• четврток, 25 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

25 јули 2024

Скопје - Општина Аеродром од понеделник почнува голема акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата територија на општината што ќе трае до крајот на септември. Во соработка со ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, на повеќе локации ќе бидат поставени садови каде што граѓаните ќе можат да го оставаат својот стар и дотраен мебел.

Од Општина Аеродром појаснуваат дека акцијата ќе започне од населба Мичурин каде што в понеделник на 29 јули садовите ќе бидат поставени на улица „Анастас Митрев“ зад паркот до трансформаторот и на улица „Венјамин Мачуковски“ до трансформаторот кај Железничка станица.

Кочани – Тело на женско лице рано утрово е пронајдено на заштитната решетка од десниот магистрален канал на хидросистемот „Брегалница“, на влезот во кочанската населба Оризари.

Вработените на водостопанската подружница од Кочани веднаш излегле на терен и го намалиле дотокот на вода од браната Калиманци, за да може телото на удавената жена да се извлече од каналот.

Според сè уште непотврдени информации се работи за постара жена од Оризари, а случајот го пријавил
нејзиниот син.

На местото на настанот увид прават стручни екипи од полицијата и од Основното јавно обвинителство од Кочани, кои треба да го потврдат идентитетот на настраданата жена.

Куманово - Гром предизвикал пожар на сува трева и шума во село Бајловце, општина Старо Нагоричане, информираа денеска од регионалниот центар за управување со кризи Куманово и од Територијалната противпожарна единица на Старо Нагоричане.

-На пожарот кој се случил вечра интервенираа противпожарна екипа со двајца пожарникари и возило, тројца припадници на полициската станица Старо Нагоричане и десет мештани од селото, изјави командирот на ТППЕ Старо Нагоричане, Далибор Трајковски.

Од РЦУК Куманово информираат дека причина за пожарот е гром. Пожарот избувнал во 16: 20 часот, а бил изгаснат во 20:15 часот. 

Скопје - Во организација на Здружението на граѓани „Бигорски манастир“, а со поддршка од Општина Ѓорче Петров, попладнево од реонскиот парк во Ѓорче Петров членови на Скопски коњички марш со коњаница тргнуваат за Крушево.

Како што информираат од Општина Ѓорче Петров предвидено е коњаницата да се придружи на централното одбележување на празникот Илинден во Крушево на 2 август.

-Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски ги повика граѓаните да дојдат во паркот и да ја поздрават и поддржат коњаницата која го организира овој подвиг во чест на големиот празник, се вели во соопштението од Општината.

Годинава се одбележуваат 121 година од Илинденско востание и 46 години од првиот Илинденски марш. Целта на ваквите настани, велат од Општината, е да се сочува традицијата, културата, македонските вредности и љубовта кон татковината, по пример на храбрите македонски јунаци низ историјата.

Охрид – Четиринаесеттиот ден од годинешното издание на „Охридско лето“ резервиран за Шпанската вечер, со ариите на тенорот Акилес Мачадо, во пијано придружба на нашиот Андреја Наунов.

Маестро Акилес Mачадо е роден во венецуеланскиот град Баркисимето,  студент во класата на професорот Вилиам Алварадо на Конзерваториумот „Симон Боливар“ во Каракас. По преселувањето во Шпанија, благодарение на стипендијата од Шпанската национална банка и Фондацијата „Моцартеум“ од Венецуала, Мачадо студира на Високата школа за музика „Кралица Софија“ во класата на Алфредо Краус. Во 1996 дебитира на оперската сцена во Каракас со „Љубовен напиток“, а истата година го има и Европското деби во „Магбет“ во театарот на Канарските острови. Неговата кариера е во постојан подем со настапи во најпознатите оперски куќи меѓу кои театарот „Колон“ во Лисабон, Арена ди Верона,  Театарот „Сан Карло“ во Неапол, Театарот во Парма, Римската опера,  оперите во Вашингтон и Лос Анџелес како и Театарот „Лисеу“ во Барселона, Театарот „Реал“ во Мадрид, Државната опера во Берлин, Германската опера во Берлин, Виенската „Штатсопера“, операта во Цирих, операта „Метрополитен“ во Њујорк како и „Ла Скала“ во Милано.

Пијанистот Андреја Наунов дипломец на Фаĸултетот за Музичĸа Уметност – Сĸопје на одделот пијано во ĸласата на доцент- проф. Симон Трпчесĸи, во чија ĸласа е и
на постипломсĸи студии. Добитниĸ е на државни награди по ĸамерна музиĸа и пијано, а има и оставрено бројни солистичĸи рецитали, настапи со Маĸедоснĸата Филхармонија и орĸестарот на Маĸедоснĸата Опера и Балет. Еден од позначајните настапи се турнеите со неговиот професор Симон Трпчесĸи.

На програмата се популарни песни на Карлос Лопез Бучардо, аргентински арии на Алберто Гинастера потоа Триптих од кубанска поезија на Модеста Бор, како и есенски песни на Антонио Естевез. За Шпанската вечер резервиана е сцената во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот.

Скопје - Поради уличен дефект на ул. „Призренска“ 2/2, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, информираа од ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:40 часот до завршување со санација на дефектот. 

Крива Паланка – Со актерскиот перформанс, дуодрамата „Кенди“, на сцената на НУ Центар за култура Крива Паланка синоќа беше отворено годинашното издание на „Гига Фест“ – мултимедијален алтернативен фестивал во чест на прерано починатиот кривопаланечки режисер, Глигор Цветковски.

„Кенди“ ја актуализира темата на зависности кај младите и носи силни пораки до општеството. Режисерката Стојаноска потенцира дека независната сцена во нашата држава е многу нова, иако во многу земји е далеку поразвиена и поддржана.

- Кај нас независната сцена некако како да се бори со последни сили да преживее, соочувајќи се со недостиг од термини и простор за проби, финансиски проблеми и друго. Публиката е навикната на репертоарска понуда и можеби оваа наша сцена како алтернативна форма што се занимава со „потешки“ теми, форма што е интерактивна со публиката, ја плаши по малку. Ќе кажам дека на театарџиите им е потребна токму таа слобода што ја нуди алтернативната сцена, а истовремено им нуди опфат на теми што можеби, и не се за секој. Една таква тема за која „Кенди“ говори гласно е опијатна зависност кај младите. Претставата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубов постепено се изобличува и станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот. „Кенди“ и како приказ на едно „современо“ општество кое дозволува огромна стигма и дискриминација кон корисниците на дроги. дроги. Тука ќе го истакнам здружението ХОПС што помага токму на вакви зависници и им нуди помош и опции за здрав живот, вели Стојаноска.

„Кенди“ е продукт на независната продукција „Златен елец“, дуодрама од Лук Дејвис, во адаптација и режија на Тамара Стојаноска. Улогите ги играат Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, музиката е на Лука Тошев, а вокал и укулеле Лео Поповиќ. Со материјали од здружението ХОПС – Опции за здрав живот.

„Гига Фест 2024“ е дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето“ и манифестација „Крива Паланка – Град на културата“.

Скопје - Со настап на Андријана Јаневска и Александар Тарабунов, Општина Илинден денеска ќе го одбележи патрониот празник „Илинден – 2 Август“.

Како што информираат од Општина Илинден, одбележувањето ќе се одржи вечерва со почеток во 20 часот во амфитеатарот во комплексот на Домот на култура „Илинден“, во населба Илинден. 

Остани поврзан