• четврток, 18 јули 2024
МИА Радио флеш

 18 јули 2024

- Премиерот Христијан Мицкоски денеска во рамки на Самитот на Европската политичка заедница во Лондон разговарал со неговиот колега од Хрватска Андреј Пленковиќ, со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и со членот на Претседателството на БиХ Денис Беќировиќ при што било потенцирано дека земјите од регионот имаат потреба од економска, енергетска и инфраструктурна поврзаност за што клучно е градењето на силна регионална соработка.  - Нашите народи имаат потреба од економска, енергетска и инфраструктурна поврзаност, а клучен предуслов за тоа е градењето на силна регионална соработка. Делиме слични вредности и предизвици како регион и тие нé обврзуваат на заедничка кооперативност и комуникација меѓу земјите од Балканот, напиша на неговиот Фејсбук профил премиерот Мицкоски.

 - Денеска во рамки на Самитот на Европската Политичка Заедница во Лондон остварив кратка средба и разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави премиерот Христијан Мицкоски на неговиот фејсбук профил. - На средбата ја потенцирав недвосмислената поддршка на Македонија кон Украина и украинскиот народ и посочив дека и во иднина можат да сметаат на нашето пријателство. Македонија и македонскиот народ се хумана нација и сочувствуваат во овие тешки историски предизвици и несогледливи последици. Нашите односи се базира на вистинско пријателство од каде произлегуваат принципи, вредности и разбирање, напиша Мицкоски на ФБ. 

 - Кога ќе престанат огновите и пожарите, веднаш да седнеме, да не чекаме да дојде следното лето, да го препрочитаме Законот за управување со кризи и да ја преиспитаме организацијата внатре, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска - Давкова откако ги посети припадниците на Армијата вклучени во гаснењето на големиот шумски пожар на планината Серта кај неготинското село Калањево. Таа е уверена во, како што рече, способноста на директорот на ЦУК Стојанче Ангелов и неговиот тим, како и во подготвеноста на војниците и пожарникарите. - Местото на претседателката како врховна командантка е таму каде што има припадници на војската. Утрово рано ја потпишав Одлуката, верувам во нивната способност зашто секогаш кога било најтешко тие се наоѓале на вистинското место. Сe зголемува бројот и можностите за ангажман. Јасно ми е зошто е сонцето на нашето знаме, не е само нашата Република во пламен, сиот Балкан е во пламен, истакна Сиљановска - Давкова.

- Одличната соработка на Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на образованието и науката ќе продолжи и во иднина. Интересот е взаемен и двете земји и понатаму ќе создаваат добри образовни и научно -истражувачки можности за своите граѓани преку постојните спогодби и протоколи за соработка, а ќе се размислува и за нови иницијативи кои ќе овозможуваат размена на позитивни образовни и научни искуства, било потврдено на денешната средба на министерката за образование и наука Весна Јаневска и амбасадорката на САД во Скопје, Анџела Агелер, соопшти МОН. Двете страни, како што се наведува во соопштенито, ја потенцирале важноста, но и задоволството од развојот на стратешкото партнерство, кое носи придобивки и за македонскиот и за американскиот народ.

 – Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска, на прес-конференција ги изнесе првичните согледувања за новиот ребаланс на Буџетот, којшто вчера го презентираше министерката на финансии Гордана Димитриеска – Кочоска. Со предвидениот буџетски дефицит од 4,9 отсто и покачување на јавниот долг за 68 отсто, Лукаревска вели владеачката ВМРО-ДПМНЕ има намера да ја води државата во погрешен правец. Со ваквите буџетски политики, додаде таа, владеачката партија ќе направи хаос, како и зависност од кредитирање.

- Во последно време одредени луѓе во Министерството за здравство по налог на министерот Арбен Таравари вршат психолошки и институционален притисок до ниво на закани врз организациските директори, но и медицинските директори на клиниките иако имаат мандат, да се повлечат од функцијата и нивната должност, обвини на денешната прес-конференција пратеничката на „Европскиот фронт“, Рина Ајдари. Пратеничката истакна дека „Европскиот фронт“ нема да ги поддржат измените на Законот за здравствена заштита.

- Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) го изразува своето длабоко разочарување за одлуката на актуелната Влада да ја укине претходната одлука за изградба на патната оска Гостивар-Букојчан, која е дел од Коридорот 8, преку изградбата на тунелот што го поврзува Гостивар со Кичево наместо изградба на висинскиот автопат. Сакаме да нагласиме дека одлуката што ја изгласа претходната Влада предвидуваше проектирање и изградба на тунел во должина од 5 километри на автопатот Гостивар-Букојчан, кој е дел од Коридорот 8.

- Во Mинистерството за внатрешни работи денеска се одржал координативен состанок на министерот за внатрешни работи ПанчеТошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и началниците на секторите за внатрешни работи и други организациски единици во МВР на кој тема била целокупната состојба со пожарите што ја зафатија нашата држава, активностите што ги презема МВР заедно со другите институции за нивно гасење и активностите за превенција од настанување на нови пожари. Како што соопшти МВР, на состанокот е донесен заклучок за целосно мобилизирање на сите расположливи човечки и технички ресурси на Министерството под оперативна акција „Пожар 2024“.

- Претпладнево во 10:10 часот во СВР Струмица било пријавено дека во Дојранско Езеро се удавил маж. Според информацијата од полицијата, машкото лице скокнало во водата од чамец, пливало неколку метри, по што се удавило. - Полициски службеници од ОВР Гевгелија се на местото на настанот. Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес, а повикани се нуркачки екипи за пронаоѓање на лицето, информираа од СВР Струмица.

- Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ го оквалификува убиството на полицаец и ранувањето на друг полицаец синоќа во Лозница како - терористички напад на албански структури од Косово. Дачиќ за РТС изјави дека се утврдува дали напаѓачот е човекот чија лична карта и пасош биле пронајдени во автомобилот или е неговиот брат кој избегал од затвор во Косово на 6 јули. „Тој ги уби полицајците, го изврши овој очигледен терористички чин кој доаѓа од Косово и Метохија од страна на албанските структури. Ова не може да биде случајност и затоа Обвинителството за организиран криминал ќе се занимава со овој случај, бидејќи станува збор за напад на полицаец на должност“, рече Дачиќ.

 - Министерството за надворешни работи на Косово ги повика граѓаните со косовски документи, како и оние од дијаспората, да бидат внимателни кога патуваат низ Србија или целосно да ја избегнуваат по убиството на српскиот полицаец во Лозница. Министерството  за надворешни работи и дијаспора апелира до иселениците и граѓаните на Косово да ја зголемат внимателноста при минување низ Србија и врз основа на проценката на ситуацијата да избегнуваат движење низ територијата на Србија.

 – Два пожари на две различни локации во Грција, едниот на 20 километри југоисточно од центарот на Солун на патот кон Переа, а другиот во западниот дел на грчкиот остров Кеа, избувнаа денеска, а во справувањето со огнената стихија интервенираат копнени сили и воздушни средства, јави дописничката на МИА од Атина. Според противпожарната служба на Грција и во двата пожари гори ниска вегетација. Пожарот кај Солун е во непосредна близина на куќи во регион што не е густо населен, а кусо пред 14 часот по локално време беше испратена порака од бројот 112 за итни случаи до граѓаните во конкретната област да бидат во состојба на готовност поради пожарот.

– Во повеќе делови на Грција, биле регистрирани високи температури и во текот на ноќта, а во атински населби веќе десет дена минималната ноќна температура е над 30 степени, според податоците од Националната опсерваторија и порталот Метео, јави дописничката на МИА од Атина. Во предградието Пиреас од 9 јули, во континуитет, во текот на целиот ден температурата се одржува на ниво од над 30 степени, а слична е ситуацијата и во други населби во Атина, особено во западниот дел на градот. Топлотниот бран во Грција се очекува да кулминира во следните денови со температури до 43 степени Целзиусови.

- Во Тирана се одржа трипартитен состанок на Надзорниот комитет на здружената оперативна група меѓу Албанија, Велика Британија и Косово, против нерегуларна миграција и соработка во борбата против организираниот криминал, јавија албанските медиуми. На состанокот присуствуваа албанскиот министер за внатрешни работи, Таулант Бала, неговиот косовски колега, Џељаљ Свечла, како и претставници на органите на редот од Косово, Велика Британија и Албанија.

- Командата на НАТО за координирање на поддршката за Украина ќе почне да функционира во Германија во септември, објави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. „Се договоривме да создадеме команда за координација и обезбедување помош и обука во областа на безбедноста за Украина“, рече тој по неговото пристигнување на самитот на Европската политичка заедница во Велика Британија.

 – Европскиот парламент попладнево со тајно гласање ја реизбра Урсула фон дер Лајен за претседателка на Европската комисија.    „За“ реизборот на Фон дер Лајен гласаа 401 европратеник, 284 беа „против“, а 15 се „воздржаа“ од гласање. Вкупно гласаа 707 европратеници, а при што седум гласови беа прогласени за неважечки. За реизбор на Фон дер Лајен и беа потребни 361 глас.  Фон дер Лајен, која доаѓа од редовите на Христијанско демократската унија на Германија (ЦДУ), членка на десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП), за претседателка на Еврокомисијата беше номинирана од страна на шефовите на држави или влади на земјите членките на ЕУ на нивниот Самит одржан на 27 јуни во Брисел.  

- Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека неговата „мировна мисија“ за Украина добро напредува и дека засега е постигнато она што беше планирано. Пристигнувајќи на четвртиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во палатата Бленим кај Оксфорд, Орбан, коментирајќи ги неговите неодамнешни разговори за постигнување мир во Украина, Орбан рече дека решението на конфликтот не е на бојното поле. „Многу земји мислат дека можат да ги уништат Русите со воена сила. Не се согласувам со тоа. Ги познавам и Русите и Украинците. Решението не е на бојното поле“, рече Орбан.

– Градежниот сектор во ЕУ во мај годинава бележи пад од 1,0 отсто споредено со претходниот месец, додека во Еврозоната се намали за 0,9 проценти, соопшти денеска Европската статистичка служба - Евростат.  Во април 2024 обемот на градежништвото на Еврозоната на месечно ниво се намали за 0,4 отсто, а на ниво на цела ЕУ остана непроменето. На годинашно ниво, пак, градежниот сектор во ЕУ во мај забележа пад од 2,5 проценти, а во Еврозоната од 2,4 отсто. 

- Уметниците кои треба да учествуваат на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз на 26 јули, им се заканија на организаторите со штрајк. Весникот „Le Parisien“ пишува за ова повикувајќи се на синдикатот на Генералната конфедерација на трудот (CGT).  Незадоволството на уметниците е поврзано со условите за работа, вклучувајќи ја и платата, а укажуваат и на прекршување на договорите. Забележано е дека преговорите со организацискиот комитет „Париз 2024“ и агенцијата „Панаме 24“, која работи на церемонијата на отворање, сè уште не доведоа до напредок.

 - Израелските сили денеска ги бомбардираа историските бегалски кампови во централниот дел на Појасот Газа и го погодија градот Газа на север, при што загинаа најмалку 13 луѓе, а тенковите навлегоа подлабоко во Рафа во јужната палестинска енклава, соопштија здравствените власти. Во израелски воздушен напад загинаа шест лица во градот Завеида во централна Газа, а две лица загинаа кога беше погодена куќа во кампот Буреиџ. Во израелски воздушен напад загинаа три лица во автомобил во Деир ал Бала, град полн со луѓе раселени од другите делови на Газа, соопштија здравствените власти.

- Руската Федерална агенција за управување со шуми денеска соопшти дека во таа земја избувнале 222 пожари во 20 региони, а во Јакутија и во Забајкалската област е прогласена вонредна состојба. Како што се наведува, околу 5.000 припадници на противпожарната служба се на терен.  Во Јакутија, локалните медиуми објавија дека пожарот зафатил повеќе од 930 хектари земјиште на 10 километри од Бела Гора, село во кое живеат околу 2.000 жители. 

- Американскиот претседател Џо Бајден денеска отпиша уште 1,2 милијарди долари студентски долг за 35.000 должници. Вкупниот број луѓе кои добиле простување на студентски долг е 4,76 милиони, а републиканците остро се спротивставија на одлуката на Бајден. Сметаат дека „простувањето“ на студентскиот долг е „пречекорување на (претседателското) овластување“ и дека е неправедно, бидејќи некои немале такво олеснување.

 - Властите во Бангладеш го ограничија пристапот до интернет во делови од земјата, откако студентските демонстранти кои бараат укинување на владините квоти за работни места повикаа на сенароден штрајк денеска, објавија британските медиуми. Полицијата денеска употреби солзавец за да ги растера студентите кои ги нападнаа органите на редот со камења и го блокираа главниот автопат во јужниот пристанишен град Читагонг, додека пристапот до интернет беше ограничен низ поголемиот дел од земјата.

Остани поврзан