• сабота, 18 мај 2024
МИА Радио флеш

15 април 2024

 - Техничкиот премиер Талат Џафери денеска ќе присуствува и ќе се обрати на Меѓународниот форум за жени, мир и безбедност во Приштина, Република Косово. По завршување на форумот, Џафери ќе се сретне со Вјоса Османи Садриу, претседателка на Република Косово и со Бајрам Бегај, претседател на Република Албанија.

 

- Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески ќе учествува на регионалната конференција „Локален, регионален и ЕУ раст 2024“ што се одржува во Нови Сад, во организација на Центарот за регионални економски истражувања и анализи. Азески, како што соопшти денеска Стопанската комора, ќе говори на панел-дискусијата „Бизнис лидерите имаат збор“ каде ќе се даде оценка за досегашната имплементација на политиките за подобрување на регионалната поврзаност, но и ќе се дебатира како да се обезбеди економско приближување на нашиот регион со ЕУ.

 

 - Народната банка информира дека е изработена нова веб услуга за автоматизирано преземање на податоците од курсната листа, којашто може да се користи паралелно со старата. Старата веб-услуга, како што информира Народната банка, ќе биде достапна на веб-страницата до крајот на мај годинава и дотогаш сите корисници треба да почнат да ја употребуваат новата веб-услуга. - Деловните банки веќе се префрлија на новата апликација и  автоматизирано ја читаат Курсната листа секој ден. Оваа апликација на Народната банка за Курсната листа и за курсевите за државните органи е изработена со нови современи алатки и е достапна на следнава врска: https://www.nbrm.mk/web-servis-novo.nspx , на која има и упатство за корисниците за нејзиното користење, велат од централната банка.

 

 -  Репортери без граници (РСФ), меѓународна невладина организација фокусирана на заштитата на новинарите и правата и слободите на медиумите, до крајот на неделата ќе поднесе извештај за Србија до Европската комисија (ЕК), изјави за Гласот на Америка, Павол Салај - нејзин претставник задолжен за Европската Унија и за државата. Слободата на медиумите и изразувањето е една од областите што се оценуваат при евалуација на применетите реформи на земјата кандидат на патот кон членство во Европската Унија.

 

 - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Владата на Србија треба да се избере во следните 10 до 15 дена.Тој за Радио телевизија на Србија (РТС) изјави дека би сакал Велигденските празници да се прославуваат со новата влада, пренесе Бета. Тој додаде дека во неа ќе има и нови министри, како и дел од оние кои веќе биле, додавајќи дека е задоволен од работата на претходната влада. Вучиќ, зборувајќи за набавката на авионите Рафал, рече дека тие се исклучително скапи, дека малку земји можат да си ги дозволат. Тој исто така додаде дека медиумите во регионот пишуваат негативно за таа набавка и дека се наведува дека Србија ја нарушува стабилноста во регионот со набавка на авионите, а таков текст не бил објавен кога „Хрватите ги набавиле“. 

 

 – За последните случувања во регионот со ескалација на кризата и општите негативни последици што произлегуваат, особено во мигрантското прашање, телефонски разговарале претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како што соопшти портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, јави дописничката на МИА од Атина. Христодулидис и фон дер Лајен разговарале и за можноста за обезбедување на дополнителен пакет финансиска поддршка за Либан за справување и со економските проблеми и за управување со миграцијата и се договориле заедно го посетат Либан. Станало збор и за зголемениот број бегалци од Сирија кои по морски пат пристигнуваат на Кипар, што доведе кипарската Влада да одлучи прекинување на разгледувањето на барањата за азил за сите лица со сириско потекло и било договорено оваа тема да се разгледа и на претстојниот Европски совет на 17 и 18 април.

 

- Франција ќе направи се што е во нејзина моќ за да се избегне понатамошна ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран на Блискиот Исток, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон. Тој го повика Израел да се воздржи од каков било одговор. „Загрижени сме поради можна ескалација“, изјави Макрон за француски медиуми. Иран истрела стотици беспилотни летала и балистички проектили врз Израел во текот на ноќта во саботата како одговор на наводниот израелски напад врз иранскиот конзулат во Сирија на 1 април. „Ќе направиме се што можеме за да избегнеме ситуација што ќе се разгори, ќе ескалира“, рече Макрон, повикувајќи го Израел да се обиде да го изолира Иран наместо да ја ескалира ситуацијата.

 

– Една од главните теми во кулоарите на институциите на ЕУ изминативе недели е именување на германскиот европратеник Маркус Пипер за европски претставник за мали и средни претпријатија.  Пипер е малку познат во пошироката јавност, но важи за многу влијателен во редовите на неговата Христијанско демократска унија (ЦДУ). Духовите се разбрануваа затоа што најавата за именувањето на Пипер на новата должност дојде само неколку дена пред ЦДУ да ја објави својата поддршка за кандидатурата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за втор мандат на оваа функција, како т.н. шпиценкандидат на десноцентристичката Европската народна партија (ЕПП). 

 

- Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон го повика Израел да не возвраќа по иранскиот напад со беспилотни летала и ракети и рече дека потегот на Техеран речиси целосно пропаднал. Според Камерон, фокусот треба да остане на постигнување договор за прекин на огнот во Појасот Газа. „Доколку сте во Израел утрово, сосема со право мислите дека имате целосно право да одговорите на ова и тие (Израел) го имаат тоа. На многу начини, ова е двојна загуба за Иран. Нападот речиси целосно пропадна и тие му открија на светот дека тие се лошото влијание во регионот кои се подготвени да го направат тоа. Затоа се надеваме дека нема да има одмазда“, додаде Камерон. 

 

- Во Окружниот суд на Менхетен во Њујорк денеска почнува судењето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и тоа ќе биде прво судење на американски претседател во историјата. Доналд Трамп е обвинет за фалсификување деловни документи кога и платил на порно актерката Сторми Даниелс, преку својата адвокатка, 130.000 долари за таа да не зборува јавно за нивната наводна афера. Трамп ги отфрли сите обвинувања и ги оцени како политички мотивирани.

Остани поврзан