• петок, 22 ноември 2024

Андоновски: Да го искористиме потенцијалот на младите ИКТ-таленти и да ги поттикнеме да му помогнат на државниот сектор

Андоновски: Да го искористиме потенцијалот на младите ИКТ-таленти и да ги поттикнеме да му помогнат на државниот сектор

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) – Треба да се искористи максимално потенцијалот на талентираните млади кои се запишуваат на техничките факултети во развојот на ИКТ-секторот во земјава, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. 

- Најмногу од нашите млади се запишуваат на овие факултети и завршуваат со одлични студии, а знам и голем дел од нив коишто ќе се запишат во странство на студии и имаат фантастични резултати. И тоа мислам дека треба да го искористиме до максимум. Ќе треба да најдеме начин да ги мотивираме повеќе да му помогнат на државниот сектор, но мислам дека тоа нема да биде само платата, која ќе биде многу силна компонента, но тоа ќе бидат и дополнителни обуки, напредок во кариерата, завршување мастер студии во областа на сајбер безбедноста, изјави Андоновски за медиумите по отворањето на сесијата на Работната група 6 -  Антикорупција на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).

Според Андоновски, не треба да нѐ обесхрабрува тоа што во државниот сектор не се останати многу ИТ-експерти кои, поради високите плати, работат во приватниот сектор, затоа што со тоа, рече, се соочуваат сите држави.

-Гледаме како државите од регионот напредуваат со рапидно темпо напред и наша задача ќе биде не само да ги достигнеме, туку и да ги надминеме државите од регионот. И ако може тоа да го прават сите држави од нашето опкружување, не гледам зошто со паметни политики да не можеме и ние да го направиме истото, смета министерот за дигитална трансформација кој на прашањето дали имаме кадар за креирање софтвери и дигитални алатки неопходни за планираниот ИКТ-развој, одговори дека „Македонија има фантастичен технолошки талент и кадар“.

Кон остварување на таа цел министерот посочи дека ќе треба да се поттикне и приватниот сектор да му помогне на државниот сектор, како што рече, „во смисла на еден модерен патриотизам“.

-На хакатони на кои приватниот сектор ќе развива решенија за државниот сектор. Но, ова не смее да биде ориентирано спрема проекти и спрема тендери, туку спрема долгорочна соработка меѓу приватниот сектор, бизнис-заедницата, граѓаните и универзитетите како академска заедница која го креира овој кадар, додаде Андоновски.

Во обраќањето на сесијата организирана од НКЕУ-МК тој нагласи дека клучно за дигиталната трансформација е институциите да комуницираат меѓу себе преку  националната платформа за интероперабилност (платформа за електронска размена на податоци меѓу институции и за комуникација на институции со приватен сектор и граѓани). 

Иако е воведена во 2015 година, како што рече, неа денес ја користат само 50 институции, а над 90 проценти од институциите своите податоци ги чуваат на хартија или ги разменуваат меѓу себе на традиционален начин и не се поврзани меѓу себе во една дигитална околина.

На прашањето како вработените во јавната администрација ќе се „натераат“ да го прифатат дигиталниот начин на работа, Андоновски одговори дека повеќе се работи за откривање на потенцијалот и да им се објаснува на вработените во сите институции колкави се потенцијалите. Смета дека тоа „најмногу ќе зависи од менаџерите на институциите“.

-Ако менаџерите на институциите не се подготвени за дигитализација, тогаш ќе имаме проблем и кај вработените, додаде Андоновски.

Во обраќањето на сесијата тој апелираше и да се искористат огромните можности кои за граѓаните и за компаниите ги нуди владиниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk

Наместо секоја институција да има свој портал, како УЈП, Фонд за здравство, Централен регистар... или секоја општина да има свој портал, овој еден портал, рече Андоновски, „треба да биде унификатор на услугите на Владата, на државата кон секој граѓанин“ односно „еден вид единствен унифициран едношалтерски систем“. хс/ац/ 

Фото: МИА архива / принтскрин

Остани поврзан