• понеделник, 22 јули 2024
МИА Радио флеш

 22 јули 2024

 - Директорот на Царинската управа Бобан Николовски денеска имал средба со Марк Диксон, шеф на Отсекот за развој на полицијата при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на која разговарале за справување со криминалот и корупцијата преку унапредување на разузнавачките капацитети. Како што информира Царинската управа, заклучоци од средбата биле „подигнување на статусот на професијата, жестока борба против криминалот и корупцијата преку унапредување на разузнавачките капацитети, но и примена на стратешки пристап од страна на сите институции“.  Заклучено е и да се промени и пристапот во обуките при што тие треба да бидат теренски и суштински, а нив ќе ги посетуваат единствено лица кои ќе покажат високо ниво на професионалност.  

 - Вкупно 32 младинци ќе добијат поддршка бесплатно да учествуваат на работилници на филмски фестивали, во рамките на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, што го организира Мрежата на филмски фестивали и организации „Edu Cuts“.  Како што информираат од Мрежата на филмски фестивали и организации „Edu Cuts“, на повикот биле пријавени 40 младинци од кои 33 девојки и 7 момчиња - од кои 16 од Македонија, 15 од Босна и Херцеговина, 5 од Србија, по 2 од Црна Гора и од Албанија. Поголемиот број од пријавените (33) се средношколци, а седуммина се студенти. Осумте младинци не добија потврда дека се примени да учествуваат на филмски фестивали. 

– Доколку Северна Македонија продолжи со оваа политика, која е директно спротивна на меѓународните договори, тогаш грчката страна ги има оние средства за да може да изврши уште поголем притисок, средства што се и билатерални и мултилатерални на ниво на меѓународните организации, рече министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина. Шефот на грчката дипломатија повтори дека Договорот од Преспа е ратификуван од двата парламенти, со што носи законски обврски „кои не може да се променат од ниедна од двете земји“.

– Производството на електричниот автомобил „Фиат Гранде Панда“ во Крагуевац е еден од најзначајните датуми за српската економија во изминатите неколку децении, изјави денеска претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС), Марко Чадеш. Тој посочи дека со „електричната Панда“ во Србија доаѓа технологија, знаење и револуционерни чекори во секторот на и-мобилност (eMobility). - Ова е сериозна промена за нас. Србија станува една од ретките земји на мапата на производители на електрични возила, а тоа треба да нè радува сите. Ова ќе ги придвижи Крагуевац и Србија на сосема поинакво ниво на развој, истакна Чадеш.

– Кипарското прашање е главен приоритет за грчката надворешна политика, секогаш беше и ќе остане, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, посочувајќи дека има чувство дека „ќе има раздвиженост во конкретното прашање“, јави дописничката на МИА од Атина.  Нагласи дека пред една година беше во фаза на неподвижност, неактивност, но сега веќе постојат низа настани, кои го враќаат кипарското прашање во првите редови на меѓународното внимание, на првите редови на меѓународно ниво, додавајќи дека она што во моментов е важно е да има дијалог. 

- Советот на Европската унија денеска усвои одредба со која се укинува визниот режим за носителите на пасоши на Директоратот за координација на Србија, што издава патни исправи на Србите во Косово, а целта на одлуката на Советот на ЕУ е целиот Западен Балкан да биде предмет на истиот визен режим, пренесе Бета. Србите во Косово со такви пасоши беа единствените изземени од безвизниот режим на  патување во ЕУ, што вообичаено важи за сите земји од Западен Балкан. Одлуката ќе стапи во сила 20 дена по објавувањето во службениот весник на ЕУ.

 - За овогодинешните јунски избори за Европскиот парламент се потрошени 9,2 милиони евра, според привремениот извештај на Државната изборна комисија (ДИК) на Хрватска, поради растот на голем број трошоци, што е за 1,8 милиони повеќе од истите избори во мај 2019 година. Сумата од 9,2 милиони евра не е целосна, недостигаат некои трошоци, како што е висината на обештетувањето што ќе го добијат политичките партии кои освоија едно од 12-те хрватски пратенички места во Брисел. За таа намена се издвоени вкупно 159.000 евра, односно 11.415 по освоен мандат и 6.637 евра за случај кога партија, или независен кандидат, не освои мандат во Европскиот парламент, но добива најмалку пет отсто од валидни гласови.

 – Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека на денешната средба на министрите за надворешни работи на земјите – членки на Унијата ќе се разговара за „неприфатливите“ активности на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Борел посочи и дека ќе се разговара и за „неприфатливите“ позиции на Унгарија за улогата на ЕУ во Украина. Според него, земјите-членки на ЕУ мора да дебатираат за тоа пред да донесат евентуална одлука каков став да заземат за унгарското претседавање со ЕУ во следните месеци. 

 – Најавеното повлекување на американскиот претседател Џо Бајден од претседателската трка се очекува да биде главна тема на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на Европска Унија. Главни теми на денешната редовна средба на министрите за надворешни работи се конфликтите во Украина и на Блискиот Исток, но историската одлука на Бајден најверојатно ќе доминира во преговорите во Брисел. Односите меѓу ЕУ и САД се влошија за време на првиот мандат на Доналд Трамп, а во ЕУ има загриженост дека неговиот втор мандат ќе има големи последици за војната во Украина, глобалната трговија и европската безбедност воопшто.

 - Портпаролката на НАТО, Фарах Далалах, рече дека од 2014 година, Алијансата ја претрпе најзначајната трансформација во колективната одбрана во една генерација, наведувајќи дека 500.000 војници моментално се во состојба на готовност. - Ги имплементиравме најсеопфатните одбранбени планови од Студената војна, со повеќе од 500.000 војници во моментов во состојба на готовност, изјави таа за Си-Ен-Ен. Таа посочи дека е важно сојузниците да продолжат да имаат способни вооружени сили за заштита на територијата и населението на Алијансата.

– Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба утре ќе ја посети Кина, соопшти украинското Министерство за надворешни работи. Во соопштението се истакнува дека главната тема на дводневната посета на Кулеба во Кина ќе биде потрагата по начини за запирање на руската агресија и можната улога на Кина во постигнувањето одржлив и праведен мир. 

- Израелската армија денеска нареди евакуација на дел од територијата во Појасот Газа, што претходно ја определи како хуманитарна зона. Армијата објави дека планира да започне операција против милитантите на Хамас кои се во областа и оттаму лансираат ракети кон Израел. Станува збор за источниот дел на хуманитарната зона Муваси, што се наоѓа на југот од Појасот. Претходно овој месец, Израел соопшти дека проценува дека најмалку 1,8 милиони Палестинци се наоѓаат во хуманитарната зона што ја прогласи, која опфаќа дел од околу 14 километри долж Средоземното Море.

– Синот на американскиот претседател Џо Бајден, Хантер ја повлече тужбата против „Фокс њуз“ (Fox News) поради објавувањето на неговите голи фотографии и видеа во емисија во која наводно се прикажува фиктивен судски процес против него поради неговите странски зделки. Во документите не е наведена причина за повлекување на побарувањето. Портпаролот на „Фокс њуз“ ги повтори претходните коментари на компанијата дека тужбата е „политички мотивирана“ и „неоснована“.

– Повеќе од 500 луѓе, вклучително и опозициски лидери, досега се уапсени во текот на неколкудневните судири во главниот град на Бангладеш, Дака предизвикани од протестите против квотите за работни места. Најмалку 532 лица се уапсени поради насилството, изјави портпаролот на полицијата во Дака, Фарук Хосеин. Тој додаде дека меѓу уапсените се и лидери на опозициската Национална партија на Бангладеш. 

Остани поврзан