• среда, 24 јули 2024
МИА Општински пул

23 јули 2024

Велес - Сообраќајна несреќа се случила синоќа околу 22 часот  на улицата „Пенчо Давчев“ во велешката населба Речани пред Управна зграда на ЈП „Македонија пат“. Во директен судир на автомобил и камион, повредена е 78 годишната С.Ш., која од возилото ја извадиле велешките пожарникари,информира за МИА, од СВР Велес,портпаролот Билјана Ѓаковска.

На повредената и била укажана прва помош од екипата на Итна помош и била однесена  во Ургентниот центар  во Општа болница во  Велес. Лекарите по извршените прегледи констатурале фрактура на пршленско тело. Повредењната е надвор од животна опасност, но е  задржана  во Одделението за ортопедија и трауматологија во болницата  на понатамошно лекување.  

Кавадарци - Први 400 смарт водомери за вода за пиење се обезбедени во Кавадарци, тоа ќе значи почеток на дигитализација при водните услуги во општината, изјави за МИА, Гоце Ангеловски, директор на јавното претпријатие Комуналец" од овој град.  

- Денеска Ј.П. „Комуналец" Кавадарци ја прими донацијата – 400 смарт водомери во вредност од 75.000 евра, во рамките на проектот „Дигитална трансформација на јавните водни услуги’’, во соработка со ГИЗ Германски институт за техничка соработка и Македонски телеком, информираа претходно во текот на денот и од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев. 

Тетово - Втор месец по ред, испитувањата на Центарот за јавно здравје во Тетово покажуваат дека минералната вода кај тетовската излетничка месност Бањиче не е исправна за пиење и затоа се препорачува да не се пие.

Од Центарот велат дека и покрај нивното предупредување пред еден месец и понатаму граѓаните не се воздржуваат, па одат до двата извори да пијат од водата, се мијат, а некои земаат и за дома полнејќи шишиња.

Кавадарци - „3ајакнување  на  младите  преку  нови  можности  2“, е насловен проектот што СОС Детско село го спроведува во соработка со општина Кавадарци, со финансиска поддршка од Министерството за економска  соработка  и  развој  на  Сојузна  Република  Германија  и  Фондацијата  Херман  Гмајнер. 

Градоначалникот Митко Јанчев, во своето обраќање пред присутните, рече дека целта на настанот е интеграција и зајакнување на свеста од потребата за згрижување на деца без родителска грижа. 

Велес - Во соработка со Владата и сo Министерството за локална самоуправа, Општина Велес бара решение за изградба на подземна катна гаража и плоштад во центарот на градот кај судот.

Како што за МИА, денеска информира Александра Aндреева  од Општина Велес, на вчерашниот   состанок на градоначалникот Марко Колев и претставници на општината со министерот Златко Перински во Скопје, се разгледувале можностите за реализација на овој капитален проект, со кој центарот на Велес ќе добие модерна и функционална целина.

Скопје - Општина Центар и градоначалникот Горан Герасимовски денеска беа домаќини на Кристофер Гети, градоначалник на Лајонс, општина во Чикаго, Соединетите Американски Држави, информираат од Општината. 

Герасимовски го запознал Гети со начинот на кој функционира општината и кои се ингеренциите што локалната самоуправа на Центар ги има во рамки на Градот Скопје.

Кочани - Вкупната штета од невремето што кон крајот на јуни минатата година ги зафати населените места во општина Кочани е проценета на околу 10,3 милиони денари.

Според пријавите што граѓаните ги доставиле до општинската Комисија за процена и утврдување на висина на штети од природни непогоди и други несреќи, околу 70 отсто од сумата е директна штета на земјоделските насади предизвикана од обилните врнежи од град. Остатокот е причинет со поплавување на површините и амбарите во кои биле складирани земјоделските производи.

Тетово - На денешната 35 седница на Советот на Општина Тетово, за нов претседател беше избран Наим Исмаили, досегашен советник од редовите на Движење Беса.

До избор на нов претседател дојде поради тоа што досегашниот претседавач Бесар Дурмиши од Движење Беса, минатиот месец беше назначен за министер за економија во новата Влада.

Дебар - Се зголемува фреквенцијата на двата гранични премини на македонско-албанската граница, кај Дебар, пред сè на преминот „Блато“, посебно овој месец, кога голем број македонски граѓани заминуваат на одмор на албанското крајбрежје.

- Во периодот први до 21 јули годинава на граничниот премин „Блато“ на влез во РСМ регистрирани се 26.497 патници, додека на излез 22.887 патници. Споредбено со овој извештаен период, минатата година за влез на овој премин евидентирани биле 23.603 патници, а на излез 22.466 патници, потврдија за МИА, од Министерството за внатрешни работи.

Куманово - Пожарот во општина Старо Нагоричане, во селата Челопек и Алгуња е локализиран, соопштија денеска надлежните од Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане. На пожарот, како што соопшти командирот на ТППЕ Старо Нагоричане, Далибор Трајковски интервенираа две противпожарни возила и седум пожарникари од Старо Нагоричане, 30 припадници на Армијата и екипа на ЈП „Национални Шуми“ со нивно возило.

- Очекуваме во наредните часови пожарот да биде изгаснат. Зафатена беше нискостеблеста шума, грмушки и ниска вегетација и помала површина на бел бор, изјави Трајковски.

Штип - Командирот на Територијалната Противпожарна единица (ТППЕ)-Штип, Благој Ренџов при вчерашното гаснење на пожарот на старата депонија меѓу штипските населби Пребег и Мерите е повреден, односно при интервенцијата се здобил со скршеници на двете раце.

Првиот човек на штипските пожарникари во штипска Клиничка болница е хоспитализиран синоќа околу 20.30 часот и е задржан на болничко лекување, откако претходно и бил опериран.

 

Остани поврзан