• вторник, 23 јули 2024
МИА Радио флеш

 16 мај 2024

 

 - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот: поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан, поглаварот на Исламската Верска Заедница, Реис ул Улема Хаџи Шаќир ефенди Фетаи, поглаварот на Католичката црква, Скопски бискуп и епарх струмичко – скопски, Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква, Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, соопшти претседателскиот Кабинет.

 

- Претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата Вреди попладнево одржуваат средба на ниво на работни групи за преговори за формирање коалиција за нова влада по изборите што се одржаа на 8 мај. Првата средба на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и на Вреди се одржува во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а на неа, како што изјави пред почетокот на разговорите Азир Алиу од Алијанса на Албанците, ќе се разговара за методологијата и динамиката на работа на овие групи.  Одговарајќи на новинарски прашања Алиу речи дека најверојатно од наредниот состанок на работните групи  ќе почнат поконкретните разговори вклучувајќи ги и кадровските решенија. За тоа дали се точни информациите дека бројот на пратеници на коалицијата Вреди би се зголемил, Алиу рече дека тоа сега засега се шпекулации.

 

 - Важноста од продолжување на европскиот пат на Северна Македонија во пресрет на формирањето на новата Влада, како и заокружувањето на неопходните чекори за продолжување на европската агенда, било во фокусот на разговорите меѓу техничкиот премиер Талат Џафери со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Франција, Рене Троказ. Како што соопшти владината прес-служба, Џафери и Троказ се сретнале на маргините на лидерскиот состанок за Планот за раст кој се одржува во Котор, Црна Гора. На средбата се разговарало за важноста од продолжување на европскиот пат на Северна Македонија во пресрет на формирањето нова Влада.

 

 - Министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе учествува на 133-тата сесија на Комитетот на Министри на Совет на Европа во Стразбур. Како што соопшти МНР, покрај обраќањето на утрешната сесија, тој вечер ќе учествува на работната вечера на тема „Отпорноста на европскиот проект во време на бројни закани“, организирана од Генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ и претседателката на Комитетот на министри на Лихтенштајн, Доменик Хаслер. За време на престојот во Стразбур, на маргини на сесијата на Совет на Европа, Османи ќе оствари и бројни средби со негови колеги од различни земји, се додава во соопштението на Министерството. 

 

- Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска имаше работни средби со Оперативниот тим „Кафез“ и Регионалниот центар за гранични работи Север, соопшти МВР. Оперативниот тим „Кафез“ е формиран со цел поголема ефикасност на полицијата во делот на лишување на лица од слобода кои се барани по потерници и бележи значителни резултати и покрај катастрофалните услови во кои работат од аспект на возила, материјално-технички средства и просторни услови. Исто така, беше разговарана потребата од реструктуирање на организациските единици кои работат во делот на потрагите и формирање на една централизирана единица за потраги заради поефикасно постапување.

 

- Новоформираната Фондација-Центар за дигитална трансформација „Го дигитал“ денеска потпиша Меморандум за соработка со партнерите кои ја поддржуваат нејзината мисија за креирање екосистем за дигитална трансформација на македонските микро, мали и средни претпријатија. Целта на оваа непрофитна организација е да бидат поддржани  компании кои се успешни во работата, но им недостигаат дигитални вештини за да бидат конкурентни  и меѓународно видливи и да бидат поттикнати за извоз на глобалните пазари. Иницијативата за основање на Центарот е на бордот на „Македонија 2025“ и меморандумот беше потпишан во рамки на Самитот „Македонија2025“ со негови претставници и со  партнерите од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), Клириншка куќа-Клириншки интербанкарски системи АД Скопје и Виза Југоисточна Европа. 

 

– Околу 10 проценти од жителите во државава имаат некаква бубрежна слабост, но многу помал број завршуваат во терминална фаза на дијализа. Бројот во Македонија се движи од 1.400 до 1.600 со тенденција на раст.   Кај бубрежните болести нема граници за возраста,  има и бебиња, аи пациенти над 90 години, информираше денеска во одговор на новинарско прашање Душко Ѓоргиев од Здружение „Нефрон".  При присуство на отворниот ден за дијализа во болницата Д.мед Медикал во општината Ѓорче Петров, Ѓорѓиев оцени дека државава има врвна европска дијализа, но оти се уште горлив проблем е кадаверичната трансплатнација.  -Секогаш кажуваме тоа може да биде и подобро, нијанси се во прашање во организација и подобрување на условите за дијализа. Меѓутоа, Македонија има добра дијализа што не е проблемот со трансплантацијата. Сега болна точка ни е трансплантацијата. Покрај она што кажавме и васкуларните пристапи. Ако дијализата сега во најголем процент е решена се уште  имаме горлив проблем со кадаверичната трансплантација, имено, трансплантација од починати лица. Затоа потребна е национална кампања, едукација, подигање на свеста кај луѓето за дарување на органи. Инаку, трансплантацијата од познат дарител, од ливинг дарител, од утврден дарител оди тековно и се чека само додека се направат потребните испитувања,  изјави Ѓорѓиев.

 

– Неприфатлива за Грција е логиката за употреба на уставното име во формална комуникација, но не и во јавни настапи, од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, според портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, кој на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, посочи дека договорот мора да се почитува во сите формулации. На прашањето на МИА, за соопштението од Кабинетот на претседателката околу употребата на името Македонија и уставното име, Маринакис рече дека кога станува збор за највисоката позиција, за позицијата претседател на државата, „за еден од столбовите на демократијата на една земја, не можеме да говориме за двоен јазик и лично право“.

 

- Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ) во соработка со Институтот за развој, истражување и алтернативи (ИДРА) – Тирана и Центарот за слободни избори и демократија (ЦЕСИД) – Белград организира Трилатерална пролетна школа за спречување на корупцијата во високото образование која се одржува од 15 до 18 мај во Охрид. Трилатералната школа е организирана во рамките на проектот „Универзитети без корупција во Албанија, Северна Македонија и Србија“ и учествуваат 30 студентски лидери и активисти (по 10 учесници од трите земји) како и пет експерти. -Преку Школата студентите имаат можност да стекнат теоретски и практични знаења и вештини за спречување на корупцијата во универзитетите. Раководителот на проектот, Мишо Докмановиќ, на отворањето на Школата го нагласи значењето на регионална соработка во превенцијата на корупцијата како и користењето на новите дигитални алатки кои се развиени преку проектот (четбот) и им се на располагање на студентите, соопшти ИСИЕ.

 

 - Гордан Јандроковиќ од владејачката централно-десничарска партија Хрватска демократска заедница (ХДО) по трет пат е избран за претседател на хрватскиот Сабор. Никој од неговите 11 претходници не го постигна тоа во 34 години постоње на хрватскиот Сабор. Со назначувањето на Јандроковиќ за претседател, беше завршено конституирањето на 11. Сабор откако Хрватска стана независна во 1990-тите. На изборите на 17 април, ХДО освои 61 мандат во 151-члениот хрватски Сабор, но го нема потребното мнозинство за да добие мандат за формирање влада и мора да преговара со коалициските партнери. Следуваше главната опозициска Социјалдемократска партија со 42 мандати, Патриотското движење освои 14, десничарскиот Мост 11, а зелено-левичарската платформа Можем - 10 мандати. Во Саборот влегуваат уште три помали партии. На претставниците на малцинствата им се загарантирани осум пратенички места, а на дијаспората три. Јандроковиќ е избран со 144 гласа „за“ и 6 „против“. 

 

- Годинешниот претставник на Хрватска на „Евровизија“ - Марко Пуришиќ, чие уметничко име е Бејби Лазања, денеска изјави дека не ја прифаќа владината парична награда од 50.000 евра, бидејќи има многу поединци и организации на кои им требаат тие пари повеќе. Бејби Лазања во објава на Инстаграм ѝ се заблагодари на Владата на Хрватска за паричната награда и од техничкиот премиер Андреј Пленковиќ... Но, побара да донираат по 25.000 евра на Институтот за детска онкологија и хематологија со дневната болница „Младен Ќепулиќ“ и Институтот за детска хематологија, онкологија и трансплантација во Загреб.

 

 - Германската амбасада во Косово денеска соопшти дека писмото на министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала, во кое наведува дека Владата подготвува свој нацрт на Статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство (ЗСО), што ќе го испрати до Уставниот суд до крајот на мај, не претставува исполнување на бараните услови или чекор што се очекува од Косово. „Квинта и другите постојано нагласуваат дека од Косово се очекува да преземе опипливи чекори за формирање на ЗСО со цел да се постигне потребното двотретинско мнозинство во Комитетот на министри за апликацијата за членство да биде успешна.

 

- Италијанската крајнодесничарска партија Лига денеска најави дека ќе бара промена на законот за да се отстранат знамињата на Европската унија од зградите на државните институции. Претседателот на Лигата, Матео Салвини, кој е дел од коалицијата на премиерката Џорџа Мелони, има за цел да собере евроскептични гласови пред европските избори во јуни, јавија западни медиуми. Сенаторот Клаудио Борги, кој е кандидат на претстојните избори за ЕУ, рече дека пред канцелариите треба да има италијанска тробојка заедно со знамињата на одделни региони. 

 

 - Францускиот премиер Габриел Атал денеска изјави дека ситуацијата во Нова Каледонија се уште е тензична, по неколкудневните немири за време на протестите во врска со измените на изборните закони. „Нашата цел е да го вратиме редот во Нова Каледонија“, рече Атал на прес-конференција. За време на третата ноќ од немирите во Нова Каледонија загинаа четири лица, соопшти денеска високиот комесар на таа француска прекуморска територија, Луј Ле Фран. 

 

- Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека воената ситуација во североисточниот регион Харков е „исклучително тешка“, но сепак „под контрола“. Изјавата тој ја даде по состанокот со неговите воени началници во близина на линијата на фронтот. „Ситуацијата во регионот Харков е генерално под контрола, а нашите војници му нанесуваат значителни загуби на окупаторот. Сепак, ситуацијата во областа останува исклучително тешка“, рече тој во објавата на Телеграм, откако ги слушна извештаите од неговите команданти во Харков, регионален главен град на 30 километри од руската граница.

 

 - Индонезиската вулканолошка агенција денеска го подигна нивото на тревога за вулканот Ибу на највисоко ниво по серијата неодамнешни ерупции. Во соопштението, агенцијата исто така ги предупреди околните жители да не се приближуваат до вулканот, кој се наоѓа на оддалечениот остров Халхама. Вулканот Ибу еруптираше на 13 мај. 

Остани поврзан