• понеделник, 22 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 22 јули 2024

Вевчани - Во рамките на „Вевчанско лето“ 2024 в среда, во дворот на детската
градинка „Планински цвет“ ќе биде изведена претставата „За нас почнува живот“ во изведба на
актерите Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви.

Претставата, како што соопшти Драмски театар, е создадена по мотив од романот „Прав“ од Ѓерѓ
Шпиро. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, асистент на режија е Дамјан Димовски, костимограф Марија Папучевска, а музиката е на Горан Трајкоски. Плакатот и видеоматеријалот за претставата се изработени од Стојан Стојановски.

Во програмската белешка, режисерот Пројковски, упатувал дека претставата е и смешна и тажна,
бидејќи, таков е животот. „За нас почнува живот”, според информацијата, е претстава за човекот,
за оној мал човек што го сретнуваме на улица секој ден, што работи со нас, што ни е роднина, за
оној мал човек што го гледаме секое утро во огледалото.

- Во претставата маж и жена се борат и лутаат низ животните патишта и никако не успеваат да ја искачат својата животна планина, да ги победат своите проблеми и таму на врвот да уживаат во најубавото изгрејсонце и поглед на море . И токму кога сметате дека угоре е високо, а удолу длабоко добивате милиони на лото. И како понатаму... Претставата е со многу трагикомични ситуации, но и со многу комични дијалози кои не потсетуваат дека животот е убав и без добивка на лото, вели режисерот Пројковски.

Охрид – Народниот театар од Битола вечерва во рамки на драмската програма на „Охридско лето“ ќе се претстави со премиерната изведба на претставата „Галеб“ на Антон Павлович Чехов, во режисерска поставка на Багријана Попов.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција по повод премиерата, драмата што Чехов самиот ја нарекува комедија, носи и порака за кршливоста на човештвото, гледано низ призмата на односот на луѓето кон природата.

Режисерката Попов која 20 години соработува со Битолскиот театар посочи дека во претставата се зборува за страдања, но и за љубовта, за природните убавини и оттаму коренспондира со тоа што ќе биде премиерно изведена токму тука во Охрид.

- Секогаш кога се поставуваат претстави како оваа, суштината е да се презентира интеракцијата на човекот со природата, со убавината. Со нетрпение очекувам да видам како оваа претстава ќе биде донесена тука, на ова спиритуално место, да се открие како оваа претстава ќе проговори во нас и преку нас, рече Попов.

Режисерката посочува дека со актерите од Битолскиот театар „галебот“ доаѓа тука во Охрид и сега, со езерото како централен карактер, суптилно влијаејќи на односите кои се одвиваат околу него. „Волшебната претстава на Чехов е љубовно писмо за животот, носејќи ја нашата свест до кршливост и потребата за грижа“, вели таа.

Илија Волчевски од театарот во Прилеп кој ја толкува главната улога во претставата, во оваа прилика рече дека Чехов отсекогаш бил предизвик за актерите, уште од академските денови било чест и обврска да се обработуваат неговите дела и ликовите во неговите драми.

Куманово - Протестираа денеска вработените во кумановската градинка поради неисплатена јунска плата. Протестот во траење од половина час во организација на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) се одржа пред управната зграда. Вработените од осумте објекти на установата „Ангел Шајче“ бараат да им биде исплатена платата. Дел од вработените кои го поддржуваат протестот останаа со децата кои се згрижени во објектите.

Цветанка Митевска, претседателка на регионален одбор на СОНК и претседател на синдикална организација во градинката изјави дека го организираат протестот по информацијата дека два месеца вработените во кумановската градинка нема да земат плата.

-Од кои причини, тоа институциите треба да си одговорат. Ние во четврток донесовме одлука на средба, на која беше присутен и претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Вработените легитимно изгласаа да пристапиме кон оваа мерка, протест пред градинката, и да се реши што побрзо овој проблем. За јуни немаме земено плата, револтот е тука што во државата само во кумановската градинка плата нема, за што еве реагираме и се надеваме дека ќе биде решено. Имаме информација од СОНК, претседателот контактирал со Министерството за финансии, и имаме известување дека плата ќе има во најскоро време, изјави Митевска.

Куманово/ Струмица  - За влез од граничниот премин Табановце и за излез од граничниот премин Богородица се чека околу еден час, соопштија денеска Министерството за внатрешни работи за МИА. Од МВР посочуваат дека се ставени сите човечки и технички капацитети за да се забрза протокот на патници. Викендов на ГП Табановце влегле над 26.000 патници, на Богородица излегле над 22.000 патници.

- На излез од Република Северна Македонија на ГП Богородица се чека околу еден час, а на ГП Стар Дојран околу 45 минути. На ГП Богородица работат пет ленти за излез, а на ГП Дојран две. На ГП Табановце работат пет ленти за влез. За влез во државата се чека околу еден час. Од страна на МВР се преземаат сите мерки и во функција се ставени сите човечки и технички капацитети за да се забрза протокот на патници, се разбира со спроведување на задолжителните гранични проверки, информираа од МВР.

Викендов, од 19 до 21 јули годинава, излез од ГП Богородица оствариле 22.715 патници. На ГП Табановце викендов во државата влегле 26.063 патници. На овој граничен премин, денеска, од полноќ досега, за влез се пријавени 3.245 патници.

Според податоците на МВР од 1 јануари годинава до 15 јули минатата година, бројот на патници за излез од државата на ГП Богородица бил 724.840, а за истиот период (1 јануари до 15. јули годинава), бројот на патници за излез од Република Северна Македонија на ГП Богородица бил 750.812, што значи, има зголемување за околу 25.000 во однос на лани. 

Велес  - Во СВР Велес, во петокот во 16 часот,  31- годишната Е.С.Т. од Велес пријавила дека во подрумска просторија во куќа на нејзината баба, во која никој не живеел, била пронајдена експлозивна направа.

Како што информира денеска портпаролката на СВР Велес Билјана Ѓаковска, пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување безбедно ја подигнал експлозивната направа.

Тетово - Општина Тетово информира дека водоснабдувањето одреден период ќе се врши само со количините од стариот водоснабдителен систем, поради заматување на водата од новиот Лешнички систем. Оттаму велат дека заматувањето е последица на невремето што викендов го зафатил Шарплaнинскиот појас.

- Водата што доаѓа од изворите на Лешница е заматена и достигна ниво на загаденост над нормалата. Поради оваа ситуација, принудени сме привремено да ја прекинеме употребата на овој ресурс додека не се изврши целосното чистење, процес кој бара време. Моментално градот ќе се снабдува со вода од старите извори и оние на Попова Шапка, кои обезбедуваат проток од 350 литри во секунда. Оваа количина не е голема, но е доволна за да се излезе на крај со оваа тешка ситуација, доколку сите соработуваме и штедиме вода. Секоја капка вода што ја заштедуваме денеска е инвестиција во нашата заедничка иднина. Ова е моментот кога ние како одговорни граѓани мора да покажеме солидарност и грижа, се вели во денешното соопштение на Општина Тетово.

Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола е првиот и единствен македонски универзитет кој се приклучи на Декларација од Барселона за отворени истражувачки информации.

Со прифаќање на Декларацијата од Барселона, УКЛО ја потврдува посветеноста за унапредување на знаењето за подобрување на општеството и промовирање на култура во која информациите за истражување се слободно достапни за сите, истакна ректорот на УКЛО, Игор Неделковски.

-Реализацијата на иницијативата и приклучувањето на УКЛО кон меѓународни иницијативи од овој тип, придонесува за зголемување на видливоста на научната компонента, но и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во целина, посочи Неделковски.

Според проректорот за наука, Горан Илиќ овој нов момент е значаен чекор напред во заложбата на УКЛО за поттикнување на транспарентноста во истражувачките практики, особено затоа што, Декларацијата од Барселона претставува заеднички напор на институциите ширум светот за револуција во ширењето и користењето на информациите за истражување.

-Отвореноста на информациите за истражување е од клучно значење бидејќи обезбедува достапност и транспарентност на истражувањето до сите засегнати страни и го поддржува глобалното движење кон отворена наука, нагласи Илиќ.

Декларацијата од Барселона ја потпишаа триесеттина универзитети од Франција, Грција, Чешка, Холандија, Шпанија, Германија..., а меѓу нив е и македонскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола.

 

 

Остани поврзан