• петок, 26 јули 2024
МИА Радио флеш

17 мај 2024 

-Претпазливата монетарна политика и макропрудентата политика, како и зголемената транспарентност на Народната банка одиграа клучна улога во одржувањето на макроекономската стабилност. Во првиот квартал од оваа година, инфлацијата беше сведена на едноцифрено ниво од 3,4 проценти, девизните резерви и натаму се зголемуваат достигнувајќи ниво коешто е повисоко за 30 проценти во однос на периодот пред пандемијата, а финансиската стабилност беше дополнително зајакната. Ова, како што информираат денеска од Народната банка, било посочено на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Европа, Алфред Камер, на маргините на Конференцијата од високо ниво во организација на централната банка на Словенија и ММФ, што се одржува во Порторож, Словенија.

-Во НУ Албански театар за деца и млади во Скопје утре вечер ќе се одржи премиера на престава за млади „Адамс Фемили“„ со адаптација и во режија на Теа Беговска. -Фамилија Адамс е приказна со која сите сме растеле и за поголемиот дел од публиката е веќе позната. Карактерите се препознатливи, многу атрактивни и предизвикувачки за креирање, како за актерите така и за режисерот. Оваа идеја за Фамилија Адамс за Теа Беговска постои повеќе од осум години и е среќна што Албанскиот Театар за деца и млади му даде шанса на овој проект да се реализира токму со ваква прекрасна екипа на актери. Имаме подела за карактерите која е полн погодок кај нас, се вели во соопштението за претставата.

- Меѓу 25 и 26,5 отсто е рејтингот на грчката владејачка партија Нова демократија во пресрет на европските избори на 9 јуни и е стабилна на првата позиција, со предност од 13 до 15 проценти пред опозициската СИРИЗА, според истражувањата на јавното мислење во Грција, спроведени од агенциите „MRB“ и „Pulse“ за грчките телевизии „Опен“ и „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина. Споредбено со европските избори во 2019 година, кога, Нова демократија победи со 33 отсто, СИРИЗА беше втора со 23,7 проценти, а ПАСОК освои 7,7 отсто, сега, првите две партии се со намален рејтинг, додека третата партија е во подобра позиција. На прашањето дали ќе гласаат на евроизборите, 74 отсто од анкетираните на едната и 83,5 проценти од другата анкета одговориле позитивно.

-Хрватскиот Сабор денеска ја избира новата влада на мандатарот Андреј Пленковиќ, која ќе брои 18 членови, меѓу кои и тројца министри од Движењето Татковина. Владата во Парламентот ќе ја претстави Пленковиќ, кому ова му е трет мандат по ред на чело на извршната власт. Покрај членовите на Владата од Движењето Татковина, од кои дел се поранешни членови на ХДЗ, извршната власт останува непроменета кога станува збор за личности. Во Програмата на новата влада од 2024 до 2028 година се истакнати пет приоритети - успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска.

-Европската унија смета дека нацрт-статутот на Заедницата на српски општини треба да биде претставен во дијалог, во согласност со релевантните договори, изјави портпаролот на ЕУ Петер Стано. Во изјава за Радио Слободна Европа тој нагласи дека Брисел не може да зборува за содржината на предлогот од Приштина, бидејќи тоа е непознато за европските институции, но предупреди дека тоа е прашање што треба да се реши во рамките на разговорите меѓу Белград и Приштина. Според енго, содржината на нацрт-статутот што го објави Приштина е непозната и дека за тоа не се разговарало со Србија и посредникот на ЕУ. 

-Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека се невозможни геополитичките проекти со НАТО и оти Москва нема доверба во Алијансата. - Геополитички дизајн од секаков вид со НАТО е невозможен. НАТО не е пандан способен за преговори, тоа е групација во која не само што немаме ни најмала доверба, туку ни предизвикува политички и, дури би рекол, емотивни одбивност, посочи Рјабков. Тој додаде дека Русија ќе работи со оние „кои се подготвени да преговараат на рамноправна основа“.

-Војската на Полска ја проширува доброволната програма за воена обука за граѓаните и воведува летни кампови, со цел да регрутира војници со скратено работно време во неизвесните времиња по руската инвазија врз Украина. - Првпат летово стартува програмата наречена „Одмор со армијата“, соопшти полското Министерство за одбрана. Мажите и жените на возраст од 18 до 35 години, кои имаат полско државјанство можат да се пријават за 27 дена основна воена обука во една од 70-те воени бази, за што ќе добијат плата од 1.520 долари. -Понудата првенствено е наменета за матуранти, но и за студенти и лица кои бараат работа за време на празниците. Воениот рок може да стане алтернатива на сезонската работа, се наведува во соопштението.

-Четири лица загинаа во Хјустон, во американската сојузна држава Тексас, во силно невреме што предизвика големи материјални штети и бројни проблеми во енергетскиот систем. За жал имаме четворица загинати, истакна градоначалникот на Хјустон, Дон Витмајер. Според него невремето оштети деловни објекти во центарот на градот, дека повеќе од 800.000 семејства останале без електрична енергија. Училиштата и факултетите во градот, кој има околу 2,4 милиони жители, денеска ќе бидат затворени. 

- Повеќе жени го обвинија американскиот илузионист Дејвид Коперфилд за сексуална злоупотреба. Настаните се случувале во распон од неколку десетлетија, објави британски „Гардијан“. Од 16 жени, некои биле и помлади од 18 години кога наводно се случило она што го тврдат. Коперфилд беше обвинет за недолично однесување и во 2018 година, кога жена по име Бритни Луис тврдеше дека тој ја дрогирал и сексуално ја нападнал три децении претходно. Натаму, три жени тврдат дека Коперфилд ги дрогирал пред секс. Настаните, според можните жртви, го опфаќаат периодот од доцните 1980-ти до 2014 година. Коперфилд (67) одрекува каква било злоупотреба и „никогаш не постапувал несоодветно кон никого, а не пак, кон малолетник“, нагласуваат неговите адвокати.

Остани поврзан