• четврток, 18 јули 2024
МИА Радио флеш

17 јули 2024 

-Ја менуваме методологијата и наместо оние со високи пензии да добиваат уште повеќе, се грижиме за пензионерите со пониски пензии, рече денеска на прес-конференција за ребалансот на Буџетот, министерката на финансии Гордана Димитриеска – Кочоска. Таа посочи дека со ребалансот предивдени се пет милијарди денари за исплата на пензиите. Математиката е иста и не постои разлика, вели министерката, нагласувајќи дека притисокот од промената на методологијата на Владата за исплата на пензии е многу мал. 

-Министерката на финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска соопшти дека од КОВИД-мерките во Буџетот, што ги креирала претходната Влада, се скратени 620 милиони денари. КОВИД-мерките, како што рече Димитриеска Кочоска на прес-конференција, веќе не треба да постојат зашто короната е веќе минато и одамна зад нас. -Комплетно се скратени 620 милиони денари од КОВИД-мерките предвидени во Владата и повеќе нема што да стои таква мерка - „КОВИД“. КОВИД-от е одамна зад нас и им кажав на моите вработени во Министерството, веќе таков опис да не постои. Нема што да зборуваме за КОВИД во 2024 година, рече Димитриеска Кочоска, одговорајќи на новинарски прашања.

Претстои голем реформски процес на редизајнирање на деловните процеси и нивно автоматизирање и дигитализирање, со кои ќе се промени начинот на пресметки на платите и собирање на даноците, најави новата директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Елена Петрова. Со новините се очекува да биде променет сегашниот, како што рече, традиционален начин на функционирање на УЈП како даночна администрација.

-Тоа значи дека во некоја блиска иднина, наместо неповрзани системи, пресметувањето и плаќањето на даночните  обврски би преминале во еден поврзан интероперабилен даночен екосистем, во кој би имало поврзаност меѓу системите на УЈП, даночните обврзници, со тоа што пресметувањето и плаќањето на даночните обврски треба да биде вградено всушност во деловните системи на даночните обврзници, како дел од нивното секојдневно деловно работење, изјави Петрова за медиумите по отворањето на сесијата „Градење кохезивна дигитална инфраструктура за развој на напредни јавни финансии“ што ја организираше Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).

-Основниот кривичен суд Скопје денеска изрече затворски и условни казни за оние кои на главната расправа одржана на 15 јули признаа вина во врска со случајот „Синџир“. Како што потврдија од Кривичен за МИА, вкупната затворска казна за тројцата обвинети изнесува 4 години и 11 месеци, а една обвинета е казнета со условна казна затвор од две години, доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело. Четири фирми опфатени во случајот треба да платат два и пол милиони денари.

-Поради пожар на грчка страна во прекин е сообраќајот на граничниот премин Богородица - Евзони, а возилата се пренасочуваат на граничниот премин Дојран, информираат денеска од АМСМ. Претходно МВР ги извести граѓаните дека поради пожар кој избувнал на грчка страна, во прекин е сообраќајот преку Граничниот премин Богородица. Се преземаат интензивни мерки за гасење на пожарот и по неговото гасење, повторно ќе биде овозможено преминување преку граничниот премин. Од полицијата апелираат до граѓаните да не се упатуваат кон граничниот премин додека не биде објавено дека пожарот е изгаснат и сообраќајот нормализиран. Според извори на МИА од Гевгелија, пожарот избувнал пред 12 часот и гори до самиот граничен премин на излез од Грција. 

-Министерот за одбрана на Србија, Братислав Гашиќ денеска ги отфрли обвинувањата на министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, за наводна обука на терористи на полигони на вооружените сили на Србија, а поврзаноста на претседателот Александар Вучиќ со неа ја оцени како обична клевета, соопшти денеска Министерството за одбрана. -На територијата на Република Србија, за разлика од областа под контрола на Приштина, ниту еден терорист не бил обучуван и не се обучува. Терористите се апсат и гонат во Србија, додека во Приштина тие слободно се движат, се занимаваат со профитабилен бизнис или вршат јавни функции, рече Гашиќ.

-Албанскиот премиер Еди Рама денеска ги отфрли информациите дека плажите се полупразни и оти косовските туристи албанското крајбрежје го замениле со дестинации главно во Грција, Турција и Црна Гора. -Има организиран напад за да му се наштети на нашиот туризам, чиј развој е во постојана нагорна линија. На социјалните мрежи има многу лажни профили на кои пишува дека никој не дошол во Албанија. Низок обид е и да се каже дека косовските Албанци ја напуштиле Албанија. Нашите системи за кибер безбедност, го вклучија црвеното светло за ова, изјавил револтирано Рама на средба со градоначалниците од приморските градови. Притоа навел бројки на туристи кои престојувале во земјата.

-Голем шумски пожар избувна претпладнево во источниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез во поширокиот регион на Коринт, а според локалните медиуми, полесно се повредени тројца пожарникари, јави дописничката на МИА од Атина. Портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, говорејќи за државната телевизија ЕРТ рече дека станува збор за особено тежок пожар во предел со густа вегетација со борови дрвја, а интервенираат 19 воздушни средства. Дополнително во гаснењето учествуваат 120 пожарникари со пет пешадиски тима, 32 возила, а помагаат и цистерни од општините.

- Екстремно десничарски екстремист е уапсен во Франција под сомнение дека подготвувал напади за време на Олимписките игри во Париз, кои ќе бидат отворени следната недела, изјави денеска извор од безбедносните сили, кој сакаше да остане анонимен. Осумнаесет-годишниот осомничен неонацист бил администратор на група на Телеграм наречена „француска ариевска дивизија“ каде упатувал закани за Олимпијадата во Париз од 26 јули до 11 август, рече изворот. Тој беше приведен во источниот регион Ба-Рајн, кој го опфаќа градот Стразбур, а беше испрашуван од антитерористичката полиција.

-Германскиот канцелар Олаф Шолц в петок ќе отпатува за Белград за да присуствува на потпишувањето на договорот меѓу Европската унија и Србија за увоз на минерали, вклучително и литиум, кои се клучни за дигиталната и зелената транзиција на Унијата, пишува порталот „Политико/еу“. „Политико“ на 17 јули објави дека таа информација ја потврдиле три анонимни извори блиски до подготовките за посетата, а посетата подоцна ја потврдил и неименуван портпарол на германската влада. Порталот додава дека и од два извори добил потврда дека договорот ќе го потпише комесарот за енергетика Марош Шефчович во име на ЕУ, пренесе Бета. „По години поминати во дипломатски срам, српскиот претседател Александар Вучиќ сега се катапултира повторно во политичкото внимание благодарение на ненаситниот апетит на Европската унија, а секако не и најмалку важноста на Германија, за суровини за производство на електрични автомобили“, пишува „Политико“.

-Британскиот крал Чарлс Трети најавувајќи ги плановите на новата лабуристичка влада најави обнови на односите со Европска Унија по Брегизт. Мојата влада ќе се обиде да ги обнови односите со европските партнери и ќе работи на подобрување на трговскиот и инвестицискиот однос на Велика Британија со ЕУ, посочи кралот Чарлс Трети. Тој исто така најави дека ќе се формираат нови вооружени гранични безбедносни сили со контратерористички овластувања за да се спречи организираниот имиграциски криминал.

-Европската комисија ги зема предвид пресудите на Општиот суд при Европскиот суд на правдата на случаите кои се однесуваат на пристапот до договорите за набавка на вакцини против Ковид-19 и поврзаните информации и го задржува правото на користење на своите законски опции, се наведува во реакцијата на ЕК на судската одлука.  Судот оцени дека Европската комисија не и обезбедила на јавноста доволен пристап до информации за зделките за набавки на вакцини против Ковид-19 направени со фармацевтски компании за време на корона пандемијата. Постапката пред Судот ја покренаа група европратеници, откако, според нив, Европската комисија одбила да им даде целосен пристап до договорите за набавката на вакцините против Ковид-19. Комисијата во својата реакција посочува дека внимателно ќе ги проучи пресудите на Судот и нивните импликации. 

-Европскиот парламент ги реафирмира своите позиции за континуираната поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и непоколебливата посветеност на ЕУ за обезбедување политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка се додека таа презема за да ја обезбеди победата на Украина и ги повикува ЕУ и нејзините земји членки да работат активно кон одржување и постигнување на најширока можна меѓународна поддршка за Украина. 

-Русија и Украина ослободија вкупно 190 војници во најнова размена на заробеници, соопшти денеска руското Министерство за одбрана. Како резултат на преговарачкиот процес, ослободени се 95 руски војници, објави руското МО на Телеграм. Во размената на заробеници ослободени се 95 украински војници.

-Градот Харков во североисточна Украина, што е речиси секојдневно гранатиран од руските сили, ќе изгради неколку училишта под земја за да ги заштити децата, соопштија градските власти. Вториот по големина град во Украина, Харков се наоѓа на само неколку десетици километри од границата со Русија, чии сили го гаѓаа градот со артилерија од почетокот на инвазијата во 2022 година. „Откако првиот проект за подземно училиште беше успешно спроведен во Украина, во Харков започна изградбата на уште три такви објекти“, се вели во соопштението на градските власти.

-Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека Тајван треба да им плати на САД за одбраната, бидејќи сега не и дава ништо за возврат. - Многу добро ги познавам тие луѓе, многу ги почитувам. Тие презедоа околу 100 проценти од нашата индустрија за чипови. Мислам дека Тајван мора да плати за нашата одбрана. Знаете, ние не се разликуваме од осигурителна компанија. Тајван не ни дава ништо, истакна Трамп. Тајванскиот премиер Чо Јунг-таи, одговарајќи на изјавата на Трамп, посочи дека Тајван и САД имаат добри односи и покрај отсуството на официјални билатерални односи и дека Тајпеј е посветен на зајакнување на својата одбрана.

-Воената база Аин ал Асад каде се стационирани силите на антиџихадистичката коалиција предводена од САД вчера беше нападната со два дрона. Едниот дрон бил соборен надвор од базата, лоцирана во ирачката провинцијата Анбар, а вториот експлодирал во базата без да предизвика штета. Вооружените групи во Ирак поддржани од Иран, изминатите месеци во голема мера преземаа слични напади врз војниците поддржани од САД, но и се закануваат дека ќе продолжат доколку избие војна меѓу нивниот сојузник Хезболах во Либан и Израел.

 

 

Остани поврзан