• четврток, 29 август 2024
МИА Радио флеш

26 јули 2024

- Претседателката Гордана Сиљановска Давкова годинава 2 Август - Денот на Републиката ќе го одбележи во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, каде ќе одржи говор, а потоа, како што веќе најави заедно со нејзиниот српски колега Александар Вучиќ ќе го посетат манастирот Прохор Пчински.

Сиљановска Давкова на почетокот на неделава оствари телефонски разговор со Вучиќ и, како што информираа од нејзиниот Кабинет, договорено е двајцата претседатели на Илинден зеднички да го посетат манастирот Св. Прохор Пчински и да ја одбележат 80. годишнината од одржувањето на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).

- Јавното обвинителство денеска соопшти дека во рамки на предмет против врховен судија и при анализа на неговиот телефон добиени се сознанија што упатуваат на друго можно кривично дело поради што вчера е извршен претрес во Академијата за судии и јавни обвинители. 

- Во рамки на предмет против врховен судија, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција при анализа на телефонот на осомничениот дојде до сознанија што упатуваат на можно сторување на друго кривично дело. Како резултат на тоа, предметниот обвинител со цел да ги испита ваквите индиции оформи предмет со кој достави барање до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје за одземање на два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видео запис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата, се вели во денешното соопштение од ЈО.

- По одлуката на хрватската Влада за зголемување на платите на највисоките државни претставници, Андреј Пленковиќ ќе биде помеѓу најплатените премиери во Европска Унија.

Хрватските медиуми објавија дека бруто-плата на Пленковиќ од следниот месец ќе изнесува 9.367 евра, тоа е за 2.274 евра повеќе од досега и 1,7 пари повеќе од сегашната просечна нето-плата во Хрватска. Премиерот со ова ќе добие зголемување во висина на една просечна нето-плата плус дополнителни 950 евра.

- Вкупно 22 грчки плажи во различни делови на земјата, од кои четири на Крит и три на Халкидики ја загубија меѓународната награда за квалитет „Сино знаме“ и се повлечени од националната и меѓународната листа за 2024 година бидејќи или не се организирале правилно за овогодишната сезона или не ги исполниле строгите критериуми на програмата, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Грчкото друштво за заштита на природата, што воедно и националниот оператор во меѓународната програма „Сино знаме“ соопштија дека според нивните оценки и соодветните процедури, по ненајавени посети на плажите констатирале недостатоци во почитувањето на критериумите што се однесуваат на: услугите за капачите и посетителите (вклучувајќи ги и лицата со инвалидитети), хигиената, точни информации, безбедност на капачите и посетителите, правилно управување со животната средина, како и зафаќање слободен крајбрежен простор.

- Албанската влада го предложила министерот за Европа и надворешни работи Игли Хасани за генерален секретар на ОБСЕ.

Информацијата, според албанските медиуми, ја објави „Security and Human Rights Monitor“ каде што се нагласува дека за оваа функција има уште четворица кандидати.

- Топлотниот бран што од 8 до 23 јули ја зафати Грција со времетраење од 16 дена е најдолгиот регистриран во земјата, надминувајќи го ланскиот рекорд од 15 последователни дена со екстремно високи температури, согласно податоците од националната опсерваторија и порталот Метео, јави дописничката на МИА од Атина.

Оваа година, за време топлотниот бран над 100 метеоролошки станици во земјата регистрирале максимални температури од 37 степени во 16 последователни дена.

- Нападите со предизвикани пожари врз голем дел од француската брза железничка мрежа се координирани акти на „саботажа“, изјави за француски медиуми извор близок до истрагата.

Нападите биле „очигледно координирани“, рече изворот откако железничкиот оператор SNCF објави дека биле жртва на „напад од големи размери за парализирање на мрежата TGV“.

- Во серија експлозии во шест магацини за пиротехнички материјал во близина на главниот град на Бугарија, Софија загина едно лице, а друго е повредено, изјави денеска министерот за внатрешни работи Калин Стојанов. Две други лица (на возраст 22 и 60 години)се водат како исчезнати. Експлозиите – од кои првата беше регистрирана синоиќа - во градот Елин Пелин во близина на Софија предизвикаа голема тревога при што властите евакуираа 150 луѓе. Местото на инцидентот го надлетува воен хеликоптер. Истрагата ја води Окружното обвинителство на Софија.

- Француската прехранбена компанија „Гурме“ поднесе барања до пет служби задолжени за безбедност на храната, меѓу кои и до Европската управа за безбедност на храната (ЕФСА), за добивање овластување за продажба на паштети од гускино месо произведено во лабораторија. 

Компанијата, чие седиште е во Париз, денеска соопшти дека покрај до ЕФСА, поднела барања и до управите за безбедност на храната на Велика Британија, Сингапур, САД и Швајцарија, за дозвола за продажба на своите производи од гускино месо добиено од клетки во лабораториски услови, кои ќе биде „нов извор на задоволство за љубителите на паштети“. 

 

Остани поврзан