• петок, 19 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

18 јули 2024

Росоман - Активни се  пожарите во неготинско Калањево и росоманско Сирково, потврдија за МИА од Центарот за управување со кризи. Кај 
Калањево горат ниско стеблеста шума и грмушки, а, како што информира за МИА градоначалникот на Росоман, Стојан Николов, од вчерашната локација кај  Сирково, огнот се префрлил во близина на селото Мрзен. 

Пожарот во неготинско почна минатата среда околу 10.30 часот, а кај Сирково вчера околу пладне. И на двете места, гаснењето вклучуваше гаснење од земја и од воздух. 

 

Крива Паланка - Градежните работи од проектот за рехабилитација на централната градска улица во Крива Паланка успешно се завршени на трасата од Фаза 2, со која комплетно е асфалтиран коловозот во должина од 540 метри, информираат од локалната самоуправа на општината.

Оваа фаза е на потегот: од мостот кај населбата „Единство" до долот Нимулија и крстосницата кај т.н. „Шанин мост".

- Комплетно е асфалтирана трасата од Фаза 2 на централната градска улица од нас.Единство до Нимулија. Рехабилитација и асфалтирање се извршени на 540 метри од улицата „Св. Јоаким Осоговски", а до конечно завршување на градежните работи на оваа фаза остануваат интервенции на тротоарите и изградба на потпорен ѕид кај м.в.Огледало. Овој капитален проект за рехабилитација на главната улица „Св.Јоаким Осоговски" е вреден 35.000.000 денари, средства обезбедени преку Министерството за транспорт и врски со финансии од Светска банка. Покрај реконструкција на улицата, истата на делови се проширува со трета лента за паркирање, се наведува во соопштението од локалната самоуправа на Општина Крива Паланка.

Оттаму нагласуваат дека фаза 1 од проектот е на потегот од долот „Нимулија" до „Соларски мост", кадешто е планирано регулирање на сообраќајот со кружен тек. Градежните работи од Фаза 1 се планира да започнат во септември.

 

Охрид – Екипата на НУ „Завод и музеј – Охрид“ составена од кустосот Катерина Велкоска и раководителкатата на проектот „Сто години од раѓањето на Ванѓeл Наумовски'', конзерваторот за штафелајно сликарство Сашо Блажески и Никола Патчев, виш конзерватор за ѕидно сликарство, ги привршува активностите за конзервација на колекција слики на Вангел Наумовски.

Станува збор за уметничките дела на Наумоски што ги красеа просториите на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ од Охрид.

Конзерваторскиот тим кој работеше две недели на овој проект изврши детална проверка на делата, отстранување на нечистотијата, китирање и поправка на оштетените делови на сликите и ретуширање на оштетените од човечки фактор покрај временски и атмосферски фактор сликарски површини.

Во овој доста краток период се привршуваат најважните чекори кон заштита на оваа значајна збирка  за престојната изложба „ Сто години од раѓањето на Ванѓeл Наумовски'', што е дел од овогодишната изложбена програма на НУ „Завод и Музеј – Охрид“.

 

Крива Паланка - Третото авионско прскање против комарци на подрачјето на Општина Крива Паланка беше извршено рано утрово, во периодот помеѓу пет и шест часот, а терестијално прскање е закажано попладнево, по 19 часот.

-Денеска се организира двојно прскање против комарци, терестијално и авионско. Третото по ред годинава авио-прскање е успешно завршено утрово, со оглед на поволните временски услови, додека земјена дезинсекција ќе се реализира попладнево. Терестијална дезинсекција ќе се изврши во централното градско подрачје во реонот на градскиот плоштад, градски парк и речно корито во областа до и околу градскиот парк, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Од општината апелираат граѓаните да избегнуваат задржување на посочените локации, со цел успешна и непречена реализација на терестијална дезинскеција и заштита на населението од комарци.

 

Охрид - Австриската вечер во рамки на Фестивалот „Охридско лето“ носи две содржини и тоа уметничка изложба посветена на жените од Австрија и Северна Македонија, како и целовечерен концерт на Квартетот „Арпеџо“ од Виена.

Квартетот „Арпеџо“ го сочинуваат Леонард Фурда и Јохана Лакроа на виолина, Ентони Гилберт на виола, како и Мара Ахлајтнер на виолончело. Вчерва со нив ќе настапи и харфистката Тина Жердин.

Роден во Клуж-Напока во Романија, Леонард Фурда е докажан виолинист и член на Виенскиот камерен оркестар. Виолина започнува да учи во родниот град каде на бројни натпревари освојува први награди. Образованието го продолжува на Универзитетот во Виена  од каде излегува како зрел музичар. Негова основна пасија е живата изведба, како солист или во дуо со пијано. Настапува во престижни концертни сали како „Атенеум“ во Букурешт и Филхармонијата во Минхен. Комбинирајќи виртуозна техника и експресивна интерпретација, Леонард  ја освојува публиката ширум светот настапувајќи со Виенскиот камерен оркестар но и со други ансамбли.

Јохана Лакроа е слободен уметник од Виена. Нејзините ангажмани ги вклучуваат: Камерната опера во Виена, барокните ансамбли како „Бах Консорт“- Виена, „Ле Талан Лирик“, Оркестарот на Виенската академија, „Оркестар 1756“, Ансамблот „Матеус“, Ансамблот „Клаудиана“, а исто така, настапува и во различни камерни формации. За време на нејзините студии на Универзитетот во Грац во класата на Естер Хафнер, таа се фокусира на современа и барокна музика, дополнувајќи ги студиите со посета на семинари во Клангфорум Виена, Ансамблот „Решерше“, Фрајбуршкиот барокен оркестар и др. Од 2014 година е дел од серијата концерти водени од „Амбитус“, група посветена на современата музика, а истовремено настапува и во разни интердисциплинарни проекти како солист и камерен музичар. Од 2017 година Лакроа заедно со Чанда Вандер Харт е уметнички диркетор на „Тејлспин-музички бајки за млади и стари“, и е ко-автор на книгата и ЦД „Мајмунот кој си ја бараше бељата“. Книгата е промовирана во виенскиот „Музикферајн“ пред распродаден аудиториум. Во 2022 година ова дуо ја издава и аудио книгата „Моргиана и 40-те разбојници“.

 

Неготино - Формиран е регионален кризен штаб за пожарите во државата со седиште во Кавадарци. Со кризниот штаб ќе координира кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Ова е одлуката што синоќа била донесена на координативен состанок за пожарите, одржан во Неготино.

За седницата информираше градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, преку својот фејсбук профил. Како што наведува, учествувале министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, командирите на ТППЕ и колегите градоначалници од општините кои се зафатени со критичните пожари.

-По насока на Владата и премиерот Христијан Мицкоски ги поставивме контурите на нашето делување и уште од вечерва почнуваме со акција. На терен ќе бидеме ние, припадниците на АРМ, МВР, воздухоплови испратени од нашите пријателски земји и нашите капацитети, како и пожарникарите на кои морам да им искажам длабока почит за нивната пожртвуваност и борба која ја даваат во справувањето со огнените јазици, напиша Ѓорѓиевски.

 

Куманово - По 19-ти пат вечерва на градскиот плоштад во Куманово почнува Меѓународниот дувачки фестивал „Рома Труба Фест“, во организација на Ансамблот на народни ромски игри и песни.

-Имаме одлични оркестри од Македонија и соседните Бугарија и Србија и ќе настапи Анабела. Се надеваме дека ќе ужива и кумановската и пошироката публика која доаѓа во градот. Имаме најавено гости кои ќе го проследат фестивалот. Токму затоа се одржува во јули, имавме барање од дијаспората да се одржи овој месец кога тие си доаѓаат во Куманово Имаме интерес за учество и од други оркестри, изјави уметничкиот директор на фестивалот, Самет Салиевски.

Годинава ќе настапат повеќе оркестри. Организаторите веќе половина година го организираат фестивалот. За 20 годишниот јубилеј, организаторите најавуваат изненадувања во однос на учесниците. Фестивалот се организира со финансиска поддршка од Општина Куманово и од Министерството за култура во вкупна вредност од над 800.000 денари. 

 

Дебар - Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија, друштво "Преспа" информираше дека продолжува обединувањето на Македонците во оваа земја.

Прогласат на друштвото за семакедонско помирување и обединување, објавен неодамна,  го потпиша и Бесник Хасани, претседател на македонското друштво "МОСТ" од Голо Брдо. 

- Нам Македонците не ни се потребни поделби, туку единство, кое не прави посилни во битката за остварување на нашите легитимни права и  зачувувањето на македонскиот идентитет, култура, јазик, изјави за МИА, Едмонд Темелко, претседател на друштвото "Преспа".

Пред два дена прогласот го потпиша Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво "Илинден" - Тирана.

Од друштвото "Преспа" се убедени дека истото ќе го сторат и другите македонски друштва.

Во Албанија, покрај овие асоцијации на Македонците, во судскиот регистар се запишани и активни се и друштвата " Сонце" и "Прегор".

Темелко потсетува дека прогласат го упатиле "соочени со агресијата на бугарската асимилација на Македонците во Албанија и свесни за последиците од антимакедонизмот на Софија во Албанија“. 

Исто така, не признавајќи ги " фалсификуваните и манипулирани резултати од пописот", се изразува подготвеност сами да организираат неформален попис на Македонците во Албанија, поради „недовербата во Институтот за статистика на Албанија".

 

Кочани – Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата во координација со полициски службеници од Полициската станица од Кочани ја реализираат кампањата „И јас и ти – сите сме пешаци!“.

На локација кај Градскиот плоштад денеска стручните служби разговараа со граѓаните за зголемување на сообраќајната култура, почитување на сообраќајните правила, прописи и сигнализацијата, а беа поделени и едукативни материјали.

-Пешаците се најмасовната и најзагрозената категорија учесници во сообраќајот кај нас. Затоа им посветуваме поголемо внимание, при што сакаме да ги насочиме како безбедно да учествуваат во сообраќајот. Ги поучуваме, советуваме и им делиме едукативно-превентивен материјал. Според анализите најчести причини поради кои пешаците страдаат во незгоди се поминување улица надвор од пешачки премин, претрчување преку улица, користење мобилен телефон или слушалки и слични
ситуации, истакна Љубинка Ристова, секретарка на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата – Кочани.

Кампањата „И јас и ти – сите сме пешаци!“ се спроведува во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, Министерството за внатрешни работи и Факулетот за безбедност од Скопје. Покрај Кочани, ќе бидат вклучени и неколку други градови во државата, каде се регистрирани поголем број несреќи во кои учесници се пешаците.

Остани поврзан