• понеделник, 22 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 22 јули 2024

Струмица - Лауреат на наградата „Астер“ на годинешниот 19. „Астерфест“ е македонскиот режисер и сценарист Антонио Митрикески.

Одлуката ја соопштија денеска од „Астерфест“, а во неа стои дека исклучителната филмска поетика и естетски вдахновениот и минуциозен филмски опус на Антонио Митрикески заземаат посебно место во македонската, балканската и европската кинематографија.

Покрај Милчо Манчевски и Митко Панов, Митрикески е еден од најизразитите македонски претставници на генерацијата филмски автори кои започнаа да го градат својот опус и постигнаа видни успеси веднаш по осамостојувањето на Македонија.

Наградата на Митрикески ќе му биде доделена на отворањето на „Астерфест“, на 1 август, во 20:30 часот во Амфитеатарот во Струмица, а статуетката за наградата „Астер“ специјално ја изработи македонскиот уметник Никола Пијанманов.

По повод добивањето на престижно признание организаторите на Фестивалот ја пренесуваат изјавата на Антонио Митрикески.

– Оваа награда, да бидам лауреат на годинашново издание на „Астерфест“, за мене е привилегија поради фактот дека нејзини носители се значајни имиња од светот на филмот, и македонскиот и светскиот. Оваа награда воедно ја споделувам со сите филмски работници со кои имам работено, кои се еднакво заслужни за оживување на моите краткометражни и играни филмови. Сакам да му се заблагодарам на основачот и претседателот на фестивалот Горан Тренчовски за ентузијазмот и посветеноста, благодарение на кои со својата екипа успеа да го одржи и да го позиционира овој филмски фестивал на пошироката балканска и европска филмска сцена. Од моето лично искуство сакам да кажам дека патот за реализирање на едно филмско дело е комплексен, полн со премрежја низ кој проаѓа еден режисер, филмски автор, но интересно е тоа дека токму таа неизвесност ја дава најголемата мотивација да се изработи филмот најдобро што се може, да се даде сѐ од себе. Како педагог сум сведок на успесите на младите режисери, затоа треба на идните генерации да им се овозможи полесно да дебитираат и да се оценуваат само нивните уметнички вредности, а политиката да нема никакво влијание. Само на таков начин ќе ги задржиме младите и успешните во Македонија, стои во изјавата на Митрикески.

 

Крива Паланка - Во организација на Центарот за биоинформатика во четврток ќе се одржи книжевно- музички настан насловен „Ден надвор од времето", на кој преку интеграција на литературата и музиката ќе биде одбележан денот што според Мајанскиот календар е „Ден надвор од времето“.

- На денот што не припаѓа на ниту еден од 13-те месечеви циклуси во годината, ни претстои преубав настан во организација на Центарот за биоинформaтика „Ревит“, што ги интегрира науката, литературата и музиката, привлекувајќи ги научните умови, книжевните ентузијасти и љубителите на музиката на едно место во вонвременскиот, „Куршумли Ан“, Скопје. Името на настанот „Ден надвор од времето“ ги спојува хармонијата на литературата и музиката, преку промоција на книги, со музички настап на Џијан Емин, преку мислите на писателот Бабаи - Јафар Бабајолеи од Техеран и дружење со Magical orchestra, Schlich, и забава со Ogi Uzun, информира докторката Татјана Илиевска од Центарот за биоинформатика „Ревит“, Скопје.

Бабаи - Јафар Бабајолеи ќе дебитира пред македонската публика, а во најава, како автор на бројни научни трудови, објаснува што претставува почеток на болеста и како можеме да ја идентификуваме.

- Болеста е симптом и аларм, порака од функционирањето на нервниот систем, централната свест, што предизвика нарушување на структурата на телото и нефизичките делови од човековото постоење. Покрај препишувањето лекови, лекарите им даваат и информации на пациентите. Лекот не е доволно ефикасен без свесност, вели Бабајолеи.

 

Скопје - На територија на град Скопје вчера полицијата изрекла вкупно 100 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола девет санкции, 42 мерки за прекршоци што ги чинат возачите на мотоцикли, шест санкции за возење под дејство на алкохол, три мерки за некористење сигурносен појас...

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Полицијата апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесат за посигурни патишта. 

 

Скопје – Санкционирани 206 непрописно паркирани возила, кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, информираат од ЈП Паркинзи на Општина Центар во извештајот за минатата недела, од 15 до 21 јули.

Со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 96 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 110 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани.

-За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот,  нагласуваат од ЈП Паркинзи на Општина Центар.

 

Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење и има добар квалитет, покажа неделниот лабораториски извештај.

Од ЈП „Водовод и канализација“ во Скопје утрово го објавија неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

– Секторот за санитарна контрола во периодот од 15 до 19 јули 2024 година зема 206 примероци за физичко-хемиска и 206 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 47 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, пишува во соопштението.

 

Скопје - Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје ги известува граѓаните на град Скопје дека акцијата за отплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање е во тек. Акцијата за физички и правни лица почна на 20 јуни, а трае до 31 овој месец. 

- Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг во овој период да аплицираат за склучување на договори за отплата на долговите на најмногу 48 рати за физички лица и 24 рати за правни лица, во зависност од висината на долгот, без пресметка на камата за задоцнето плаќање. Одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес. По истекот на овој период одлуката престанува да важи, соопштуваат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

За секоја дополнителна информација за услугите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, граѓаните можат да контактираат на 02 3073 010 во Дежурно Информативен Центар; 02 3240 300 во Дирекција; kontakt@vodovod-skopje.com.mk; www.vodovod-skopje.com.mk; www.facebook.com/jpvodovod.skopje.

 

 

 

Остани поврзан