• четврток, 18 јули 2024
МИА Флеш

17 јули 2024

-  Министерката на финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска рече дека министерот за транспорт и врски веројатно ќе соопшти детали околу владината одлука да се укине заклучокот од техничката Влада за делницата Гостивар - Букојачани од Коридорот 8, зашто тоа, како што нагласи, е негов ресор. Сепак е клучно, напомена Димитриеска Кочоска, дека во период на техничка влада не може да се носат одлуки за зголемување средства.

-Клучно е дека во период на техничка влада не може да носат такви одлуки, за зголемување средства. За проект што се уште нема траса е кажано дека требало да поминува низ некој дел кој дополнително ги зголемувал трошоците, имало некаква пештера, требало да се избегне, а трасата не ја знаеме која е. Верувам дека министерот за транспорт ќе сподели подетални информации, не би сакала да завлегувам повеќе во тој дел, истакна Димитриеска Кочоска на прес-конференција во Владата, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за ребалансот на Буџетот.

– Треба да се искористи максимално потенцијалот на талентираните млади кои се запишуваат на техничките факултети во развојот на ИКТ-секторот во земјава, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. 

- Најмногу од нашите млади се запишуваат на овие факултети и завршуваат со одлични студии, а знам и голем дел од нив коишто ќе се запишат во странство на студии и имаат фантастични резултати. И тоа мислам дека треба да го искористиме до максимум. Ќе треба да најдеме начин да ги мотивираме повеќе да му помогнат на државниот сектор, но мислам дека тоа нема да биде само платата, која ќе биде многу силна компонента, но тоа ќе бидат и дополнителни обуки, напредок во кариерата, завршување мастер студии во областа на сајбер безбедноста, изјави Андоновски за медиумите по отворањето на сесијата на Работната група 6 -  Антикорупција на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).

- Во следните два дена ќе се задржи многу топло време со максимални температури кои го дефинираат портокаловото ниво за опасност од високи температури, најавуваат од УХМР.

Во петок и за време на викендот во попладневните часови ќе има појава на локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура од сабота ќе опадне за 3 до 4 степени во споредба со денешната. 

- Никој во земјава не располага со точниот податок за бројот на доделените Б-интегрирани еколошки дозволи, кои општините им ги издаваат на фирмите, чие работење влијае врз животната средина, се наведува во Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Во Регистарот што го води Министерството за животна средина и просторно планирање иматели на Б дозволите се 278 компании, а истражувањето, кое го објави денесдка ЦГК открива дека дел од дозволите што ги доделиле општините не се објавени во Регистарот, додека дел од фирмите иако ги затвориле инсталациите, сè уште се евидентирани во Регистарот.

Како што е наведено во соопштението на Центарот, фирмите носители на Б-интегрирани еколошки дозволи треба да плаќаат надоместоци по неколку основи, но дури и големите општини годишно на оваа основа вкупно собираат само по неколку илјади денари.

 - Пристигна големиот романски противпожарен авион „Спартан“ кој фрла т.н. водни бомби од повеќе од пет тони. Како логистика, со него во придружба е и авионот „Херкул“. Ќе започнат да дејствуваат набргу во гаснењето на пожарите, изјави денеска директорот на Центарот за упрување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

Тој информира дека утрово, во 5 часот, одржал брифинг со пилотите на хеликоптерите кои полетуваат за да ги изгаснат пожарите ширум земјава. 

- Четири хеликоптери полетаа кон планината Серта. Во општина Радовиш, кај селото Колајево упативме два големи армиски хеликоптери, еден полициски хеликоптер и еден црногорски хеликоптер. Во село Негорци, Гевгелија упативме два словенечки хеликоптери, а во Општина Ново Село, во непосредна близина на границата со Бугарија, упативме еден голем турски хеликоптер и еден голем српски хеликоптер. Но, нешто подоцна поради разгорување на пожарот во Радовишко, во непосредна близина на градот Радовиш, кој може да претставува опасност за борова шума, српскиот хеликоптер го пренасочивме кон Радовиш, појасни Ангелов.

- Потребна е рационализација на трошоците, развој на јасен патоказ за дигитализација, на секоја институција, во рамки на стандарди поставени на национално ниво, интензивна дигитализација на сите регистри и нивно приклучување во единствена околина за размена на податоци, истакна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Посочи дека во сеопфатна владина иницијатива „Смарт Македонија“, се предвидува изработка на национална ИКТ-стратегија која ќе претставува чадор на сите владини активности и ќе е во согласност со иницијативата за дигитална трансформација на Европската комисија насловена „ЕУ дигитална декада“ или дигитални цели за 2030 година, а ќе биде и „на линија на заложбите на нашите меѓународни партнери“.

 - Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и судиите Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева вчера оствариле работна средба со амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир и неговите соработници.

- Амбасадорот Гир, како што соопшти Уставниот суд, потенцирал дека ја препознава улогата на Уставниот суд како клучна во обезбедување на рамнотежа над трите гранки на власта во уставниот поредок и во обезбедувањето на владеењето на правото.

- Владата на Република Северна Македонија до Собранието ги предложи заменици министри, за целосно да се комплетира владиниот тим. 

За заменик министер во Министерството за одбрана се предлага Елфет Исмаили. Исмаили е дипломиран економист. Своето работно искуство го започнува во Фонд за магистрални и регионални патишта. Од 2006 до 2008 била директорка на ГЦПЦ Пошта Скопје 2, а од 2008 до 2019 била вработена во АД Македонска Пошта како соработник за маркетинг. Во 2019 до 2024 година била Придружничка на лице упатено во Делегацијата на РС Македонија при НАТО, Брисел, Кралство Белгија.

За заменик министер во Министерството за внатрешни работи се предлага Астрит Исеини. Исеини завршил на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а се стекнал и со титулата доктор на Науки по Кинезиологија, вонреден професор. Во моментот е вонреден професор на Тетовски универзитет и на Факултет за Биотехнички науки во Битола.

 - Вкупно 4,1 милијарда денари за плати и пет милијарди денари за исплата на пензиите се предвидени со ребалансот на Буџетот, соопшти денеска министерката на финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

На прес-конференција во Владата таа информира дека вкупните приходи во Буџетот се планирани на 318 милијарди 150 милиони денари што е за 8,22 милијарди зголемување. Планирнао е и зголемување на даночните приходи од сопствени сметки. Расходите се планирани на 362 милијарди 816 милиони денари што е зголемување од 19,178 милијарди денари.

Првично проекитраниот БДП, потенцира, е неостварлив. Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5 отсто, а растот на нето платата за 13 проценти.

- Министерката на финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска, на прес-конференцијата за ребалансот, рече дека Буџетот е оштетен за повеќе од 32 милијарди денари. Таа очекува, како што напомена, за  констатираните состојби да реагира Основното јавно обвинителство.

Како што рече Димитриеска Кочоска, има многу доспеани обврски кои не се пријавувани.

-Можам да кажам дека има многу доспеани обврски и дека не се пријавувани. Понатаму надлежноста е на другите иституции. Јас ги кажувам констатираните состојби во Министерството за финансии, истакна Димитриеска Кочоска. 

- По заедничка иницијатива на претставниците на Македонците и Грците, денеска во Тирана се одржа средба на претставниците на малцинствата, околу пописот на населението и резултатите објавени од Државниот завод за статистика, на која е донесена декларација за nivno непризнавање и барање за спровдување посебен попис врз основа на меѓнародните стандарди.

-Попишувањето на малцинствата кои живеат на територијата на Република Албанија уште еднаш не успеа да ги спроведе најдобрите практики на ова поле, во однос на соработката со претставниците на малцинствата, наше директно учество во процесот, подготовка на јасен билтен за прашања од карактерот на етничкото потекло, мајчиниот јазик и верската припадност, стои во декларацијата.

- Владата на Република Северна Македонија вчера на шестата седница донесе повеќе одлуки за разрешување на досегашните и именување на нови кадровски решенија, информира владината прес-служба. 

-Фејсаљ Беадини, се именува за в.д. директор на Биро за процена, орган во состав на Министерството за правда, Седад Рушани се именува за в.д. директор на Биро за метрологија орган во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Шабан Алајбегу се именува за в.д. директор на Државниот просветен инспекторат, Хаќим Рамадани се именува за в.д. директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Зухејр Реџепи се именува за в.д. директор на Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, а Месуд Јакупи, се именува за в.д. директор на Агенција за стоковни резерви, информираат од Владата.

- Владата на седница што се одржа вчера донесе одлука за укинување на заклучокот на претходната техничка Влада со кој се предизвикува фискални импликации за реализација на Проектот за изведба на автопатот Коридор 8, Делница 2: Гостивар-Букојчани од дополнителни 252.699.474 евра, кои не се планирани и обезбедени во Буџетот, ниту се економски исплатливи, информираат денеска од владината прес-служба.

Од Владата најавуваат дека за овој заклучок ќе биде известено и Основното јавно обвинителство.

-Овој заклучок бил усвоен на 13 јуни оваа година, повеќе од еден месец после изборите и на неколку дена пред донесување на Одлуката за избор на нова Влада на Република Северна Македонија, како и економската неисплатливост за реализација на истиот, се вели во денешното соопштение од Владата.

- Изјавата на министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас за време на неговата посета во Република Кипар предизвика реакција во Турција и соопштение од турското Министерство за одбрана, по што реагираше, исто така со соопштение и грчката страна, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас од Никозија во понеделникот рече дека се навршуваат 50 години од „хунтистичкиот државен удар на Кипар“ што отвори „задна врата за упаѓачот кој демне“ истакнувајќи дека е црна годишнина.

Од Министерството за одбрана на Турција преку соопштение „силно ја осудија лажната и клеветничка изјава на грчкиот министер за одбрана Дендиас, насочена кон кипарските Турци и херојската турска армија“ и посочија дека „благодарение на храброста и присуството на турската војска, на Кипар нема крвопролевање од 1974 година“.

- Поради топлотниот бран и високите температури Акропол во Атина денеска ќе биде пет часа затворен во периодот меѓу 12 и 17 часот, соопштија од Министерството за култура на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Според прогнозите денеска и утре во земјата се очекува температурата да достигне до 42-43 степени Целзиусови, од вчера во сила се вонредни мерки за заштита на вработените во приватниот и државниот сектор, а меѓу другото за оние кои работат на отворено предвиден е прекин со работа во периодот од 12 до 17 часот.

- Косовскиот премиер, Албин Курти на денешната средба со вршителот на должноста директор на Агенцијата за статистики на Косово (АКС), Авни Кастрати, го оцени како успешен годинешниот попис на населението, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на владината служба за информирање, на средбата, на која присуствувале и шефот на кабинетот, Љуан Далипи и советникот на Курти, Љулезон Јагџиу, премиерот изразил благодарност до Кастрати и неговиот тим за успешниот процес на „Пописот на населението, домаќинствата и становите 2024“.

- Околу 42.000 луѓе во моментов се водат за исчезнати во Украина, изјави денеска официјален претставник на Министерството за внатрешни работи. Во таа бројка се - војници и цивили.

Бројката некогаш изнесуваше 51.000, изјави Дмитро Бохатиук, кој раководи со одделот за исчезнати лица во Министерството. Бројот на исчезнати лица се намали откако беа пронајдени илјадници воени заробеници, рече Бохатиук. Друг предизвик е идентификација на мртвите пронајдени на бојното поле. Бохатиук рече дека Министерството за одбрана не зема генетски примероци од војниците што ги испраќа на терен. 

- Европската комисија не ѝ обезбеди на јавноста доволен пристап до информации за зделките за купување вакцини за Ковид-19 направени со фармацевтски компании за време на пандемијата, соопшти денеска Европскиот суд на правдата.

Ова се случува еден ден пред да се гласа во Европскиот парламент за кандидатурата на Урсула фон дер Лајен за втор мандат на чело на Европската комисија.

- За прв пат во Турција тројца државни службеници се  бидат под истрага поради тоа што постапиле спротивно на прописот за надзор на градбата и предизвикале телесни повреди и смрт на луѓе во катастрофалните земјотреси на 6 февруари минатата година, во кои 69 лица загинаа, а 16 беа повредени поради урнат блок во градот Дулкадироглу во округот Кахраманмараш, јавува турската приватна телевизија НТВ.

Тие се осомничени дека поради невнимание и неправилно вршење на службената должност предизвикале смрт и телесни повреди. Станува збор за вработени во општина Дулкадироглу - тогашниот заменик-директор за територијално планирање и урбанизација Арзу Јозаидан, електроинженерот Јонер Гурбизел и архитектот Серап Биниџи, кои се прогласени за виновни во вештачењето.

- Поранешната службеничка на ЦИА и висок функционер во Советот за национална безбедност Сју Ми Тери е обвинета дека служела како таен агент на јужнокорејската разузнавачка служба, соопшти денеска американското Министерство за правда.

Според обвинението на федералниот суд во Менхетен, Сју Ми Тери добила скапи работи, вклучувајќи луксузни чанти и скапи вечери во суши ресторани во замена за лобирање на позициите на јужнокорејската влада за време на настапите во медиумите.

Во обвинението, исто така, се наведува дека споделувала доверливи информации со разузнавачки службеници и им дозволувала на јужнокорејските службеници пристап до претставници на американската влада. 

- Лидерот на Хезболах, Саид Хасан Насрала денеска изјави дека Хезболах ќе гаѓа нови цели во Израел доколку вооружените сили на земјата продолжат да убиваат цивили во Либан.

„Продолжувањето на бомбардирањето на цивили ќе го охрабри Отпорот да лансира ракети кон населбите кои претходно не беа цел“, рече Насрала, истакнувајќи го зголемувањето на бројот на цивили убиени во Либан во последните денови.

- Шесте економии од Западен Балкан треба заеднички да инвестираат најмалку 37 милијарди долари во следната деценија за адекватна заштита на граѓаните и имотот од се поштетните влијанија на климатските промени, се заклучува во регионалниот извештај за климатски промени и развој (CCDR) на Светска банка објавен денеска.

Спроведувањето соодветни мерки за одговор на климатските промени може во голема мера да биде од корист за Западен Балкан, регион составен од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора. Тие инвестиции би помогнале да се избегне загуба на човечки животи, имоти и продуктивност, но и да се стимулира економскиот раст.

Остани поврзан