• вторник, 23 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

   23 јули 2024

 

 

Скопје - Собранието денеска ќе ја одржи 11. седница на која треба да бидат изгласани замениците-министри во Владата, со што целосно би се комплетирал владиниот тим. Седницата е закажана за 11 часот, а на дневен ред е и Предлог на законот за изменување на Законот за здравствената заштита - прво читање, со кои се укинуваат економските директори во јавните здравствени установи и болници  и верификацијата на мандат на пратеник во Собранието. Претседателот на Владата предлогот за заменици министри го достави до Собрание минатата недела.

Скопје -  Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по суви коловози со зголемен интензитет на патните правци надвор од градските средини. Се бележи поголем интензитет на сообраќај и на граничните премини Богородица и Табановце. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.

Скопје - Во Кристалната сала на Владата на Република Северна Македонија денеска ќе се потпише договор за заем од 26,4 милиони евра помеѓу Европската банка за обнова и развој - ЕБОР и македонскиот оператор за електропреносен систем АД МЕПСО. Како што информираат од владината прес-служба, средствата од заемот се наменети за зајакнување на преносната мрежа на АД МЕПСО. 

Скопје - Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески денеска ќе одржи работен состанок со министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Средбата ќе се одржи во просториите на Стопанската комора на Северна Македонија. 

Скопје - Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот во рамки на кои на територија на град Скопје изречени се вкупно 140 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 19 санкции. Како што соопшти МВР, изречени се меѓу другото и 20 мерки за прекршоци што ги чинат возачите на мотоцикли, шест за користење мобилтен телефон при возење, како и шест мерки за некористење сигурносен појас.

Охрид – Програмата на годинешното 64. издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со содржина од музичкиот дел, со концертот на нашето пијано дуо - Марија Ѓошевска и Славица Мицовска. Марија Ѓошевска е една од најистакнатите пијанистки во нашата земја. Дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф. Борис Романов. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Често настапува како камерен музичар и пијано соработник со истакнати инструменталисти. Ѓошевска е еден од македонските учесници во проектот „Пијано – рефлексија на европската култура” со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Р.С.

Скопје - Во организација на Културниот центар „Лабораториум“ и „Лаб дизајн маркет“, од денеска до 1 август во главниот град ќе се одржува „Скопје вибрира“ - поп ап изложба на дизајн и визуелни уметности. „Скопје вибрира“ е повеќедневен настан, лоциран во индустриската хала на поранешната печатница на НИП „Нова Македонија“, и покрај поп ап изложбата ќе понуди музичка, филмска и забавна програма.

Атина - Пред точно шест години, на 23 јули 2018 година, Грција се соочи со еден од најкатастрофалните пожари во поновата историја, приморското место Мати, во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, веќе е синоним на трагедијата во која животот го загубија 102 лица, јави дописничката на МИА од Атина.  Шест години подоцна, семејствата на жртвите сè уште бараат одговорности и одговори, судскиот процес заврши, голем дел од обвинетите беа ослободени, а осудените добија минимални казни, па затоа со поднесена жалба од обвинител, судењето започна одново на втор степен и е во тек. 

Лондон – Состојбата на вооружените сили на Велика Британија, поради децениските намалувања, е многу полоша отколку што мислевме, изјави британскиот министер за одбрана Џон Хили. Според него во „овие навистина сериозни времиња со брзо растечки глобални закани“ треба да се избегне вековната тактика на армијата, Кралската морнарица и Кралските воздухопловни сили кои се борат меѓусебно поради ограничените средства за поддршка на проекти.

Вашингтон – Претседателот на САД, Џо Бајден се очекува на 25 јули да го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, изјави неименуван американски претставник. Бајден заздравува од Ковид-19, но денеска се враќа во Вашингтон од неговата куќа во Делавер. Додека Нетанјаху утре ќе се обрати пред Конгресот.

Москва – Руското Министерство за одбрана соопшти дека синоќа се уништени 25 украински беспилотни летала, од кои 21 над Крим и Црно Море. Противвоздушната одбрана пресретна и уништи два дрона над областа Бријанск и два над Белгород, како и 21 дрон над територијата на Република Крим и Црно Море, се наведува во соопштението на руското МО.

Вашингтон - Американската потпретседателка Камала Харис обезбеди поддршка од мнозинството делегати на Демократската национална конвенција за да стане претседателски кандидат, соопштија извори. Претседателот Џо Бајден ја поддржа Харис во неделата кога тој се повлече од трката поради прашањата за неговата возраст и здравје. Тој вети дека ќе остане на функцијата претседател до крајот на неговиот мандат на 20 јануари 2025 година.

Вашингтон – Министрите за надворешни работи и за одбрана на САД и на Јапонија на 28 јули ќе разговараат за безбедноста, при што првпат во фокусот ќе биде „проширеното одвраќање“, термин кој се користи за да се опише посветеноста на САД да ги користат своите нуклеарни сили за да ги одвратат нападите против сојузниците. Иако Токио и Вашингтон претходно разговараа за ова прашање на пониски нивоа, разговорите ќе иницираат тема, што е чувствителна во Јапонија, која инсистира на неширење на нуклеарното оружје и е единствената земја што претрпе напад со атомска бомба.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден префрли дел од своите овластувања од Законот за поддршка на Украина на министерката за финансии Џенет Јелен и државниот секретар Ентони Блинкен. Тие овластувања вклучуваат и одредби за конфискација на замрзнати руски средства, се вели во соопштението на Белата куќа.

Пекинг - Високиот функционер на Хамас, Муса Абу Марзук, денеска објави дека неговата милитантна организација потпишала договор со други палестински групи, вклучително и ривалите Фатах додека бил во посета на Кина. -Денеска потпишуваме договор за национално единство и велиме дека патот до завршување на ова патување е национално единство. Ние сме посветени на национално единство и повикуваме на тоа, наласи Абу Марзук.

Вашингтон – Пентагон ја објави својата стратегија за Арктикот „набљудувај и реагирај“, што се заснова на собирање разузнавачки информации, соработка со сојузниците и способност за распоредување воени средства. Во документот се наведува дека Русија и Кина ја интензивираат соработката во регионот на Арктикот, што може да влијае на регионалната стабилност. Според Пентагон Русија повторно отвори стотици воени објекти од советска ера на Арктикот, додека Кина планира да изгради „Поларен пат на свилата“.

Дака - Бројот на апсења во деновите на насилство во Бангладеш се приближи денеска до границата од 1.200, откако протестите поради квотите за вработување предизвикаа широки немири. Најмалку 174 луѓе загинаа, вклучително и неколку полицајци, според полицијата и болниците. Она што започна како демонстрации против политизираните квоти за прием за бараните владини работни места, минатата недела прерасна во некои од најголемите немири во мандатот на премиерката Шеик Хасина.

Рио де Жанеиро - Тестирањето на ајкулите во близина на брегот на Бразил открило дека тие се позитивни на кокаин. Научниците стравуваат дека тоа ќе доведе до промена во нивното однесување. Биолозите тестирале 13 ајкули од крајбрежните води во близина на Рио де Жанеиро и откриле дека сите единки имаат високо ниво на кокаин во мускулите и црниот дроб, пишува британски „Телеграф“.

 

 

Остани поврзан