на владејачкото мнозинство, ребалансот треба да биде усвоен во втората недела од август. 

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето на почетокот на расправата за ребалансот на Буџетот посочи дека тој е скроен согласно затекнатите состојби во Буџетот и дека се обезбедени средства за се она што треба да се исплати согласно закон.

Охрид – Фестивалот „Охридско лето“ во втората половина од годинешната програма влегува со Романската вечер и избрана музичка програма наречена „Од Букурешт до Мадрид“ во изведба на уметниците Ирина Муртезану на виолина и Даниел дел Пино на пијано.

Романската виолинистка Ирина Мурезану и шпанскиот пијанист Даниел Дел Пино го претставуваат возбудливото музичко патување „Од Букурешт до Мадрид“ инспирирано од нивното лично културно наследство. Како што кажува насловoт, репертоарот музички и географски го следи патот кој води од едниот до другиот град со попатни станици во Унгарија, Австрија, Германија и Франција кои се претставени со делата на значајни композитори од овие земји.

Музичкото партнерство на ова дуо започнува на престижниот фестивал за музика во Њупорт во 2019 година, и од тогаш тие заеднички настапуваат во салите низ САД и Европа. Двајцата уметници имаат завидни солистички кариери, а заедно на подиумот на стандардниот репертоар му носат свежа и моќна енергија. Ирина Мурезану и Даниел дел Пино ги поврзува и заедничкиот интерес да креираат програми кои се музички комплексни, но истовремено подеднакво интересни и едукативни за публика од сите возрасти.

Крушево - Со низа свечености денеска во Крушево почнува чествувањето на 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република. Синоќа во крушево пристигнаа коњаниците од сите страни на Македонија.

Денеска од 10 часот делегации ќе ги посетат Спомен куќата на Смилевскиот конгрес и споменикот на Дамјан Груев, каде ќе се поклонат и ќе положат свежи цвеќиња.

Во 18,45 часот во центарот на Крушево, пред црквата „Свети Никола“ ќе бидат пречекани коњаниците од цела Македонија. Традиционално, крушевчани ќе ги пречекаат поддржувачите на традициите од Илинденските денови со леб и сол.

Скопје- Времето денеска ќе биде сончево и топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 33 до 39 степени. УВ-индекс 9.

Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во Скопје сончево и топло со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 38 степени.

В петок и во деновите од викендот во попладневните часови наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а локално ќе има услови за појава на невреме со силен ветер и град. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер и дневната температура ќе опадне за неколку степени.

Техеран - Тројца ирански претставници објавија дека врховниот лидер на земјата, ајатолахот Али Хамнеи, наредил директен напад врз Израел поради убиството на водачот на милитантната група Хамас, Исмаил Ханија.

Ајатолахот Хамнеи денеска во Техеран ќе ја предводи погребната церемонија на лидерот на политичкото крило на Хамас.

„Њујорк Тајмс“ пишува дека тројцата официјални претставници, вклучително и двајца членови на Револуционерната гарда, кои побараа имињата да не им се објавуваат затоа што не биле овластени да зборуваат јавно, посочиле дека иранскиот лидер ја издадал наредбата на вонредниот состанок на Врховниот совет за национална безбедност, одржан вчераутро, непосредно откако Иран соопшти дека Ханија е убиен.

Иран и Хамас го обвинија Израел за атентатот.

Политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, беше убиен вчераутро во Техеран, каде што присуствуваше на инаугурацијата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

Њујорк – На итната седница, оддржана ноќеска, Советот за безбедност на ОН повика на зголемени дипломатски напори за спречување на поширока војна на Блискиот Исток, по убиствата на водачите на милитантните групи Хамас и Хезболах.

Кина, Русија и Алжир синоќа го осудија убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, што иранскиот амбасадор во ОН го нарече терористички чин, додека САД, Обединетото Кралство и Франција посочија дека Иран ги поддржува дестабилизирачките актери во регионот.

-Се плашиме дека регионот е на работ на сеопфатна војна, рече заменик-претставникот на Јапонија во ОН, Шино Мицуко, и ја повика меѓународната заедница да спречи таков конфликт.

Кинескиот амбасадор во ОН, Фу Конг, изјави дека неуспехот да се постигне прекин на огнот во Газа е одговорен за влошување на тензиите, пренесуваат британските меидуми.

Вашингтон - Тројца мажи обвинети дека помогнале во планирањето на терористичките напади на 11 септември 2001 година во САД, вклучувајќи го и наводниот организатор Халид Шеик Мохамед, склучија спогодби за признавање вина што ќе им овозможи да ја избегнат смртната казна, пренесе „Њујорк Пост“ повикувајќи се на неименувани извори.

„Управата за свикување на воени комисии склучи предсудски спогодби со Халид Шеик Мохамед, Валид Мухамед Салих Мубарак Бин ‘Аташ и Мустафа Ахмед Адам ал Хавсави, тројца кообвинети во случајот 11 септември кој се одржува во заливот Гвантанамо“, потврди портпаролот на Канцеларијата за воени комисии (ОМЦ).

Обвинетите за тероризам ќе бидат поштедени од смртна казна како дел од спогодбата за признавање вина.

ОМЦ наведе дека конкретните услови и одредби на предсудските спогодби не се веднаш достапни.

Договорите треба да бидат официјално објавени денеска, а изрекувањето на пресудите ќе се одржи во заливот Гвантанамо.

Вашингтон - Украина ги доби првите суперсонични повеќенаменски борбени авиони Ф-16 што ги бара со месеци за да се спротивстави на руските ракетни напади, потврди американски претставник за американските медиуми.

Киев со месеци бара од своите западни сојузници авиони Ф-16, тврдејќи дека тие се потребни за соборување на проектилите што се истрелуваат од Русија врз украинска територија.

Авионите Ф-16 се специјализирани за потиснување на противвоздушната одбрана на непријателот. Западот не сакаше да го снабдува Киев со овие авиони, плашејќи се дека вооружувањето на Украина со напредно оружје дополнително ќе ја ескалира војната со Русија.

САД, исто така, обучуваат украински пилоти да летаат со Ф-16. Првата група пилоти успешно ја заврши обуката.

Вашингтон- Белата куќа не смета дека ескалација на конфликтот е неизбежна по убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, и соопшти дека сè уште работи на постигнување прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и Газа.

На редовниот дневен брифинг со новинарите, портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека е прерано да се каже дали најновите случувања на Блискиот Исток ќе влијаат на изгледите за договор за прекин на огнот.

Тој додаде дека американскиот претседател Џо Бајден бил информиран за настаните на Блискиот Исток, пренесуваат британските медиуми.

Белата куќа, меѓутоа, оценува дека израелските напади во кои беа убиени командантот на Хезболах во Бејрут и политичкиот лидер на Хамас во Техеран не помагаат во намалувањето на регионалните тензии, иако нема знаци дека е неизбежен поширок конфликт, пренесоа француските медиуми.

Каракас - Венецуелскиот претседател Николас Мадуро синоќа изјави дека побарал од Врховниот суд да ги потврди резултатите од претседателските избори на кои тој тврди дека победил, а кои опозицијата ги оспорува, а имало и барања од ширум светот за да објават деталните резултати од гласањето.

Американските медиуми пренесуваат дека Мадуро им изјавил на новинарите дека владејачката партија е подготвена да ги објави точните резултати од гласањето, што досега не го направила иако изборите се одржаа викендов.

Француските медиуми ги пренесуваат тврдењата на лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо дека во протестите поради спорната победа на Мадуро загинале 16 лица.

Мачадо ја осуди „суровата и репресивна ескалација“ на која прибегна владата на Мадуро во Венецуела.

Конакри - Поранешниот претседател на западноафриканската држава Гвинеја, Муса Дадис Камара, денеска беше прогласен за виновен за злосторства против човештвото затоа што надгледувал масакр на стадион и масовно силување на продемократски демонстранти пред 15 години.

Судењето на поранешниот претседател, капетанот Муса Дадис Камара, како и на 11 други, вклучувајќи го и поранешниот шеф на претседателската гарда, владини министри и безбедносни службеници, се сметаше за тест за регионот во повикувањето на одговорност на воените владетели.

Камара е осуден на 20 години затвор, додека поручник Абубакар Диаките, поранешен шеф на претседателската гарда, е осуден на 10 години.

Судијата прогласи виновни уште шестмина обвинети и ослободи четворица, меѓу кои и поранешниот министер за здравство, пишува Њујорк Тајмс.

-Муса Дадис Камара е прогласен за виновен за злосторства против човештвото врз основа на командна одговорност, рече судијата Ибрахима Сори Втори Тункара.

Париз – Кина го презеде водството според освоени медали по петтиот натпреварувачки ден на Олимписките игри во Париз кој го одбележа првиот светски рекорд во пливање, а го постави Кинезот Пан Жанле на 100 метри слободно (46:40 секунди).

Кинеските олимпијци ја предводат листата медали со освоени девет златни, седум сребрени и три бронзени одличја. Следуваат Франција и Јапонија со по осум златни медали.

На петтиот натпреварувачки ден беа поделени 18 комплети медали во 18 различни спортови.

 

Остани поврзан