• петок, 19 јули 2024
МИА Флеш

18 јули 2024

-Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска оствари работна средба со постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП во Северна Македонија Армен Григорјан. Како што информира ресорното министерство, тема на состанокот беше досегашната соработка на УНДП со Министерството за економија и идната соработка со Министерството за економија и труд согласно реорганизацијата на министерствата. Министерот Дурмиши се заблагодари за придонесот што УНДП досега го даде за унапредување на одржливиот развој во Северна Македонија.

-Во ек на летна сезона зголемен е интензитетот на сообраќај на граничниот премин Табановце. Денеска функционираа сите ленти и времето на чекање е околу 15-тина минути. Туристите кои патуваа кажаа дека во моментов не чекаат многу. Одговарајќи на новинарски прашања на денешниот настан на ГП Табановце, директорот на царината, Бобан Николовски рече дека проблемите мора брзо да се надминуваат за да се обезбеди непречен проток на патници. Вчера, додаде тој, биле подготвени да интервенираат, доколку пожарот од грчка страна се префрли на Богородица. - Падот на електричниот систем секогаш кога се случува, секогаш создава проблеми. Многу е битно овие проблеми да ги решаваме ефективно максимално, многу најбрзо можно. Бројката флуктуира, меѓутоа е на многу високо ниво. Знаете патничкиот сообраќај во моментов е навистина на едно високо ниво, сезона е. Се справуваме, протокот на возила брзо оди. Дури вчера имавме застој на Богородица имаше пожар од грчката страна и ние дадовме свој придонес таму, реагиравме максимално бевме спремни во случај огнот да се сврти кон нашата држава, изјави Николовски.

-Утре ќе се задржи многу топло време и ќе биде активно портокалово ниво за опасност од високи температури, а во деновите потоа температурата ќе биде во постепено опаѓање. Од УХМР соопштија дека од утре до средината на следната седмица (24.07) во попладневните и вечерните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и појава на град. Во Скопје, од утре и во следните денови во попладневните и вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има поинтензивни процеси со пороен дожд, силен ветер и локална појава на град.

-Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција во врска со убиството на српски полицаец, за кое е осомничен косовски Албанец, изјави дека ги има само информациите што беа објавени во медиумите. „Изворот на информацијата е Србија, нашите надлежни органи ќе ја информираат јавноста за моменталната состојба“, рече Курти одговарајќи на новинарско прашање во врска со информацијата дека пасошот на осомничениот за нападот врз полицајците е издаден во Косово и пронајден на местото на убиството, јавија косовските медиуми.

-Судот во Милано и наложи на новинарката Џулија Кортез да и плати на италијанската премиерка Џорџа Мелони отштета од вкупно 5.000 евра, бидејќи ја исмевала на социјалните мрежи. Новинарката исто така во октомври 2021 година доби условна казна од 1.200 евра поради исмевање на висината на премиерката на Икс (поранешен Твитер), а објави и ретуширана фотографија од Мелони и покојниот фашистички лидер Бенито Мусолини.

-Европското соседство е нашата иднина и приемот на нови земји во нашата Унија претставува морална, историска, политичка и огромна геостратешка одговорност за Европа, порача денеска кандидатката за претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред пратениците на Европскиот парламент.- Ќе ги поддржиме кандидатите за членство, работејќи на инвестиции и реформи и ќе ги интегрираме, кога ќе можеме, во нашата правна рамка. Пристапувањето секогаш ќе биде процес базиран на заслуги и ќе се погрижиме сите земји да бидат подготвени, пред да се приклучат. Комплетирањето на нашата Унија е во наш суштински интерес и тоа ќе биде суштински приоритет на мојата Комисија, порача Фон дер Лајен, презентирајќи ги пред европратениците своите приоритети за работа во следниот мандат во пресрет на денешното гласање за нејзин реизбор на функцијата.  

- Парламентот на Литванија денеска гласаше за поддршка на повлекувањето на земјата од Конвенцијата за касетна муниција, која забранува производство, складирање, употреба и пренос на тоа оружје. „Конвенциите се важни кога сите земји ги почитуваат. Проблемот е што Русија, во својата агресија против Украина, не се придржува до нив“, рече литванскиот министер за одбрана Лауринас Касчинас во Парламентот пред гласањето. 

-Плановите на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за создавање на европска одбранбена унија и даваат на ЕУ „воен призвук“ и го потврдуваат ставот дека земјите од европскиот континент ги ескалираат тензиите и методите на конфронтација во надворешна политика, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.„Заедничката одбранбена и безбедносна политика е една од областите на заедничка работа во Европската унија. Тоа беше случај и во текот на европската интеграција, но тоа никогаш не беше главната насока. Тоа што госпоѓата Фон дер Лајен сега го кажа за промената на приоритетите ѝ дава на ЕУ воен призвук, што го потврдува општото надворешно-политичко определување на европските држави кон милитаризација, ескалација на тензиите, конфронтација и потпирање на методи на конфронтација“, рече Песков.

-Новинарот на „Волстрит журнал“ Еван Гершкович денеска се појави пред судот во Екатеринбург на второ рочиште за обвиненијата за шпионажа, соопшти судот. Гершкович, неговиот весник и американската влада ги негираат наводите. Гершкович е обвинет дека собирал доверливи информации по наредба на ЦИА, во врска со фабриката за тенкови „Уралвагонзавод“, која се наоѓа на околу 150 километри од Екатеринбург.

 

Остани поврзан