• вторник, 23 јули 2024
МИА Флеш

22 јули 2024

- Менување на политиките за талентираните деца и обезбедување поголем буџет за нив, промени што ќе се случат наскоро, најавува министерката за образование и наука Весна Јаневска по новиот успех на македонски ученици на меѓународен натпревар. Од штотуку завршената 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024) во Велика Британија, шест македонски ученици се враќаат со еден златен медал, два бронзени и три пофалници. 

- В.д. директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов денеска информираше дека ноќта на 19 овој месец е направен вонреден надзор во Затворот „Скопје“ и притоа е констатирано дека списокот со затвореници што го добиле од полицијата не кореспондирала со фактичката состојба која ја затекнале.

 - Единицата за интервентна полиција на СВР Скопје лиши од слобода криминалец баран со потерница за затворска казна од 12 години и десет месеци, соопшти денеска  Министерството за внатрешни работи. 

– Македонскиот олимписки комитет денес ги промовира македонските натпреварувачи кои ќе учествуваат на Олимпијадата во Париз. На ЛОИ 2024 ќе отпатуваат шест македонски спортисти:
Владимир Егоров, борење (до 57 кг слободен стил) Никола Ѓуретановиќ, пливање (400 метри слободно) 
Анастасија Мојсовска, стрелаштво (10 метри воздушна пушка) Еди Шерифовски, џудо  Мила Релиќ, таеквондо Дарио Ивановски, атлетика (маратон).

- Минималните трошоци на едно семејство во јули изнесувале 60.570 денари и во споредба со јуни трошоците се зголемени за 245 денари, објави денеска Сојузот на синдикати на Македонија.

 - Регулаторната комисија за енергетика денеска одлучи да ги намали цените на бензините. Од полноќ за денар ипол поевтинува Еуросупер БС-95, Еуросупер БС-98 и Еуродизелот, а Екстра лесното масло за домаќинство за еден денар. 

 - Инспекциски тимови на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во периодот од 16 до 19 јули спроведоа вонредни засилени контроли во објекти и оператори со храна (хотели, ресторани, времени - кетеринг објекти, месарници и маркети) во туристичките центри Дојран, Охрид, Струга и Преспа со кои беа опфатени 112 објекти. При тоа беа изречени 54 глоби на 54 оператори со храна, од кои на осум им беше изречена забрана за работа до отстранување на констатираните недоследности.

- Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со претседателката на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата Гордана Кожуваровска. Како што соопшти МВР, на средбата била констатирана одличната соработка меѓу двете институции, базирана на примарната цел - подобрување на безбедноста во сообраќајот.

 - До крајот на годината невозможно е да има зголемување на платите на здравствените работници и потпишување на нов колективен договор како што бараат синдикатите, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари. 

-  Од година во година се зголемува бројот на ангажирани пензионери во Албанија, како потреба да се покрие празнината што ја оставија младите на пазарот на трудот.

 - Пет лица загинаа во дом за стари и изнемоштени лица во Дарувар, 130 километри југоисточно од Загреб, јавија хрватските медиуми. Според нив, маж влегол во домот за стари и изнемоштени лица и почнал да пука во луѓето. Пет лица загинаа на лице место, а на некои се уште им се укажува лекарска помош.

 – Претседателот на Франција, Емануел Макрон при денешната посета на Олимпиското село истакна дека Пaриз е подготвен за да биде домаќин на Олимписките игри. - Подготвени сме и ќе бидеме подготвени во текот на Игрите, посочи Макрон.

– Советот на Европска Унија соопшти дека ги продолжува економските санкции против Русија воведени поради војната во Украина до 31 јануари 2025 година. Санкциите првично беа воведени пред 10 години и беа продолжени во 2022 година.

 - Шефовите на дипломатиите за земјите членки на ЕУ на денешното заседанието на Советот за надворешни работи (ФАК), ќе одржат посебна расправа од затворен тип само со нивно присуство посветена на посетите на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан на Киев, Москва и Пекинг и на обвинувањата на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на заседанието на Советот за безбедност на ОН дека Унијата се залага за војна во Украина, најави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.  

Тагови

Остани поврзан