• среда, 24 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

24 јули 2024

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска ќе престојува во работна посета на Австрија, каде ќе оствари билатерална средба со министерот за европски и надворешни работи, Александар Шаленберг.

На средбата, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ќе бидат разгледани можностите за унапредување на билатералните односи, со посебен фокус на економската соработка и бизнис релациите.

Воедно, ќе стане збор и за нашиот процес за интегрирање во Европската унија.

За време на посетата, Муцунски ќе се сретне и со претставници од нашата дијаспора во Австрија.

Скопје - Директорите на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски и Бранко Аџигогов денеска ќе ги посетат Подрачните служби во Штип, Радовиш и Струмица.

Во рамките на посетата на подрачните службите од овој регион, Клековски и Аџигогов ќе ја посетат и ЈЗУ Општа болница Струмица по што ќе следуваат изјави за медиумите.

Скопје -  Кризната состојба со пожарите на отворено кои зафатија делови од државата ќе биде разгледана на седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи што утрово ќе се одржи во Центарот за управување со кризи.

ЦУК извести дека со седницата ќе раководи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и ќе присуствуваат членовите на Комитетот: Александар Николоски - вицепремиер и министер за транспорт и врски, Тимчо Муцунски - министер за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски - министер за одбрана и Арбен Таравари - министер за здравство, како и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности - Стојанче Ангелов.

На седницата ќе присуствуваат и Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, и Здравко Трајанов, директор на ЈП „Национални шуми“.

Скопје - Државната комисија за спречување на корупцијата ( ДКСК) денеска ќе ја одржи осмата седница.

На дневен ред на седницата, како што информираат од ДКСК, се предлог записниците од одржаните шеста и седма седница на Комисијата, како и постапување по конкретни предмети.

Седницата ќе се одржи преку ZOOM комуникациската платформа.

Скопје - Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, вечер во „Сули ан“ ќе се одржи концерт на Музичка младина на Македонија во соработка со Меѓународна музичка младина (Jeunesses Musicales International) кој ќе претставува завршен концерт од кампот „Етно Македонија 24“.

-„Етно“ е програма на Меѓународна музичка младина (JM International) за народна, светска и традиционална музика, наменета за млади музичари на возраст од 18 до 30 години. Програмата се спроведува во 45 земји ширум светот и има за цел да го оживее и да го одржи во живот глобалното културно наследство, ангажирајќи ги младите луѓе преку серија годишни меѓународни музички кампови, информираат од Дирекција за култура и уметност - Скопје.

Скопје - Поради зголемена фреквенција на возила, на граничниот премин „Богородица“ за излез од државата се чека околу 45 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Скопје - Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и услови за појава на град. Долж Повардарието повремено ќе засилува северен до северозападен ветер, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени. УВ-индексот ќе има вредност 7.

Во Скопје променливо облачно и нестабилно со повремен пороен дожд и грмежи, а во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме.

Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне до 34 степени.

Според прогнозата на УХМР, нестабилност со послаб интензитет ќе има претежно до четврток до средината на денот. Потоа ќе започне период на стабилно време. Најпрвин дневната температура преодно ќе опадне и најсвежо ќе биде во четврток и петок кога ќе дува засилен северен ветер, а потоа температурата ќе биде во постепен пораст. 

Париз – Македонската делегација составена од спортисти, тренери и службени лица веќе е во Париз и од денес започнуваат со подготовки за своите настапи на ЛОИ 2024.

На Олимпијадата што ќе се одржи од 26 јули до 11 август ќе учествуваат шест Македонци.

Знаменосци на свеченото отворање ќе бидат Дарио Ивановски (атлетика, маратон) и Мила Рељиќ (таеквондо).

Покрај нив боите на Македонија ќе ги бранат и: Владимир Егоров (борење), Никола Ѓуретановиќ (пливање), Анастасија Мојсовска (стрелаштво) и Еди Шерифовски (џудо).

Вашингтон – Претседателот на САД, Џо Бајден денеска ќе и се обрати на нацијата од Овалната соба и ќе ја образложи минатонеделната одлука за откажување од претседателската трка минатата недела.

Бајден на Икс објави дека ќе зборува за „тоа што претстои и како ќе ја завршам работата за американскиот народ“.

Бајден во своето обраќање до нацијата ќе инсистира дека има уште работа и покрај неговата историска одлука да се повлече од трката за реизбор.

Говорот, кој се очекува да трае осум до десет минути, ќе биде прв откако Бајден откако се повлече од трката во неделата по неколкунеделниот притисок по дебата со Доналд Трамп.

Републиканците го повикаа Бајден целосно да се повлече, истакнувајќи дека ако не е способен да се кандидира за реизбор, тогаш не е способен да ја извршува функцијата претседател.

Вашингтон - Кампањата на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп синоќа поднесе жалба до Федералната изборна комисија, тврдејќи дека потпретседателката на САД, Камала Харис не може легално да бара средства собрани од кампањата за реизбор на претседателот Џо Бајден.

Претседателот на САД, Џо Бајден, 81-годишен демократ, кој беше во тесна трка со републиканскиот противкандидат Доналд Трамп, ја поддржа Харис откога во неделата објави дека нема да се кандидира за втор претседателски мандат. Харис ја презеде контролата врз сметките за кампањата на Бајден и ги доби ветувањата на мнозинството делегати кои ќе го одредат претседателскиот кандидат на партиската конвенција следниот месец, соопшти нејзината кампања.

Борбата за банкарската сметка, на која имаше приближно 95 милиони долари на крајот на јуни, е дел од повеќекратните напори на републиканците да ја спречат Харис да стане лидер на демократската листа, јавија американски медиуми.

Тирана - Земјотрес со интензитет од 4,4 степени според Рихтеровата скала, утрово, околу три часот по локално време ја погоди Албанија.

Епицентарот на земјотресот бил во Јадранското Море, на 37 километри од Драч.

Според ЕМСЦ, земјотресот бил на длабочина од 6,1 километри.

Потресот е почувствуван во Драч и околината.

Вашингтон -  Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху в четврток во Белата куќа ќе има средба со американскиот претседател Џозеф Бајден, кој закрепнал од Ковид 19. Тоа синоќа го соопштија од кабинетот на Нетанјаху и од Белата куќа. Средбата на Нетанјаху со претседателскиот кандидат на Републиканската партија, поранешниот американски претседател Доналд Трамп, првично беше најавена за денеска, потоа за четврток, а сега е закажана за в петок на Флорида во резиденцијата на Трамп во Мар а-Лаго.

Со нетрпение очекувам да го пречекам Биби Нетанјаху во Мар а-Лаго во Палм Бич, Флорида. За време на мојот прв мандат имавме мир и стабилност во регионот (Блискиот Исток)“, рече Трамп, најавувајќи дека повторно ќе биде така бидејќи очекува повторно да дојде на власт. Тој исто така изјави дека во разговор со претседателот на Украина Володимир Зеленски и другите светски лидери минатата недела, тој најавил дека ќе покаже дека „мора да престанат страшните и убиствени војни и насилни конфликти“.

Газа - За само еден ден 150.000 луѓе се раселени од градот Кан Јунис во Појасот Газа, изјави синоќа портпаролот на ОН Стефан Дижарик.

Тој посочи дека наредбите на израелската армија до Палестинците да ги напуштат градовите веднаш пред да започнат со нападите носат ризици по животите на цивилите и длабоко ги нарушуваат животите на луѓето.

-Луѓето беа принудени да се преселат во области со мала или никаква инфраструктура, каде што има многу ограничен пристап до засолниште, здравје и санитација или друга хуманитарна помош која спасува животи, рече тој.

Во последните напади на израелската армија врз Кан Јунис загинаа најмалку 70 Палестинци, а најмалку 200 беа повредени.

Рамала - Според соопштение на владата на палестинската управа на Западниот Брег, проекцијата е дека поради конфликтот во Газа, буџетскиот дефицит ќе се зголеми за 172 отсто во 2024 година во однос на 2023 година, а приходите ќе се намалат за 21 отсто.  

Соопштението е испратено откако претседателот на палестинската управа на Западниот брег, Махмуд Абас, одобри вонреден буџет за 2024 година, што вклучува мерки за штедење како што се намалување на платите, оперативните и капиталните трошоци и одржување на трошоците за развој на минимум.

Конфликтот во Појасот Газа и отежна на палестинската управа целосно да ги исплати платите во јавниот сектор поради намалената помош и одлуката на Израел да ги задржи парите од даночните приходи.

Париз - Русин, осомничен за „организирање настани што би можеле да доведат до дестабилизација за време на Олимписките игри“ во Париз, е обвинет и ставен во истражен притвор, соопшти париското обвинителство.

Судската истрага за „разузнавање со странска сила со цел предизвикување непријателства во Франција“, кривично дело казниво со 30 години затвор, беше отворена синоќа, соопштија обвинителите.

Во куќата на тој човек, „роден во мај 1984 година во Русија“, според обвинителството, биле откриени „елементи што укажуваат на неговата намера да организира настани што може да доведат до дестабилизација за време на Олимписките игри“.

Загреб – Во Хрватска во 2023 година бројот на живородени деца е намален за 5,1 отсто во однос на претходната година, а стапката на природниот прираст била негативна и изнесувала минус пет проценти (19.105 луѓе), покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Негативен природен тренд покажува и виталниот индекс (живородени на 100 умрени) кој изнесуваше 62,7. Во сите окрузи природниот прираст е негативен, а највисок е во Приморско-горската жупанија (минус 2.092 лица).

Според ДЗС, позитивен природен прираст имале 43 града/општини, а негативен природен раст имале 508 градови/општини и градот Загреб, додека четири општини имале нула природен прираст.

Во 2023 година во однос на претходната година бројот на живородени деца е намален за 5,1 отсто односно се родиле 1.713 деца помалку од 2022 година.

Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа изјави дека по завршувањето на Олимписките игри во Париз ќе именува нов премиер, а потоа ќе се формира и нова влада.

Тој ја отфрли можноста да поднесе оставка пред крајот на мандатот.

Макрон призна дека неговата партија претрпе пораз на изборите претходно овој месец и одби да коментира дали новиот премиер ќе биде некој од победничката левичарска коалиција.

Лондон – Поранешниот британски министер за внатрешни работи Џејмс Клеверли вчера ја објави својата кандидатура за лидер на Конзервативната партија.

Тој истакна дека може да ја „обедини Конзервативната партија“ и да ја прекине победничката серија на Лабуристичката партија предводена од премиерот Кир Стармер.

Клеверли наведе сака да ја врати довербата на Британците во Конзервативната партија и да го врати угледот на партијата како политичка сила која работи за економски раст и им помага на луѓето да ги постигнат своите цели и соништа.

Поранешниот министер за внатрешни работи е првиот кандидат за партиското раководство на поранешниот премиер Риши Сунак, а се очекуваат повеќе кандидати. 

Токио - Јапонија упати протест до Русија, откако Москва воведе санкции и го ограничи влезот на 13 јапонски бизнисмени, меѓу кои и претседателот на компанијата „Тојота мотор“.

-Одлуката што ја објави Русија ќе ги ограничи легитимните јапонски корпоративни активности и тоа е целосно неприфатливо, изјави јапонскиот министер за надворешни работи, Јошимаса Хајаши на прес-конференција во Токио.

Руското Министерство за надворешни работи синоќа објави список со 13 јапонски државјани, нагласувајќи дека Москва трајно ќе им забрани влез во државата.

Вашингтон - Американскиот спортски канал „ESPN“ направи рангирање на најдобрите тенисери на 21 век.

На првото место на листата се најде Швајцарецот Роџер Федерер. Втор е Србинот Новак Ѓоковиќ, а првата тројка ја затвора Шпанецот Рафаел Надал.

Топ 10 тенисери на 21 век според „ЕСПН“:
1. Роџер Федерер (Швајцарија)
2. Новак Ѓоковиќ (Србија)
3. Рафаел Надал (Шпанија)
4. Енди Мареј (Велика Британија)
5. Андре Агаси (САД)

Вашингтон - Американскиот спортски канал „ЕСПН“ направи рангирање на 25 најдобри фудбалери на 21 век.

Првото место на оваа листа го зазеде напаѓачот на Интер Мајами и аргентинската репрезентација Лионел Меси. Втор е португалскиот напаѓач на Ал-Наср, Кристијано Роналдо, додека трет е екс-играчот на француската репрезентација, Арсенал и Барселона, Тиери Анри.

Топ 25 фудбалери на 21 век според „ESPN“:
1. Лионел Меси (Аргентина)
2. Кристијано Роналдо (Португалија)
3. Тиери Анри (Франција)
4. Зинедин Зидан (Франција)
5. Лука Модриќ (Хрватска)

Остани поврзан