• четврток, 25 јули 2024
МИА Флеш

24 јули 2024

Скопје – Министерството за внатрешни работи ќе ги процесуира сите постапки коишто ги има врз основа на докази и факти, за секој еден од оние коишто досега биле „недопирливи“ и чие што име и презиме не смеело ни да се каже во рамки на истражните органи, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по работниот состанок со Управувачкиот комитет за управување кризи.

Во врска со вчерашните обвинувања од страна на опозициската СДСМ за неговиот имот, Тошковски рече дека очекувал да биде нападнат од друга опозициска партија, со оглед на поднесената кривична пријава од страна на МВР против внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но, како што рече, СДСМ со ваквите обвинувања излегува заштитник и покровител на криминалите коишто ДУИ ги има сторено во минатото.

– Во текот на вчерашниот ден факт е дека бев нападнат од страна на една опозициона партија. Искрено очекував да бидам нападнат од една друга опозициона партија особено по она кое што се презема како процесни дејствија во понеделникот од страна на МВР, но жал ми е што СДСМ излегува заштитник и покровител на сите криминали коишто ДУИ ги има сторено во минатото. Сакам да најавам дека во иднина МВР врз основа на докази и факти ќе ги процесуира сите оние постапки коишто ги има за секој еден од оние коишто досега биле недопирливи и чие што име и презиме не смеело ни да се каже во рамки на истражните органи, а камо ли да се процесуира каква била постапка, рече Тошковски.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска имаше средба со претставничката на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија Џери Дајбл, на која беше реафирмирана американската поддршка во напорите за зајакнување на демократските практики и институции, зголемување на економскиот развој и подобрување на квалитетот на образованието во земјата.

Како што информира Министерството за европски прашања, министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната помош која Северна Македонија ја добива од САД преку програмите на УСАИД кои се фокусираат на промовирање на судските реформи и транспарентно владеење, унапредување на децентрализацијата, зајакнување на економската конкурентност, промовирање на енергетската ефикасност, креирање политики за усогласување со регулативите на ЕУ и други значајни реформски области.

- Присуството на УСАИД во нашата земја е од витално значење во остварувањето на нашите стратешки приоритети - членството во ЕУ, посочи Муртезани на средбата.

Скопје - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска оствари работна средба со амбасадорот на Чешката Република во Северна Македонија Јарослав Лудва.

Кaко што информира Министерството за економија и труд, на средбата беше констатирано дека има позитивен развој на билатералните односи меѓу двете земји и можности за понатамошно унапредување.

Министерот Дурмиши го информирал амбасадорот дека со реорганиацијата на институциите Министерството за економија и труд има нови надлежности, за што фокус на работа освен поддршката за домашниот бизнис и подобрување на деловната клима, ќе биде и подобрување на пазарот на труд.

Скопје - Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во соработка со Шпаркасе Банка обезбеди финансиска поддршка за компанијата „Макпрогрес“ од Виница. Кредитот ќе ги поддржи потребите на компанијата за обртен капитал и ликвидност како одговор на зголемената побарувачка. 

Како што информираа денеска од ЕБОР, одобрено е кредитно финансирање до два милиона евра преку Шпаркасе банка, која е партнер банка на ЕБОР, од кои ЕБОР ќе гарантира до 50 проценти од износот на кредитот преку Програмата за споделување ризик. 

- Овие средства ќе се искористат за поддршка на потребите на Макпрогрес за обртен капитал и потребите за ликвидност како одговор на зголемената побарувачка со која се соочува компанијата. Проектот ќе продолжи и со поддршката на новоизградениот мултидисциплинарен едукативен центар на компанијата, кој обезбедува акредитирани тренинг програми и признаена сертификација на пазарот на трудот во регионите каде овој тип на можности се помалку застапени, изјавила претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо.

Берово - Локализиран пожарот кој вчера попладне избувна во месноста Безгашчево, атар на село Русиново. Во акцијата за гаснење како што информираа од подружницата на Навионални Шуми, учествувале повеќе екипи со поддршка на локалното население.

-На 23 јули 2024 година, во месноста Безгашчево, атар на село Русиново, Беровско, е пријавен шумски пожар од страна на дежурна екипа од подружницата Малешево-Берово, во попладневните часови. Од страна на службата за заштита на подружницата на Национални Шуми Малешево-Берово, ТППЕ Берово, локалното население и вработените од фирмата ДАЕЛ ТРАНС веднаш е реагирано и пожарот е локализиран и ставен под контрола, информираа од Национални Шуми.

Апелираа населението активно да се вклучи во чување на шумите од пожари. 

Скопје - На 22.07.2024 во 23.45 часот, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид ги лишија од слобода Т.М.(19), А.С.(18), Т.Ч.(28), Д.А.(23), К.С.(20), А.С.(18), Х.П.(18) и двајца малолетници, сите од Скопје.

-При претрес во камп приколка во автокамп на брегот на Охридското Езеро, која ја користеле, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени 23 пакувања со бела грутчеста материја, повеќе метални кутии со бела грутчеста материја, марихуана и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело, информираат од МВР.

Судија на претходна постапка при Основниот суд во Охрид на полнолетните лица им одреди мерка притвор во траење од 30 дена, а по целосно документирање на настанот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Брисел - Земјите членки на ЕУ во целина се многу подобро подготвени да ги детектираат, спречат и да се справат со новите предизвици поврзани со владеењето на правото отколку пред пет години, се наведува во Извештајот за владеење на правото за 2024 година на Европската комисија, во кој годинава првпат има и четири поглавја посветени на случувањата во Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија.  

- Вклучувањето на овие четири најнапредни земји во процесот на проширување во Извештајот за владеење на правото ќе ги поддржи нивните реформски напори, ќе им помогне на властите да постигнат понатамошен напредок во процесот на пристапување и да се подготват за продолжување на работата на владеењето на правото како идни земји членки, посочи Еврокомисијата. 

Во овој петти годишен Извештај за владеење на правото, Комисијата денеска прави преглед на случувањата во владеењето на правото во земјите опфатени со него, како придонес за издржливоста на европските демократии, взаемната доверба во ЕУ, за добро функционирање на единствениот пазар и за деловно опкружување кое поттикнува конкурентност и одржлив раст. 

Белград - На тројцата инженери од Крушик од Ваљево осомничени за кривичното дело шпионажа за фирма од Северна Македонија им е одреден притвор до 30 дена, по вчерашниот повеќечасовен распит во Вишото јавно обвинителство во Ваљево, јави дописникот на МИА од Белград.

Осомничените М.О. (1987), Д. Л. (1960) и Д. М. (1961), се поранешни и сегашни инженери во воената холдинг компанија „Крушик“ од Ваљево обвинети дека неовластено изнесувале доверливи податоци и деловно-техничка документација од „Крушик“ и истите ги доставувале на фирма од Северна Македонија, на штета на „безбедносните, одбранбените, воените и други интереси, како и за слабеење на моќта на Србија“.

Еден од тројцата осомничени се бранел со молчење.

Париз - Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен денеска потврди дека 18-годишниот маж кој вчера беше уапсен, е поврзан со наводното планирање напад за време на Олимписките игри (ОИ) во Париз.

-Утврдено е дека тоа лице (уапсениот млад човек) сакало да изврши напади за време на ОИ, рече министерот и додаде дека тоа е четврти план за напад што француските служби го осуетиле, јави француската ТВ БФМ.

Француската антитерористичка полиција потврди дека 18-годишник е уапсен во департманот Жиронд во југозападна Франција, бидејќи планирал да изврши еден или повеќе напади, но не соопшти дека има каква било врска со ОИ.

Париз - Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ нема да живее во Олимпиското село во Париз.

Според „Sportal“, 37-годишниот тенисер ќе дојде во Олимпиското село само за да ги поздрави српските олимписки учесници, но ќе живее одвоено.

Оваа одлука се должи на фактот што живеењето во Олимпиското село во Токио му отежна на Ѓоковиќ да го одржи режимот - многу спортисти сакаа да се сликаат со него, што го спречи да тренира.

Тениските натпревари ќе се одржат на Олимпијадата во 2024 година од 27 јули до 4 август.

Париз - На 142. седницата на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) во Париз, денес се прифати кандидатурата на француските Алпи за организација на Зимските олимписки игри во 2030 година. За гласаа 84 делегати, против 4, а воздржани 7.

- ИОК ја има честа да објави дека Олимписките игри во 2030 година ќе се одржат на француските Алпи, под услов да се исполнат условите утврдени од ИОК“, изјави претседателот на МОК, Томас Бах. 

Шефот на комисијата за идните игри, Карл Стос, рече дека француската влада мора да обезбеди гаранции за одржување на Олимпијадата и потврда на договорот меѓу трите региони - Евијан, Рона-Алпи и Прованса-Алпи - со француската влада. Француската делегација потврди дека овие барања ќе се спроведат кога владата ќе биде во позиција да го направи тоа.

Рокот за давање гаранции е 31 декември 2024 година.

Остани поврзан