• понеделник, 22 јули 2024
МИА Радио флеш

 22 јули 2024

- Центарот за управување со кризи утринава информира дека изминатото деноноќие имало вкупно 29 пожари на отворено од кои седум се уште се активни. Активен е пожарот меѓу селата Селце и Пухче во општина Штип каде гори мешана шума и пожарот во реонот на армискиот полигон Криволак кон Пенуш каде има многу голема „фронтова“ линија и гори ниска вегетација.  Во општина Македонски Брод меѓу селата Брезница и Тажево гори квалитетна борова шума. Интервенираат 15 вработени од националниот парк „Јасен“ помогнати од 30-тина припадници на Армијата кои деноноќно се борат  огнот да не се пробие кон внатрешноста на заштитено повеќенаменско подрачје „Јасен". Вчера, армискиот хеликоптерот „Ми 17“ во два наврата не можел да дејствува од густиот чад. Активен е и пожарот во општина Чашка меѓу селата Габровник и Мокрени каде гори мешана шума и ниска вегетација Линијата на огнот со повремени прекини и појаки жаришта е голема се до Мукос, над Богомила.  Пожар има и кај селото Небрегово во општина Долнени каде гори нискостеблеста шума, како и кај селото 
Гостиражни. Се работи за префрлен пожар од селото Богомила.

 - Ребалансот на буџетот во четврток ќе се најде на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Според информациите од веб страницата на Собранието, седницата на Комисијата е закажана во 11 часот. Ребалансот на буџетот се очекува да биде усвоен најдоцна до првата недела од август. Ребалансот беше усвоен на владина седница во вторникот, а во средата на прес-конференција во Владата го образложи министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска. Растот на БДП е ревидиран од првично планираниот 3,4 проценти на 2,1 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 3,5 проценти. Во втората половина на годината се очекува забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергенсите, како и поумерен притисок од базичната инфлација. Вкупните приходи се планирани на ниво од 318 милијарди 150 милиони денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиони денари, додека расходите се проектирани на ниво од 362 милијарди 816 милиони денари, односно на расходна страна има зголемување од 19 милијарди 178 милиони денари.

 - Претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Одил Рено-Басо, денеска и утре ќе биде во посета на Северна Македонија. За време на нејзината втора посета на земјава, претседателката на ЕБОР, како што е најавено, ќе се сретне со владини претставници, претставници од бизнис секторот и од граѓанскиот сектор. ЕБОР, се додава во соопштението, е главна институција во Северна Македонија во однос на инвестициите во земјата и до денес, има инвестирано 2,9 милијарди евра во 190 проекти.

– Судскиот совет денеска со почеток од 13 часот ќе ја одржи 493. седница на која има осум точки на дневен ред. Меѓудругото, Советот ќе расправа по претставки и поплаки од граѓани и правни лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите, по извештаите за констатирана состојба по поднесени барања за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд, по барање за надомест за одвоен живот на член на Судскиот совет, по барање на судија за јавност на расправата во постапка за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд, како и по известувања за утврдена фактичка состојба по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд. 

 – Властите во Србија синоќа најавија дека од буџетот ќе бидат издвоени по 5.000 евра за секој кој ќе купи нов електричен автомобил што ќе се произведува во фабриката во Крагуевац. -Ако автомобилот чини 22 или 23 илјади, имате пет илјади од нас, секој клиент, најави српскиот претседател, Александар Вучиќ. Како што беше најавено, денеска и официјално ќе биде означена реализација на проектот во фабриката Стелантис во Крагуевац, што се однесува на почеток на производство на електричниот автомобил „Фиат Гранд панда“.

 - Претседателот на Бугарија, Румен Радев ќе го врачи денеска вториот мандат за формирање влада.Се очекува мандатот да биде доставен претпладнето и веднаш да го врати втората по големина пратеничка група во Народното собрание - „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ).Според одредбите од бугарскиот Устав, по враќањето на тој мандат за формирање влада, претседателот на државата во рок од седум денови и наложува на следната по бројност пратеничка група да предложи кандидат за премиер.

 - Руските сили за воздушна одбрана синоќа соборија 75 украински беспилотни летала над руска територија, соопшти руското Министерство за одбрана. ПВО пресретнала и уништила 47 беспилотни летала над Ростов, по еден над регионите Белгорд, Воронеж и Смоленск и осум над провинцијата Краснодар.Соборени се 17 дронови над водите на Црното и Азовското Море, се наведува во соопштението.

 – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека Киев ја почитува „тешката, но силната“ одлука на американскиот претседател Џо Бајден да се повлече од кампањата за реизбор. - Украина му е благодарна на претседателот Бајден за неговата непоколеблива поддршка на борбата за слобода на Украина, која заедно со силната двопартиска поддршка во САД, беше и останува клучна, објави Зеленски на Икс.

 - За време на Олимписките и Параолимписките игри Франција ќе пречека гости од целиот свет, а според проценките, на учесниците ќе им бидат послужени над 13 милиони оброци. Од појадок до вечера, од сендвичи до „шведска маса“, Париз 2024 ќе се потруди да ги задоволи потребите на спортистите, доброволците, гледачите и медиумите, се наведува на страницата на Олимпијадата. Во земјата на гастрономијата и со оглед на главните климатски и еколошки предизвици во денешниот свет, тоа е оперативно-културно-еколошки предизвик кojшто сите вклучени ќе треба да го прифатат. Организаторите имаат намера да го искористат настанот како можност да се истакнат креативноста, квалитетот, квантитетот и одржливоста околу храната на вака голем меѓународен настан. Франција во подготовките на менито вклучи 120 организации и 200 спортисти.

– Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен синоќа изјави дека неколку дена пред почетокот на Олимписките игри во Париз спроведени се еден милион административни истраги и утврдено е оти 4.355 лица би можеле да претставуваат закана. Безбедносните истражување се спроведени за сите лица кои на каков било начин ќе учествуваат во ОИ од 26 јули до 11 август и на Параолимписките игри од 28 август до 8 септември. Проверени се спортисти, тренери, новинари, волонтери, приватно обезбедување, дури и граѓаните кои живеат во близина на одржувањето на церемонијата на отворање на ОИ.

– Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху во текот на неделата ќе се сретне со претседателот на САД, Џо Бајден во Белата куќа, изјави неименуван американски извор.Средбата ќе се одржи како што е планирано и покрај повлекувањето на Бајден од претседателската трка, изјави анонимен американски функционер. Сè уште не е утврден точниот датум бидејќи Бајден заздравува од Ковид-19.Нетанјаху на 24 јули треба да се обрати во Конгресот. Се очекува тој да се сретне и со потпретседателката Камала Харис. 

– Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп нема идеја како да стави крај на војната во Украина, изјави неговиот поранешен советник за национална безбедност Џон Болтон во интервју за Си-ен-ен. Болтон алудираше на изјавата на Трамп, дадена за време на неодамнешниот разговор со претседателот Володимир Зеленски, дека ќе донесе мир и ќе стави крај на руско-украинската војна. - Тоа е лудост. Тој нема поим како ќе преговара и како ќе стави крај на таа војна, наведе Болтон.

- Бајден ја донел оваа одлука дури по долга дискусија со двајца негови најблиски соработници, Стив Рикети и Мајк Донилон. Тие го посетија во неговиот дом во Делавер за да го убедат дека по неговиот настап за време на дебатата против Доналд Трамп, нема шанси да го победи републиканскиот кандидат во ноември, пишува Политико. Двајцата му ја пренесоа загриженоста искажана од американските конгресмени, укажаа на забавувањето на протокот на донации и му ги донесоа анкетите на јавното мислење подготвени од неговиот изборен штаб за прв пат по два месеци. Бројките беа мрачни: Бајден не само што заостануваше зад Трамп во шест клучни држави, туку и загуби на места како Вирџинија и Ново Мексико каде демократите не планираа да трошат огромни ресурси за да победат.

 - Челниците на Демократската партија во сите 50 сојузни држави на САД ја поддржаа потпретседателката Камала Харис како нов кандидат на таа која ќе се спротивстави на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на ноемвриските претседателски избори во САД. Откако актуелниот американски претседател Џозеф Бајден ја објави својата одлука да се повлече од изборната трка, водечките луѓе на демократите одржаа конференција на која беше потврден единствен став.

Остани поврзан