• среда, 24 јули 2024
МИА Радио флеш

24 јули 2024 

-Управувачкиот комитет за управување кризи претпладнево на состанок донел одлука да и препорача на Владата итно да донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем за соодветно да се справи со секоја криза која би настанала во земјава. Одлуката ја соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој истакна дека по пожарите во земјава во изминативе 13 дена се увидело дека таков систем не постои. -Факт е дека и Центарот за управување со кризи и сите останати институции делуваат во рамки на оние капацитетите што сме ги наследиле, но факт е дека тоа е несоодветно и ненавремено согласно потребите. Ресурсите се тие, луѓето се тие, можностите се тие, но факт е дека наследивме систем кој е руиниран и мораме супштински да го реформираме, изјави Тошковски по состанокот. 

-Културата долго време се третира како ресор кој што само ги троши средствата, а не придонесува за буџетот на државата. Заедно со туризмот, културата ќе стане профитабилна дејност и ќе може да придонесува за економијата во државата. Имаме законска рамка да го фузираме туризмот во културата и до крајот на годината ќе ја имаме точната платформа како ќе се претставиме во 2025 година. Од следната година ќе изработиме Национална стратегија за развој на туризмот, но и за развој на културата, бидејќи од 2022 година немаме нови стратегии, вели во интервју за МИА министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Во врска со припојувањето на туризмот кон Министерството, кој претходно беше под надлежност на Министерството за економија, Љутков појасни дека нови вработувања нема да има, бидејќи вработени во Министерството за економија ќе се префрлат во Министерството за култура. 

-Републичкото јавно обвинителство денеска информира дека за осомниченото лице за обидот за убиство на градоначалникот на Арачиново ќе се спроведува истражна постапка. За осомничениот, кој е недостапен за органите на прогонот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор која доколку биде определена ќе започне ефективно да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода. -Поради основано сомнение за кривично дело – Убиство oд член 123 став 2 точка 3, а во врска со член 19 (во обид), Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 26-годишен жител на Арачиново. Тој е осомничен дека на 1 април со умисла се обидел да го лиши од живот градоначалникот на таа општина, а во опасност ги довел и животите на уште неколку лица. Додека градоначалникот со своите соработници од Општина Арачиново и вработените од фирма-изведувач вршеле увид на градежни работи, осомничениот дошол со мотор, се паркирал и со автоматска пушка во рацете пришол на групата луѓе. Почнал да пука кон градоначалникот и со неколку проектили погодил две лица во неговата непосредна близина, информираат денеска од Републичкото јавно обвинителство. 

-Претставници на Асоцијацијата на национални терестријални ТВ станици, ММА, оствариле средба со ресорниот министер за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на која се разговарало за состојбите и предизвиците во медиумската сфера. -Како најголеми и највлијателни медиумски куќи во Македонија, му ја предочивме на министерот состојбата на медиумскиот пазар кој се соочува со огромни предизвици, но и непочитување на последните измени на Законот за АВМУ , член 141 и 141-а, со што националните ТВ станици се доведуваат во нерамноправна и подредена ситуација. Преку пластични примери го запознавме министерот Андоновски и за проблемот на галопирачката ТВ  пиратерија на нашите, но и странските ТВ програми како и за недоволно прецизирана медиумска регулатива полна со легални нелогичности, се вели во соопштението од ММА по средбата со министерот Андоновски.

-Утрово се активни седум пожари, ангажирани се сите ресурси и засега нема потреба од странска помош. Успешно се справуваме со актуелните пожари, за денеска се најавуваат и врнежи кои, ако паднат, ќе ја стабилизраат состојбата, но ние активно гаснеме во текот на денот, не чекаме да заврне, па ако пожарите почнат повторно да диеват, а ресурсите не се доволни, има начин како многу брзо да пристигне помош од странство, рече директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Ангелов на прес-конференција информира дека досега се повредени неколку пожарникари. Еден пожарникар и еден жител на населено место здобиле изгореници при гаснење пожар, завчера командир на Штипската противпожарна единица ги скршил двете раце паѓајќи во провалија, а со него паднал и пожарниакр кој ја скришл едната рака, додека ден претходно пожарникар доброволец за гаснење на планината Серта ја скршил раката, паѓајќи од квадрицикл. 

- Во Србија од 2003 година, заклучно со 2024 година, се издадени 69 решенија поврзани со истражување на литиум и сродни елементи, објави  Данас. Во тој период издадени се 441 решение за истражување други метали. Вкупно 138 компании добиле одобренија за истражување на метал во Србија. За литиум, првото решение и е издадено на компанијата „Рио Сава Експлорејшн“ на 8 јуни 2004 година, да врши геолошки истражувања во басен Јадар, во областа Лозница, како што е најавено од страна на здружението Прв прв на скалата (ППНС) врз основа на податоците добиени од Министерството за рударство и енергетика (МРЕ).

-Секако би сакал портфолио што ќе го истакне од една страна напредокот што Грција го постигна на економско ниво, но исто така и стратешката позиција на Грција во југоисточниот дел на Европа и НАТО, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за Политико, јави дописничката на МИА од Атина. Во однос на тоа дали Грција е заинтересирана за ново најавената позиција комесар за Медитеранот, Мицотакис вели дека е добра идеја што се воведува таков комесар, оценува дека би требало да биде медитеранска земја што ќе го добие конкретното портфолио, но и посочува дека сепак за Атина постојат и други ресори што би можеле да ѝ одговараат. Грчкиот премиер во интервјуто нагласува дека Грција повеќе не ја гледаат „како црна овца на Европа“, што му овозможува да игра поголема улога на европска и меѓународна сцена.

- Унгарија ќе го блокира повратот на средства од Европската Унија за земјите членки кои и дистрибуира воена опрема на Украина, се додека Киев не дозволи транзит на нафта од руската компанија „Лукоил“ преку нафтоводот „Дружба“ што минува низ украинска територија, најави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто. - Додека Украина не го реши ова прашање сите нека заборават на исплатата на компензацијата од 6,5 милијарди евра од Европскиот мировен фонд (ЕПФ) за трансфери на оружје, изјави Сијарто. Унгарија и Словачка во понеделникот побараа од Европската комисија да посредува во „процедурата за консултации со Украина“, откако Киев ја додаде „Лукоил“ на нејзината листа на санкционирани, што опфати и прекин на испораките на нафта од руската компанија за двете земји.   

-По полагањето заклетва како пратеник во Европскиот парламент, Фреди Белери е избран и за потпретседател на Комисијата за петиции во оваа институција. Минатата недела Белери доби дозвола од Управата на затворите да замине во Стразбур, каде положи заклетва како европратеник, откако победи на изборите на листата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и Нова демократија. -Им благодарам на колегите за мојот избор за потпретседател на Комисијата за петиции, за што бев информиран во затвор. Тоа е голема чест и уште поголема одговорност за мене како новоизбран европратеник. Наскоро мојата авантура ќе заврши и ќе можам да ги извршувам задачите што ми ги доверија грчките граѓани, изјавил Белери.

-Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска изјави дека сака да најде „заеднички јазик“ во разговорите со неговиот кинески колега за ставање крај на војната на Украина со Русија.На видеото објавено од Министерството за надворешни работи на Украина се гледа како Кулеба пристигнува на состанок во градот Гуангжу и разговара со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји. Тоа е прва посета на украинскиот министер за надворешни работи на Кина од почетокот на војната во 2022 година.

-Две лица загинаа, а тројца се повредени во синоќешните руски напади врз Харков, Херсон и Измаил, соопштија украинските локални власти. - Едно лице загина во руските воздушни напади врз Харков, објави градоначалникот Ихор Терехов на Телеграм. Тој додаде дека поради нападот избувнал пожар во станбена зграда и сè уште не се знае бројот на жртвите.

-Бојкотот на голем број демократи на говорот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска пред американскиот Конгрес ќе го нагласи длабокото незадоволство кај некои во партијата од тоа како тој ја води војната против Хамас, објави „Њујорк тајмс“. Се очекува тензиите да бидат толку високи што претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон се закани дека ќе биде уапсен секој кој ќе предизвика неред во салата или во галеријата за гости. Посетата на Нетанјаху ќе го нагласи јазот во Конгресот, особено меѓу демократите, во врска со конфликтот меѓу Израел и Хамас во време кога партијата се обидува да се собере околу Камала Харис, која се појавува како демократски претседателски кандидат, наведува „Њујорк тајмс“.

-Премиерот на Нов Зеланд, Кристофер Луксон денеска се извини и вети реформи откако истрагата покажа дека околу 200.000 деца, млади луѓе и ранливи возрасни лица биле злоупотребувани во државните и верските институции во изминатите 70 години. Според извештајот на Кралската истражна комисија, речиси секое трето дете и ранливо возрасно лице, кои биле згрижени од 1950 до 2019 година доживеале некаква форма на злоупотреба. - Ова е мрачен и тажен ден во историјата на Нов Зеланд како општество и како земја, требаше да знаеме подобро и решен сум дека ќе го направиме тоа, посочи Луксон. Истрагата утврди низа злоупотреби во државните и верските институции за грижа, вклучително силување, стерилизација и електрошокови, особено во 70-тите години од минатиот век. Посебно ранлива на злоупотреби била домородната заедница на Маорите, како и лицата со ментална или физичка попреченост.

Остани поврзан