Почна проектот за доуредување на мајор коритото на Крива Река, дел 1 и 4
- Кејот на Крива Река ќе добие нови уредени урбани содржини за спорт,одмор и рекреација: пешачки и велосипедски патеки, плоштади, пешачки мостови и места за одмор и рекреација. Во Крива Паланка почнаа градежните активности за уредување на дел 1 и дел 4 од мајор коритото на Крива Река, финансиран од Владата на Република Македонија преку Министерството за животна средина и просторно планирање.
Крива Паланка, 8 април 2026 (МИА)- Во Крива Паланка почнаа градежните активности за уредување на дел 1 и дел 4 од мајор коритото на Крива Река, финансиран од Владата на Република Македонија преку Министерството за животна средина и просторно планирање.
Вкупната вредност на проектот изнесува околу 27.7 милиони денари, а со истиот е планирана изградба на: пешачки и велосипедски патеки, цветни леи, уредени зелени површини, пешачки мостови, уредени плоштади и простори за одмор и дружење, со што, како што нагласи градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, се заокружува целиот проект и градот ќе добие нов, урбан и функционален простор за сите.
-Во изминатиот период со вложување во уредувањето на речното корито му ја враќаме и убавината,и достоинството што го заслужува. И ако по нешто е препознатлива денес Крива Паланка,тоа ,меѓу другото е и по уредениот кеј, еден од најубавите во државата. Денес продолжуваме со уредувањето на мајор коритото на Крива Река, место каде минатото и сегашноста се спојуваат во едно. Во оваа фаза е предвидено уредување на пешачки и велосипедски патеки, нови плоштади, пешачки мостови, дрвени перголи и места за одмор и рекреација. Истовремено, ќе бидат подигнати нови зелени површини и декоративни форми што ќе му дадат нов лик на коритото и ќе ја заокружат целината, изјави Митовски.
Посочи дека ова е продолжение на една визија со која Крива Паланка се развива во еден современ и урбан град за сите генерации, градејќи ја Крива Паланка,онаква каква што заслужува, убава и урбана. ид/нд/
Изведувач на градежните работи е "Цвет компани ДООЕЛ".