• сабота, 20 јули 2024
МИА Радио флеш

17 мај 2024

– Грчката Влада реагираше со исклучително брзи рефлекси, на само неколку часа по инаугурацијата на новата претседателка на Северна Македонија се активираа претседателката на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет, портпаролот на Европската унија, НАТО и многу земји и ова благодарение на грчката надворешна политика, која со брзи рефлекси успеа да го интернационализира прашањето и ќе продолжиме со тоа, рече утрово министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија во Парламентот одговараше на пратеничко прашање од партијата Победа поврзано со манастирот Хора во Турција, кој турските власти го претворија во џамија, но пратеникот на малата десничарско-националистичка партија ги покрена и останатите прашања од надворешната политика, меѓу кои и Договорот од Преспа.

- Во Управниот суд за денеска се закажани седум јавни седници на кои треба да се разгледаат тужбите поднесени од коалицијата „Европски фронт“ предводен од ДУИ против решенијата на Државната изборна комисија за парламентарните избори што се одржаа на 8 мај. 

Првата седница е закажана во 10:30 часот, а последната во 22:30 часот. Седниците, како што стои на официјалната веб страница, треба да се одржат со временско растојание од два часа. 

Коалицијата „Европски фронт“ во изминатите денови на прес-конференции обвини за изборен инженеринг, односно дека преку ДИК се прави обид да им се одземат еден до два пратенички мандати. 

- Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Вреди“ за коалицирање во новата влада вчера ја одржаа првата средба, а според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски имаат обезбедено 61 пратеник. Во меѓувреме, техничкиот премиер Талат Џафери на прес-конференција обвини дека имало договор за надгласување во Државната изборна комисија за прифаќање на одредени приговори и оти на тој начин се врши изборен инженеринг за менување на соодносот на силите во Собранието, порачувајќи дека се е во рацете на Управниот суд, каде треба да се одлучува по жалбите на ваквите решенија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред затворањето на Самитот Македонија 2025, рече дека покрај 58 пратеници на коалицијата, имаат консолидирано точно 61 пратеник и информира дека разговорите со „Вреди“ се водат во вистинска насока. 

- Стопанската комора на Северна Македонија денеска ќе реализира работна средба со раководството на „Македонија 2025“ на тема „Големи економски проекти - темели за просперитетна иднина на Македонија“. 

По средбата, која ќе се одржи во просториите на Комората, предвидени се изјави за медиумите од претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески и Мајк Зафировски, еден од основачите на „Македонија 2025“.

 - „Здравјето во фокусот на жената“ е меѓународниот симпозиум што ќе се одржува од денеска до недела во рамки на Неделата на женското здравје 2024. 

Симпозиумот е наменет за специјалисти и специјализанти по гинекологија и акушерство. Учесниците ќе дискутираат за: ХПВ вакцина, вакцинација во бременост, улогата на дебелината во бременоста, презентација на Стандардната оперативна процедура на Центрите за жртви од сексуално насилство.

Пред отворањето на симпозиумот ќе се одржи прес-конференција на која ќе се обратат: Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, Глигор Тофоски, претседател на Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари,  Ламбе Крстески, матичен гинеколог во општина Шуто Оризари.

- Во демирхисарското село Смилево денеска и утре првпат ќе се одржува манифестацијата „Смилевски конгрес“. Се работи за нова национална установа под Министерство за култура, која од оваа година почнува со работа. Манифестацијата е оформена со цел афирмација, претставување и прославување на културното и историското минато на село Смилево, Смилевски конгрес, Даме Груев и нашата земја. 

Главната програма на манифестација „Смилевски конгрес“ ја сочинуваат две фестивалски вечери. Првата вечер именувана „Омаја“ е насочена повеќе кон традиционалниот аспект на манифестацијата, каде традицијата е во служба на наративот, а никогаш чисто покажување на техника.

- На 20 мај во Словачка ќе се одржи совет за итна медицинска помош за здравствената состојба и соодветен третман на премиерот Роберт Фицо, кој пред два дена беше застрелан.

Лекарите ќе разговараат и за можното префрлање на Фицо, кој по атентатот беше опериран во болницата „Френклин Д. Рузвелт во Банска Бистрица, на понатамошно лекување во Братислава или во странство.

Новоизбраниот претседател на државата, Петер Пелегрини, вчера потврди дека состојбата на Фицо е стабилна, но „многу сериозна“.

- Украинските вооружени сили ги соборија 20-те беспилотни летала лансирани ноќеска од Русија.

Беспилотните летала беа соборени над регионите Харков, Полтава, Виница, Одеса и Миколаев.

Оваа пролет, руските сили ги засилија нападите врз Харковската област, започнаа интензивни воздушни напади и започнаа нова офанзива во пограничните области.

- Француската полиција уби вооружен маж кој се обидел да запали синагога во градот Руан.

- Националната полиција во Руан рано утринава неутрализираше вооружен поединец, кој очигледно сакаше да ја запали синагогата во градот, објави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин на Икс.

- Шведската полиција приведе неколку лица и блокира голема област во Стокхолм откако патролата слушнала сомнителни истрели.

Полицијата ја блокира областа помеѓу мостот Диргарден во главниот град, Нобеловиот парк и црквата Оскар. Во оваа област е лоцирана Амбасадата на Израел.

- Области на пацифичката територија на Нова Каледонија „се надвор“ од државната контрола, изјави денеска претставник на француската влада, најавувајќи нови безбедносни распоредувања по неколкудневното смртоносно насилство.

„Ќе пристигне засилување... за да ги контролираме областите што не се под наша контрола во изминатите денови “, изјави на брифинг високиот комесар на Републиката во Нова Каледонија, Луј Ле Фран.

- Министерството за одбрана на Русија соопшти дека повеќе од 100 украински беспилотни летала се уништени или пресретнати ноќеска во напади на југозапад на руската територија и на полуостровот Крим.

Министерството соопшти дека армијата неутрализирала 51 дрон над Крим, 44 над регионот Краснодар, шест над регионот Белгород и еден над регионот Курск.

Во текот на ноќта, поморската противвоздушна одбрана и патролни бродови на Црноморската флота уништија шест поморски беспилотни летала во водите на Црното Море.

- Шпанија не дозволи брод што носи оружје за Израел да се закотви во југоисточното пристаниште Картагена, изјави синоќа министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарес.

Тој потврди дека бродот „Мариана Даница“ (Marianne Danica) кој превезува оружје во Израел побарал дозвола да се закотви во Картагена на 21 мај.

 

 

Остани поврзан