• вторник, 23 јули 2024
МИА Радио флеш

22 јули 2024

- Сето тоа што досега е потпишано и е во сила е предвидено во рамки на ребалансот на Буџетот. Што не е потпишано не е предвидено во овој момент во ребалансот, но затоа се прават дополнителни анализи врз основа на коишто ќе видиме како ќе биде од 2025 година, порача денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.  -Овој ребаланс на буџет беше за да ги затвориме сите отворени проблеми коишто можат да направат дополнителни штети на Буџетот, рече Димитриеска Кочоска  во одговор на прашање на денешната прес конференција и додаде дека приоритет беше прво да се сервисираат старите обврски.

- Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги примила македонските олимпијци кои ќе настапат на Летните олимписки игри што ќе се одржат од 26 јули до 11 август во Париз. Кабинетот на претседателката  соопшти дека Сиљановска-Давкова била информирана за финалните подготовки на македонскиот олимписки тим, како и за очекувањата од претстојните натпревари. На македонските олимпијци таа им го врачила државното знаме, што ќе биде развиорено на отворањето на Олимписките игри и им посакала успешен настап „на најграндиозниот и најпрестижниот спортски настан“.

- Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска остварил средба со амбасадорот на Јапонија, Казуја Оцука и одбранбеното аташе полковник Ивасаки Томофуми. На средбата, како што соопшти Министерството за одбрана, се разговарало за пријателските односи со Јапонија, потребата од зајакнување на билатералните врски и воспоставување на одбранбена соработка меѓу двете земји. Министерот Мисајловски изразил благодарност за континуираната поддршката и придонесот на Јапонија во јакнење на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан.

 - Акцелераторот во ГОБ „8 Септември“ се очекува да профункционира за шест месеци откако ќе завршат потребните подготовки, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари. - За акцелераторот ни треба време, најмалку околу три месеци за да се направат одредени контроли од специјалисти по таа област, да ни кажат што недостасува и што треба да се инвестира. Не би рекол дека пред шест месеци би можеле да го ставиме во функција акцелераторот. Состојбата изгледа добра таму каде што е поставен акцелераторот, ние ќе дојдеме да го промовираме откако ќе бидат третирани двајца или тројца пациенти. Меѓутоа, дајте ни рок, барем шест месеци да ги направиме сите потребни подготовки за да може да функционира, рече Таравари на новинарско прашање по посетата на ГОБ „8 Септември“.

 –  Министерот за здравство Арбен Таравари кој денеска беше во посета на амбулантите за онкологија во Градската општа болница „8-ми Септември“ изјави дека има решение од Министерството кое помина како одлука на Влада, да можат и во оваа болница да се вршат амбулантски консултативни прегледи. Тој напомена дека во „8-ми Септември“ веќе се вработени двајца онколози и може да се изврши полесна онколошка терапија.

 - Министерот за здравство Арбен Таравари кој е дел од Коалицијата Вреди, смета дека идеите на ДУИ за озаконување на т.н. „Мајски договор“ и поделба на државата на региони по примерот на Северна Ирска и Белгија ги оцени како несериозни со цел прибирање на политички поени и им поска да бидат конструктивна опозиција. - ДУИ се паметни кога се во опозиција и што не им текнува. Јас мислам дека ми изгледаат доста несериозни оти 22 години беа на власт, и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ и сите овие идеи можеа додека беа на власт да ги спроведат и сега кога се во опозиција што ќе им текне тоа кажуваат..., рече Тарави на новинарско прашање по посетата на ГОБ „8 Септември“.

-  Директорот на Комисијата за односи со верските зедници, Даријан Сотировски, денеска имал средба со Авад бин Себлиј Ал Анезиј, заменик министер за исламски прашања на Саудиска Арабија, на која присуствувал и поглаварот на Исламската верска заедница во земјава, Шаќир еф. Фетаи. Како што информира Комисијата, на средбата се разговарало за продлабочување на соработката со Исламската верска заедница и со институциите на државата, „во насока на подобро запознавање и искористување на широките можности кои ги нудат современите културни,  економски и образовни практики“.

 - Синдикатот на УПОЗ реагира на заклучокот на Владата со кој се задолжуваат буџетските корисници при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства, а јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост да бараат мислење од Министерството за финансии. - Некој повторно сака да го ограничи преговорите и потпишувањето на Колективни договори!!! Како да не се научија грешките од минатото? Дали на повидок е уназадување на правата кои произлегуваат од Колективните договори??Со заклучок од седница на Влада, министерот за финансии повторно ќе одлучува кој ќе може, а кој не ќе може да склучи колектив договор? Вака ли ќе градиме социјален дијалог?, прашува Синдикатот на УПОЗ во објава на „Фејсбук“.

- Судијата на Уставниот суд Ана Павловска - Данева смета дека колективната одговорност преку распуштање на цели државни органи без утврдување на конкретни грешки е лош преседан. Таа во интервју за порталот Фактор.мк посочува дека треба да се бара индивидуална одговорност, но не и колективно распуштање. За темата поврзана со рекацијата на Здружението на судиите во врска со предметот за платите на судиите и на членовите на Судскиот совет, Павловска - Данева вели дека Здружението на судии со неверојатна леснотија изнесе политички (наместо правни) квалификации за работата на Уставниот суд кој наводно со одлуката да не ги укине одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите сакал да и се додвори на власта.

- Александар Пандов, в.д директор на Управата за извршување на санкции денеска изјави дека за поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, која издржува затворска казна, имал дојава дека не е на работното место надвор од затворот и за кое имала дозвола и при проверка се увидело дека таа навистина не е таму. Јанева има право повторно да побара да работи надвор од затворот, но Пандов не кажа дали тоа ќе биде дозволено, туку само дека може да побара. -За Катица Јанева ве уверувам дека имав анонимна дојдава дека госпоѓата не е на работното место. Јас по службена должност бев обврзан да пратам службени лица да проверат дали е тоа така и констатираа дека не била на работното место, рече тој.

- Управата за јавни приходи денеска соопшти дека нешто повеќе од половина од даночните обврзници се уште немаат поднесено ДДВ-04 пријава, а рокот истекува во четврток. Согласно податоците на УЈП, од вкупно 40 509-те даночни обврзници, ДДВ-04 пријава поднеле 19.030 обврзници, а 21 479 обврзници тоа треба да го сторат до четврток.   

– Не отстапуваме ни педа окупирана земја, ниту на Ердоган, ниту на некој друг, порача претседателот на Кипар Никос Христодулидс, истакнувајќи дека ќе направат сè што е можно за да се создадат услови, „да ја обединиме нашата татковина врз основа на договорената рамка“, јави дописничката на МИА од Атина. Прашан за коментар за изјавите на турскиот претседаел Реџеп Таип Ердоган дека единствено можно решение е решението на две држави, Христодулидис рече дека „нема да ги коментира изјавите на Ердоган и дека не очекувал ништо поразлично од него.

 – Поради високите температури на Кипар, 64-годишна жена починала од топлотен удар, а три други се хоспитализирани, изјави за кипарската новинска агенција портпаролот на Државната организација за здравствени услуги Хараламбос Харилау, јави дописничката на МИА од Атина. Според портпаролот, трите жени на возраст од 25, 67 и 80 години се во сериозна состојба, а поради топлотниот бран во изминатите денови „има зголемен број случаи на топлотна исцрпеност“ на сите возрасти од деца до стари лица. 

 – Косовскиот премиер Албин Курти, во реакција по експлозијата кај езерото Газивода (Ујамн) на косовскиот север, порача дека безбедносните институции ќе ги изведат пред лицето на правдата авторите на тој криминален напад, јави дописникот на МИА од Приштина. Курти на својата страница на Фејсбук напиша дека „на Србија и одредени нејзини пријателски кругови не им одговара воспоставената нормалност“ на северот на Косово.

– Советот на ЕУ денеска ја продолжи важноста на Одлуката за рестриктивните мерки на ЕУ поврзани со континуираните активности на Русија за дестабилизација на Украина, за дополнителни шест месеци до 31 јануари 2025 година.  Овие санкции првпат беа воведени во 2014 година, по што беа значително проширени во февруари 2022 година како одговор на неиспровоцираната, неоправдана и незаконска воена агресија на Русија врз Украина. 

–  Милиони жртви ширум ЕУ во текот на 2023 година на дневна основа беа цел на напади и искористувања во интернет просторот, при што во многу случаи сторители на овие кривични дел се малолетници, се наведува новиот извештај на Европол насловен „Проценка на заканите од интернет организиран криминал“ објавен денеска.  Во ова 10-тото издание ваквиот тип извештај се прави длабинска проценка на клучните случувања, промени и новите закани во компјутерскиот криминал во текот на минатата година, при што се нагласува тенденцијата на фрагментација и мултиплицирање на пејзажот на кибер криминалот. 

–  Европската комисија денеска објави ревидирани упатства за правата на патниците во воздушниот сообраќај, што треба да го олесни нивното усогласување со прописите и да помогне во нивно спроведување од страна на националните тела. Ревизија пред се се базира на пресудите на Европскиот суд на правдата со кои се појаснуваат одредени одредби и се овозможува поефикасно и доследно спроведување на правилата, но додаден е и нов дел поврзан со доцнења и одлагања летовите, како и за правата на лицата со попреченост и со намалена подвижност при патување со авион. 

– Министерот за надворешни работи на Белорусија, Максим Рижинков од утре до 25 јули ќе биде во посета на Северна Кореја. Неговата посета е во време кога Русија ги зајакнува врските со Северна Кореја. Со Рижиков во Пјонгјанг ќе отпатува и белоруска делегација.

 

Остани поврзан