• среда, 24 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

   23 јули 2024

 

 

Скопје – Собранието во рамките на денешната работа по дневниот ред на 11-тата седница ја започна расправата за избор на заменици министри во Владата. Во образложението за предложените заменици министри, премиерот Христијан Мицкоски рече дека со нивниот избор треба да се зацврсти стабилноста на Владата.  -  Со изборот на замениците на министрите нашата цел е да ја зацврстиме стабилноста на Владата и да обезбедиме ефикасна и компетентна извршна власт. Новите заменици ќе работат активно, ќе имаат задача да креираат иновативност. Многу од нив се млади луѓе кои ќе донесат свежи идеи и енергија во Владата. Тие ќе работат заедно со министрите за да ги реализираат реформите кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард на сите граѓани, рече Мицкоски.

Ги повика новите заменици да не го разочараат народот и да работат чесно и одговорно. Рече дека нема да толерира неработа и непринципиелност.

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска го примила Бјорн Габриел, претставник на Европската инвестициска банка (ЕИБ).

На средбата, соопшти кабинетот на  Сиљановска Давкова, се разговарало за севкупните активности на ЕИБ во нашата држава.

Скопје - Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри кредит на Комерцијална Банка АД Скопје во Северна Македонија наменет за зелено финансирање. Кредитот на ЕБОР, во износ од 3,5 милиони евра под Програмата за финансирање на зелена економија (Green Economy Financing Facility-GEFF) ќе поддржи инвестиции од енергетската ефикасност на домаќинствата, колективното домување, производители на производи за зелена енергија и ентитети кои даваат услуги во секторот на зелената енергија. Проектот е ко-финансиран од Европската Унија и Јапонија.

Како што соопштија од ЕБОР, Договорот за кредит е потпишан од Одил Рено-Басо, претседателка на ЕБОР, и Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор на Комерцијална Банка АД Скопје, заедно со член на Бордот на директори.

Скопје - Фирмите ќе посегнат по парите што се со помала камата, тоа е нормално, но така ќе креираме само моментно решение на ситуацијата. Мора се да оди во пакет, и да се обезбедат средства за поддршка на бизнисот, но и да се решат сите горливи прашања на кои постојано укажуваме. На тој начин ќе креираме квалитетен деловен амбиент во кој државата ќе има регулаторната функција, а бизнисот ќе води рамноправен натпревар на терен, без нејзино мешање, истакна денеска претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески во врска со унгарските 250 милиони евра што како поддршка треба да ги добијат компаниите.

Скопје - Стопанската комора сака средба со синдикатите на која ќе ги соочи аргументите за „недела неработен ден“. Како што рече денеска претседателот на Комората, Бранко Азески, секој закон од системски карактер треба да се анализира по шест месеци или една година, за да се види дали треба да се корегира или сосема да се менува. 

Комората останува на ставот дека не треба да се носат ад-хок решенија, без да се види како тие ќе влијаат врз работењето на фирмите.

Скопје - Освен во средните училишта, дуално образование да се применува и на универзитетите преку развивање дополнителни алатки за студентите да имаат што повеќе пракса, е еден од предлозите за кои денеска разговараа министерката за образование и наука, Весна Јаневска и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

Како што изјави Јаневска по средбата, тоа мора да се направи во договор со универзитетите.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и генералниот секретар на Владата Игор Јанушев денеска ги демантираа обвинувањата на СДСМ за подарениот имот од 325.000 евра.

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на денешната прес-конференција информира дека имотот кој му бил подарен на Јанушев, вреден 325.000 евра, е составен дел од зграда во најстрогиот дел од центарот на Скопје. Имот во оваа зграда, како што рече, покрај Јанушев, има и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

Брисел - Европската комисија започна официјална антимонополска истрага со цел да процени дали германската „Диливери Хироу“ и шпанската „Глово“ ги прекршиле правилата за конкурентност на ЕУ со создавање на картел во секторот за онлајн нарачки и испорака на храна, намирници и други стоки за широка потрошувачка на територијата на Европската економска област (ЕЕА). 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, „Диливери Хироу“ и „Глово“ се меѓу најголемите компании за испорака на храна во Европа. „Диливери Хироу“ од јули 2018 година презеде малцински удел во сопственоста на „Глово“, по што во јули 2022 година стана мнозински сопственик на шпанската компанија. 

Белград - Во Вишото јавно обвинителство во Ваљево денеска ќе бидат сослушани тројца поранешни и сегашни инженери од холдингот „Крушик“, осомничени дека на АТС груп од Северна Македонија и доставиле доверливи информации и документација. Денес за оваа шпионска афера се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ со оценка дека Северна Македонија е само проточен бојлер кон други служби во регинот, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ова трае долго време, тоа го прават од сите страни. Ова го следиме долго време. Точно знаеме за кого станува збор, преку кого тоа ишло и кој бил и кој требало да биде крајниот корисник. Северна Македонија е проточен бојлер, точно е еден од тие лица, но е проточен бојлер на некои други служби во регионот, изјави Вучиќ.

Брисел - Одлуката на ЕУ со која жителите на Косово кои поседуваат српски пасоши може да патуваат во земјите членки на Унијата без визи е во согласност со режимот за визна либерализација за носителите на косовски пасоши што стапи во сила од 1 јануари годинава, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за правда, еднаквост и владеење на правото Кристијан Виганд. 

Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека Србија води добра политика, и дека има многу добри односи со Руската Федерација, јави дописникот на МИА од Белград.

При обиколката на новата терминална зграда на аеродромот „Константин Велики“ во Ниш, тој истакна дека Србија ќе продолжи да одржува добри односи со Русија и покрај оние кои го сакаат спротивното.

Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Ниш изјави дека аеродромот во овој град ќе има карго сообраќај и субвенции за „лоу кост“ летови и дека новата фабрика Аристон ќе има извоз во вредност од 240 милиони евра, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ на отварањето на новата терминалан зграда на аеродромот Константин Велики во Ниш изјави дека „Ер Србија“ на овој аеродром ќе му даде специјални субвенции за „нискобуџетни“ летови, а целта на државата е да го развие товарниот сообраќај на него.

Атина – Воени бродови кај островот Касос во Егејското море, во непосредна близина на грчките територијални води, испратила Турција, поради истражувањата што ги врши италијанскиот брод „Ievoli Relume“ за поставување подводен кабел за електрична интерконекција меѓу Крит и Кипар, на што Грција одговорила со распоредување на три брода на воената морнарица и крајбрежната стража, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Прага - Чешкиот премиер Петр Фијала денеска апелираше до Европската унија да биде подготвена за двата можни исхода од претседателските избори во САД и повеќе да се грижи за сопствената безбедност.

„Јас долго време тврдам, дури и пред Бајден да се повлече од кампањата, дека Европа мора да биде подготвена за двата исхода и дека Европа мора повеќе да се грижи за сопствената безбедност, да застане повеќе на свои нозе и во оние прашања во кои ние со децении се спротивставивме на фактот дека за САД одбраната на Европа е приоритет“, вели Фијала во интервју за чешкиот таблоид Блеск.

Лондон - Недела, 21 јули, беше во просек најтоплиот ден откако се вршат мерења на температурата во светот, покажуваат прелиминарните податоци на организацијата Коперник, агенција на ЕУ за климатски промени. Просечната глобална температура на воздухот достигна 17,09 степени Целзиусови во неделата, малку повисока од претходниот рекорд од 17,08 степени лани.

Женева – Светска здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека постои голем ризик од појава и проширување на полио вирусот во Појасот Газа поради лошата здравствена и санитарна состојба во енклавата.

- Постои висок ризик од ширење на вирусот полимиелитис. Исто така тоа може да се прошири на меѓународно ниво, изјави претставникот на СЗО во Газа, Ајадил Сапарбеков.

Брисел - Европската унија на почетокот на следниот месец ќе и ја пренесе на Украина првата транша вредна 1,4 милијарди евра од замрзнатите руски средства за набавка на воена опрема, објави Укринформ. Ова го соопшти високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на прес-конференција по состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Киев - Украинското Министерство за енергетика денеска соопшти дека 50.400 потрошувачи останале без струја поради нападот во текот на ноќта врз енергетскиот објект во северниот украински регион Суми.

Како што е наведено на Телеграм, погодени се потрошувачите во 72 населени места.

Во изминатите 24 часа беспилотно летало нападна енергетски објект во регионот на Суми, при што беа оштетени трафостаници и потрошувачи приклучени на нив во регионите Суми и Чернигов.

Москва - Руските војници кои користат електронска техничка опрема со камера и геолокација во борбени зони како што е Украина би можеле да се соочат со дисциплински казни - апсење до 10 дена, според предложените амандмани на комитетот за одбрана на Државната дума на Русија.

Според предлогот на пратениците, носењето електронски уреди на бојно поле, апарати и технички средства со „домашна намена, во кои можат да се складираат или кои дозволуваат, со користење на информациската и телекомуникациската мрежа на интернет, да дистрибуира или обезбедува аудио, фото и видео материјали и податоци за геолокација“, да се смета за груба дисциплинска прекршок.

Абу Даби - Израел и Обединетите Арапски Емирати одржаа состанок во Абу Даби минатиот четврток за да разговараат за плановите за Газа по крајот на војната, изјавија двајца израелски официјални претставници за влијателниот американски политички сајт Аксиос. Неименувани извори тврдат дека домаќин на средбата бил министерот за надворешни работи на Емиратите, Абдула Бин Зајед. Од американска страна присуствувале главниот советник на американскиот претседател Џо Бајден за Блискиот Исток, Брет Мекгурк и советникот на Стејт департментот Том Саливан. 

Лос Анџелес - Компанијата „Тесла“ соопшти дека има намера да почне со масовно производство на човековидни роботи до 2026 година. Тоа го најави извршниот директор Илон Маск во објава на „Х“.

„'Тесла' ќе има навистина корисни човековидни роботи следната година коишто ќе се користат за внатрешните производствени потреби на компанијата. Се надеваме дека ќе почнеме масовно производство за други компании до 2026 година“, напиша Маск.

Остани поврзан