• четврток, 25 јули 2024
МИА Флеш

25 јули 2024

Скопје - Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска на продолжението на четвртата седница ја утврди Предлог - одлуката за избор на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците.

Претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски истакна дека согласно членовите 2 и 3 од Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците Комитетот го основа Собранието во рок од 60 дена од денот на неговото конституирање, а го сочинуваат 19 члена од редот на избраните пратеници при што седум члена се од редот на пратениците Македонци, седум од редот на пратениците Албанци, и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци. 

Скопје - Критериумите за вработување на приватните специјализанти биле во фокусот на денешниот состанок на министерот за здравство, Арбен Таравари, со Здружението на лекари специјализанти.

Како што информираше Александра Ѓорѓиева, претседателка на Здружение на лекари специјализанти, во изјава за МИА по денешниот состанок со министерот Таравари, разговарале за повеќе критериуми.

-Она што беше од суштинско значење, разговаравме со министерот за  критериумите за вработување кои би го вклучиле просекот, годината на специјализација, местото на живеење на специјализантот и типот на специјализација согласно потребите на јавно здравствените установи. Се надеваме на брза имплементација, рече Ѓорѓиева.

Средбата, според неа, била продуктивна и во позитивна атмосфера.

-Средбата штотуку ја остваривме со министерот за здравство, Арбен Таравари, беше продуктивна и во позитивна атмосфера. На средбата министерот образложи дека се обезбедени 300 согласности за вработување во текот на оваа година и дополнително ќе бидат обезбедени уште 300 согласности за вработување во текот на следната 2025 година. Со оглед дека вкупниот број на приватни специјализанти е околу 600, оваа мерка би опфатила активно вработување на сите колеги на приватна специјализација, образложи таа, нагласувајќи дека како Здружение сметаат дека ова е монументален исчекор.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска има средба со претставници на специјализантите кои ќе бараат одговори од него како ќе се спроведе планот на Владата за нивно вработување. Таравари утрово беше во посета на Детската клиника и притоа изјави дека негов приоритет било да најде решение за специјализантите и оти оваа година од вкупно 647 ќе бидат вработени 300, но за тоа ќе треба да бидат воспоставени критериуми.

-Јас сум многу среќен што успеав првиот месец да изнајдеме решение. По информација на Министерството тоа помина во Влада, од вкупно 647 специјализанти 300 ќе бидат вработени оваа година. Сега треба да поставиме критериуми и потоа да побараме кај има интерес во јавните здравствени установи и 300 други ќе останат за идната година. Во меѓувреме, следната моја заложба ќе биде да видиме и овие коишто подолг период, посебно, среден медицински персонал кои подолг период работат и немаат решение за работа да најдеме и за нив решение за до крајот на годината и тие да бидат редовно вработени, рече Таравари.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека има средства да се прошири позитивната листа со девет нови лекови, само се чека да се избере новиот Управен одбор на Фондот за здравствено осигрување.

-Има и пари, нема никаков проблем, само чекаме да се избере новиот Управен одбор. Значи, Управниот одбор се уште не е комплетиран. Инаку, од наша страна е испратено пред две недели со согласност од Фондот. Штом ќе има прва седница Управниот одбор на Фондот позитивната листа ќе ја промовираме заедно со директорот на Фондот за здравство, изјави Таравари на новинарски прашања по посетата на Детската клиника.

Според Таравари, не се спорни деветте лекови, тие се прифатени и оти нема да има некаква голема финансиска импликација, повторувајќи дека по 14 или 15 години ќе биде проширена позитивната листа и дека до крајот на годината може ќе има дополнување од уште неколку лекови.

Скопје - Три консултативни амбуланти, ехосонографски кабинет и два ЕЕГ кабинета, каде месечно се прегледуваат во просек по илјада пациенти, се реновирани на Клиниката за детски болести.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, при денешната посета на Клиниката за детски болести, информираше дека е комплетно реновирана невролошката амбуланта.

- Обновата на овој можеби најфреквентен дел од Клиниката за детски болести ќе резултира со значајно поефективна работа, задоволен персонал и квалитетна услуга за најмладите пациенти кои тука се третираат. Приоритет на Министерството за здравство е континуирано унапредување на условите за работа и инвестирање во современа дијагностичка апаратура. За таа цел, во изминатиот период е обезбеден нов апарат - ехосонограф, односно ултразвучен премиум колор доплер апарат, кој  овозможува квалитетна, навремена и точна дијагностика, потенцираше Таравари во рамки на посетата на оваа клиника.

Скопје - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска оствари средба со Микела Телатин, директорка на Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги - УНОПС, со која разговараше за проектот „Поддршката на Северна Македонија за пристапувањето во ЕУ“, финансиран од страна на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА), а имплементиран од УНОПС Скопје.

-Главната цел на проектот е ефикасен и ефективен процес на пристапување на земјата во Европската Унија, давајќи директна помош при подготовка на националната верзија на acquis, надградба на НПАА платформата, техничка помош за усогласување на законодавството со правото на ЕУ и јакнење на административните капацитети со ангажман на национални и меѓународни експерти за МЕП и за други институции (МЖСПП, МО, МП, МОН, Собрание и други), информираат денеска од Секретаријатот за европски прашања.

Скопје - Поради утврдени потенцијали ризици од употребата на мускулниот дел од желудникот на живината по здравјето на луѓето (можна контаминација со патогени - бактерии и вируси, присуство на токсини и друго), а со цел  обезбедување на висок степен на  заштита на јавното здравје и интересите на потрошувачите, Агенцијата за храна и ветеринарство ( АХВ) донесе решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник наменети за човечка исхрана, во производство на подготовки и производи од месо. Решението ќе почне да се применува од 1 август годинава. 

- Сите количини пилешки желудник кои се претходно увезени и складирани, операторите со храна треба да ги потрошат во рок од 60 дена од денот на отпочнување на примена на Решението. Со цел превенирање на можна злоупотреба на веќе увезените количини, во наредните два месеца, инспекциските служби на Агенцијата ќе спроведуваат засилени контроли во малопродажните објекти каде се продава месо, подготовки и производи од месо како и во месарниците и месните индустрии, информираат од АХВ.  

Одлуката за забрана за увоз на пилешки желудници АХВ ја донесе врз основа на резултатите на направената анализа на ризик од можни опасности по здравјето на граѓаните од консумација на овој тип внатрешни органи од живина и од резултатите од досега спроведените инспекциски контроли со кои е утврдена злоупотреба и измама на потрошувачите од страна на неколку месни индустрии.

Скопје - Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска изјави дека партијата се враќа во форма и дека кризата од изборите е минато. Тој нагласи дека изминатиот период има постојани средби со членови од партијата и оние коишто се активни, и оние коишто се незадоволни од одредени состојби.

Тој истакна дека периодов ќе биде фокусиран на средби и разговори со членството, раководствата од партијата, претседателите, извршните одбори. Најави дека во текот на летово ќе се формираат работни групи од кои дел ќе бидат сите членови на партијата без разлика дали се во моментов дел од партиските органи, со цел СДСМ да биде функционална, а сите партиски тела оперативни. 

Ќе почнат и подготовките за избор на нови делегати за конгресот на партијата, а тој процес Филипче очекува да заврши до октомври.

Гостивар – Амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој при денешната посета на општина Гостивар најави продлабочување на соработката и заеднички проекти кои би се реализирале во иднина.

На средбата со в.д градоначалникот Ваљбон Лимани била потврдена подготвеноста за активна и отворена билатерална соработка, а се разговарало и за развојни проекти.

Амбасадорот Улусој и градоначалникот Лимани оцениле дека досегашната соработката и партнерство кое Гостивар го има со збратимени општини од Турција, е на високо ниво и се заложиле за создавање поцврсти врски.

Кавадарци - Коњи учесници во Илинденскиот марш кои претходно биле пријавени за украдени во Скопје, пронајдени се во Кавадарци. Од СВР Велес денеска потврдија за МИА дека имаат евидентирано ваква пријава во кавадаречката полиција. 

-Денеска 25.07.2024 во ОВР Кавадарци, И.Т. од Скопје пријавил дека на ливада во близина на улица ,,Клинска" во Кавадарци, ги пронашле коњите кои биле ангажирани за учество во Илинденскиот марш, за кои претходно во Полициска станица Аеродром во Скопје, било пријавено дека се украдени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се вели во писмениот одговор од портпаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска.

Брисел - Европската комисија објави дека одлучила да поднесе тужба против Бугарија пред Судот на правдата на Европската унија поради бугарскиот закон за социјални услуги, кој одредува максимално времетраење од шест месеци за обезбедување на времени социјални услуги

Бугарскиот закон за социјални услуги е во спротивност со европското законодавство, објаснуваат од ЕК. Земјите од ЕУ не можат да постават максимален временски рок за привремени услуги. Концептот на привремено давање услуги се заснова на неколку различни индикатори, како што се времетраењето, редовноста, периодичноста или континуитетот на услугите. Државите не можат да бараат од економските оператори да основаат деловно место на нивната територија заради услуги, се додава во соопштението.

Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека првпат во земјата просечната плата ја надминала сумата од 100.000 динари односно 855 евра и оцени дека земјата е на одличен пат, јави дописникот на МИА од Белград.

Во видеопорака објавена на Инстаграм, Вучиќ кажа дека добил податоци за просечните плати за мај и дека просечната плата во главниот град е поголема од 1.000 евра.

- Во Белград просечната плата е 1.075 евра, во Нови Сад 982 евра, во Ниш 813 евра и се приближува до просекот, изјави претседателот на Србија.

Брисел - Полицијата во Белгија уапси седум лица денеска под сомнение дека подготвувале „терористички“ напад, соопштија федералните обвинители, додавајќи дека биле спроведени 14 рации ширум земјата.

„Засега нема детали за локациите или целите, но она што беше пронајдено нè наведува да веруваме дека се подготвувал напад“, изјави портпаролот на обвинителството, Арно д'Оултремон.

Амстердам - Холандија и Данска се подготвени да и достават на Украина 14 модифицирани тенкови Леопард 2, соопшти денеска холандското Министерство за одбрана. 

Во април минатата година Холандија и Данска најавија дека ќе купат тенкови од трета страна и ќе ги подготват за војната во Украина. 

- Тенковите се целосно модифицирани од германскиот производител на оружје „Рајнметал“, а по неколкумесечно тестирање се подготвени за испорака пред крајот на летото, соопшти холандското Министерство за одбрана.

Остани поврзан