• недела, 22 декември 2024

Борел: Неприфатливи се обвинувањата дека ЕУ се залага за војна во Украина 

Борел: Неприфатливи се обвинувањата дека ЕУ се залага за војна во Украина 

Брисел, 22 јули 2024 (МИА) - Шефовите на дипломатиите за земјите членки на ЕУ на денешното заседанието на Советот за надворешни работи (ФАК), ќе одржат посебна расправа од затворен тип само со нивно присуство посветена на посетите на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан на Киев, Москва и Пекинг и на обвинувањата на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на заседанието на Советот за безбедност на ОН дека Унијата се залага за војна во Украина, најави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.  

- Тоа е целосно неприфатливо. Европската унија ја поддржува Украина и е подготвена оваа војна да заврши врз основа на Повелбата на Обединетите нации. Ќе разговараме за тоа како земјите членки ја оценуваат оваа позиција на државата, кој во исто време е ротирачки претседавач со ЕУ. Европската Унија не се залага за војна, изјави Борел, додавајќи дека ЕУ не страна во војната, туку е во „војна за одбрана на Украина од агресија“.  

На новинарско прашање дали ќе претседава со неформалното заседание на Советот за надворешни работи што за кон крајот на август во Будимпешта го најави Унгарија, Борел нагласи дека на денешниот состанок ќе се разговара за она што се случи и за ставот на унгарската влада и врз основа на оценките на земјите членки ќе биде донесена одлука како да се продолжи натаму. 

- Не знам што ќе кажат земјите членки и затоа сакам тие да го кажат своето гледиште. Тоа е моја одлука. Високиот претставник е тој што свикува состанок на Советот. Така што откако ќе ги ислушам сите и откако ќе разговараме, ќе треба да донесам одлука, истакна Борел. 

Во однос на Украина, според него, има две главни прашања кои ќе бидат тема на расправа на Советот, почнувајќи од обидите да се избегне целосно уништување на нејзиниот електроенергетски систем, имајќи предвид дека се уништени 70 проценти од капацитетите за производство на електрична енергија на земјата. 

- Ќе ги повикам земјите членки да обезбедат поголема поддршка за обнова и зајакнување на електричната мрежа за производство на електрична енергија, рече Борел. 

Тој нагласи дека втора тема во однос на Украина ќе биде зајакнувањето на противвоздушната одбрана на земјата, потсетувајќи дека набрзо по посетата на премиерот Орбан на Москва на почетокот на месецов, детската болница во Киев беше погодена од руски ракети, со што беа предизвикани многу жртви меѓу децата. 

- Значи повеќе противвоздушна опрема и поголем капацитет за производство на електрична енергија. Тоа се двете прашања кои земјите членки ќе треба да ги разгледаат, додаде Борел, најавувајќи дека министрите ќе одржат и состанок преку видео конференциска врска со нивниот украински колега Дмитро Кулеба. 

Борел додаде дека на заседанието ќе стане збор и за состојбата на Блискиот Исток во светло на објавеното советодавно мислење на Меѓународниот суд на правдата, во кое се наведува дека израелската окупација на палестинските територии на Западниот Брег е целосно нелегална и таа мора да прекине, став што, според него, ЕУ отсекогаш го поддржувала. 

-Да, тоа е советодавно мислење, но доаѓа од Меѓународниот суд на правдата - највисокото правно тело на ОН, со многу јасна порака. Тие порачаа дека окупацијата е нелегална и мора да престане. Израел мора да ги повлече доселениците, истакна Борел. 

Тој додаде дека Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веднаш го отфрлила ваквото барање, образложувајќи го својот став со тврдењето дека тоа е еврејска земја и дека Израел не може да се повлече од таму поради историски причини. 

- Можете да ја интерпретирате историјата како што сакате, но тука говориме за меѓународното право. Ние ќе го почитуваме меѓународното право. Мора да разговараме што ќе правиме сега, кои се последиците од ова мислење на Судот и како Европската Унија ќе го вклучи ова мислење во рамките на својата политика кон Блискиот Исток, истакна Борел. 

Според него, за жал никогаш немало толкава разлика меѓу меѓународното право и реалната состојба на теренот, каде во Газа има хуманиарна катастрофа со неприфатливи димензии предизвикана од човекот - 17.000 сираци и речиси 40.000 убиени и каде за расчистување на урнатините ќе бидат потребни десетина години. 

- Разлика во она што го вели правото, според Меѓународниот суд на правдата, и она што се случува на теренот никогаш не била толку голема како што е денес. Судот го пополнува вакуум просторот на политиката. Политиката не е во можност да најде решение, но Судот не е тука за да го имплементира своето мислење, тоа мора да се имплементира од политичките власти и ЕУ има посебна одговорност за ова прашање, потенцира Борел.  

Затоа, според него, ЕУ мора да расправа за тоа што ќе преземе, освен само што ќе објави дека го поддржува ставот на Судот  и дека бара од Израел да не продолжува со изградбата на еврејски доселенички населби. 

Тој најави дека на министрите им доставил документ изработен од специјалниот претставник на ЕУ за човекови права, Олоф Скуг врз основа на извештаи на меѓународните агенции на ОН за хуманитарните последици од војната во Газа, што, според него ќе биде добра основа за подготовката на заседанието на Советот за асоцијација ЕУ-Израел на кој не може да се дискутира како се да е в ред, затоа што работите не се в ред во услови кога продолжува војната и постои ризик од нејзино проширување низ регионот. 

- Се соочуваме со катастрофална ситуација. Да, мора да зборуваме за билатералните односи, но мора да зборуваме за тоа што се случува во Газа и на Западниот Брег. Мораме да зборуваме за економските ограничувања на палестинската управа со намалување на даночните приходи што ги прави Израел. Мора да зборуваме за изградбата на доселеничките населби. Мораме да зборуваме за тоа зошто хуманитарната поддршка не пристигнува во Газа. Но, за тоа ми треба едногласна согласност на земјите членки за нашата заедничка позиција за овој Совет за асоцијација.  

Борел информира дека покрај Украина, Газа и Западниот Брег, кои секогаш се на дневниот ред на заседанијата на Советот за надворешни работи, министрите исто така ќе се сретнат и со новата претседателка на Европската инвестициска банка, Надија Калвињо со цел да се разгледа како подобро да се искористат ресурсите на Банката во спроведувањето на надворешната политика на Унијата, особено соработката со трети земји, но исто така и за финансирањето на одбранбените напори на ЕУ.  

- ЕИБ е многу важен играч, со портфолио поголемо од она на Светската банка и добро е што новата претседателка ќе дојде овде да разговара со нас за тоа како можеме подобро да ја искористиме нејзината поддршка. Конкретно, мислам дека треба да се инвестира во поддршка на палестинската управа со повеќе позајмици, како што веќе беше дискутирано во Европскиот парламент изминатите денови, додаде Борел. 

Тој потенцира дека овој последен состанок на ФАК пред летните одмори е многу важен и изрази надеж дека земјите членки ќе бидат подготвени да ја преземат својата одговорност. 

Запрашан за став во однос на одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да се повлече од претседателската трка, Борел изјави дека му посакувам се најдобро на новиот демократски кандидат што ќе настапи на изборите наместо Бајден.  

- Соработувавме многу добро со претседателот Бајден, имавме многу позитивни односи. Но, ако претседателот Бајден одлучи да се повлече затоа што мисли дека друг кандидат може да и донесе победа на Демократската партија на изборите, ние не ја почитуваме неговата одлука, рече Борел. 

Тој нагласи дека е сигурен оти ќе има важна разлика врз трансатлантските односи во зависност од тоа кој ќе биде новиот станар на Белата куќа, но дека Американците се тие кои треба да одлучат кого сакаат да имаат во неа.  

- Тоа е одлука на граѓаните на САД. Не сакам да се мешам. Мислам дека не е наша работа да одиме и да им кажеме на Американците што треба да направат или да изразиме преференции за едниот или другиот кандидат. Во секој случај, тоа не е моја работа, истакна Борел. сп/

Фото. Скриншот

Остани поврзан