• четврток, 25 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

24 јули 2024

Скопје - Новиот државен врв е присутен на Фејсбук, Инстаграм и на Твитер. Дополнително, и претседателката на државата, претседателот на Собранието, како и претседателот на Владата имаат и свои Тик Ток кориснички сметки, додека, пак, премиерот и претседателот на Собранието имаат и свои профили на мрежата за професионална комуникација и поврзување, Линкедин. Понатаму, 21 од вкупно 24 членови на новиот владин кабинет се активни на најмалку еден социјален медиум, додека истовремено активни на трите канали - Фејсбук, Твитер и Инстаграм, се премиерот и уште десет министри во Владата, покажа анализата на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) направена по повод почетокот со работа на новоизбраните носители на извршната власт во земјава. 

Во истражувањето стои дека тројца од министрите немаат присуство на ниту една од мрежите, а се забележуваат и кориснички сметки на социјалните мрежи кои се уште не се отворени за целата јавност.

-Во однос на официјалното дигитално присуство на јавните институции, досега во континуитет се бележеше значително поголемо присуство и посветување на корисничките сметки на јавните функционери споредено со оние на јавните институции. Исклучок од ова се веб страните, како и официјалните кориснички сметки на Собранието и Владата, како и веб страната на претседателот на државата. Ваквата состојба е неопходно да се промени, односно да се стави фокус на избор на професионални тимови за дигитални медиуми во институциите кои ќе креираат дигитален идентитет на секоја јавна институција со предимство на услугите и можностите за граѓаните, компаниите и организациите, а не првичен промотивен ПР за моменталниот јавен функционер/ка, стои во истражувањето.

Скопје - Претставниците од коалицијата „Менуваме“ денеска остварија средба со министерката за образование Весна Јаневска, на која предложија графичката и ПТТ струка во ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ во Скопје да се замени со гимназиско образование, информатика и средно музичко образование. Од коалицијата се на ставот дека е потребна промена на МКФ-службите бидејќи истата не е соодветна, а важно е и да се врати педагошкото домување.

Програмскиот координатор на коалицијата „Менуваме“ Суаред Алишан по средбата изјави дека сите нивни барања и предлози наидоа на разбирање кај министерката за образование и во најбрзо време нивните барања ќе бидат доставени во законски предлог текст до Министерството за образование и наука.

Скопје - Сојузот на синдикати на Македонија најостро се спротиставува на барањето на Стопанската комора на Северна Македонија да се разгледува Законот за недела неработен ден.

Во изјава за МИА, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов потсетува дека ССМ по пат на протести и штрајкови и преку социјален дијалог со Организација на работодавачи на Македонија и Владата го утврди правото недела да биде неработен ден за повеќе од 80 проценти од работниците, со право на додаток на плата за работниците кои работат во исклучоците каде што работниот процес не може да се прекине

Скопје - Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска на денешната осма седница информира дека ќе иницираат постапка до надлежен орган против заменик министер за донесување на 189 решенија за распоредување на вработени за време на избори.

Таа нагласи дека на 28.6.2024 година до ДКСК пристигнала претставка од познат подносител со укажување за сторена повреда на член 34 став 1 алинеја 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и член 8 став 1 алинеја 3 од Изборниот законик. Како што посочи, наводите се однесуваат на заменик министер на одредено Министерство при што се донесени вкупно 189 решенија, од кои 98 решенија се однесуваат за хоризонталнораспоредување  на вработените во Министерството, 68 решенија за унапредување кои имаат финансиски импликации врз буџетот на Министерството и 23 решенија за распоредување со кои што им се намалува платат на вработените.

Брисел - Северна Македонија спроведе неколку бранови на реформи во правосудството и усвои нова стратегија за правосудството со цел да се подобри независноста, ефикасноста и професионалноста на правосудниот систем, но сепак независноста на судството и институционалниот капацитет за негова заштита од несоодветно влијание претставуваат сериозна загриженост, се наведува во годишниот Извештај за владеење на правото во ЕУ за 2024 година, подготвен од Европската комисија, во кој годинава првпат се вклучени и државите опфатени со процесот на проширување - Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија.   

- Нивото на утврдена независност на судството е многу ниско. Загриженоста останува и во однос на функционирањето и независноста на Судскиот совет, иако се преземени чекори во овој поглед. Одлуките за именување јавни обвинители и судии беа критикувани од граѓанското општество дека не се сеопфатно мотивирани или засновани на објективни критериуми, се наведува во Извештајот. 

Според ЕК, преземени се мерки за подобрување на транспарентноста, особено под покровителство на претседателите на Врховниот суд и на Судскиот совет и се воспоставени етички кодекси и за обвинителите и за судиите.  

Скопје - Лазе Јаќимоски денеска ја презеде функцијата заменик-министер за јавна администрација. На примопредавањето во Министерството за јавна администрација (МЈА) присуствуваа ресорниот министер Горан Минчев и поранешниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.

Министерот Минчев го информираше Јаќимоски за тековните процеси и актуелните предизвици во Министерството за јавна администрација и му посака успех во извршувањето на функцијата.

Јаќимоски е вонреден професор на Правниот факултет - Кичево при Универзитетот Св. „Климент Охридски“ - Битола.

Скопје - Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски денеска одржал проштална средба со полскиот амбасадор во земјава, Кшиштоф Гжелчик, на која присуствувал и почесниот конзул на Република Полска во Република Северна Македонија, Коста Костовски. 

Костадиновски, како што соопшти Уставниот суд, го информирал амбасадорот за приоритетите во неговиот мандат кои ќе се спроведат преку неколку активности и програми, како и за клучните предизвици со кои се соочува Уставниот суд. 

Скопје - Образовните установи во Северна Македонија да се подготват за топлотните шокови за да се избегне затворање на училиштата или продолжување на летниот распуст поради екстремните температури, а наставниците и родителите да се оспособат за одговор на топлотниот стрес, порачува УНИЦЕФ.

Во најновата анализа, објавена денеска, УНИЦЕФ укажува и дека постои потреба да се инвестира во ажуриран здравствен акциски план за справување со високите температури, како и во примарната здравствена заштита, за да се обезбеди адекватна поддршка на превенцијата, раниот одговор, дијагнозата и третманот на болестите кај децата предизвикани од топлина. Планот треба да даде приоритет на најранливите деца, меѓу кои оние што живеат во сиромаштија, во супстандардни услови на домување, со попреченост и децата што живеат и работат на улица.

Скопје -  Политичките случувања во државава и регионот, изборите ште се одржаа на 8 мај, постизборните случувања во Северна Македонија, евроинтеграциите и етничкиот изборен легитимитет биле темите за кои разговарале претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и амбасадорката на Норвешка во Северна Македонија Кристин Мелсом. 

Ахмети, како што информира ДУИ, ја информираше амбасадорката Мелсом за непоколебливиот став на партијата за уставните измени и евроинтеграциите преку почитување на Договорот за добрососедство, Преспанскиот и Охридскиот. Ахмети, како што се наведува, ја истакна важноста на меѓуетничкиот легитимитет на институциите во земјата како резултат на изборниот процес и во согласност со духот на Охридскиот договор.  

 

Белград - Се уште на високо ниво е политичкиот притисок врз судството и обвинителството во Србија, се вели во извештајот на Европската комисија за владеење на правото, во кој се изразува загриженост за безбедноста на новинарите во Србија, како и сомнеж за независноста на РЕМ и на јавните услуги, јави ТВ Н1.

Извештајот потсетува дека српскиот правосуден систем е подложен на суштински реформи во последните години. Спроведувањето на уставната реформа за зајакнување на независноста на судството, според Европската комисија, е во тек, а треба да следат измени на законите за нејзино спроведување.

Во извештајот се наведува и дека политичкиот притисок врз судството и обвинителството во Србија се уште е на високо ниво.

Сараево - Уставниот суд на Босна и Херцеговина донесе привремена одлука да го суспендира Изборниот закон на Република Српска бидејќи претставува закана за уставниот поредок на земјата.

Законот е суспендиран до донесување на конечната одлука, според жалбата на Денис Звиздиќ, првиот заменик-претседател на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, за оцена на уставноста на Изборниот закон на РС, соопшти денеска Уставниот суд на Босна и Херцеговина.

Тирана - Откако премиерот Еди Рама ги искритикува сопствениците на хотели за зголемените цени и до 30 отсто споредено со минатата сезона, посебно во јужниот дел на албанското крајбрежје, што придонесе за помала посетеност, цените почнаа да ги намалуваат.

Денеска тој постираше видео запис од исчистени плажи во Валона, на кои се поставуваат чадори за сонце и лежалки, кои туристите ќе ги користат бесплатно.

- Со систематизацијата на јавната плажа во Валона, каде не само што се нуди бесплатен простор, туку и бесплатни чадори и лежалки за сите туристи кои сакаат да уживаат на брегот, ви посакувам убав ден, напиша Рама на Фејсбук, најавувајќи вакви активности и во другите туристички места.

Пекинг - Киев е подготвен да преговара со руските претставници кога Москва ќе биде подготвена да води разговори „со добра волја“, изјави во Кина министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.

-Дмитро Кулеба ја повтори конзистентната позиција на Украина дека е подготвена да преговара со руската страна во одредена фаза, кога Русија е подготвена да преговара со добра волја, но нагласи дека во моментов нема таква подготвеност од руската страна, се наведува во соопштение од украинското МНР.

Њујорк - Милијардерот Илон Маск ги демантираше наводите што се појавија во медиумите дека ќе дава околу 45 милиони долари месечно на новиот политички комитет кој го поддржува републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.

Маск изјави дека тоа „едноставно не е точно“.

„Нема да донирам 45 милиони долари месечно на Трамп. Сега направив „Пек“ или „Супер Пек“ (Super Pac) или како сакате наречете го. Се вика „Америка Пeк“ (America Pac), рече Маск, објави весникот Хил.

Лондон - Принцот Вилијам добил скоро 28 милиони евра на својата сметка за неговата прва година како војвода од Корнвол - имот и титула што ги наследи од неговиот татко, Чарлс Трети, кога кралот седна на престолот, објави порталот „Тијалото“.

Војводството Корнвол го објави својот интегриран годишен извештај на 24 јули, откривајќи распределен вишок од 23,6 милиони британски фунти за финансиската 2023 / 2024 година. Ова е прва целосна година за принцот Вилијам на имотот. Оваа сума ги покрива официјалните, добротворните и личните трошоци на престолонаследникот, неговата сопруга, Кетрин - Кејт Мидлтон и нивните три деца.

Остани поврзан