• среда, 24 јули 2024
МИА Флеш

23 јули 2024 

- Во Владата денеска е потпишан договор за заем од 26,4 милиони евра меѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и македонскиот оператор за електропреносен систем АД МЕПСО, наменети за зајакнување на преносната мрежа. Параф на договорот ставија претседателката на ЕБОР Одил Рене Басо и директорот на АД МЕПСО Зухди Енуз во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Средствата ќе бидат искористени во рамки на проектот за изградба на трафостаница блиску до Милетково и обнова на 110 киловолтниот далновод Валандово -Струмица, што ќе овозможи приклучување на нови 1170 мегавати од обновливи извори кои стојат неприклучени. Вкупната вредност на овој проект е 34,7 милиони евра од кои 26,4 милиони се обезбедуваат со заем од ЕБОР, а 7,6 милиони евра се грант обезбеден од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан на ЕУ и половина милион евра од Климатскиот инвестициски фонд за забрзување на транзицијата од јаглен.

– До нова година очекувам експресниот пат Ранковце – Крива Паланка да биде завршен. Се гради во два лота и едниот е завршен  околу 71 отсто, вториот- 91 отсто, рече при денешниот увид во работите на терен Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈП „Државни патишта“, Коце Трајановски ја посетија локацијата кај Општина Ранковце кадешто интензивно се работи на патот.

-Изминатите четири недели ги искористивме за да ги разгледаме ситуациите што ги наследивме, коишто за жал не се ни малку добри, но и да бараме решенија затоа што бевме избрани за да бараме решенија. Решенијата полека ќе доаѓаат, едно по друго и проектите ќе се завршуваат. Ова е проект на кој не било посветено внимание. Заедно со директорот на ЈПДП посветивме и ќе посветуваме сериозно внимание во следниот период и можам со задоволство да ви кажам дека овој експресен пат до Нова година ќе биде готов и веќе после Нова година ќе може да го користат сите жители и на Македонија, и на Бугарија, сите останати што патуваат и на овој начин ќе ја развиваме Македонија, рече Николоски.

Посочи дека затекнале проект со слаба динамика на работа што имал свои проблеми во минатото.

- Владата ќе бара од ЕБОР и од ЕИБ дел од средствата за изградба на железничка пруга до границата со Бугарија да се пренаменат за изградба на брзата пруга на Коридорот 10 и рехабилитација на постојната пруга на овој Коридот, и овој проект чини 250 милиони евра, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски при увидот во изградбата на патот Ранковце-Крива Паланка. Прашан за пругата која завршува во тунел, Николски истакна дека постои долгогодишна желба за изградба на пруга и поврзување со Софија, но за овој потег какошто вели треба сериозно да се седни со Бугарија и да се разговара.

-За овој потег треба да се седне сериозно со Бугарија, да се види дали ова е најдобриот проект, дали тие можат да го изведат од нивна страна и да има алтернативни, поевтини решенија коишто заедно би ги изградиле со коишто би реализирале проект којшто е одржлив и не е толку скапо, изјави Николоски. Тој појасни дека во моментов постои пруга помеѓу Скопје и Куманово, а се гради и веќе е при крај првата делница која што оди од Куманово до Бељаковце.

- Кралството Норвешка е уште еден позитивен пример на земја сојузничка која во овие изминати години дава помош и стручна поддршка за развој на одбранбените капацитети, а со тоа и директно да влијае во зајакнување на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот и Алијансата, истакнал министерот Владо Мисајловски на денешната средба со амбасадорката на Кралството Норвешка Кристин Мелсом во Министерството за одбрана.

- Искрена благодарност за досегашната соработка и континуираната поддршка од страна на Кралството Норвешка, за бројните донации за модернизација, опремување и зајакнување на капацитетите на Армијата, но и за сите обуки и поддршка за развој на персоналот и Центрите за обука кои се во рамки на Министерството за одбрана, рекол министерот Мисајловски, соопштија од МО.

- Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска остварил средба со амбасадорката на Грција во Република Северна Македонија, Софија Филипиду, на која се разговарало за повеќе аспекти од билатералните односи и актуелните политички состојби во регионот.

Како што соопштија од Министерството, акцент на разговорите бил ставен на Планот за раст на ЕК за ЗБ, како и на реформската агенда, кои се важни за поттикнување на реформите и економскиот развој на земјата. Се разговарало и за важноста од континуирана имплементација на Преспанскиот договор од двете страни.

- Конкретни можности за соработка и инвестиции во дигиталниот сектор во Македонија биле клучни теми на разговорите што ги имале министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, директорот на ДТИРЗ Гоце Димовски, и претставници на академската заедница со  претставници од компанијата Rumble. 

Како што информираат денеска од Министерството за дигитална трансформација, во тој контекст била дискутирана можноста за партнерство со Rumble за изградба на современи национални центри за податоци што како иницијатива би придонела за подобрени стандарди за заштита на приватноста и безбедност на податоците.

- Собранието во рамките на денешната 11-та седница едногласно со 86 гласа „за“ го верификува мандатот на пратеничката Бисерка Златевска од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Таа доаѓа на местото на Иван Живковски.

Воедно, без расправа ги разреши досегашните заменици на генералниот секретар на Собранието, Мики Милковски и Неџмедин Ибраими и на нивно место со 68 гласа „за“ за заменик генерален секретар на Собранието го именува Бобан Стојановски. Со именувањето на Стојановски му престана функцијата член на Државната изборна комисија.

- Девет членови на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата дадоа поддршка за именување на Ибуш Јусуфи, дипломиран педагог и магистер по дипломатија од Скопје за заменик на генералниот секретар на Собранието на Република Северна Македонија.

На оваа седница, членовите на Комисијата дадоа поддршка и за барањето на пратеничката Олга Лозановска за утврдување на надоместок на закупнина на стан. 

- Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имавме 30 активни пожари на отворено и шумски пожари. Од нив 20 се целосно изгаснати, а 10 се активни и веќе дел од нив се ставаат под контрола, изјави денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. 

Тој информира дека рано утрово со полициски хеликоптер почнало гаснењето на пожарот, кој вчера доцна попладне изби во општина Старо Нагоричане, во атарот на село Челопек. Појасни дека во близина нема вода, прииродно или вештачко езеро, и затоа од волонтери на Црвениот крст е наместен еден базен од кој хеликоптерот полни вода и го го гасне пожарот. Базенот е наместен во координација со Главниот штаб за управување со кризи. Овој пожар, како што истакна, би рекол дека е ставен под целосна контрола. 

- Во периодот од 15 до 21 јули во Грција биле регистрирани 534 случаи на семејно насилство и уапсени 338 лица, додека пак на 184 жени жртви на насилство им била инсталирана специјалната тајна апликација на грчката полиција „Panic Button“, јави дописничката на МИА од Атина.

Според податоците од грчката полиција девет жени биле згрижени во соодветни центри, кои функционираат во сите региони во рамките на полицијата, односно т.н. „безбедни куќи“ („safe houses“) за краткорочно безбедно сместување на жените жртви на семејно насилство, како и членови на нивното семејство, како што се нивните малолетни деца, на кои им е потребна заштита.

- Европската асоцијација на кабински персонал (EЦA) лансираше рекламна кампања на бриселскиот аеродром „Зевентем“ под мотото „Еден значи ниту еден“ („OneMeansNone“) во знак на протест против плановите на ЕУ за воспоставување авионски летови со само еден пилот. 

Еднонеделната кампања, која започна минатиот викенд, е реакција на предложените измени во правилата во авиосообраќајот, со кои меѓу другото се предвидува и намалување на минималниот број на членови на екипажот во авионите при лет, вклучително и опција на некои летови да има само еден пилот, а не како што е случај сега и пилот и копилот.  

- Украински дронови погодија траект во Керчански Залив, има загинати и повредени лица, соопштија денеска регионалните власти.

- Итните служби се на самото место. Пожарот е совладан и нема ризик од негово проширување. За жал, има повредени и загинати членови на екипажот и вработени во пристаништето, објави гувернерот на Краснодарската област, Венјамин Кондратијев.

- Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им рекол на семејствата на заложниците кои се држат во Газа дека наскоро може да се постигне договор кој ќе обезбеди ослободување на нивните најблиски, јавија светските агенции, повикувајќи се на соопштение од неговата канцеларија.

„Дефинитивно се создаваат услови. Ова е добар знак“, рече Нетанјаху во Вашингтон, каде што се очекува да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден и да се обрати во Конгресот.

- Речиси секој петти пензионер во Германија, со најмалку 45 години стаж, добива пензија помала од 1.200 евра - за германски услови, прилично ниска сума која едвај ги покрива животните трошоци. За споредба: просечната бруто плата во Германија беше 4.323 евра во април лани.

Податоците за висината на пензиите се наведени во одговорот на федералната влада на барањето на претставнички на Бундестагот... Месечната исплата на пензија на крајот на минатата година изнесувала помалку од 1.200 евра за приближно 1,08 милиони од вкупно 5,4 милиони старосни пензионери со најмалку 45 години стаж.

-  Бразилските метеоролози соопштија дека земјата е на првата линија на климатски промени, бидејќи илјадници луѓе останаа без домови откако јужниот дел на Бразил беше зафатен од поплави, а сега земјата се соочува со рекорден број шумски пожари.

Дождовите во мај предизвикаа поплави во клучниот земјоделски регион при што се уништени огромни делови со посеви, но и оштетени се стотици илјади домови. Сега Бразил се справува со шумските пожари, кои се очекува да се интензивираат во следните месеци поради високите температури и ветровите кои продираат од запад кон север.

-  Во Етиопија загинаа најмалку 146 луѓе загинаа при лизгање на земјиштето, предизвикано од обилните дождови, соопштија локалните власти.

Потрагата по преживеаните е во тек и се стравува дека е поголем бројот на жртви.

Помеѓу настраданите во округот Кенчо Шача Гозди, јужна Етиопија има деца и една бремена жена. Пет луѓе се живи извлечени од калта.

Остани поврзан