• петок, 19 јули 2024
МИА Радио флеш

18 јули 2024 

- Врз основа на укажаната потреба и побарувања за поголем обем на ангажман во гасењето на пожарите, претседателката на државата и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова донесе одлука за ангажирање на дополнителни 200 припадници на Армијата во напорите за гасење на пожарите, соопшти Генералштабот  на Армијата.

-Од страна на Генералштабот е издадена наредба за ставање во состојба на подготвеност и ангажман на дополнителни 200 армиски припадници од составот на Командата за операции и Командата за обука и доктрини, со што вкупниот број на ангажирани армиски припадници е 300. Заедно со досегашните 100 припадници, кои се ангажирани од почетокот на прогласување на кризната состојба, дополнителните сили ќе извршуваат активности на локации каде ќе има потреба и кои ќе им бидат доделени од страна на Центарот за управување со кризи, кој е надлежен за координација на сите вклучени институции, се наведува во соопштението.

- Народната банка по вторпат е добитничка на наградата на „Комерцбанк“, што претставува една од водечките меѓународни деловни банки во Европа. Наградата се доделува за 2023 година, за квалитетно автоматизирано извршување на плаќањата на државните органи и на трансферите со финансиските институции во меѓународниот платен промет.

-Ова е големо признание за Народната банка коешто го доби за високото ниво на квалитет и автоматизираност на процесите при извршувањето на плаќањата, во конкуренција со голем број финансиски институции и компании на меѓународно ниво, се вели во денешното соопштение од Народната банка.

- Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов преку видео изјава соопшти дека заедно со Главниот штаб за управување со кризи рано утрово одржале брифинг со домашните и странските пилоти кој учествуваат во гаснењето на пожарите. Информира и за состојбата со пожарите.

-Рано утрово во 5 часот се одржа брифинг со домашните и странските пилоти кој учествуваат во гаснењето на пожарите. Рано утрово полета големиот српски хеликоптер со пет тони вода кон пожарот во Радовиш и слободно можам да кажам дека овој пожар во непосредна близина на Радовиш и селото Штурово веќе е ставен под целосна контрола. На територијата на Општина Чашка кај селата Горно и Долно Јаболчиште дејствува еден црногорски хеликоптер и еден полициски хеликоптер. На територијата на Општина Росоман кај селото Сирково дејствува еден полициски хеликоптер и трите „ер трактори“ на ДЗС. На нив во секој момент треба да се приклучи хрватски „канадер“, кој покажа одредени слабости и истите треба да бидат отстранети во секој момент.  Кај Лисец ќе дејствува романскиот „спартак“ кој ќе фрли пет тонски водни бомби, вели Ангелов.

- Италија останува наш партнер и силен поддржувач во евроинтеграцискиот процес, констатирале на работниот состанок министерот за правда Игор Филков со италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри, соопшти Министерството за правда.

- На средбата амбасадорот Силвестри му посакал успешна работа во извршувањето на функцијата на министерот за правда, Филков, при што било разговарано за унапредувањето на досегашната успешна соработка помеѓу двете земји, како и за можностите за размена на искуства.

- Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово соопшти дека во последното деноноќие имало 24 пожари на отворено, како и дека 13 од нив се сè уште активни, а се гасат и од земја и од воздух со сите летала што се во моментот на располагање и домашни и од другите земји.

Оттаму посочија дека активен е пожарот во неготинското село Калањево каде што гориниско стеблеста шума и грмушки.

Претседателката Гордана Силјановска - Давкова, како што информираат од ЦУК, денеска во 12:00 часот ќе ги посети припадниците на Армијата кои учествуваат во гаснењето на големиот шумски пожар на планината Серта кај неготинското село Калањево.

 - Собранието ја закажа седницата за замениците-министри во Владата за 23 јули, со што целосно би се комплетирал владиниот тим. Како што се посочува на собраниската веб-страна, седницата е закажана за во 11 часот, со дневен ред од три точки.

Освен точката за именувањето на замениците-министри, на дневен ред е и Предлог на законот за изменување на Законот за здравствената заштита - прво читање, со кои се укиннуваат економските директори во јавните здравствени установи и болници  и верификацијата на мандат на пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.

- Со проекцијата на филмот „Неочекувана среќа“ во режија на Вуди Ален и со доделување награди за најдобрите остварувања синоќа беше затворен 23-от Меѓународен фестивал на европски филм – „Синедејс“ (Cinedays). Наградата „Златна ѕвезда“ или најдобар филм е за „Градот“ во режија на Амит Улман.

Како што информира Младинскиот културен центар (МКЦ), наградата ја додели жирито во состав Горјан Атанасов, филмски и тв монтажер, Ивица Димитријевиќ, актер и режисер, Мина Ѓукиќ, режисерка, Рохан Бери Крикмар, филмски продуцент и фестивалски селектор и Гентиан Кочи, филмски режисер.

- Европското соседство е дел од нашата иднина и приемот на нови земји во нашата Унија претставува морална, историска, политичка и огромна геостратешка одговорност за Европа, порача денеска кандидатката за претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред пратениците на Европскиот парламент.

- Ќе ги поддржиме кандидатите за членство со инвестиции и спроведување на реформите и ќе ги интегрираме, кога ќе можеме, во нашата правна рамка. Пристапувањето секогаш ќе биде процес базиран на заслуги и ќе обезбедиме сите земји да бидат подготвени за членство. Комплетирањето на нашата Унија е во наш суштински интерес и ќе биде суштински приоритет на мојата Комисија, порача Фон дер Лајен, презентирајќи ги пред европратениците своите приоритети за работа во следниот мандат во пресрет на денешното гласање за нејзин реизбор на функцијата.

- Во повеќе градови во Украина денеска се забележани температури до 36 степени Целзиусови, а топлотниот бран дополнително ја загрози енергетската инфраструктура која е цел на руските напади, што доведе до прекин на електричната енергија.

Тамошната метеоролошка служба денеска во Киев и поширокото подрачје забележа 36 степени Целзиусови, а таква температура последен пат е регистрирана во 1931 година.

- Кениската полиција денеска до дополнително известување забрани демонстрации во главниот град Најроби по неколкунеделните антивладини протести во кои, како што е наведено, биле инфилтрирани членови на организирани криминални банди.

Некои од активистите ги повикаа луѓето да се соберат денеска во паркот Ухуру, во близина на центарот на градот, со опрема за кампување.

- Либанските медиуми денеска објавија дека убиениот во нападот во регионот Бека бил висок командант на милитантната сунитска група Ал-Гама ал-Исламија.

Либанскиот јавен сервис Кан објави дека убиениот е Мухамед Џабар, пишува „Тајмс оф Израел“.

Групата Ал-Гама, како и Хамас, е сунитска фракција која е дел од пошироката политичка мрежа на организацијата „Муслимански браќа“.

- Јапонскиот премиер Фумио Кишида официјално им се извини на луѓето кои беа насилно стерилизирани во втората половина на минатиот век. Законот за еугеничка заштита, кој важеше од 1948 до 1996 година, им дозволи на властите насилно да ги стерилизираат болните луѓе, вклучително и оние со ментални нарушувања, наследни болести или физички деформитети и лепра.

Контроверзниот закон дозволуваше и присилни абортуси доколку еден од родителите бил болен. Најмалку 25.000 луѓе се стерилизирани поради тој закон, рече Кишида, кој вчера во својата службена резиденција се сретна со околу 130 живи жртви на присилна стерилизација.

- Миграциите кои се одвиваат преку теснецот Дариен меѓу Колумбија и Панама драстично се намалија овој месец, откако панамскиот претседател Жозе Раул Мурињо ја презеде функцијата и нареди строга контрола на оваа област покриена со густа џунгла, соопшти денеска граничната полиција на оваа земја во Централна Америка.

Бројот на премини преку Дариен е сè уште блиску до оној од 2023 година, кога рекордни 500.000 луѓе, од кои половина беа Венецуелци, тргнаа по тој многу опасен пат.

- Републиканецот Џејмс Комер, претседател на Комисијата за надзор и одговорност на Претставничкиот дом, денеска издаде обврзувачка наредба директорката на тајната служба Кимберли Читл да се појави пред телото во понеделник, што ќе биде прво сослушување во Конгресот за обидот за атентат на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Комер рече дека Тајната служба одговорила позитивно на нејзиното испрашување, но се чини дека претставниците на Министерството за внатрешна безбедност интервенирале и дека оттогаш до Комитетот не биле испратени никакви „значајни“ нови податоци и информации.

Остани поврзан