• четврток, 25 јули 2024
МИА Радио флеш

25 јуни 2024

-Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува и ќе се обрати на одбележувањето на 102 години од постоењето на Стопанската комора на Северна Македонија, на кое ќе бидат доделени повеќе награди. Како што информираат од Стопанска комора, наградите ќе бидат доделени во три категории и тоа награда за долгогодишна коморска активност, награда за воведување напредни технологии, дигитализација и зелена агенда и награда за градење на партнерства, засилување на врската и заеднички дејствувања во градењето на просперитетна македонска економија. Обраќање на одбележувањето ќе има и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој исто така ќе ги додели и наградите. 

-Ребалансот на Буџетот денеска треба да се најде на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Седницата е закажана во 11 часот. Вкупните приходи се планирани на ниво од 318 милијарди 150 милиони денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиони денари, а расходите на ниво од 362 милијарди 816 милиони денари, односно на расходна страна има зголемување од 19 милијарди 178 милиони денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент и е ревидиран во однос на првично планираниот 3,4 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 3,5 проценти и во втората половина од годината се очекува забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергенсите.

-Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека има средства да се прошири позитивната листа со девет нови лекови, само се чека да се избере новиот Управен одбор на Фондот за здравствено осигрување. -Има и пари, нема никаков проблем, само чекаме да се избере новиот Управен одбор. Значи, Управниот одбор се уште не е комплетиран. Инаку, од наша страна е испратено пред две недели со согласност од Фондот. Штом ќе има прва седница Управниот одбор на Фондот позитивната листа ќе ја промовираме заедно со директорот на Фондот за здравство, изјави Таравари на новинарски прашања по посетата на Детската клиника.

-Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје доставил известување за завршена истрага до Љупчо Палевски, првоосомничен за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, информираат денеска од Јавното обвинителство. Откако ќе помине законскиот рок од 15 дена на одбраната да изврши увид во доказите, ОЈО Скопје ќе предложи спојување на постапките за обвинетите за двојното убиство. - По истекот на овој рок и поднесување обвинение, јавниот обвинител ќе предложи спојување на судските постапки против вкупно петмина обвинети за овој кривично-правен настан, бидејќи постојат законските основи предвидени во член 28 од Законот за кривична постапка. Со цел да се овозможи единственост на постапката, обвинителството ќе побара одлагање на рочиштето закажано за 30-ти јули против четворицата претходно обвинети, информираат од ЈО.

-Царинските службеници на Меѓународниот Аеродром во Скопје, вчера заплениле осум рачни часовници со вкупна вредност од 240.862,00 денари. Часовниците се откриени кај македонски државјанин, кој слетал со лет од Австралија. - Патникот се определил за зелен канал каде што поминуваат патниците кои немаат ништо за пријавување. На прашањето дали има нешто да пријави, одговорил дека нема ништо за пријавување, но при царинска контрола во багажот на патникот биле пронајдени непријавените часовници: еден рачен часовник Rado и седум рачни часовници Elite, соопштија денеска од Царинската управа.

- Директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски, најави зголемување на цените на угостителските услуги во владините објекти. -Зголемување на цените на угостителските услуги во Владините објекти, нема повеќе „багатела“ јадење на државна сметка! Во изминатиот период, јавноста често со право обрнуваше внимание на ниските и непазарни цени по кои се користеа угостителските услуги на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, напиша Томовски на својата официјална страница на Фејсбук. Во таквите дебати, додава тој, особено беше апострофиран собранискиот и владиниот ресторан, каде цените на услугите и производите беа значително пониски од оние на слободниот пазар достапни за граѓаните.

-По добиени над 4.500 пријави од граѓани за неправилности на повеќе од 150 плажи во цела Грција, надлежните органи од Министерството за национална економија и финансии во соработка со полицијата и општините, во изминатите три седмици спровеле контроли и биле изречени казни во висина од над 800.000 евра, јави дописничката на МИА од Атина. Од Министерството за национална економија и финансии на Грција соопштија дека пријавите биле и телефонски и преку специјалната апликација „MyCoast“, а контролите опфатиле над 750 бизниси на плажи во земјата, а најголемиот број се однесувале на Халкидики, Крф, Атина, Превеза, како и островите во Егејското море.

-Хрватската Влада на денешната седница ќе донесе Одлука за висината на основицата за пресметување плати на државните функционери која ќе се зголеми на 947,18 евра бруто, односно за 83,45 отсто, додека платите на претседателот на државата, Владата и Собранието ќе се зголемат за околу 70 проценти, јавија хрватските медиуми. Основицата за плата на државните функционери во моментов изнесува 516,29 евра, но по седницата на Владата денеска - таа ќе изнесува 947,18 евра, што претставува зголемување од 83,45 отсто, јави ХРТ.

 -Хрватска прогласи три лица од Црна Гора за непожелни поради „систематски дејствија за нарушување на добрососедските односи со Република Хрватска и континуирана злоупотреба на Република Хрватска за внатрешни политички цели“. Одлуката на МНР на Хрватска се однесува за Андрија Мандиќ, претседател на Парламентот на Црна Гора, Милан Кнежевиќ пратеник во Парламентот на Црна Гора и Алекса Бечиќ, вицепремиер на Црна Гора. -Министерството за надворешни и европски работи изразува жалење што мнозинството во Собранието на Црна Гора одлучи да ги игнорира континуираните повици на Република Хрватска да не презема потези ш можат негативно да влијаат на нашите билатерални односи и на европскиот пат на Црна Гора.

-Италијанската премиерка Џорџа Мелони од сабота ќе биде во петдневна посета на Кина, соопшти денеска официјален Пекинг. „На покана на премиерот Ли Кианг од Државниот совет, италијанската премиерка Џорџа Мелони ќе престојува во официјална посета на Кина од 27 до 31 јули“, се вели во соопштението на портпаролот на Министерството за надворешни работи Мао Нинг.

-Сообраќајот на аеродромот во Франкфурт е делумно обновен два часа откако сите полетувања и слетувања беа прекинати поради упад на еколошки активисти, изјави портпарол. Првата лента за слетување на најголемиот германски аеродром е повторно отворена во 7:02 часот, изјави портпаролот на аеродромот, додавајќи дека набрзо потоа била отворена и една писта за полетување. Авиосообраќајот утрово беше во прекин на аеродромот во Франкфурт по упадот на еколошките активисти, кои се „залепија“ на асфалтот, што доведе до интервенција на полицијата, соопштија претходно полицијата и аеродромската управа. 

- Претседателот на Чешка, Петр Павел денеска изјави дека без Русија и Кина е невозможно да почнат преговори за мир во Украина. - Преговорите не би имале смисла доколку Русија им пристапи како досега, предлагајќи услови за капитулација. Но, без Русија и Кина на маса, нема да бидат навистина можни мировни преговори, изјави Павел во интервју за Чешката новинска агенција (ЧТК). Тој упати апел до Кина да ја преземе улогата, што ја сака, на глобален играч, што несомнено е во економијата и финансиите, но не и во мировната политика.

-Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел од денеска до сабота ќе престојува во Виетнам и Лаос, каде меѓу другото ќе учествува на годишниот министерски состанок помеѓу Европската Унија и Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН). Како што соопшти Европската служба за надворешни работи, Борел денеска престојува во виетнамскиот главен град Ханој на погребот на генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам, Нгуен Фу Тронг. Утре, пак, во главниот град на Лаос, Виентијан, Борел ќе копретседава со министерскиот состанок ЕУ-АСЕАН заедно со министерот за надворешни работи на Филипини, Енрике Манало.  

-Претседателот на Русија, Владимир Путин вчера го прими сирискиот колега Башар ал Асад, соопшти денеска Кремљ. - Многу ме интересира вашето мислење за тоа како се развива ситуацијата во регионот. За жал, постои тенденција на ескалација, тоа го гледаме. Тоа, исто така, директно се однесува и на Сирија, истакна Путин. Путин и Асад претходно се сретнаа во март 2023 година во Москва на 12-годишнината од бунтот во Сирија што прерасна во граѓанска војна. 

Остани поврзан