• четврток, 18 јули 2024
МИА Општински пул

18 јули 2024

Битола - Градоначалникот Тони Коњановски ќе поднесе иницијатива за доделување награда за вработените во Територијалната противпожарна единица за нивното максимално ангажирање во гаснењето на пожарите и справувањето со огнената стихија во Битола.

Како што е познато големиот пожар што се случи пред неколку денови на ридовите над обиколницата во Битола ги мобилизира сите припадници на ТППЕ Битола, но и други поединци и институции, истакна Коњановски.

Велес - Во рамките на манифестацијата „Велешко лето“ 2024 Општина Велес во соработка со локалната библиотека „Гоце Делчев“ распиша ликовен и поетски конкурс на тема „Лето во Велес“. На конкурсот кој ќе трае до 15 август годинава, може да се пријават сите деца и млади на возраст до 18 години кои ќе бидат поделени во три различни категории.

Заинтересираните своите ликовни творби можат да ги достават по пошта на улица „Панко Брашнар“ бр.1 Велес со назнака „За ликовен  конкурс“, додека поетските творби можат да се достават преку е-маил на veleskoleto@veles.gov.mk со назнака „За поетски конкурс“.

Штип -  Волонтерите на Општинската организација на Црвен Крст-Штип денеска делеа флаери за заштита од пожари и шишиња со вода на граѓаните во централното градско подрачје, со цел какошто велат да се заштита од топлотен бран.

Силвија Димитрова, волонтер во ОО Црвен Крст-Штип рече дека ваквите акции ги организираат да им помогнат на граѓаните, кои мора да излегуваат на високите температури од своите домови, за да завршат некоја работа во институциите.

Струмица - Претпладнево во 10:10 часот во СВР Струмица било пријавено дека во Дојранско Езеро се удавил маж. Според информацијата од полицијата, машкото лице скокнало во водата од чамец, пливало неколку метри, по што се удавило.

-Полициски службеници од ОВР Гевгелија се на местото на настанот. Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес, а повикани се нуркачки екипи за пронаоѓање на лицето, информираа од СВР Струмица.

Велес - Жаклина Гушева, дипломиран шумарски инженер од денеска е нов раководител на Подружницита ШС „Бабуна“ Велес на ЈП Национални шуми. Таа на раководното место доаѓа од Секторот за уредување на шуми, ловишта и проектирање при дирекцијата на ЈП Национални шуми во Скопје каде работеше 25 години.

Информацијата за МИА ја потврди досегашната директорка  на ШС „Бабуна“  шумарски инженер Љубинка Попова, која во неколку наврати раководеше со велешката Подружница „Бабуна“. Воедно, веста ја потврдија и од ЈП Национални шуми во Скопје. 

Струмица - Годинашното 13-то издание на „Струмица опен фестивал“ почнува на 22 овој месец и ќе трае до 20 август, а почетокот ќе биде означен со настап на КУД „Фолклорна низа“ во рамки на програмата „Ритамот на традицијата“.

Ова беше соопштено на денешната прес - конференција на градоначалникот Костадин Костадинов со организаторите на Фестивалот, а беше презентирана и програмата, која годинава ќе се одвива под мотото „Културни бранови на радост“.

-Се надеваме дека ќе ги погодиме вкусовите на сите струмичани, но сакам да потенцирам дека вратите на Струмица се отворени за сите граѓани на Република Македонија и очекуваме дека и оваа како и секоја година, ќе имаме огромен број на граѓани кои ќе бидат дел од сите настани на „Струмица опен фестивал“. Тоа што мене посебно ме радува е отвореноста на младите струмичани да бидат активни учесници во фестивалот и на тој начин придонесуваат за одржување и континуитет на локалниот бренд „Струмица опен фестивал, рече струмичкиот градоначалник.

Скопје - Терестичната дезинсекција (од земја) против возрасни форми на комарци на подрачјето на Скопје ќе се реализира од 22 јули до 25 јули 2024 година, во период од 22:00 до 3:00 часот наредниот ден.

Град Скопје ги информира граѓаните дека доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, таа ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во истите термини.

Штип - На територија на Општина Штип од утрово на неколку позиции на планината Серта се пожарникарите, припадниците на Армијата и на полицијата, како и ловџии. Од копно се контролира и гасне пожарот кај гасоводот, во близина на селата Селце, Драгоево и Пиперово.

- Огнот е далеку од овие села и нема опасност во моментов, истакна денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Според него, од земја огнената стихија се набљудува, се контролира и се спречува потенцијално ширење на пожарот, кон територијата на Општина Штип. Јорданов посочува дека веќе на терен се истрасирани и патишта, пресеци за да не се прошири огнот кон најблиските села на планината Серта во штипскиот регион.

Дебар - Во Дебар е воведена тричасовна рестрикција во снабдувањето со вода за пиење, што, како што велат надлежните, е резултат на злоупотребата на водата.

- Рестрикција се воведува во населбите „Венец еден“ „Венец два“ „Тараник“ „Ќернаница“ и главната улица во градот „8 септември“ и тоа во период од 13:00 до 16:00 часот. Во овој период вода ќе се обезбеди за другите делови на градот, каде што поради нискиот притисок, поради злоупотребата, вода немаат со часови, изјави за МИА, Бурим Каба, директор на Јавното комунално претпријатие
„Стандард“.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во вчерашното гостување на МРТВ за проблемот со гласната музика во Капиштец и постојаните поплаки од граѓаните кажа дека општината нема за цел да го затвори ноќниот живот туку да воспостави ред и мирен сон за жителите во Капиштец.

„Имаме засилени контроли и од општината во делот на мерење на гласна музика инспекциски служби по кафеаните и рестораните има и доста зголемено присуство на припадниците на МВР коишто се не само во Дебар Маало и на Боемска туку и по детските игралишта каде што се создаваа овие проблеми со коишто се соочуваат. Верувам дека и со МВР ќе продолжат самите акции и нашите инспекциски служби ќе бидат почесто на терен. Казните се енормно високи и верувам дека и кафеанџиите и сопствениците на локалите дека ќе се свестат со своето однесување. Не ни е целта да го уништиме ноќниот живот, целта ни е да воспоставиме ред и што подобри услови за живеење на нашите жители. Верувам дека ќе успееме во тоа“ рече Герасимовски.

Остани поврзан