Од мобилниот телефон на врховен судија против кого е отворен предмет добиени сознанија за друго можно кривично дело
- Јавното обвинителство денеска соопшти дека во рамки на предмет против врховен судија и при анализа на неговиот телефон добиени се сознанија што упатуваат на друго можно кривично дело поради што вчера е извршен претрес во Академијата за судии и јавни обвинители.
Скопје, 26 јули 2024 (МИА) - Јавното обвинителство денеска соопшти дека во рамки на предмет против врховен судија и при анализа на неговиот телефон добиени се сознанија што упатуваат на друго можно кривично дело поради што вчера е извршен претрес во Академијата за судии и јавни обвинители.
- Во рамки на предмет против врховен судија, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција при анализа на телефонот на осомничениот дојде до сознанија што упатуваат на можно сторување на друго кривично дело. Како резултат на тоа, предметниот обвинител со цел да ги испита ваквите индиции оформи предмет со кој достави барање до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје за одземање на два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видео запис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата, се вели во денешното соопштение од ЈО.
Во текот на вчерашниот ден, припадници на Одделот за крим полиција и Одделот за сузбивање на организиран криминал постапиле по наредбата на судијата и ги обезбедиле бараните предмети.
Вчера попладне во Академијата за судии и јавни обвинители се вршеше претрес, а од МВР информираа дека се одземени електронски податоци од компјутерските системи, мобилни телефони и досиеја од веќе избрани судии и обвинители.
Во мај годинава беше приведен врховниот судија Наќе Георгиев за примање поткуп по што Судскиот совет му го одзема имунитетот и го одобри притворот. мд/бак/
Фото: МИА архива