• четврток, 25 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

25 јули 2024

Скопје – По повод одбележувањето на 102 години од своето постоење Стопанската комора денеска со почеток од 12 часот ќе додели повеќе награди.

Како што информираат од Стопанска комора, наградите ќе бидат доделени во три категории и тоа награда за долгогодишна коморска активност, награда за воведување напредни технологии, дигитализација и зелена агенда и награда за градење на партнерства, засилување на врската и заеднички дејствувања во градењето на просперитетна македонска економија.

Наградите ќе ги додели претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, а пред присутните наградени компании и членови на органите и телата на Комората, свое обраќање ќе има претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

Скопје - Блокот 1 на Рударско - енергетскиот комбинат Битола неколку часа после испадот од мрежа, синоќа е повторно ставен во функција, информираат од Комбинатот.

-Вечерва, во 22:02 часот Блок 1 на РЕК Битола е ставен во функција. Постројката е синхронизирана со македонскиот електроенергетски систем и испорачува електрична енергија. Благодарение на натчовечките напори на вработените во комбинатот, РЕК Битола експресно го оспособи Блокот и продолжува да работи со два блока. Покрај Блок 1, во погон е и Блок 3 на РЕК Битола, а Блок 2 е во ремонт. За среќа, овојпат испадот на блокот од мрежа не предизвика поголеми оштетувања на опремата на комбинатот, што овозможи брза санација на последиците и брзо враќање во функција на постројката, наведуваат од РЕК Битола.

Блок 1 испадна од мрежа вчера попладне околу 16:45 часот заради прекин во напојувањето со струја, што пак беше предизвикано од испад на далновод на МЕПСО. Испадот на блок на РЕК Битола заради проблеми во системот на МЕПСО беше втор во рок од десетина дена, наведуваат од РЕК Битола.  

Од АД МЕПСО, пак, синоќа излегоа со реакција дека далекуводот кој го напојува Блок 1 во РЕК Битола е цело време под напон и нема никаков проблем со напојувањето. 

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска и потпреседателот на Владата за Р. Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, заедно со в.д. директорот на Агенцијата за безбедност во сообраќајот Душко Пешиќ, ќе го посетат граничниот премин Табановце.

Како што соопштија од МВР, посетата е во рамки на кампањата „Вози одморен“.

По настанот, министерот Тошковски ќе замине во дводневна официјална посета на Република Србија каде што ќе оствари билатерална средба со српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

Скопје - Приватните спцијализанти се очекува денеска да се сретнат со министерот за здравство Арбен Таравари.

Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина вчера во изјава за МИА информира дека средбата со Таравари ќе се одржи во 10 часот во просториите на Министерството за здравство.

Министерот за здравство, Арбен Таравари вчера соопшти дека на денешната владина седница е донесена одлука за вработување на 600 приватни специјализанти од кои 300 до крајот на годинава.

-Уште едно реализирано ветување. До крајот на годинава ќе се вработат 300, а идната година плус 300 приватни специјализанти. Денеска по предлог на Министерството за здравство, на владина седница ја разгледавме и ја усвоивме информацијата за вработување приватни специјализанти од областа на здравството, неопходни за јавните здравствени институции во Република Северна Македонија за 2024 година, напиша на социјалните мрежи Таравари.

Скопје - Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе го одржи продолжението на четвртата седница.

Како што стои во најавата на собранискиот календар, пред членовите на оваа Комисија останата е само една точка на дневен ред - утврдувањето Предлог - одлука за избор на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците.

Скопје - Рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите од даночните обврзници за периодот јуни 2024 (месечни) и април-јуни 2024 (тримесечни) истекува денеска, соопштија од Управата за јавни приходи (УЈП).

Досега 76 проценти од даночните обврзници ја исполниле оваа обврска и навреме ја поднеле пријавата ДДВ-04, останува уште 24,6 проценти даночни обврзници да ја остварат оваа обврска утре.

- Управата за јавни приходи уште на самиот почеток на овој месец ги објавуваше бројките на поднесените пријави и упатуваше апел кон даночните обврзници за нивно поднесување. Поднесувањето е електронско и може да се поднесе во било кој период од денот, а постојаниот мониторинг на системот на УЈП придонесе поднесувањето на пријавите да се одвива без застој. Неподнесување на ДДВ -04 и неплаќање на ДДВ долгот во законски пропишаниот рок создава последици за даночните обврзници од плаќање глоба, се наведува во соопштението од УЈП.

Скопје – Управувачкиот комитет за справување со кризи вчера ја утврдуваше состојбата за досегашното справување со пожарите ширум земјава и донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем, односно Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) со законски измени да се интегрираат под една команда.

Со состанокот раководеше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а присутни беа директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, министрите за здравство Арбен Таравари, за одбрана Владо Мисајловски и за земјоделство, Цветан Трипуновски, како и директорот на ЈП „Национални шуми“ Здравко Трајанов.

Министерот Тошковски посочи дека ЦУК и останатите институции делуваат во рамките на нивните капацитети, но дека тоа е несоодветно и ненавремено за потребите, затоа, рече, системот мора суштински да се реформира.

Охрид – Четиринаесеттиот ден од годинешното издание на „Охридско лето“ резервиран за Шпанската вечер, со ариите на тенорот Акилес Мачадо, во пијано придружба на нашиот Андреја Наунов.

Маестро Акилес Mачадо е роден во венецуеланскиот град Баркисимето,  студент во класата на професорот Вилиам Алварадо на Конзерваториумот „Симон Боливар“ во Каракас. По преселувањето во Шпанија, благодарение на стипендијата од Шпанската национална банка и Фондацијата „Моцартеум“ од Венецуала, Мачадо студира на Високата школа за музика „Кралица Софија“ во класата на Алфредо Краус. Во 1996 дебитира на оперската сцена во Каракас со „Љубовен напиток“, а истата година го има и Европското деби во „Магбет“ во театарот на Канарските острови. Неговата кариера е во постојан подем со настапи во најпознатите оперски куќи меѓу кои театарот „Колон“ во Лисабон, Арена ди Верона,  Театарот „Сан Карло“ во Неапол, Театарот во Парма, Римската опера,  оперите во Вашингтон и Лос Анџелес како и Театарот „Лисеу“ во Барселона, Театарот „Реал“ во Мадрид, Државната опера во Берлин, Германската опера во Берлин, Виенската „Штатсопера“, операта во Цирих, операта „Метрополитен“ во Њујорк како и „Ла Скала“ во Милано.

Скопје - Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, претпладне со услови за повремен локален дожд и грмежи. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени. UV=7

Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 33 степени.

Од УХМР соопштија дека во наредните денови следува период на стабилно време.

Вашингтон - Претседателот на САД Џо Бајден во историско обраќање до нацијата синоќа, прво такво по она на Линдон Џонсон во 1968 година, ја објасни својата одлука да се повлече од претседателката трка и дека „ја предава штафетата на новата генерација“.
Според него таа генерација треба да биде предводена од „големиот лидер, потпретседателката Камала Харис“.
Во говор од свјот кабинет кој траеше околу 20 минути Бајден изјави дека  „ја предава штафетата“ и за прв пат им ја кажа на Американците причината за неговото неочекувано напуштање на изборите во 2024 година.
-Во последниве недели сфатив дека треба да ја обединам мојата партија. Сметам дека мојот труд како претседател, моето лидерство во светот, мојата визија за иднината на Америка - сето тоа заслужуваше втор мандат, рече претседателот на САД.

Вашингтон – Републиканскиот претседателски кандидат и поранешен американски претседател Доналд Трамп, обраќањето на актуелниот претседател на САД, Џо Бајден го оцени како „едвај разбирливо“ и „многу лошо“.

Говорот на корумпираниот Џо Бајден во Овалната соба беше едвај разбирлив и многу лош, напиша Трамп на социјалната мрежа „Тру сошл“ (Truth Social).

Тој исто така наведе дека „корумпираниот Џо“ и „лажливата Камала (Харис)“ се срам за Америка. 

Вашингтон - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ќе ја оствари својата долгоочекувана посета на Белата куќа за да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден и веројатната кандидатка на Демократската партија за претседателските избори Камала Харис.

Посетата на Нетанјаху на Белата куќа, прва на израелски премиер по завршувањето на мандатот на поранешниот претседател Доналд Трамп во 2020 година, ќе биде во време кога сите тројца политичари се под зголемен притисок да најдат решение за деветмесечната војна во Газа, која досега однесе повеќе од 39.000 животи во палестинската енклава. Покрај тоа, Хамас се уште држи десетици израелски заложници, јавија американски медиуми.

Бајден бара Израел и Хамас да го прифатат неговиот предлог за прекин на конфликтот, што предвидува ослободување на преостанатите заложници во Газа во три фази. Доколку завојуваните страни се согласат со неговиот план, тој ќе влезе во историјата како еден од најголемите успеси за 81-годишниот демократ, кој се откажа од трката за Белата куќа и ја поддржа Харис. Евентуален успех на овој план би и користел и на самата Харис доколку го наследи на претседателската функција, наведуваат американски медиуми.

Вашинтон - Комитетот за правила на Демократската партија го одобри планот за формално номинирање на Камала Харис за претседателски кандидат уште на 1 август, а таа ќе има рок до 7 август да избере потпретседателски кандидат. Додека партиската конвенција ќе се одржи од 19 до 22 август во Чикаго.

Харис веќе одржува предизборни митинзи, а нејзината кампања соопшти дека од неделата вечерта собрала повеќе од 100 милиони долари.

Според новата анкета на Ројтерс и Ипсос, Харис има тесно водство пред републиканецот Доналд Трамп во претседателската трка. Харис води пред Трамп со 44 наспроти 42 отсто меѓу регистрираните гласачи.

Виена - Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан синоќа во Виена се сретна со министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг, со кого разговараше за европската интеграција на земјите од Западен Балкан. 
„Се сретнав со австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг во Виена за да ги потврдам нашите силни билатерални односи, соработката за помош на Украина и нашата посветеност на европската интеграција на земјите од Западен Балкан“, напиша О'Брајан на својот профил на мрежата X. 

Брисел -  Земјите од ЕУ не ги поддржаа Унгарија и Словачка за прашањето за продолжување на испораката на нафта од Русија преку Украина за време на состанокот на дипломатите од земјите на блокот, објави Фајненшл тајмс, цитирајќи дипломати.

„За време на состанокот 11 земји го поддржаа ставот на Европската комисија, а никој не застана на страната на Будимпешта и Братислава“.

Во понеделникот Словачка и Унгарија апелираа до Европската комисија поради дејствијата на Украина, која го запре транзитот на нафта од руската компанија Лукоил низ нејзина територија. ЕК се уште не донела одлука да посредува за прашањето за обновување на испораките на нафта, и според француски медиуми, дипломатите на ЕУ разговарале за ова прашање во средата на затворен состанок.

Според еден од дипломатите, украинскиот трговски договор содржи клаузула која предвидува можност за суспендирање на транзитот на нафта.

Брисел -  Со влошувањето на економската ситуација во Русија поради острите западни санкции, Владимир Путин „продава лаги“ за силата на руската економија што треба да се негира, сметаат министри за финансии на осум земји-членки на ЕУ.

Тие велат дека има знаци дека руската економија е „советизирана“, со многу белези на поранешниот СССР, вклучително и експропријација на приватна сопственост за финансирање на јавните трошоци, „целосно непочитување на социјалната и економската благосостојба на населението“ и курс кон воена економија, пишува лондонски Гардијан.

„Ако Путин продолжи по овој пат, долгорочната штета за руската економија ќе биде значителна“, напишаа тие во заедничката статија за Гардијан.

Париз – Француските власти почнаа голема операција за чистење на компјутери заразени од програма за кибершпионажа која погоди милиони корисници ширум светот.

Во пресрет на Олимпијадата, оваа операција покажува дека различни играчи во Франција и во странство се мобилизирани да се борат против сите форми на кибер криминалот, се наведува во соопштението на главниот париски обвинител, Лоре Беку.

Таа истакна дека иследниците таргетирале мрежа на ботови осомничени дека инфицирале компјутери со малициозен софтвер „ПлагИкс“ (PlugX) и дека краделе податоци од нив „особено заради шпионажа“.

Париз – Драстично се намалени приходите на сопствениците на бродови на Сена во Париз поради забраната за пловидба за време на Олимписките игри.

Поради подготовките за свеченото отворање на Олимпијадата во 2024 година, што ќе се одржи на вода, пловидбата по Сена е прекината до 27 јули.

Шефот на Париската пристанишна заедница, Оливие Џамет, нагласи дека времето на Игрите се совпаѓа со периодот на најголема побарувачка за патувања по реките. Според него, државата ветила дека ќе ги надомести загубите.

-Ни ветија обештетување. Се надеваме дека ќе добиеме пристојна компензација, изјави Џамет.

Париз - Спортистите се жалат на недостиг на храна во Олимпиското село во Париз, пишува „L'Equipe“.

Според францускиот спортски весник, имало ограничувања за јајцата за време на појадокот во средата. Спортистите се жалат и на брзината на обновување на храната.

Од компанијата која организира угостителство во Олимпиското село признаа дека има проблем и активно работи на негово решавање.

Претходно се дозна дека климатизерите ќе бидат поставена во Олимпиското село во Париз пред самиот почеток на Игрите.

Олимписките игри 2024 година ќе се одржат во Париз од 26 јули до 11 август.

Њујорк – Откривањето на полиовирусот во Појасот Газа е крајно исклучително и дополнително го влошува статусот на окупираната територија како едно од најопасните места во светот за децата, предупреди извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.

Таа изрази загриженост и поради ширење на други заразни болести во Појасот Газа, како што е колерата.

- Кога децата се гладни и слаби, нивните тела се многу поранливи и поподложни на овие болести, посочи Расел, потсетувајќи оти здравствените центри во Појасот Газа се „уништени или драстично оштетени“.

Газа - Високиот претставник на палестинската група Хамас, Сами Абу Зухри изјави дека говорот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред американскиот Конгрес покажал дека тој не сака да склучи договор за прекин на огнот.

Нетанјаху се обрати пред американскиот Конгрес во на заедничката седница на Сенатот и Претставничкиот дом. Тој зборуваше за потребата да се создаде безбедносен сојуз на Блискиот Исток за да се спротивстави на Иран.

Остани поврзан