• сабота, 27 јули 2024
МИА Радио флеш

17 мај 2024 

-Претседателот на ДИК Александар Даштевски и членовите на ДИК Радица Ристеска, Оливер Ристовски, Борис Кондарко, Бобан Стојаноски и Абдуш Демири денеска преку соопштение изразуваат загриженост за, како што велат, настаните кои во јавноста се продуцирани од изјави на политички партии и носители на високи владини функции, кои се однесуваат на работата на ДИК за постапувањето по приговорите за парламентарните избори. - Ве известуваме дека покрај тоа што сме лично понижувани и навредувани, исто така како членови во највисоката институција за организирање и спроведување на изборите, сме изложени и на неосновани и непримерени јавни политички притисоци и на закани за кривична одговорност поради донесените одлуки на ДИК, се вели во реакцијата. Следејќи го контекстот и интензитетот на нападите, прозивките и навредите, како што наведуваат, исто така сме загрижени и дека е можно да преминат и во лични напади на нашата сигурност.

-Германското Министерство за надворешни работи на платформата „X“ нагласи дека сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ и оти e важно земјата во моментов да продолжи со уставните измени.  -Сакаме да ја видиме Северна Македонија во ЕУ. Државата иницираше важни реформи за да го постигне тоа и мора да продолжи по тој пат. Особено е важно за Северна Македонија сега да ги започне уставните измени, се наведува во постот на германското МНР, кој е објавен со фотографија од министрите за надворешни работи на двете држави, Бујар Османи и Аналена Бербок. Mинистерот за надворешни работи Османи денеска се обрати на 133. сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа во Стразбур, при што ја подвлече улогата на мултилатерализмот при справување со тековните многубројни предизвици.

-Од Истражниот затвор Скопје до Основниот кривичен суд Скопје е доставно официјално известување за екстрадиција на осомничениот Љ.П., за кој веќе е определна мерка притвор од негово пронаоѓање, односно лишување од слобода, како и барање за ангажирање на адвокат кој ќе го застапува во текот на постапката. Како што информира денеска Основен кривичен суд Скопје, Судот, во рамки на законските одредби ги издава сите дозволи поврзани со истражната постапка, која е во надлежност на Основно јавно обвинитeлство – Скопје и добиените барања ги доставува до предложените адвокати за нивно понатамошно постапување. - Дополнително, судија на претходна постапка во координација со надлежниот Јавен обвинител, ќе издаде наредба за спровод на осомниченото лице за негово произнесување во однос на околностите во предлогот на Јавниот обвинител за определување на мерката притвор, а за донесеното решение јавноста ќе биде известена, се вели во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.

-Министерството за внатрешни работи информира дека денеска полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР и Единицата за интервентна полиција на СВР Скопје го завршија процесот на екстрадиција на Бесим Красниќи (44) од Косово во Република Северна Македонија. Како што посочуваат од МВР, Красниќи се бараше со меѓународна потерница по наредба на Основниот кривичен суд Скопје за издржување на казна затвор за сторени кривични дела разбојништво, тешки дела против општата сигурност и казнување за  подготвување во врска со кривично дело тероризам. Од Министерството наведуваат дека лицето е спроведено во КПУ Идризово.

-Судската власт е самостојна и независна. Секое мешање во судството и во судската власт носи со себе сериозна опасност по демократијата, правната сигурност и владеењето на правото, велат од Судскиот совет на најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски дека нивна цел е да го распуштат Судскиот совет и самите судии и обвинители преку тајно гласање да ги избираат своите преставници во Советот. - Судскиот совет не се впуштa во коментирање и оценка на предизборни програми и ветувања на која било политичка партија, затоа што тоа е крајно несоодветно. Единствено, Судскиот совет укажува дека судската власт како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна. Овој факт не го користиме како флоскула и одбранбен механизам. Мора да биде јасно и сите да бидат свесни дека секое мешање во судството и генерално во судската власт на кој било од носителите на другите две власти, носи со себе сериозна опасност за едно демократско општество, правната сигурност и владеењето на правото, како вредности, стандарди и врвни приоритети кон кои како држава се стремиме на патот кон ЕУ, велат од Судскиот совет.

- „Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое утре ќе се одбележи 18 Мај - Меѓународниот ден на музеите, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година. На овој ден, како што соопшти Министерството за култура, музеите во земјава традиционално овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.

-Кабинетот на германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмаер потврди во изјава за порталот „Газета експрес“ дека тој, во телефонскиот разговор со неговата косовска колешка, Вјоса Османи нагласил дека за зачленување на Косово во Советот на Европа потребни се конкретни чекори во правец на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) во Косово. Во изјавата за приштинскиот портал се вели дека претседателот Штајнмаер ја истакнал поддршката на Германија за евроинтеграциите на Косово, за апликацијата на Косово во Советот на Европа, за значењето на продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ, како и за целосна имплементација на Охридскиот договор.

-Словачкиот премиер Роберт Фицо повторно е опериран, а неговата состојба се уште е сериозна, изјави денеска на прес-конференција словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак. -Фицо денеска повторно беше опериран. Неговата состојба се уште е сериозна, но премиерот е свесен. Словачката влада функционира нормално, рече Калињак, пренесува ТА3. Директорката на Универзитетската болница „Рузвелт“ во Бањска Бистрица, Миријам Лапуникова, изјави дека Фицо се уште е на Одделението за интензивна нега, додавајќи дека лекарите му го извадиле мртвото ткиво на премиерот. Словачката влада денеска соопшти дека по обидот за атентат врз премиерот Фицо во медиумите се појавија многу неточни и погрешни информации, па дури и по вчерашната прес-конференција на членовите на владата и безбедносните сили.

-Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека целта на руската офанзива во регионот Харков во Украина е да се создаде тампон зона, но не и да се освои главниот град на регионот, пренесе Бета. Путин во кинескиот град Харбин, каде што се наоѓа во официјална посета, изјави дека нападот на руските сили врз регионот Харков е одговор на украинското гаѓање на рускиот пограничен регион Белгород. -Јавно кажав дека доколку така продолжат ние ќе бидеме принудени да создадеме безбедносна, санитарна зона, рече рускиот претседател. Путин оцени дека руската армија „секојдневно постигнува резултати“ во битките во областа Харков, дека „напредува според планот“ и дека засега Русија не планира да го окупира Харков.

-Израел денеска пред Меѓународниот суд на правдата (ИЦЈ) ја бранеше офанзивата врз Рафа, истакнувајќи дека дејствува во самоодбрана против борците на Хамас и побара од судијата да го отфрлат барањето на Јужна Африка да се нареди повлекување од Појасот Газа.ретставникот на израелското Министерство за правда Гилад Ноам го оцени случајот на Јужна Африка, кој го обвинува Израел за кршење на Конвенцијата за геноцид како „целосно одвоена од фактите и околностите“. ЈАР вчера побара од ИЈЦ да му нареди на Израел да ја прекине воената операција во Појасот Газа и веднаш да ги повлече трупите од енклавата.

-Претставничкиот дом на САД усвои нацрт-закон со кој ќе се санкционира администрацијата на претседателот Џо Бајден доколку продолжи да ја блокира испораката на оружје за Израел за војната во Газа. Предлог-законот беше одобрен синоќа со 224 гласа „за“ и 187 „против“, а доколку помине и во Сенатот, ќе го намали буџетот на Министерството за одбрана, Стејт департментот и Советот за национална безбедност доколку Бајден не ја испорача стопираната пратка. Законот, чиј текст ја осудува одлуката на Бајден да ја блокира испораката на бомби во Израел, беше поддржан од 16 членови на Демократската партија.

Остани поврзан