• сабота, 27 јули 2024
МИА Флеш

17 мај 2024

- Во следните денови времето ќе биде значително потопло, но во попладневните часови наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со силен ветер, интензивен пороен дожд и изолирана појава на град, информира УХМР.

И во Скопје следните денови ќе биде сончево и топло, но попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи и со услови за краткотрајно невреме.

– Педесеттина експерти на правната наука, ректори, декани, претседатели на еснафските правнички комори, професори, доценти, докторанти од правните факултети во земјата и странство учествуват на 10-тата јубилејна Меѓународна научна конференција „Предизвиците на правото во 21 век“ што во организација на Институтот „IURIDICA PRIMA“ од денеска се одржува во Охрид.

На собирот ќе бидат презентирани неколку десетици трудови на темата и актуелни прашања од областа на правото, а се очекува преку размена на нови знаења од споредбеното право, добрите искуства и практики да произлезат аргументирани предлози за подобрување на постојните законски решенија и реформите што претстојат во насока на хармонизација на националното со правото на Европската унија, постигнување на поголема правна сигурност во правните односи и владеењето на правото во целина.

- Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи се обрати на 133. сесија на Комитетот на министри на Совет на Европа во Стразбур, при што ја подвлече улогата на мултилатерализмот при справување со тековните многубројни предизвици.

-Покрај сите свои пропусти, мултилатерализмот останува единствениот начин да се мобилизира колективен одговор кон војни, кризи, вонредни ситуации и неспоредливи предизвици од различна природа. Советот на Европа останува суштински столб во тој поглед. Сепак, ние, земјите-членки ја носиме одговорноста за неговата ефикасност, истакна Османи.

- Претпазливата монетарна политика и макропрудентата политика, како и зголемената транспарентност на Народната банка одиграа клучна улога во одржувањето на макроекономската стабилност. Во првиот квартал од оваа година, инфлацијата беше сведена на едноцифрено ниво од 3,4 проценти, девизните резерви и натаму се зголемуваат достигнувајќи ниво коешто е повисоко за 30 проценти во однос на периодот пред пандемијата, а финансиската стабилност беше дополнително зајакната.

Ова, како што информираа денеска од Народната банка, било посочено на средбата меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Европа, Алфред Камер, на маргините на Конференцијата од високо ниво во организација на централната банка на Словенија и ММФ, што се одржува во Порторож, Словенија.

- Во Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов синоќа се одржа промоција на програмата Мастер предавања за претприемничка извонредност, поддржана од Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели (WBAF), партнер на Г20 Глобалното партнерство за финансиско вклучување.

Иванов и извршниот претседавач на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, Бајбарс Алтунташ пред присутните поддржувачи, пријатели и алумнисти на Школата зборуваа за соработката која во 2018 година е прогласена за најдобар општествено одговорен проект во Европа во 2017 година од Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

 – Белгискиот Универзитет во Гент (UGent) ги прекинува врските со три израелски образовни и истражувачки институции поради тоа што повеќе не се усогласени со политиката за човекови права на Универзитетот, изјави ректорот Рик Ван де Вале.

- Прекинати се врските со Технолошкиот институт Холон, Истражувачкиот институт МИГАЛ Галилеја и Центарот Волкани, што врши земјоделски истражувања. Во моментов ги оценуваме тие три партнери како (многу) проблематични според тестот за човекови права на Универзитетот во Гент, за разлика од позитивната оценка што ја дадовме на овие партнери на почетокот на нашата соработка, посочи Ван де Вале.

– Северна Кореја истрела најмалку една „неидентификувана балистичка ракета“, соопшти денеска јужнокорејската војска.

Северна Кореја истрела неидентификувана балистичка ракета во правец на Источното Море, наречено и Јапонско Море, соопшти началникот на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја.

Додека јапонската јавна телевизија НХК, повикувајќи се на државни извори, најверојатно проектилот бил со мал дострел.

- Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека Унгарија стави вето на резолуцијата на Советот на Европа со која се признава планот на претседателот на таа земја, Володимир Зеленски, како единствен предлог за мир во Украина.

„Советот и денеска сакаше да донесе резолуција со која сакаше да го признае мировниот план на претседателот Зенески како единствена мировна формула која треба да се разгледа и поддржи. Тоа за нас е неприфатливо. И други направија мировни планови што не полоши“, напиша Сијарто на Фејсбук.

- На Украина и треба повеќе оружје со долг дострел за да се бори против руското напредување во регионот Харков, каде ситуацијата на бојното поле е „многу драматична“, изјави денеска шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок.

На маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Советот на Европа во Стразбур, таа потенцира дека е важно да се прекинат руските патишта за снабдување и да ѝ се даде на Украина оружје „што може да се користи на средни и долги растојанија“.

Остани поврзан