• четврток, 25 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 24 јули 2024 

Тетово - СВР Тетово информира дека вчера задржале десет возила од кои седум се со странски регистрации поради нарушување на јавен ред и мир со чкрипење на погонски тркала и предизвикување поголема бучавост од максимално пропишаната. Контролата била спроведена на  на улица „Маршал Тито“, на влез во градот.

-На возачите ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци согласно констатираните неисправности во станицата за технички преглед, а доколку биде констатирано преголема бучавост кај возилата, тие согласно законот ќе бидат задржани 90 дена во полициска станица. СВР Тетово апелира до возачите навремено да ја проверуваат техничката исправност на возилата, да не управуваат без положен возачки испит, да внимаваат каде ги паркираат нивните возила и да овозможат нормален проток на  сообраќајот, затоа што секој ден сме сведоци на преголема гужва и засилена фреквенција во сообраќајот, но и сообраќајни несреќи со сериозни последици. Со тоа ќе придонесат за поголема лична безбедност и безбедност на останатите учесници во сообраќајот, се вели во соопштението на СВР Тетово.

Поради истата причина, претходните два дена биле исклучени и задржани уште 13 патнички возила.

Во текот на вчерашниот ден во периодот од 8:00 до 1:00 часот спроведена е акциска контрола при што биле откриени и санкционирани вкупно 96 сообраќајни прекршоци, од кои 81 во Тетовско и 15 во Гостиварско.  Во Тетово 21 возач бил казнет поради неправилно паркирање, додека со специјално возило „пајак“ биле подигнати 17 возила. 

Битола - НУ Центар за култура и битолскиот Архив, во рамки на фестивалот „Илинденски денови“ промовираа ретки фотографии од семејни прослави, свадби, крштевки, народни собири, селски слави и други настани од минатиот век снимени со камерата на браќата Манаки.

Камерата на неуморните трагачи по уникатен кадар, браќата Манаки, биле сведоци на многу од овие збиднувања, почнувајќи од отворањето на своето студио во 1898 па се до смртта на Милтон во 1964 година, информираа организаторите на изложбата во Битола.

-Фотографиите многу зборуваат, зборуваат за семејството, за родот,  за општеството за хиерархијата, за се. Фотографот е клучен фактор бидејќи тој прави една приказна на времето. Кога ќе слика една фотографија гледаме што носеле на нозете, какви панталони, какви шешири, капи, шубари..., со што се возеле кои превозни средства се користеле. Фотографот оставил траги за нас, и затоа ние сега оставаме за понатаму, истакна м-р Валентин Соклевски.

Изложбата е поместена во битолскиот Музеј и е отворена во рамки на фестивалот „Илинденски денови“.

Штип - Пожарите на планината Серта во штипскиот регион се ставени под контрола, но на терен се уште се пожарникарите на Територијалната Противпожарна единица (ТППЕ) -Штип, кои будно ја следат состојбата. Од Општина Штип денеска преку соопштение информираат дека пожарникарите се херои, а Општина Штип е првата во државата која го почитува актуелниот Закон за пожарникарството и усогласениот начин на исплата на додатоци на плата.

-Општина Штип е првата општина во Македонија која го усогласи Правилникот за утврдување на плати за професионалните пожарникари, при што ја има усогласено исплатата на плата согласно одредбите од Законот за пожарникарство за исплата на плата на професионалните пожарникари согласно нивото на кое се тие вработени со останите вработени во општинската администрација согласно степенот на образование, и основната плата им е зголемена за 20% согласно одредбите од Законот за пожарникарство, велат од Општина Штип.

Општината освен плата, како и додатоци за плата кои ги следуваат пожарникарите им исплаќа и бонус плата, регрес за годишен одмор како и јубилејна награда.

-Исто така Општина Штип на професионалните пожарникари покрај основна плата им исплаќа и додаток за минат труд, додаток за работа во смени, додаток за ноќна работа, додаток да неработен ден, додаток за прекувремена работа како и додаток за работа на државен празник како и надоместок за исхрана за ноќна работа. Покрај плата и додатоци на плата и надоместоци, Општина Штип на професионалните пожарникари во законскиот рок им исплќа редовно и бонус плата за над 151 час прекувремена работа во текот на претходната календарска година, како и регрес за годишен одмор и јубилејна награда, велат во писменото соопштение на Општина Штип.

Велес - Основното jавно oбвинителство Велес поднесе oбвинителен предлог против 25-годишен жител  од велешкото село Горно Оризари за кривично дело „предизвикување општа опасност“ според член 288 став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопштуваат  од ОЈО Велес, обвинетиот  на 21 јули годинава, на дива депонија во селото, со умисла предизвикал пожар, палејќи стари седишта од автомобил. Бидејќи местото било обраснато со сува трева, а на депонијата имало и бали суво сено и други предмети, огнот брзо се проширил. Со тоа обвинетиот предизвикал значителна опасност по животот и телото на луѓето и по имотот во околните села. Опасноста да биде предизвикана штета од големи размери со ваквите дејствија на обвинетиот е особено изразена со оглед на алармантната состојба со пожарите во околината на Велес и на територијата на целата држава.

Заедно со обвинението, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Велес доставил предлог за определување мерка притвор за обвинетиот, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото. Судот го прифатил предлогот и ја определи бараната притворска мерка.

Кавадарци - Физички лица што остваруваат приход да платат данок, вработени во УЈП денеска беа на средба со претставници на членки на регионална Стопанска комора со седиште во Кавадарци.  

- Целта беше да им се објасни за правата и обврските на даночните обврзници во делот на издавање под закуп на недвижен имот, апартмани, соби, викендички, како на пример,  на Тиквешко езеро и друг имот од рекреативен карактер. Истото важи и за физичките лица што ивршуваат стопанска дејност од времен карактер како продавачи на производи на подвижни штандови. Се мисли на продажба на бижутерија, рачна изработка, крофни, пуканки, изработка на торти и слично. Тие што на ваков начин стекнуваат приход, да се запознаат со правата и обврските, изјави за МИА  Мухедин Авдиќ, раководител на сектор за услуги на даночни обврзници и даноци. 

Тој нагласи дека целта е да се подигне свеста за доброволно усогласување на обврските. 

- Сами да пријават и платат соодветно што треба, согласно на законските одредби. Ова се таканаречени меки мерки на УЈП. Тука сме да потсетиме, да имаме партнерски мерки со даночните обврзници. Дел од нив добиваат решенија за работа од општината и ги задолжуваме. Тие вторите сакаме да ги опфатиме, тие што не фигурираат никаде а остваруваат приход, да не бидат нелојална конкуренција на пазарот, подвлече Авдиќ.

Засега, додаде тој, се оди само на потсетување за правата и обврските. Доколку ваквите потсетувања не вродат со плод, па ваквите приходи и понатаму останат неоданочени, во иднина ќе следат контроли на терен. Со единствена цел, законите да важат за сите. 

Берово - Локализиран пожарот кој вчера попладне избувна во месноста Безгашчево, атар на село Русиново. Во акцијата за гаснење како што информираа од подружницата на Навионални Шуми, учествувале повеќе екипи со поддршка на локалното население.

-На 23 јули 2024 година, во месноста Безгашчево, атар на село Русиново, Беровско, е пријавен шумски пожар од страна на дежурна екипа од подружницата Малешево-Берово, во попладневните часови. Од страна на службата за заштита на подружницата на Национални Шуми Малешево-Берово, ТППЕ Берово, локалното население и вработените од фирмата ДАЕЛ ТРАНС веднаш е реагирано и пожарот е локализиран и ставен под контрола, информираа од Национални Шуми.

Апелираа населението активно да се вклучи во чување на шумите од пожари. 

-Воедно навремено да се пријави секаква појава на чад, за да може навремено да се реагира и да се спречат поголеми штети, додадоа од подружницата.

Малешевијата во 2021 година беше зафатена од големи пожари и затоа апелот како што додадоа е во насока предупредувањата да се сфатат сериозна за да не се повтори катастрофата од пред 3 години.

Кавадарци - Неготинка пријавила сопруг за физички напад, кавадарчанка дека била нападната од двајца додека работела на брана, информираа денеска од СВР Велес.  

- Вчера во 23.00 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го лишиле од слобода Д.Ш. (36) од Неготино, постапувајки по пријава од неговата 24-годишна сопруга дека во семејниот дом физички ја нападнал.  Д.Ш. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ке биде поднесена соодветна пријава, соопштија од СВР Велес. 

Нешто порано, како што додадоа од СВР Велес, во 11.00 часот во ОВР Кавадарци, М.П.(44) од Кавадарци пријавила дека додека извршувала работни задачи на брана на хидроелектирична централа, била физички нападната од Т.М. и А.М. од село Возарци, кавадаречко. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Тетово - Тетовските планинари Владимир Трпковски и Силвана Божиновска од клубот „Јелак“ се искачија на Дуфуршпиц, највисокиот врв на Алпите во Швајцарија, на надморска височина од 4.634 метри.

Со оглед на ниските температури и снег на Алпите, потфатот почнал со искачувањето на врвот Брајтхорн на 4.162 метри надморска височина поради потребата од аклиматизација.

-Главното искачување до Дуфуршпиц почнува од планинарскиот дом Монте Роса на 2.883 метри, каде се стигнува по пет часа пешачење. Од домот до врвот Дуфуршпиц има 9,5 километри, висинска разлика од 1.751 метар, со кратка делница каде се спуштавме и пак се искачивме. Нас ни беа потребни 14 часови односно искачување и спуштање од домот, до врвот и пак до домот, информираше планинарот Владимир Трпковски.

На искачувањето до врвот се соочиле со многу пукнатини во глечерот, како и потребата за користење цепин-алатка за алпинистичко искачување.

Кочани – Основното училиште „Раде Кратовче“ од Кочани доби согласност од Министерството за образование и наука за организирање продолжен престој за учениците во учебната 2024/2025 година. Барањето што било испратено кон крајот на минатиот месец веќе е одобрено и ќе се применува од оваа есен.

Со продолжениот престој во училиштето ќе бидат опфатени вкупно 30 ученици, односно по 15 момчиња и девојчиња и тие ќе следат настава на македонски јазик од прво до трето одделение во една комбинирана паралелка.

-Согласно Законот за основно образование, исполнети се условите за организирање на продолжен престој, а за што не се потребни дополнителни финансиски средства од буџетот на ресорното министерство. Во барањето што е доставено, се нагласува дека ОУ „Раде Кртовче“ веќе има обезбедено соодветни просторни услови и наставен кадар од старо финансирање, информираа од Одделението за јавни дејности на Општина Кочани.

Според законските одредби, училиштата можат да организираат продолжен престој за учениците во групи, и тоа од прво до петто одделение со ученици од исто одделение или од прво до трето и од четврто и петто одделение со ученици од различни одделенија.

За вклучување во училишните активности со продолжен престој за секој ученик поодделно треба да се добие согласнот од неговиот родител или старател.

Охрид – Во периодот од 23 до 31 август 2024 година во Охрид ќе се организира второто издание на големата промотивно-спортска манифестација „Ohrid Water Festival“.

Целта на фестивалот е популаризација на водените спортови на Охридското Езеро и промоција на уникатните потенцијали со кои располага Охрид како најголем туристички центар во земјава. 

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, ја најави манифестацијата презентирајќи ја деталната програма, то предвидува дваесеттина содржини, за кои изрази уверување дека ќе донесат незаборавно доживување за учесниците и ќе го привлечат вниманието на публиката. 

Покрај веќе востановените натпревари и активности, круна на целата манифестација ќе биде Охридскиот пливачки маратон закажан за 31 август.

Повеќе информации за програмата на официјалната веб-страница на фестивалот: www.ohridwaterfestival.mk 

Куманово - Вработените во кумановската градинка „Ангел Шајче“ зедоа плата, а штрајкот е вон сила, соопштија денеска од регионалниот одбор на СОНК и синдикалната организација. Вработените протестираа два дена, првин пред градинката, а потоа и пред општинската зграда, заради неисплатена јунска плата.

-Благодарни сме на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), претседателот Јаким Неделков, институциите кои го решија проблемот и на медиумите. Остануваме посветени на решавање на синдикалните барања на членството. Немаше политика во протестот, баравме исплата на плата, загарантирано право на секој вработен, изјави претседателката на регионален одбор на СОНК и претседател на синдикална организација во градинката, Цветанка Митевска.

Тие вчера се сретнаа со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој истакна дека проблем биле седум вработени за кои директорката на установата Марина Алексовска немала согласност за обезбедни финансии од ресорните министерства. Алексовска ја отфрли изјавата на Димитриевски укажувајќи дека градоначалникот во два наврати донел писмена согласност за нивно ангажирање како итни и неодложни.

Во кумановската градинка вработени се 232 лица во осум објекти. 

Куманово - Нова опрема, прераспределување на простор за поголема достапност на пациентите, вложувања во здравствен кадар, се приоритети на кои ќе се посвети доктор Стефан Трајановски кој од неодамна е назначен за директор на кумановската општа болница.

Тој на денешната прес-конференција најави дека ќе се вложи целосно во разрешување на проблемите на установата која нуди здравствена услуга на шест општини од североистокот и се наоѓа на крстосница помеѓу двата коридори.

- Мојата цел ќе биде подобрување во однос на организациската поставеност и нарушувањето во однос на кадровскиот потенцијал и просторниот потенцијал на пример разрешување а простор за амбулантска дејност, да се стават во функција на пружање на поквалитетна здравствена услуга. На пример не може да се искористи простор на старо АТД. За за доградување проширување е потребна помош од централната власт, изјави Трајановски.

Горлив проблем за болницата е службата за анестезија, најмладиот од нив е 60 години. Во моментов има лекари на специјализација, но Трајановски стравува дека може да се јави период да има недостиг на анестезиолози. Службата како што појасни е клучна не само за функционирање на хируршкото одделение, туку и за реанимација. Алармантен е бројот на рендгенолози, има само тројца.

Остани поврзан